ДВАЕСЕТ И ВТОРО ПОГЛАВЈЕ
„Нека биде Јеховината волја“
Решен да ја врши Божјата волја, Павле оди за Ерусалим
Се темели на Дела 21:1-17
1-4. Зошто Павле одел за Ерусалим, и што го очекувало таму?
РАЗДЕЛБАТА во Милет е трогателна. На Павле и на Лука им е многу тешко што мора да се збогуваат со старешините од Ефес, кои толку многу ги засакале! Двајцата мисионери веќе се качени на бродот и стојат на палубата. Нивните торби се полни со сѐ што им е потребно за пат. Ги носат и прилозите што биле собрани за сиромашните христијани во Јудеја и едвај чекаат да им го предадат овој дар.
2 Благо ветре ги напнува едрата, и бродот полека испловува, оставајќи ја зад себе пристанишната врева. Двајцата мажи и седумте нивни сопатници гледаат во нажалените браќа што стојат на брегот (Дела 20:4, 14, 15). Овие патници продолжуваат да им мавтаат сѐ додека нивните пријатели не исчезнуваат од видикот.
3 Околу три години, Павле соработувал и служел заедно со старешините од Ефес. Но сега, воден од светиот дух, тој тргнува на пат за Ерусалим. Донекаде знае што го чека таму. Кратко пред тоа, тој им го рекол следново на тие старешини: „Духот ме поттикнува да одам во Ерусалим, иако не знам што ќе ми се случи таму, освен што светиот дух во секој град ми сведочи дека ме чекаат окови и неволји“ (Дела 20:22, 23). И покрај опасноста, Павле е свесен дека духот го поттикнува да оди во Ерусалим, и затоа чувствува обврска, но и силна желба да го следи неговото водство. Иако му е мил животот, најважно му е да ја врши Божјата волја.
4 Дали и ти се чувствуваш така? Кога му се заветуваме на Јехова, ние свечено му ветуваме дека оттогаш натаму најважно во животот ќе ни биде да ја вршиме неговата волја. Примерот на верниот апостол Павле може многу да ни користи во овој поглед.
„Го здогледавме Кипар“ (Дела 21:1-3)
5. Каде пловеле Павле и неговите соработници додека патувале кон Тир?
5 Бродот на кој се качиле Павле и неговите соработници пловел право. Тоа значи дека едрел пред ветрот, кој бил поволен сѐ додека не стигнале до Кос истиот тој ден (Дела 21:1). Изгледа дека бродот се укотвил таму прекуноќ и следниот ден испловил за Родос и за Патара. Во Патара, на јужниот брег на Мала Азија, браќата се качиле на голем товарен брод, кој ги однел право во Тир, во Феникија. Попат го здогледале Кипар и го оставиле одлево (Дела 21:3). Зошто Лука, писателот на Дела, го спомнал овој детаљ?
6. а) Зошто Павле можеби се охрабрил кога го здогледал Кипар? б) До каков заклучок доаѓаш ако размислуваш за тоа како Јехова те благословувал и ти помагал досега?
6 Можеби Павле им го покажал островот и им раскажал како си поминал таму. На своето прво мисионерско патување, околу девет години пред тоа, Павле, Варнава и Јован Марко го сретнале гаталецот Елим, кој се противел на нивното проповедање (Дела 13:4-12). Додека го гледал тој остров и размислувал за она што се случило таму, Павле веројатно се охрабрил и бил зајакнат за она што допрва го чекало. И ние може да се охрабриме ако размислуваме за тоа како Бог нѐ благословувал досега и ни помагал да излеземе на крај со разни тешкотии. По таквото размислување, можеби и ние ќе се чувствуваме како Давид, кој напишал: „Многу неволји има праведникот, но Јехова го избавува од сите нив“ (Пс. 34:19).
Дела 21:4-9)
„Ги пронајдовме учениците“ (7. Што направиле патниците откако пристигнале во Тир?
