ДВАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ
„Растеше и преовладуваше“ и покрај противењето
Аполо и Павле помагаат и понатаму да се шири добрата вест
Се темели на Дела 18:23 — 19:41
1, 2. а) Со каква опасност се соочиле Павле и неговите соработници во Ефес? б) Што ќе разгледаме во ова поглавје?
НИЗ улиците на Ефес одекнуваат гласови и извици кои се мешаат со силниот топот на луѓето што трчаат од сите страни. Насобраната толпа го крева на нозе целиот град! Мноштвото навалува кон амфитеатарот, влечејќи со себе двајца соработници на апостол Павле. Широката улица украсена со колонади брзо се празни додека разбеснетото мноштво станува сѐ поголемо, и на крајот го преплавува огромниот амфитеатар, кој собира 25.000 гледачи. Повеќето од нив и не знаат што е причината за овој метеж, туку само начуле дека им се заканува некаква опасност на нивната сакана божица Артемида и на нивниот храм. Затоа почнуваат без престан да викаат: „Велика е Артемида ефеска!“ (Дела 19:34).
2 Ова е само уште еден пример за тоа како Сатана се обидува да ги користи насилните толпи за да го спречи ширењето на добрата вест за Божјето Царство. Се разбира, тој не користи само закани со насилство. Во ова поглавје ќе разгледаме неколку тактики што Сатана ги користел за да го запре проповедањето и да го поткопа единството на христијаните во првиот век. Но, што е уште поважно, ќе видиме дека ниту една негова тактика не била успешна. Во извештајот читаме: „Јеховината реч силно растеше и преовладуваше“ (Дела 19:20). Зошто тие христијани успеале да победат? Од истите причини од кои и ние успеваме да победиме денес. Се разбира, победата, всушност, е на Јехова, а не наша. Сепак, исто како христијаните во првиот век, и ние мора да го дадеме својот дел. Со помош на Јеховиниот дух, можеме да стекнеме особини што ќе ни помогнат успешно да ја извршиме нашата служба. Да го разгледаме најпрво примерот на Аполо.
„Добро упатен во Писмата“ (Дела 18:24-28)
3, 4. Што забележале Акила и Прискила кај Аполо, и што сториле за да му помогнат?
3 Додека Павле бил на пат за Ефес во текот на своето трето мисионерско патување, во овој град пристигнал еден Евреин по име Аполо. Тој бил од прочуениот град Александрија во Египет. Аполо поседувал многу квалитети. Знаел многу убаво да се изразува. Освен тоа, бил „добро упатен во Писмата“ и духот го поттикнувал на горливост. Исполнет со ревност, тој смело зборувал пред Евреите во синагогата (Дела 18:24, 25).
4 Акила и Прискила го чуле Аполо како држи говор. Без сомнение, многу се израдувале кога слушнале дека точно поучува за Исус. Она што го кажал за Исус навистина било така. Меѓутоа, наскоро оваа брачна двојка забележала дека на Аполо не му е позната една многу важна работа. Имено, тој го познавал „само Јовановото крштавање“. Овие скромни луѓе, кои се занимавале со изработка на шатори, не биле заплашени од речовитоста и образованието на Аполо. Тоа се гледа од она што го направиле. Читаме: „Го повикаа кај себе и поточно му го објаснија Божјиот пат“ (Дела 18:25, 26). Како реагирал овој речовит и учен човек? Очигледно, покажал една од најважните особини што треба да ја има секој христијанин — понизност.
5, 6. Од која причина Јехова можел уште повеќе да го користи Аполо, и што учиме од неговиот пример?
