Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ОСМО ПОГЛАВЈЕ

За собранието „настапи време на мир“

За собранието „настапи време на мир“

Немилосрдниот прогонител Савле станува ревносен проповедник

Се темели на Дела 9:1-43

1, 2. Што бил решен да стори Савле во Дамаск?

 ГРУПА луѓе наближуваат кон Дамаск. Во нивниот мрачен поглед се чита зла намера. Тие се цврсто решени да ги извлечат омразените ученици на Исус од нивните домови, да ги стават во окови, да ги понижуваат и да ги одвлечкаат во Ерусалим, каде што ќе ги казни Судскиот совет.

2 Рацете на Савле, кој ги предводи овие луѓе, се веќе извалкани со крв. a Неодамна гледал со одобрување како други фанатици слични на него го каменуваат Стефан, еден верен ученик на Исус (Дела 7:57 — 8:1). Но, бидејќи не му е доволно да ги прогонува само Исусовите следбеници кои живеат во Ерусалим, тој сега пламти од гнев и само што не го разгорел прогонството и на други места. Савле е решен да ги истреби сите следбеници на „Патот“, секта која им е трн во окото на многу Евреи (Дела 9:1, 2; види ја рамката „ Овластувањата на Савле во Дамаск“.

3, 4. а) Што му се случило на Савле? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?

3 Но, одеднаш Савле го облева блескава светлина. И неговите сопатници ја гледаат светлината, но остануваат стаписани и не можат да изустат ни збор. Ослепен од силната светлина, Савле паѓа наземи. Веќе ништо не гледа, но слуша глас од небото кој му вели: „Савле, Савле, зошто ме прогонуваш?“ Зашеметен, Савле прашува: „Кој си ти, Господару?“ Одговорот што го слуша сигурно го погаѓа право в срце: „Јас сум Исус, кого ти го прогонуваш“ (Дела 9:3-5; 22:9).

4 Што учиме од овие зборови кои Исус му ги кажал на Савле? Како може да ни користи разгледувањето на настаните поврзани со преобраќањето на овој човек? И какви поуки можеме да извлечеме од начинот на кој собранието го искористило времето на мир што настапило откако се преобратил Савле?

„Зошто ме прогонуваш?“ (Дела 9:1-5)

5, 6. Што учиме од она што Исус му го кажал на Савле?

5 Кога го запрел Савле на патот кон Дамаск, Исус не го прашал: „Зошто ги прогонуваш моите ученици?“ Како што видовме погоре, тој рекол: „Зошто ме прогонуваш?“ (Дела 9:4). Ова значи дека Исус ги доживува неволјите со кои се соочуваат неговите следбеници како да му се случуваат нему лично (Мат. 25:34-40, 45).

6 Ако и ти страдаш поради твојата вера во Христос, биди уверен дека и Јехова и Исус се свесни за ситуацијата во која се наоѓаш (Мат. 10:22, 28-31). Сепак, можеби испитот со кој се соочуваш нема веднаш да биде отстранет. Сети се, Исус гледал дека Савле го поддржува убиството на Стефан, и гледал како ги извлекува верните ученици од нивните домови во Ерусалим (Дела 8:3). Но, тогаш не се вмешал. Сепак, Јехова, преку Христос, им ја дал на Стефан и на другите ученици силата што им била потребна за да останат верни.

7. Како можеш да истраеш кога си прогонуван?

7 И ти можеш да истраеш кога си прогонуван доколку: 1) си цврсто решен да останеш верен, сеедно што ќе се случи; 2) бараш помош од Јехова (Фил. 4:6, 7); 3) ја оставиш одмаздата во Јеховини раце (Рим. 12:17-21); 4) имаш доверба дека Јехова ќе ти даде сила да издржиш додека не дојде време да ти ги скрати неволјите (Фил. 4:12, 13).

„Брате Савле! Ме испрати Господарот“ (Дела 9:6-17)

8, 9. Какви чувства можеби се јавиле кај Ананија кога добил задача од Исус?