7 Павле го ценел друштвото на сохристијаните и многу сакал да биде заедно со нив. Лука пишува дека, откако стигнале во Тир, ги пронашле учениците (Дела 21:4). Бидејќи знаеле дека има христијани во Тир, овие патници ги нашле и веројатно останале кај нив. Една од најубавите работи што ги имаме благодарение на вистината е тоа што, каде и да појдеме, можеме да најдеме сохристијани кои срдечно ќе нѐ прифатат. Оние што го сакаат вистинскиот Бог и му служат имаат пријатели низ целиот свет.
8. Како треба да го разбереме стихот од Дела 21:4?
8 Во врска со седумте дена што ги поминале во Тир, Лука пишува нешто што на прв поглед изгледа чудно: „А [браќата во Тир], поттикнати од духот, го наговараа Павле да не оди во Ерусалим“ (Дела 21:4). Дали Јехова се премислил? Дали сега го советувал Павле да не оди во Ерусалим? Не. Духот не го спречувал да оди во тој град, туку само сведочел дека таму Павле ќе биде малтретиран. Се чини дека, под дејство на светиот дух, браќата во Тир исправно заклучиле дека Павле ќе има проблеми во Ерусалим. Бидејќи биле загрижени за него, тие го молеле да не оди таму. Разбирливо е што сакале да го заштитат од една таква опасност. Сепак, цврсто решен да ја врши Јеховината волја, Павле го продолжил патувањето кон Ерусалим (Дела 21:12).
9, 10. а) На која слична ситуација можеби се сетил Павле кога видел колку се загрижени за него браќата во Тир? б) Каков став обично имаат луѓето во светот денес, и во која смисла тоа е спротивно на она што го рекол Исус?
9 Кога видел колку браќата се загрижени за него, Павле можеби се сетил дека учениците исто така му приговориле на Исус кога им кажал дека многу ќе пострада и ќе биде убиен во Ерусалим. Понесен од емоции, Петар му рекол на Исус: „Биди милостив кон себе, Господару. Тоа никако нема да ти се случи тебе!“ Но, Исус му одговорил: „Бегај од мене, Сатано! Ти си ми камен за спрепнување, зашто твоите мисли не се Божји, туку човечки“ (Мат. 16:21-23). Исус бил решен да го изоди до крај патот на самопожртвуваност што Бог го одредил за него. И Павле бил решен да го направи истото. Без сомнение, браќата во Тир, исто како и Петар, имале добри намери, но не сфатиле дека тоа е Божјата волја за него.
10 Мнозина денес повеќе сакаат да бидат „милостиви“ кон себе, односно да го прават она што не бара многу напор од нив. Општо земено, на луѓето им одговара религија во која ќе се чувствуваат пријатно и која не бара многу од своите членови. Но, Исус ги поттикнал своите следбеници да имаат сосема поинаков став. Тој им рекол: „Ако некој сака да оди по мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот маченички столб и нека оди по мене“ (Мат. 16:24). Да се следи Исус е мудро и исправно, но не е секогаш лесно.
11. Како учениците во Тир покажале дека го сакаат и го поддржуваат Павле?
11 Набрзо дошло време Павле, Лука и другите кои биле со нив да го продолжат патувањето. Описот на нивното заминување е трогателен бидејќи покажува колку многу браќата во Тир го сакале Павле и колку го поддржувале во неговата служба. Мажите, жените и децата ги испратиле Павле и неговите придружници до брегот. Сите заедно клекнале и се помолиле, а потоа се збогувале. Тогаш Павле, Лука и нивните сопатници се качиле на друг брод и продолжиле кон Птолемаида, каде што се сретнале со браќата и останале еден ден со нив (Дела 21:5-7).
12, 13. а) Каков пример за долгогодишна верна служба за Јехова дал Филип? б) Во кој поглед Филип е добар пример за христијанските татковци денес?