5 Бидејќи ја прифатил помошта од Акила и Прискила, Аполо можел уште подобро да му служи на Јехова. Потоа отпатувал за Ахаја, каде што многу им помогнал на верниците. Тој, исто така, добро им посведочил и на оние Евреи на тоа подрачје кои тврделе дека Исус не е проречениот Месија. Во врска со Аполо, Лука известува: „Силно ги побиваше Евреите во јавните расправи, докажувајќи од Писмата дека Исус навистина е Христос“ (Дела 18:27, 28). Аполо бил вистински благослов за своите соверници! Всушност, со својата служба, тој помогнал „Јеховината реч“ уште повеќе да расте и да преовладува. Што учиме од неговиот пример?
6 Сите христијани мора да бидат понизни. Секој од нас има разни дарби, без разлика дали станува збор за вродени таленти, искуство или знаење стекнато низ годините. Меѓутоа, нашата понизност мора да биде поголема од нашите дарби. Во спротивно, нашите јаки страни би можеле да се претворат во слабости. Така нашето срце би станало плодна почва за вообразеноста, која како отровен плевел може да пушти корен во него (1. Кор. 4:7; Јак. 4:6). Ако сме навистина понизни, ќе се трудиме да ги сметаме другите за подобри од себе (Фил. 2:3). Нема да ни пречи и нема да се буниме кога некој ќе нѐ исправи или ќе нѐ поучи. Во никој случај нема горделиво да се држиме за своето мислење кога ќе сфатиме дека светиот дух ги води работите во друга насока. Сѐ додека сме понизни, Јехова и неговиот Син ќе можат да нѐ користат (Лука 1:51, 52).
7. Каков пример за понизност дале Павле и Аполо?
7 Понизноста го спречува и соперништвото. Можеш ли да си замислиш колку многу сакал Сатана да предизвика поделби меѓу првите христијани? Колку ќе бил среќен ако двајца луѓе со толку јак карактер, како што биле Аполо и апостол Павле, си дозволеле да станат соперници така што можеби љубоморно ќе се натпреварувале кој од нив ќе има поголемо влијание врз собранијата! Ќе било лесно и двајцата да паднат во таква замка. Во Коринт, некои христијани веќе почнале да велат „јас сум на Павле“, а други „јас на Аполо“. Дали Павле и Аполо ги поттикнувале на такво нешто? Во никој случај! Всушност, Павле понизно ги признал заслугите на Аполо и му дал и други задачи. Аполо, од своја страна, ги следел упатствата од Павле (1. Кор. 1:10-12; 3:6, 9; Тит 3:12, 13). Каков одличен пример за понизна соработка се тие за нас денес!
„Изнесувајќи уверливи докази за Божјето царство“ (Дела 18:23; 19:1-10)
8. По кој пат се вратил Павле во Ефес, и зошто?
8 Павле ветил дека ќе се врати во Ефес, и си го одржал зборот a (Дела 18:20, 21). Но, забележи како се вратил. Последно, видовме дека бил во сириска Антиохија. За да стигне до Ефес, можел да отиде до блиската Селеукија, да се качи на брод и да отплови право до своето одредиште. Наместо тоа, тој ја пропатувал „внатрешноста на земјата“. На темел на Дела 18:23 и 19:1, се проценува дека Павле поминал околу 1.600 километри! Зошто решил да го избере тој понапорен пат? Затоа што сакал да ги зајакне сите ученици (Дела 18:23). И неговото трето мисионерско патување, исто како и првите две, било многу напорно. Но, сметал дека вреди сиот тој труд. Денес, покраинските надгледници и нивните сопруги покажуваат сличен дух. Зарем не ја цениме нивната самопожртвувана љубов?
9. Зошто една група ученици повторно морале да се крстат, и што учиме од нив?
9 Кога пристигнал во Ефес, Павле нашол една група од 12 ученици на Јован Крстител. Тие биле крстени со Јовановото крштавање, кое повеќе не важело. Освен тоа, изгледа дека знаеле малку или не знаеле ништо за светиот дух. Павле им објаснил колку е важно да се крстат во името на Исус и, слично на Аполо, и тие покажале дека се понизни и спремни да учат. Откако се крстиле во името на Исус, примиле свет дух, а со тоа им биле дадени и чудотворни дарови. Од ова јасно се гледа дека ќе бидеме благословени ако држиме чекор со Јеховината теократска организација која постојано се движи напред (Дела 19:1-7).
