ОСУМНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ
„Да го бараат Бог... и да го најдат“
Павле наоѓа заедничка основа со слушателите и се приспособува на нив
Се темели на Дела 17:16-34
1-3. а) Зошто апостол Павле бил многу вознемирен додека минувал низ Атина? б) Што ќе научиме ако го анализираме примерот на Павле?
ПАВЛЕ е многу вознемирен. Се наоѓа во Атина, центарот на знаењето каде што некогаш Сократ, Платон и Аристотел ги поучувале своите следбеници. Луѓето во Атина се многу побожни. Всушност, тие обожаваат мноштво богови. Каде и да се сврти, Павле гледа безброј идоли — во храмовите, на градските плоштади и по улиците. Но, тој знае каков став има Јехова, вистинскиот Бог, кон идолопоклонството (2. Мој. 20:4, 5). Овој верен апостол има ист став како Јехова — ги мрази идолите!
2 Но, она што го здогледува кога стигнува до агората, односно до главниот градски плоштад, ги поминува сите граници. На северозападниот агол од плоштадот, во близина на главниот влез, се наредени голем број фалусни статуи што го претставуваат богот Хермес. Освен тоа, на секој чекор има олтар на некое божество. Како ќе им проповеда овој ревносен апостол на овие тешки идолопоклоници? Ќе може ли да остане смирен и да најде некоја заедничка основа со своите слушатели? Ќе успее ли да помогне некому да го бара вистинскиот Бог и да го најде?
3 Говорот со кој Павле им се обратил на учените Атињани, кој е запишан во Дела 17:22-31, е одличен пример за убедливо, тактично и мудро сведочење. Ако го анализираме, ќе научиме многу за тоа како да најдеме и ние заедничка основа со соговорниците и како да им помогнеме да сфатат што е вистината.
Павле поучува „на плоштадот“ (Дела 17:16-21)
4, 5. Каде проповедал Павле во Атина, и со каква специфична публика се соочил?
4 Павле пристигнал во Атина во текот на своето второ мисионерско патување, околу 50 год. од н.е. a Додека ги чекал Сила и Тимотеј, кои требало да дојдат од Верија, по својот обичај одел да расправа „во синагогата со Евреите“. Но, одел и на местото каде што можел да разговара со нееврејските жители на Атина — „на плоштадот“, односно агората (Дела 17:17). Овој плоштад во Атина, кој се наоѓал северозападно од Акрополот, зафаќал површина од околу 5 хектари. Во тоа време, тој служел и како пазар и како главен градски плоштад. Во една книга се вели дека овој плоштад бил „средиште на економскиот, политичкиот и културниот живот на Атињаните“. Тие со задоволство се собирале таму и воделе интелектуални дискусии.
5 На плоштадот, Павле се соочил со специфична публика. Меѓу оние што го слушале имало епикурејци и стоици, членови на два спротивставени филозофски правци. b Епикурејците сметале дека животот настанал случајно. Нивното гледиште може да се сумира со следнава изјава: „Нема страв од Бог, нема болка по смртта, доброто може да се постигне, злото може да се поднесе“. Стоиците ги нагласувале разумот и логиката и не верувале дека Бог е личност. Ниту епикурејците ниту стоиците не верувале во воскресение како што поучувале учениците на Христос. Според тоа, јасно е дека филозофските гледишта на овие две групи не се поклопувале со возвишените вистини на христијанството, кои ги проповедал Павле.
6, 7. На каков прием наишло проповедањето на Павле кај некои грчки интелектуалци, и на каква слична реакција наидуваме денес?
6 На каков прием наишло проповедањето на Павле кај овие грчки интелектуалци? Некои рекле дека тој е обичен „дрдорко“ (Дела 17:18). Во врска со грчкиот израз преведен со „дрдорко“, еден изучувач го вели следново: „Овој збор најпрво се користел за птичка која оди ваму-таму и клука жито, а подоцна почнал да се користи и за луѓе кои собираат остатоци од храна и други отпадоци од пазарот. Но, со текот на времето добил и преносно значење, па се користел да се опишат лица кои собираат неповрзани и измешани информации од разни места, а [потоа ги изнесуваат, иако] и самите не ги разбираат“. Со други зборови, тие интелектуалци рекле дека Павле е обичен незнајко што само се прави важен со туѓи идеи. Но, како што ќе видиме, тој ниту се исплашил ниту пак се повлекол затоа што му измислувале погрдни имиња.