12 Лука известува дека потоа Павле и неговите сопатници заминале за Цезареја. Кога стигнале таму, влегле „во куќата на Филип, проповедникот на добрата вест“ a (Дела 21:8). Сигурно се израдувале што го виделе Филип. Дваесетина години пред тоа, апостолите го задолжиле да дели храна во новооснованото христијанско собрание во Ерусалим. Филип со години ревносно ја проповедал добрата вест. Сети се дека, кога учениците се распрснале поради прогонството, тој отишол во Самарија и таму почнал да проповеда. Подоцна, му проповедал на етиопскиот дворјанин и го крстил (Дела 6:2-6; 8:4-13, 26-38). Колку убав пример за долгогодишна верна служба!
13 Ревноста за службата не згаснала кај Филип. Во Цезареја, каде што живеел, сѐ уште бил зафатен со проповедањето. Ова се гледа по тоа што Лука го нарекол „проповедникот на добрата вест“. Дознаваме дека во тоа време имал и четири ќерки кои пророкувале, што покажува дека и тие тргнале по стапките на својот татко b (Дела 21:9). Очигледно, Филип многу се трудел неговото семејство да изгради близок однос со Бог. Добро е христијанските татковци денес да го следат неговиот пример со тоа што ќе предводат во службата и ќе им помогнат и на своите деца да го засакаат проповедањето.
14. Каков бил резултатот од тоа што Павле ги посетувал соверниците, и какви прилики за охрабрување постојат и денес?
14 Павле ги барал соверниците каде и да одел, и поминувал време со нив. А браќата во тие места сигурно со радост им укажувале гостопримство на овој патувачки мисионер и на неговите соработници. Без сомнение, како резултат на таквото дружење, сите заемно се охрабрувале (Рим. 1:11, 12). Такви прилики за охрабрување постојат и денес. Ќе извлечеш голема корист ако ги поканиш на гости покраинскиот надгледник и неговата сопруга, сеедно колку е скромен твојот дом (Рим. 12:13).
„Готов сум... и да умрам“ (Дела 21:10-14)
15, 16. Каква порака донел Агав, и како влијаела таа врз оние што ја чуле?
15 Додека Павле бил на гости кај Филип, таму дошол уште еден ценет брат — Агав. Оние што биле собрани во куќата на Филип знаеле дека Агав е пророк. Пред тоа претскажал дека ќе има голем глад за време на владеењето на Клавдиј (Дела 11:27, 28). Можеби се прашувале: „Зошто дојде Агав? Каква порака ни носи?“ Додека го гледале со големо внимание, тој го зел појасот на Павле — долго тесно парче платно со кое се опашувала половината и во кое се ставале пари и други работи — и си ги врзал нозете и рацете. Пораката што им ја пренел била многу сериозна: „Вака вели светиот дух: ’Сопственикот на овој појас вака ќе го врзат Евреите во Ерусалим и ќе го предадат во рацете на незнабошците‘“ (Дела 21:11).
16 Ова пророштво потврдило дека Павле ќе оди во Ерусалим. Исто така, покажало дека, затоа што ќе им проповеда на тамошните Евреи, тие „ќе го предадат во рацете на незнабошците“. Пророштвото силно влијаело врз оние што биле собрани кај Филип. Лука пишува: „Кога го чувме тоа, и ние и оние што беа од тоа место почнавме да го молиме да не оди во Ерусалим. Тогаш Павле рече: ’Зошто плачете и му го отежнувате на моето срце заминувањето? Верувајте, готов сум не само да бидам окован туку и да умрам во Ерусалим за името на Господарот Исус‘“ (Дела 21:12, 13).
17, 18. Како ја покажал Павле својата цврста решеност, и како реагирале браќата?
