Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПРВО ПОГЛАВЈЕ

„Одете и правете ученици“

„Одете и правете ученици“

Краток преглед на Дела на апостолите, и зошто е важна за нас денес

1-6. Раскажи искуство што покажува дека Јеховините сведоци проповедаат под секакви околности.

 МЛАДАТА Ребека, Јеховин сведок од Гана, го сметала училиштето за свое подрачје на проповедање. Во чантата секогаш носела библиска литература и на одморите се трудела да им сведочи на соучениците. Таа почнала да ја проучува Библијата со некои од нив.

2 На островот Мадагаскар, кој лежи покрај источниот брег на Африка, двајца пионери редовно пешачеле по 25 километри на тропското сонце за да стигнат до едно зафрлено село. Таму ја проучувале Библијата со повеќе заинтересирани лица.

3 Сведоците од Парагвај, заедно со доброволци од 15 други земји, конструирале речен брод на кој можат да живеат и до 12 лица, со цел да ги посетуваат луѓето по течението на реките Парагвај и Парана. Користејќи го овој подвижен дом, ревносните објавители на Царството проповедале во места до кои не може да се стигне на друг начин.

4 Далеку на север, на Алјаска, Сведоците ја искористиле летната туристичка сезона за да дадат поголемо сведоштво. Убавото време привлекло многу туристички бродови со луѓе од најразлични националности. Тамошните Сведоци поставиле на пристаништето штандови со библиска литература на многу јазици. А за да стигнат до зафрлените села на истиот овој полуостров, Сведоците користеле авион за да им ја однесат добрата вест на племињата Алеути, Атапаски, Цимшијан и Тлингит.

5 Во Тексас (САД), Лери имал посебно подрачје — домот за стари и за хендикепирани лица каде што и самиот живеел. Иако бил во инвалидска количка, како последица од сообраќајна несреќа, тој не престанал да сведочи. Им ја пренесувал на другите пораката за Царството и, меѓу другото, им зборувал за надежта што ја дава Библијата дека еден ден, кога ќе завладее Божјето Царство, и тој ќе може повторно да оди (Иса. 35:5, 6).

6 Една група Сведоци патувале три дена со траект од Мандалеј за да присуствуваат на конгрес во северен Мјанмар. Бидејќи имале голема желба да ја проповедаат добрата вест, си понеле библиска литература, која им ја нуделе на сопатниците. Секогаш кога траектот накратко ќе запрел во некое гратче или село, овие неуморни објавители слегувале и им оставале литература на тамошните жители. Во меѓувреме, на траектот се качувале други патници, па така, кога Сведоците се враќале назад, веќе имале „ново подрачје“ за проповедање.

7. На кои начини Јеховините слуги сведочат за Божјето Царство, и каква цел имаат?

7 Исто како браќата и сестрите од овие неколку примери, ревносните слуги на Јехова низ целиот свет сведочат темелно за Божјето царство (Дела 28:23). Тие одат од врата до врата, им пристапуваат на луѓето на улица, им пишуваат писма или зборуваат со нив по телефон. Сеедно дали се возат во автобус, дали шетаат низ парк, или пак прават пауза на работното место, се трудат да ја искористат секоја прилика за да му посведочат некому за Божјето Царство. Иако можеби се служат со различни методи, сите имаат иста цел — да ја проповедаат добрата вест секаде каде што има луѓе (Мат. 10:11).

8, 9. а) Зошто напредокот на делото на проповедање за Царството е вистинско чудо? б) Кое интересно прашање се поставува, и што треба да сториме за да го добиеме одговорот?

8 Дали и ти, драг читателе, си еден од многуте објавители на Царството кои сега проповедаат во над 235 земји? Ако да, тогаш имаш удел во неверојатниот напредок на делото на проповедање за Царството! Она што се постигнува во светски рамки е вистинско чудо. И покрај огромните пречки и предизвици — во кои спаѓаат законски забрани и директно прогонство — Јеховините сведоци темелно им сведочат за Божјето Царство на луѓето од сите народи.

9 Затоа, се поставува едно многу интересно прашање: Зошто ниту една пречка, па дури ни сатанското противење, не може да го спречи напредокот на делото на проповедање за Царството? За да го добиеме одговорот на ова прашање, треба да се вратиме во првиот век од н.е. Впрочем, како Сведоци на Јехова, ние денес само го продолжуваме делото што било започнато уште тогаш.

Долгорочна задача

10. На што се посветил Исус, и за што бил свесен?