7 Ситуацијата е многу слична и денес. Како Јеховини сведоци, ние честопати сме нарекувани со погрдни имиња затоа што веруваме во библиските вистини. На пример, некои наставници и професори ја претставуваат теоријата на еволуција како факт и тврдат дека секој паметен човек ја прифаќа. Всушност, во нивни очи, сите други што не веруваат во неа се глупави. Таквите интелектуалци сакаат другите да мислат дека ние само „дрдориме“ кога кажуваме што вели Библијата и кога изнесуваме докази од природата кои покажуваат дека постои Творец. Меѓутоа, ние не дозволуваме да нѐ исплашат. Напротив, зборуваме со увереност кога го браниме нашето верување дека животот на Земјата го создал еден мудар Творец, Јехова Бог (Отк. 4:11).
8. а) Како реагирале некои од оние што го слушале проповедањето на Павле? б) Што можеби значи тоа што Павле бил одведен на Ареопагот? (Види ја фуснотата на 142. страница.)
8 Но, на плоштадот имало и такви кои реагирале поинаку на проповедањето на Павле. Тие заклучиле: „Изгледа дека објавува некакви туѓи богови“ (Дела 17:18). Дали Павле навистина им зборувал за некои нови богови на Атињаните? Тоа не би било мала работа! Под слично обвинение, Сократ бил изведен на суд и бил осуден на смрт неколку века пред тоа. Затоа не е чудно што Атињаните го одвеле Павле на Ареопагот и побарале од него да ги објасни своите учења кои им звучеле непознато. c Како ја одбранил Павле библиската порака пред луѓе што не знаеле ништо за Писмата?
„Луѓе Атињани, гледам дека...“ (Дела 17:22, 23)
9-11. а) Како успеал Павле да постави заеднички темел за да продолжи да разговара со Атињаните? б) На кој начин можеме да постапуваме како Павле во нашата служба?
9 Сети се дека Павле бил многу вознемирен од сите идоли што ги видел. Но, наместо да им се нафрли со остри зборови на Атињаните поради тоа идолопоклонство, успеал да остане прибран. Многу тактично, се обидел да ги придобие своите слушатели така што тргнал од заедничка основа, односно од нешто со кое сите се согласувале. Тој го почнал својот говор со следниве зборови: „Луѓе Атињани, гледам дека вие сте во сѐ некако попобожни од другите“ (Дела 17:22). Значи, Павле мудро ги пофалил затоа што биле побожни. Тој бил свесен дека некои од оние што биле заслепени од верувањата на лажната религија можеби имале искрено срце. Впрочем, Павле многу добро го разбирал тоа бидејќи порано и самиот бил во незнаење и немал вера (1. Тим. 1:13).
10 Градејќи на таа заедничка основа, Павле спомнал дека наишол на силен доказ за побожноста на Атињаните — жртвеник посветен „на непознатиот Бог“. Во една публикација стои дека, „Грците и другите [народи] имале обичај да им подигаат жртвеници на ’непознатите богови‘ од страв случајно да не испуштат да му оддадат чест на некој бог, кој би се навредил поради тоа“. Таквиот жртвеник покажувал дека и самите Атињани признавале дека постои Бог кого тие не го познавале. Павле го искористил постоењето на овој жртвеник за да премине на добрата вест што ја проповедал. Тој објаснил: „Она што вие го почитувате, а не го познавате, тоа јас ви го објавувам“ (Дела 17:23). Пристапот на Павле бил тактичен, а и многу делотворен. Со ова им ставил до знаење дека не им проповеда за некој нов или туѓ бог, како што го обвиниле некои, туку им го објавува Богот што тие не го познавале — односно, вистинскиот Бог.