17 Претстави си ја сцената. Браќата, меѓу кои и Лука, го молат Павле да не оди во Ерусалим. Некои од нив го молат со солзи. Трогнат од љубовта и грижата што ја покажуваат кон него, Павле благо им вели дека со тоа само му отежнуваат на срцето, или дека „му го кршат срцето“, како што таа грчка фраза е преведена во други Библии. И покрај сѐ, тој е цврсто решен, исто како и во Тир, да не дозволи молбите и солзите на браќата да го поколебаат во одлуката. Наместо тоа, им објаснува зошто мора да оди. Колкава храброст и одлучност покажал тој! Исто како Исус пред него, Павле останал цврсто решен да оди во Ерусалим (Евр. 12:2). Се разбира, тој не посакувал да умре како маченик. Но дури и кога би дошло до тоа, за него ќе било чест да го даде својот живот како следбеник на Христос Исус.
18 Како реагирале браќата? Кратко кажано, со почит. Читаме: „Откако не дозволи да го разубедат, се смиривме со зборовите: ’Нека биде Јеховината волја!‘“ (Дела 21:14). Оние што се обиделе да го одвратат Павле од неговата намера да оди во Ерусалим, не настојувале тој да ги послуша. Го сослушале и се помириле со тој факт бидејќи сфатиле која е Јеховината волја и ја прифатиле, иако не им било лесно. Павле веќе го избрал овој правец кој, на крајот, можел да го одведе во смрт. За него ќе било полесно ако оние што го сакале не се обидувале да го разубедат.
19. Која важна поука ја извлекуваме од она што му се случило на Павле?
19 Од она што му се случило на Павле извлекуваме важна поука: Никогаш не треба да ги убедуваме другите дека не е добро да се жртвуваат толку многу во службата за Бог. Оваа поука важи за многу ситуации, а не само за оние во кои се работи за живот или смрт. На пример, иако за многу христијански родители е тешко да гледаат како нивните деца си заминуваат од дома за да му служат на Јехова во далечни места, тие се решени да не ги одвратат од тој чекор. Филис, која живее во Англија, си спомнува како се чувствувала кога нејзината ќерка единица заминала да служи како мисионерка во Африка. „Воопшто не ми беше лесно“, вели Филис. „Ме болеше и самата помисла дека ќе биде толку далеку од мене. Истовремено се чувствував и тажна и горда. Многу се молев во врска со тоа. Но, одлуката беше нејзина, и јас никогаш не се обидов да ја предомислам. На крајот на краиштата, јас ја поучив да го стави Царството на прво место! Во последниве 30 години, таа служеше во разни земји, а јас секој ден му благодарам на Јехова затоа што сѐ уште му е верна.“ Колку е убаво кога ги храбриме самопожртвуваните соверници!
Дела 21:15-17)
„Браќата радосно нѐ примија“ (20, 21. Што покажува дека Павле сакал да биде со браќата, и зошто уживал во друштвото на соверниците?
20 Откако се подготвил, Павле повторно тргнал на пат во придружба на браќата, кои со тоа покажале дека го поддржуваат со сето срце. Каде и да застанеле на пат до Ерусалим, Павле и неговите сопатници ги барале своите браќа и сестри. Во Тир нашле ученици и останале кај нив седум дена. Во Птолемаида ги поздравиле сестрите и браќата и останале кај нив еден ден. Во Цезареја престојувале повеќе денови во куќата на Филип. Потоа, некои ученици од Цезареја ги испратиле Павле и неговите соработници до Ерусалим, каде што отседнале кај Мнасон, еден од првите ученици. Откако овие патници конечно пристигнале во Ерусалим, Лука известува: „Браќата радосно нѐ примија“ (Дела 21:17).
21 Јасно е дека Павле сакал да биде во друштво на своите соверници. Тој црпел охрабрување од браќата и сестрите, исто како и ние денес. Без сомнение, тоа охрабрување го подготвило да се соочи со лутите противници кои сакале да го убијат.
a Види ја рамката „ Цезареја — главен град на римската провинција Јудеја“.
b Види ја рамката „ Дали христијанките смеат да поучуваат?“