8 Откако одговорил на прашањето на Савле, „Кој си ти, Господару?“, Исус му рекол: „Стани и влези во градот! Таму ќе ти се каже што мораш да правиш“ (Дела 9:6). Бидејќи Савле ништо не гледал, луѓето што биле со него го фатиле за рака и го одвеле во Дамаск. Таму постел и се молел три дена. Во меѓувреме, Исус разговарал за него со Ананија, еден ученик во тој град за кого зборувале добро сите Евреи што живееле таму (Дела 22:12).

9 Замисли какви помешани чувства се јавиле кај Ананија! Од една страна, Главата на собранието, воскреснатиот Исус Христос, му зборувал лично и го издвоил за една посебна задача. Тоа навистина било голема чест! Но, од друга страна, задачата го плашела. Кога слушнал дека мора да зборува со Савле, Ананија одговорил: „Господару, од мнозина чув за тој човек, колкави зла им нанел на твоите свети во Ерусалим. И ваму дојде со овластување од главните свештеници да ги стави во окови сите што го повикуваат твоето име“ (Дела 9:13, 14).

10. Што учиме за Исус од начинот на кој постапил со Ананија?

10 Кога Ананија му кажал дека задачата го плаши, Исус не го прекорил. Сепак, му дал јасни упатства и покажал обѕир кон него со тоа што му објаснил зошто сака тој да ја изврши оваа необична задача. Во врска со Савле, Исус му го рекол следново: „Овој човек ми е избран сад за да им го носи моето име на незнабошците, и на царевите и на Израеловите синови. Јас ќе му покажам колку мора да страда заради моето име“ (Дела 9:15, 16). Ананија веднаш го послушал. Го нашол прогонителот Савле и му рекол: „Брате Савле! Ме испрати Господарот, Исус, кој ти се појави на патот по кој доаѓаше, за да ти се врати видот и да се исполниш со свет дух“ (Дела 9:17).

11, 12. Што учиме од настаните поврзани со Исус, Ананија и Савле?

11 Настаните поврзани со Исус, Ананија и Савле ни потврдуваат неколку работи. На пример, се гледа дека Исус лично го предводи проповедањето, токму како што им ветил на учениците (Мат. 28:20). Иако денес не зборува директно со поединци, тој го води проповедничкото дело преку верниот роб, кого во нашево време го поставил над своите слуги (Мат. 24:45-47). Под водство на Водечкото тело, се испраќаат објавители и пионери за да ги најдат луѓето што сакаат да дознаат нешто повеќе за Христос. Како што беше спомнато во претходното поглавје, мнозина такви го молеле Бог да им помогне, и набрзо потоа Јеховините сведоци стапиле во контакт со нив (Дела 9:11).

12 Ананија послушно прифатил една задача, и бил благословен. Дали и ти си послушен на заповедта да сведочиш темелно, иако можеби понекогаш тоа малку те плаши? Некои навистина ги плаши помислата дека треба да одат од куќа до куќа и да разговараат со непознати луѓе. На други им е тешко да им проповедаат на луѓето на деловни подрачја, на улица, преку телефон или преку писма. Ананија го победил стравот, и имал чест да му помогне на Савле да добие свет дух. b Тој имал успех затоа што покажал доверба во Исус и гледал на Савле како на свој иден брат. И ние можеме да го победиме стравот ако, слично на Ананија, имаме доверба дека Исус го води проповедањето, ако се соживуваме со луѓето и ако ги гледаме како потенцијални браќа дури и оние од кои најмногу се плашиме (Мат. 9:36).

„Почна... да проповеда за Исус“ (Дела 9:18-30)

13, 14. Што можеш да научиш од примерот на Савле ако ја проучуваш Библијата, но сѐ уште не си крстен?

13 Савле веднаш постапил во склад со она што го научил. Откако бил излекуван, тој се крстил и им се придружил на учениците во Дамаск. Но, не останал на тоа. Веднаш почнал „во синагогите да проповеда за Исус, дека тој е Божјиот Син“ (Дела 9:20).