11 На кој начин можеме и ние да постапуваме како Павле во нашата служба? Ако имаме добра моќ на забележување, ќе можеме да видиме дали некој е побожен доколку, на пример, носи некој религиозен предмет или има нешто такво дома или во дворот. Би можеле да кажеме: „Гледам дека сте побожен. Мило ми е што можам да поразговарам со таков човек“. Ако на ваков тактичен начин му покажеме дека сме свесни за неговите верски убедувања, можеби ќе успееме да поставиме заеднички темел за да го продолжиме разговорот. Ние не сакаме однапред да донесуваме заклучоци за луѓето врз основа на нивните религиозни верувања. И многу наши соверници порано искрено верувале во учењата на некоја лажна религија.
Бог „не е далеку од никого од нас“ (Дела 17:24-28)
12. Како Павле го приспособил својот пристап кон слушателите?
12 Павле поставил заеднички темел, но дали успеал да гради врз него и да го задржи докрај вниманието на слушателите? Бидејќи знаел дека тие се добро упатени во грчката филозофија, но не ги познавале Писмата, тој го приспособил својот пристап во повеќе аспекти. Прво, ги изнел библиските учења без директно да цитира од светите списи. Второ, со тоа што ја користел заменката „нас“, покажал дека тоа што им го зборува се однесува и на него. Трето, цитирал делови од грчката книжевност за да им покаже дека некои од работите за кои поучувал ги има и во нивните литературни дела. Сега, да го анализираме овој длабок говор на Павле. Кои важни вистини им ги пренел на Атињаните за Богот кој им бил непознат?
13. Што објаснил Павле во врска со потеклото на вселената, и што сакал да каже со тоа?
13 Бог ја создал вселената. Павле рекол: „Богот кој го создаде светот и сѐ што е на него, тој, Господарот на небото и на земјата, не живее во храмови направени со раце“ d (Дела 17:24). Вселената не настанала случајно. Вистинскиот Бог е Творец на сѐ (Пс. 146:6). За разлика од божицата Атина или од другите божества, чија слава зависела од нивните храмови, светилишта и жртвеници, Севишниот Господар на небото и Земјата не престојува во храмови направени од човечки раце (1. Цар. 8:27). Јасно било што сакал да каже Павле: Вистинскиот Бог е повеличествен од сите идоли направени од човечки раце и поставени во храмови изградени од луѓе (Иса. 40:18-26).
14. Како покажал Павле дека Бог не зависи од луѓето?
14 Бог не зависи од луѓето. Идолопоклониците имале обичај да ги облекуваат своите идоли во раскошни облеки, да ги опсипуваат со скапи подароци или да им принесуваат храна и пијалаци — како идолите да имале потреба од сето тоа! Сепак, меѓу слушателите на Павле веројатно имало и некои грчки филозофи кои сметале дека на еден бог не му е потребно ништо од човек. Ако било така, несомнено тие се сложиле со изјавата на Павле дека Бог не „го послужуваат човечки раце, небаре тој има потреба од нешто“. Всушност, нема ништо материјално што луѓето можат да му го дадат на Бог! Напротив, тој е оној што ним им го дава она што им треба — „живот и здив и сѐ“, во што спаѓаат и сонцето, дождот и плодната почва (Дела 17:25; 1. Мој. 2:7). Значи, Бог, кој дава дарови, воопшто не зависи од луѓето, кои ги примаат тие дарови.
15. Како покажал Павле дека е неосновано мислењето на Атињаните дека тие се над сите други што не се Грци, и која важна работа ја учиме од неговиот пример?
15 Бог го создал човекот. Атињаните сметале дека тие се над сите други што не се Грци. Но, националната или расната гордост не е во склад со библиската вистина (5. Мој. 10:17). Павле зборувал за оваа осетлива тема тактично и вешто. Кога рекол „[Бог] од еден човек го направи целиот човечки род“, без сомнение ги натерал своите слушатели да се замислат за миг (Дела 17:26). Тој се осврнал на извештајот од 1. Мојсеева кој зборува за Адам, оној од кого потекнува човечкиот род (1. Мој. 1:26-28). Бидејќи сите луѓе потекнуваат од ист човек, ниту една раса или народ не е над другите. Нема сомнение, сите што го слушале Павле добро разбрале што сакал да им каже. Од неговиот пример учиме една важна работа. Иако сакаме да бидеме тактични и разумни додека им сведочиме на луѓето, во никој случај не сакаме да ја разводниме библиската вистина за да им звучи поприфатливо.