10 Основачот на христијанското собрание, Исус Христос, се посветил на проповедањето на добрата вест за Божјето Царство — всушност, тоа му било најважно во животот. Тој еднаш рекол: „И на другите градови морам да им ја објавам добрата вест за Божјето царство, бидејќи за тоа сум испратен“ (Лука 4:43). Исус бил свесен дека започнува едно дело што нема да може самиот да го заврши. Всушност, кратко пред да биде погубен, тој прорекол дека пораката за Царството ќе се проповеда „кај сите народи“ (Мар. 13:10). Но, кој ќе ја проповеда, и како?

„Одете и правете ученици од луѓето од сите народи“ (Матеј 28:19)

11. Кој важен налог им го дал Исус на своите ученици, и каква помош имале додека го извршувале?

11 Откако умрел и воскреснал, Исус им се појавил на своите следбеници и им го дал следниов важен налог: „Одете и правете ученици од луѓето од сите народи, крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух, учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав. И еве, јас сум со вас во сите денови до свршетокот на овој поредок“ (Мат. 28:19, 20). Зборовите „јас сум со вас“, всушност, биле ветување дека тој ќе ги поддржува своите ученици додека проповедаат и ги поучуваат луѓето. Неговата помош навистина ќе им била многу потребна, бидејќи Исус прорекол дека сите народи ќе ги мразат (Мат. 24:9). Освен тоа, учениците можеле да сметаат на помош и од еден друг извор. Пред да се вознесе на небото, Исус им кажал дека ќе добијат сила од светиот дух за да му бидат сведоци „сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:8).

12. Кои важни прашања се поставуваат, и зошто е многу битно да го знаеме одговорот?

12 Сега се поставуваат некои важни прашања: Дали апостолите на Исус и другите ученици во првиот век сериозно го сфатиле овој налог? Дали оваа прилично мала група христијани и христијанки темелно сведочеле за Божјето Царство, иако наишле на жестоко прогонство? Дали навистина добивале помош одозгора и поддршка од Јеховиниот свет дух додека ги поучувале луѓето? Одговорите на овие и слични прашања се наоѓаат во библиската книга Дела на апостолите. Многу е важно и ние да ги знаеме. Зошто? Исус ветил дека налогот што им го дал на своите ученици ќе се извршува сѐ „до свршетокот на овој поредок“. Според тоа, овој налог важи за сите вистински христијани, вклучувајќи нѐ и нас кои живееме во ова време на крајот. Затоа сме живо заинтересирани за историските извештаи што ги содржи книгата Дела.

Краток преглед на книгата Дела

13, 14. а) Кој ја напишал книгата Дела, и од каде ги добил тие информации? б) Што содржи книгата Дела?

13 Кој ја напишал книгата Дела? Иако името на писателот не се спомнува во самата книга, од уводните зборови јасно се гледа дека ја напишал истиот човек што го напишал Евангелието според Лука (Лука 1:1-4; Дела 1:1, 2). Затоа отсекогаш се сметало дека писателот на Дела е Лука, „саканиот лекар“, кој бил и многу совесен историчар (Кол. 4:14). Книгата опфаќа период од околу 28 години, и тоа од 33 год. од н.е., кога Исус се вознел на небото, до околу 61 год. од н.е., кога Павле сѐ уште бил во затвор во Рим. Од записот на Лука се гледа дека и самиот тој бил сведок на многу од настаните што ги опишал (Дела 16:8-10; 20:5; 27:1). Како внимателен истражувач, несомнено се потрудил да добие информации од прва рака, на пример, од Павле, Варнава, Филип и од други лица што ги спомнува.

14 Што содржи книгата Дела? Претходно, во своето евангелие, Лука пишувал за она што го рекол и го направил Исус. Но, во книгата Дела, известува за она што го рекле и го направиле следбениците на Исус. Според тоа, книгата Дела претставува историски документ за луѓе кои извршиле едно извонредно дело, иако другите сметале дека мнозина од нив се „неуки и обични“ (Дела 4:13). Накратко, вдахновениот извештај ни кажува како било основано и како растело христијанското собрание. Исто така, покажува како проповедале христијаните во првиот век — какви методи користеле и каков став имале (Дела 4:31; 5:42). Ја нагласува улогата што ја имал светиот дух во ширењето на добрата вест (Дела 8:29, 39, 40; 13:1-3; 16:6; 18:24, 25). Ја истакнува темата на Библијата, која го вклучува и посветувањето на Божјето име преку неговото Царство на чело со Христос. Освен тоа, покажува и како пораката за Царството успешно се ширела и покрај тоа што христијаните наишле на жестоко противење (Дела 8:12; 19:8; 28:30, 31).