14 Ако ја проучуваш Библијата, но сѐ уште не си крстен, ќе бидеш ли како Савле и ќе постапиш ли решително во склад со она што го учиш? Точно, Савле со свои очи видел чудо што го направил Христос, и ова несомнено го поттикнало да преземе нешто. Но, и други луѓе виделе некои од чудата што ги правел Исус. На пример, една група фарисеи го гледале како лекува човек со исушена рака, а и голем број Евреи знаеле дека го подигнал Лазар од мртвите. И покрај тоа, мнозина од нив останале рамнодушни, па дури и се противеле (Мар. 3:1-6; Јован 12:9, 10). Савле постапил сосема спротивно — се променил од корен! Зошто тој ја прифатил вистината, а другите не? Затоа што се плашел од Бог повеќе отколку од човек, и бил многу благодарен за милоста што Христос ја покажал кон него (Фил. 3:8). Ако и ти се чувствуваш како Савле, тогаш нема да дозволиш ништо да те спречи да проповедаш и да ги исполниш условите за крштавање.

15, 16. Што правел Савле во синагогите, и како влијаело тоа врз Евреите во Дамаск?

15 Можеш ли да си го замислиш изненадувањето, шокот и гневот што сигурно го почувствувале мноштвата Евреи кога Савле почнал да проповеда за Исус по синагогите? „Зарем ова не е оној што во Ерусалим сакаше да ги истреби оние што го повикуваат ова име?“ — прашувале тие (Дела 9:21). Кога им објаснувал зошто го сменил мислењето за Исус, Савле користел логични аргументи, „наведувајќи докази дека Исус навистина е Христос“ (Дела 9:22). За жал, логичните докази не се клуч кој може да отвори сѐ. Со нив не може да се отвори секој ум што е окован во традиции и секое срце кое е заробено во прангите на гордоста. Сепак, Савле не се откажувал.

16 Три години подоцна, Евреите во Дамаск сѐ уште му се противеле. На крајот, се договориле да го убијат (Дела 9:23; 2. Кор. 11:32, 33; Гал. 1:13-18). Кога се дознало за оваа завера, Савле мудро решил да постапи претпазливо и го напуштил градот, така што бил спуштен во плетена кошница низ еден отвор во ѕидот. Лука вели дека таа ноќ на Савле му помогнале „неговите ученици“ (Дела 9:25). Овие зборови покажуваат дека барем некои од оние што го слушале Савле како проповеда во Дамаск ја прифатиле пораката и станале следбеници на Христос.

17. а) Како реагираат луѓето на библиската вистина? б) Што треба и понатаму да правиме, и зошто?

17 Кога си почнал да им кажуваш на твоите роднини, на пријателите и на другите за убавите работи што си ги научил, веројатно си очекувал сите да ја прифатат библиската вистина бидејќи е толку логична. Можеби некои ја прифатиле, но мнозина и не ја прифатиле. Всушност, можеби членовите на твоето сопствено семејство почнале да се однесуваат со тебе како со непријател (Мат. 10:32-38). Меѓутоа, ако и понатаму се подобруваш во способноста логично да ја докажуваш вистината користејќи ја Библијата и ако постапуваш како вистински христијанин, дури и оние што ти се противат може на крајот да го променат својот став (Дела 17:2; 1. Пет. 2:12; 3:1, 2, 7).

18, 19. а) Каков бил резултатот кога Варнава се зазел за Савле? б) Како можеме да бидеме како Варнава и Савле?

18 Кога Савле пристигнал во Ерусалим, разбирливо е што на учениците им било тешко да му поверуваат дека сега и тој е Христов ученик. Меѓутоа, Варнава се зазел за Савле, и тогаш апостолите го прифатиле, па тој останал некое време со нив (Дела 9:26-28). Савле бил претпазлив, но не се срамел од добрата вест (Рим. 1:16). Тој смело проповедал во Ерусалим, истото место од каде што започнал жестоко да ги прогонува учениците на Исус Христос. Евреите во Ерусалим биле шокирани кога сфатиле дека најдобриот човек што го имале преминал на другата страна, и затоа сакале да го убијат. Извештајот вели: „Кога браќата го открија тоа, го одведоа [Савле] во Цезареја и го испратија во Тарс“ (Дела 9:30). Савле се подложил на водството од Исус кое го добил преку собранието. Тоа било и за негово добро, но и за доброто на собранието.