16. Која е Божјата намера со луѓето?
16 Бог имал намера луѓето да бидат блиски со него. Иако дебатирале надолго и нашироко за смислата на човековото постоење, филозофите што го слушале Павле никогаш не нашле задоволувачко објаснување. Но, Павле јасно открил каква намера има Творецот со луѓето — имено „да го бараат Бог, и некако да го напипаат и да го најдат, иако не е далеку од никого од нас“ (Дела 17:27). Тоа што Атињаните не го познавале Бог воопшто не значи дека луѓето не можат да го запознаат. Напротив, тој не е далеку од оние што навистина сакаат да го најдат и да учат за него (Пс. 145:18). Забележи дека овде Павле ја користи заменката „нас“, и на тој начин и самиот се става меѓу оние што требало „да го бараат“ и „да го најдат“ Бог.
17, 18. Зошто луѓето треба да сакаат да се зближат со Бог, и што учиме од начинот на кој Павле зборувал со своите слушатели?
17 Луѓето треба да сакаат да се зближат со Бог. Павле рекол дека токму поради Бог „имаме живот и се движиме и постоиме“. Некои изучувачи велат дека Павле тука укажал на зборовите на Епименид, критски поет од 6 век пр.н.е., кој „заземал значајно место во преданијата на Атињаните“. Павле навел уште една причина зошто луѓето треба да имаат желба да бидат блиски со Бог: „Како што рекоа и некои ваши поети: ’Дури сме и негово потомство‘“ (Дела 17:28). Луѓето треба да чувствуваат дека се во многу блиска роднинска врска со Бог, бидејќи тој е Татко на првиот човек, од кој потекнуваме сите ние. Значи, за уште повеќе да ги увери во она што им го зборувал, Павле мудро цитирал директно од грчката книжевност која неговите слушатели сигурно ја почитувале. e Во склад со примерот на Павле, и ние понекогаш можеме да користиме одредени цитати од световни историски книги, енциклопедии или од други општоприфатени извори. На пример, соодветен цитат од веродостоен извор може да му помогне на некој човек кој не е Сведок да увиди од каде потекнуваат некои празници или обичаи во лажната религија.
18 Сѐ до овој дел од својот говор, Павле успеал да им пренесе на своите слушатели клучни вистини за Бог, и тоа зборувајќи за работи што ним им биле познати. Но, на што сакал да ги поттикне овие Атињани со информациите што им ги изнел? Без одложување, во продолжение на својот говор, тој им кажал што се бара од нив.
„Сите луѓе насекаде да се покаат“ (Дела 17:29-31)
19, 20. а) Како Павле тактично им ставил до знаење на Атињаните колку е неразумно да се обожаваат идоли направени од човек? б) Што требало да преземат слушателите на Павле?
19 Павле дошол до точка кога можел да им каже на оние што го слушале дека од нив се очекува да прават нешто. Осврнувајќи се повторно на цитатот од грчките дела, тој рекол: „Значи, кога сме Божје потомство, не смееме да мислиме дека Бог е како злато или сребро или камен, лик што е обликуван со човечка умешност и досетливост“ (Дела 17:29). И навистина, ако луѓето се создадени од Бог, тогаш како може Тој да личи на идолите кои се дело на човечки раце? На овој начин, Павле тактично и логично им ставил до знаење колку е неразумно да се обожаваат идоли кои се направени од луѓе (Пс. 115:4-8; Иса. 44:9-20). Со тоа што се вклучил и себеси кога рекол „не смееме“, без сомнение, успеал донекаде да го ублажи прекорот што им го упатил.
20 Потоа апостолот јасно кажал дека од нив се бара да преземат нешто: „Бог не се обѕира на времињата на таквото незнаење [мислата дека Тој ги одобрува оние што им служат на идоли], туку сега им порачува на сите луѓе насекаде да се покаат“ (Дела 17:30). Некои од слушателите на Павле веројатно биле запрепастени кога слушнале дека од нив се бара да се покаат. Но, со својот уверлив говор, тој јасно покажал дека тие му го должат својот живот на Бог и затоа ќе му положат сметка. Тие требало да го бараат Бог, да ја дознаат вистината за него и да почнат да живеат во склад со таа вистина. За Атињаните ова значело да сфатат дека идолопоклонството е грев и да го отфрлат.