10. Зошто Павле се префрлил од синагогата во едно училиште, и каков пример за службата ни дал со тоа?
10 Наскоро следела уште една промена која донела добри резултати. Павле смело проповедал во синагогата цели три месеци, „изнесувајќи уверливи докази за Божјето царство“. Но, некои не само што не сакале да го слушаат туку почнале и да му се противат. Наместо да го троши времето на оние што го оцрнувале Патот, Павле почнал секојдневно да држи говори во едно училиште (Дела 19:8, 9). Оние што сакале духовно да напредуваат требало да се префрлат од синагогата во училиштето. Слично на Павле, и ние можеме да прекинеме некој разговор ако увидиме дека станарот не сака да нѐ слуша или само сака да се расправа. Сѐ уште има многу други кротки лица кои треба да ја чујат нашата охрабрувачка порака!
11, 12. а) Каков пример ни дал Павле во поглед на трудољубивоста и приспособливоста? б) Како Јеховините сведоци покажуваат дека се трудољубиви и приспособливи во службата?
11 Павле секој ден држел говори во тоа училиште, од околу 11 до околу 16 часот (Дела 19:9). Тоа веројатно бил најмирниот, но и најтоплиот период во денот, кога мнозина прекинувале со работата за да јадат и да се одморат. Ако претпоставиме дека Павле го следел овој строг распоред цели две години, тоа би значело дека поминал повеќе од 3.000 часа во поучување. b Ова е уште една причина зошто Јеховината реч и понатаму растела и преовладувала. Павле бил трудољубив и приспособлив. Тој си го организирал времето така за да може да проповеда кога најмногу им одговарало на луѓето во тој град. Каков бил резултатот? Библијата вели: „Сите што живееја во Азија, и Евреи и Грци, ја чуја речта на Господарот“ (Дела 19:10). Тој навистина дал темелно сведоштво!
12 Денес, Јеховините сведоци исто така покажуваат дека се трудољубиви и приспособливи. Ние се трудиме да им проповедаме на луѓето на место и во време кога може да ги најдеме. Им сведочиме на улица, на пазар и на паркиралишта. Контактираме со нив по телефон и со писма. А кога сме во служба од куќа до куќа, се трудиме да им појдеме на врата во време кога е најверојатно дека ќе бидат дома.
Дела 19:11-22)
Речта расте и преовладува, и покрај влијанието на злите духови (13, 14. а) Каква способност му дал Јехова на Павле? б) Каква грешка направиле синовите на Скева, и како мнозина во христијанскиот свет прават слична грешка?
13 Лука ни кажува дека настапил еден извонреден период, во кој Јехова го оспособил Павле да прави „несекојдневни чуда“. Дури и неговите марамчиња и скутници им ги носеле на болните, и тие оздравувале. На таков начин биле истерувани и зли духови c (Дела 19:11, 12, фус.). Овие големи победи над Сатановите сили го привлекувале вниманието на многумина, но не се интересирале сите од исправни мотиви.
14 Некои од Евреите, кои патувале од место во место и истерувале демони, сакале да прават исти чуда како Павле. Имало и такви што пробале да истеруваат демони повикувајќи го името на Исус и на Павле. Лука зборува за седумте синови на Скева — членови на свештеничко семејство — кои се обиделе да истераат демон од еден човек. Но, демонот им рекол: „Го познавам Исус и го знам Павле, но кои сте вие?“ Потоа опседнатиот човек ги нападнал овие измамници нафрлајќи им се како ѕвер, а тие побегнале ранети и голи, и едвај спасиле жива глава (Дела 19:13-16). Ова била убедлива победа за „Јеховината реч“, бидејќи станало јасно колку голема разлика има меѓу моќта што му била дадена на Павле и немоќта на тие луѓе што држеле лажни обичаи. Денес милиони луѓе живеат во заблуда дека е доволно само да го повикуваат името на Исус или да се нарекуваат „христијани“. Но, како што покажал тој, само оние што ја вршат волјата на неговиот Татко имаат светла надеж за иднината (Мат. 7:21-23).