15. Како ќе ни користи проучувањето на книгата Дела?

15 Проучувањето на библиската книга Дела ќе ни биде многу интересно и ќе ни ја зајакне верата. Храброста и ревноста што ги покажале првите следбеници на Христос сигурно нема да нѐ остават рамнодушни, туку ќе нѐ поттикнат да се угледаме на примерот на вера што ни го оставиле овие наши браќа и сестри од првиот век. Така ќе бидеме уште поспремни да го исполниме нашиот налог да одиме и да правиме ученици. Публикацијата што сега ја читаш е наменета токму за тоа — да ти помогне внимателно да ја проучиш книгата Дела.

Помош за проучување на Библијата

16. Кои три работи се цел на оваа публикација?

16 Која е целта на оваа публикација? Главно три работи: 1) да ја зацврсти нашата увереност дека Јехова го поддржува делото на проповедање и поучување со својот свет дух, 2) да разгори во нас жар за службата истакнувајќи ги примерите на Христовите следбеници од првиот век и 3) да го продлабочи нашето ценење за Јеховината организација и за оние што предводат во проповедањето и ги надгледуваат собранијата.

17, 18. Што е карактеристично за оваа публикација, и кои нејзини обележја ќе ни користат додека лично ја проучуваме Библијата?

17 Што е карактеристично за оваа публикација? Ќе забележиш дека е поделена на осум делови, и во секој од нив е обработен одреден материјал од книгата Дела на апостолите. Целта на следните поглавја не е да се разработи оваа библиска книга стих по стих. Напротив, во нив се изнесени некои поуки од раскажаните настани, кои ќе ни помогнат да видиме како лично да го примениме она што сме го научиле. На почетокот од секое поглавје има поднаслов во кој накратко е наведено што содржи поглавјето, а потоа се дадени и библиските стихови од книгата Дела на кои се темели тоа.

18 Оваа публикација има и други обележја што ќе ни користат во личното проучување на Библијата. Таа содржи прекрасни слики на кои се прикажани возбудливи настани од книгата Дела. Додека размислуваме за стиховите што ги читаме, сликите ќе ни помогнат да си го претставиме она што се случувало. Во многу поглавја има и рамки со додатни корисни информации. Во некои од нив се изнесени податоци за библиски личности кои ни се извонреден пример за вера. Во други, пак, се изнесени повеќе детали во врска со некои места, настани, обичаи и други личности што се спомнуваат во Дела.

Обработувај го своето подрачје со чувство на итност

19. Како треба да се преиспитуваме одвреме-навреме?

19 Оваа книга може да ти помогне искрено да се преиспиташ. Сеедно колку долго служиш како објавител на Царството, добро е одвреме-навреме да подзастанеш и да размислиш што ти е на прво место во животот и како гледаш на христијанската служба (2. Кор. 13:5). Прашај се: „Дали сѐ уште сметам дека треба итно да ја вршам својата служба? (1. Кор. 7:29-31). Дали ја проповедам добрата вест со увереност и ревност? (1. Сол. 1:5, 6). Дали учествувам најмногу што можам во проповедањето и поучувањето на другите?“ (Кол. 3:23).

20, 21. Зошто треба итно да ја извршиме нашата задача, и на што треба да бидеме решени?

20 Да не заборавиме ни за миг дека ни е дадена важна задача — да проповедаме и да им помогнеме на луѓето да станат Христови ученици. Со секој изминат ден, станува сѐ поитно да ја извршиме таа задача. Крајот на овој поредок брзо се приближува. Никогаш порано не биле на коцка толку многу животи! Не знаеме уште колку лица што исправно гледаат на вечниот живот ќе ја прифатат нашата порака (Дела 13:48). Сепак, должни сме да им помогнеме на таквите луѓе пред да биде предоцна (1. Тим. 4:16).

21 Затоа, многу е важно да покажеме иста ревност како проповедниците на Царството од првиот век. Се надеваме дека внимателното проучување на оваа публикација ќе те поттикне да проповедаш со уште поголема смелост и жар, и ќе ја зајакне твојата решеност да продолжиш темелно да сведочиш за Божјето царство (Дела 28:23).

a Скратеницата „о.“ значи „околу“.