21, 22. Со кои уверливи зборови го заклучил Павле својот говор, и од какво значење се тие за нас денес?
21 Павле го заклучил својот говор со следниве уверливи зборови: „[Бог] определи ден во кој науми да му суди на целиот свет според правдата, преку човек кого го одреди за тоа, а сето тоа го потврди пред сите луѓе така што го воскресна од мртвите“ (Дела 17:31). Доаѓањето на Судниот ден е навистина силна причина човек да го бара и да го најде вистинскиот Бог! Павле не кажал како се вика поставениот Судија. Но, кажал нешто неверојатно за овој Судија: Тој живеел како човек, умрел, и Бог го подигнал од мртвите!
22 Овој силен заклучок е од огромна важност за нас денес. Ние знаеме дека Судијата кој е поставен од Бог е воскреснатиот Исус Христос (Јован 5:22). Знаеме и дека Судниот ден ќе трае илјада години и многу брзо се приближува (Отк. 20:4, 6). Ние не се плашиме од овој Суден ден бидејќи сфаќаме дека тој ќе им донесе неописливи благослови на оние што ќе бидат прогласени за верни. Најголемото чудо — воскресението на Исус Христос — е гаранција дека нашата надеж за таа прекрасна иднина сигурно ќе се исполни!
„Некои... станаа верници“ (Дела 17:32-34)
23. На какви различни реакции наишол говорот на Павле?
23 Говорот на Павле наишол на различни реакции. Кога чуле дека зборува за воскресение, некои почнале да се подбиваат. Други биле учтиви, но воздржани, и рекле: „Ќе те слушаме за ова и другпат“ (Дела 17:32). Но, имало и такви кои реагирале позитивно, бидејќи извештајот понатаму вели: „А некои луѓе му се придружија и станаа верници, меѓу нив и Дионисиј, судија при судот на Ареопагот, и една жена, по име Дамара, и други со нив“ (Дела 17:34). И ние наидуваме на слични реакции во нашата служба. Некои можеби ни се подбиваат, а други, пак, се учтиви, но рамнодушни. Сепак, многу се радуваме кога некои ја прифаќаат пораката за Царството и стануваат верници.
24. Што можеме да научиме од говорот кој Павле го изнел на Ареопагот?
24 Ако размислуваме за говорот на Павле, можеме да научиме многу за тоа како логично и уверливо да им изнесуваме докази на оние со кои разговараме и како да се приспособиме на нив. Освен тоа, увидуваме дека треба да бидеме стрпливи и тактични со оние што се заслепени од верувањата на лажната религија. Ја учиме и оваа важна работа: Никогаш не треба да ја разводнуваме библиската вистина само за да им угодиме на оние што нѐ слушаат. Сепак, ако го следиме примерот на апостол Павле, ќе можеме подобро да ги поучуваме луѓето што ги среќаваме во службата. Освен тоа, и надгледниците ќе можат подобро да поучуваат во собранието. На тој начин ќе бидеме добро подготвени да им помогнеме на другите „да го бараат Бог... и да го најдат“ (Дела 17:27).
a Види ја рамката „ Атина — престолнина на културата во стариот свет“.
b Види ја рамката „ Епикурејците и стоиците“.
c Ареопагот, кој се наоѓал северозападно од Акрополот, бил место каде што обично заседавал атинскиот врховен суд. Зборот „ареопаг“ може да се однесува и на самиот суд и на брдото каде што заседавал. Изучувачите се поделени во однос на тоа дали Павле бил доведен на ова брдо или во негова близина, или пак бил одведен на друго место каде што се состанал судот, можеби на агората.
d Грчкиот збор преведен со „светот“ е космос, и Грците главно го применувале на дословната вселена. Но, во Библијата зборот космос обично се користи за човештвото. Павле, кој се трудел да гради на заедничка основа со своите грчки слушатели, веројатно овде го користи овој збор со првото значење.
e Павле цитирал од поемата на стоичкиот поет Арат, со наслов Појави, во која се зборува за небесни феномени. Слични зборови има и во други дела од грчката книжевност како, на пример, во Химна на Зевс, од стоичкиот писател Клеант.