15. Како можеме да го следиме примерот на Ефешаните кога станува збор за спиритизмот или за предмети поврзани со спиритистички обичаи?
15 По ова понижување на синовите на Скева, кај сите се јавил страв од Бог кој навел мнозина од нив да станат верници и да ги остават спиритистичките обичаи. Културата во Ефес била под силно влијание на спиритизмот. За Ефешаните било најнормално да се занимаваат со магии и да носат амајлии, а и да баат. Многу баења дури биле запишувани во книги. Мнозина од жителите на Ефес решиле да ги соберат таквите книги и да ги изгорат пред сите — иако очигледно чинеле десетици илјади евра, според денешните пресметки. d Лука заклучува: „Така Јеховината реч силно растеше и преовладуваше“ (Дела 19:17-20). Ова било огромна победа на вистината над лагите и демонизмот! Овие верни лица се добар пример за нас денес. И ние живееме во свет во кој е раширен спиритизмот. Ако најдеме кај себе нешто што е поврзано со спиритизам, да го направиме истото што го направиле и Ефешаните — веднаш да се ослободиме од него! Да се држиме настрана од такви одвратни обичаи и предмети, сеедно колку ќе нѐ чини тоа.
„Во тоа време настана голем немир“ (Дела 19:23-41)
16, 17. а) Објасни како Димитриј го предизвикал метежот во Ефес. б) Како Ефешаните покажале дека се фанатици?
16 Лука понатаму пишува за една друга тактика што ја користи Сатана. Тој ни кажува дека во тоа време настанал „голем немир поради Патот“. И воопшто не претерувал кога го рекол тоа e (Дела 19:23). Во побуната предводел еден сребрар по име Димитриј. Тој најпрво го привлекол вниманието на другите занаетчии со тоа што ги потсетил дека сите печалеле од продажбата на идоли. Потоа укажал на тоа дека пораката што ја проповедал Павле ќе ги удри по џебот затоа што христијаните не обожавале идоли. На крајот, го искористил тоа што знаел колку големи патриоти се и колку се горди на својот град. Ги предупредил дека постои опасност да „исчезне величеството“ на нивната божица Артемида и на нејзиниот храм, кој бил познат во целиот свет (Дела 19:24-27).
17 Со својот говор, Димитриј го постигнал токму тоа што го сакал. Сребрарите почнале фанатично да извикуваат: „Велика е Артемида ефеска!“ Со тоа целиот град се нашол во метеж и се собрала насилната толпа опишана во почетокот на ова поглавје. f Самопожртвуваниот Павле сакал да влезе во амфитеатарот и да му се обрати на мноштвото, но учениците не му дозволиле да се изложи на таква опасност. Некој Александар застанал пред мноштвото и се обидел да каже нешто. Бидејќи бил Евреин, можеби сакал да објасни која е разликата меѓу Евреите и овие христијани. Но, таквото објаснување немало да ѝ значи ништо на таа разбеснета толпа. Кога сфатиле дека е Евреин, тие го надвикале, и цели два часа продолжиле да извикуваат на сет глас: „Велика е Артемида ефеска!“ Верскиот фанатизам не се променил до ден-денес — под негово влијание луѓето сѐ уште не прифаќаат никакви разумни објаснувања (Дела 19:28-34).
18, 19. а) Како градскиот писар го смирил насобраното мноштво во Ефес? б) Како понекогаш Јеховиниот народ бил заштитен од световните власти, и што можеме да направиме за да добиеме таква заштита?
