Писмо од Водечкото тело
Драг објавителе на Царството,
Замисли дека си меѓу апостолите на Маслинската Гора, а пред тебе стои Исус. Пред да се вознесе на небото, тој вели: „Ќе примите сила кога светиот дух ќе дојде врз вас, и ќе ми бидете сведоци во Ерусалим, во цела Јудеја и Самарија и сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:8). Што ќе си помислеше да го слушнеше ова?
Можеби ќе помислеше дека тоа е претешка задача. Веројатно ќе се прашуваше: „Како воопшто е можно ние, една мала група ученици, да сведочиме ’до крајот на земјата‘?“ Можеби во тој момент ќе се сетеше и на предупредувањето што го дал Исус ноќта пред да умре: „’Робот не е поголем од својот господар‘. Ако ме прогонуваа мене, ќе ве прогонуваат и вас, ако ги држеа моите зборови, ќе ги држат и вашите. Но сето тоа ќе ви го прават поради моето име, бидејќи не го познаваат оној што ме прати“ (Јован 15:20, 21). Мислејќи на тие зборови, веројатно ќе се прашаше: „Како можам темелно да сведочам ако се соочам со такво противење и прогонство?“
Денес си поставуваме слични прашања. Како Јеховини сведоци, и ние имаме задача темелно да им сведочиме на „луѓето од сите народи“, и тоа „сѐ до крајот на земјата“ (Мат. 28:19, 20). Како можеме да ја извршиме оваа задача, особено ако земеме предвид дека е проречено противење?
Дела на апостолите содржи еден многу интересен извештај за тоа како апостолите и нивните соверници во првиот век успеале, со Јеховина помош, да ја извршат оваа задача. Целта на книгава што сега ја читаш е да ти помогне да го истражиш подлабоко тој извештај и да се внесеш во драматичните настани кои се запишани во него. Ќе бидеш восхитен кога ќе видиш колку многу сличности има меѓу Божјите слуги во првиот век и денес. Ќе увидиш дека постојат сличности не само во делото што го извршуваме туку и во начинот на кој сме организирани да го вршиме тоа дело. Додека размислуваш за сето ова, без сомнение, ќе се зајакне твојата увереност дека Јехова Бог и понатаму го води земниот дел од својата организација.
Се надеваме и се молиме истражувањето на книгата Дела да ти ја зајакне довербата дека Јехова ќе ти помага и ќе те поддржува со силата на својот свет дух. Затоа, биди цврсто решен и понатаму темелно да сведочиш за Божјето Царство и да им помагаш на другите да се спасат! (Дела 28:23; 1. Тим. 4:16).
Твоите браќа,
Водечко тело на Јеховините сведоци