18 Конечно, градскиот писар успеал да го смири мноштвото. Овој способен и разумен човек ја уверил насобраната толпа дека христијаните не се никаква опасност за нивниот храм и за нивната божица, дека Павле и неговите соработници не направиле никакво злодело против храмот на Артемида и дека постои законска постапка што треба да се следи во ваков случај. Но, можеби најубедливо им звучело неговото потсетување дека со тоа што незаконски собрале ваква разуздана толпа се ставиле во опасност да си го навлечат гневот на Рим. Откако го рекол тоа, тој го распуштил мноштвото. Бидејќи она што го кажал било на место и звучело многу разумно, бесот на насобраниот народ стивнал исто толку брзо колку што се разгорел (Дела 19:35-41).
19 Ова не бил ни прв ни последен пат еден присебен човек на државна функција да дејствува за да ги заштити следбениците на Исус. Всушност, во едно видение за овие последни денови, на апостол Јован му било покажано дека некои поразумни поединци и групи кои имаат одредено влијание во овој свет, претставени со „земјата“, ќе проголтаат една огромна река од противење што Сатана ќе ја исфрли врз следбениците на Исус (Отк. 12:15, 16). И навистина било така. Во многу случаи, непристрасни судии презеле нешто за да ги заштитат правата на Јеховините сведоци да одржуваат верски состаноци и да им ја проповедаат добрата вест на другите. Се разбира, и нашето однесување може да одигра улога во таквите победи. Со своето постапување, Павле очигледно ги стекнал пријателството и почитта на некои високи службеници во Ефес, па затоа тие биле спремни да го заштитат (Дела 19:31). Да се трудиме и ние, со нашето чесно однесување полно со почит, да оставиме добар впечаток кај оние што ги среќаваме. Никогаш не се знае какви позитивни резултати би можело да има тоа во иднина.
20. а) Како се чувствуваш поради тоа што Јеховината реч преовладувала во првиот век, а преовладува и денес? б) Што си решен да правиш кога размислуваш за Јеховините победи во нашево време?
20 Зарем не сме радосни кога размислуваме за тоа како Јеховината реч растела и преовладувала во првиот век? Подеднаква радост ни причинуваат и сличните победи зад кои стои Јехова во нашево време. Дали би сакал да ја имаш честа во таквите победи да го дадеш и својот дел, сеедно колку е мал? Тогаш учи од примерите што ги разгледавме. Остани понизен, држи чекор со Јеховината организација, биди трудољубив, отфрли го спиритизмот и дај сѐ од себе за добро да посведочиш со своето чесно однесување полно со почит.
a Види ја рамката „ Ефес — главниот град на Азија“.
b Павле го напишал и 1. Коринќаните додека бил во Ефес.
c Можеби марамчињата биле платнени крпчиња со кои Павле си ја врзувал главата за да не му се слева потта во очи. Тоа што во овој период носел скутници укажува дека Павле продолжил да изработува шатори во своето слободно време, веројатно рано наутро (Дела 20:34, 35).
d Лука вели дека тие книги чинеле 50.000 сребреници. Ако мислел на денарии, тогаш во тоа време еден работник требало да работи 50.000 денови, или околу 137 години — и тоа седум дена во неделата — за да заработи толку пари.
e Според некои, Павле се осврнал на оваа случка кога им рекол на Коринќаните дека еднаш им се чинело дека нема да преживеат (2. Кор. 1:8). Но, можеби мислел на некоја друга поопасна ситуација. Кога напишал дека „се борел со ѕверови во Ефес“, Павле можеби се осврнал на некој настан кога се борел со ѕверови во арена или кога се соочил со силно противење од луѓе (1. Кор. 15:32). Тие негови зборови можат да се толкуваат и дословно и симболично.
f Еснафите, односно здруженијата на занаетчии, можеле да бидат доста влијателни. На пример, околу еден век подоцна, здружението на пекарите подигнало сличен бунт во Ефес.