19 Забележи дека Варнава прв презел чекори да му помогне на Савле. Нема сомнение дека ваквата љубезна постапка придонела да се развие длабоко пријателство помеѓу овие ревносни слуги на Јехова. Дали и ти, исто како Варнава, спремно ги поддржуваш новите во собранието, и дали одиш со нив во служба и им помагаш духовно да напредуваат? Тоа ќе ти донесе многу благослови. Ако, пак, си нов објавител на добрата вест, дали и ти, исто како Савле, ја прифаќаш помошта што ти се нуди? Ако проповедаш со поискусни објавители, и самиот ќе станеш повешт во службата, ќе бидеш уште порадосен и ќе склопиш цврсти пријателства што можат да траат цел живот.

„Мнозина поверуваа во Господарот“ (Дела 9:31-43)

20, 21. Како го искористиле времето на мир Божјите слуги во минатото и денес?

20 Откако Савле се преобратил и безбедно го напуштил Ерусалим, за собранието низ цела Јудеја, Галилеја и Самарија настапило време на мир (Дела 9:31). Како го искористиле учениците ова „поволно време“? (2. Тим. 4:2). Извештајот вели дека тие се изградувале. Апостолите и другите одговорни браќа ја зајакнале верата на учениците и предводеле, додека собранието одело „во стравот од Јехова и во утехата на светиот дух“. На пример, Петар го искористил времето да ги зајакне учениците во градот Лида, во рамницата Сарон. Тоа што го правел им помогнало на мнозина кои живееле во близина да се преобратат кон Господарот (Дела 9:32-35). Учениците не дозволиле други цели да им го одвлечат вниманието, туку се напрегале да ја проповедаат добрата вест и да се грижат еден за друг. Како резултат на тоа, собранието постојано растело.

21 При крајот на 20-тиот век, за Јеховините сведоци во многу земји настапи слично „време на мир“. На диктатурите што со децении го угнетуваа Божјиот народ наеднаш им дојде крајот. Стана полесно да се проповеда во земји каде што проповедањето пред тоа беше забрането, а во некои случаи таквите забрани беа целосно укинати. Десетици илјади Сведоци ја искористија можноста да проповедаат јавно, и ова даде извонредни резултати.

22. Како можеш да ја искористиш најдобро слободата што ја имаш?

22 Дали добро ја користиш слободата што ја имаш? Ако живееш во земја каде што се почитува верската слобода, Сатана би бил пресреќен да те наведе да трчаш по материјални работи, наместо да му служиш на Јехова (Мат. 13:22). Не дозволувај тие работи да ти го одвлечат вниманието! Користи го најдобро што можеш секое време на релативен мир во кое можеби живееш сега. Искористи го тој период да сведочиш темелно и да го изградуваш собранието. Не заборавај, твоите околности можат да се сменат преку ноќ!

23, 24. а) Кои работи ги учиме од извештајот за Тавита? б) На што треба да бидеме решени?

23 Размисли за она што ѝ се случило на Тавита, или Дорка, која била ученик на Христос. Таа живеела во Јопа, град недалеку од Лида. Оваа верна сестра мудро го користела своето време и сѐ што имала, и постојано правела добри дела и им помагала на сиромасите. Но, одеднаш се разболела и умрела. c Нејзината смрт предизвикала голема жалост меѓу учениците во Јопа, а особено меѓу вдовиците на кои многу им значело она што со љубов го правела за нив. Но, Петар дошол во куќата каде што го подготвувале нејзиното тело за погреб и направил чудо кое дотогаш не го направил ниту еден друг апостол на Исус Христос. Петар се помолил и ја подигнал Тавита од мртвите! Можеш ли да си замислиш колку вдовиците и другите ученици биле радосни кога ги викнал да влезат во собата и им ја покажал жива? Овие настани навистина ги зајакнале за испитите што им претстоеле! Се разбира, за ова чудо се расчуло низ цела Јопа и мнозина поверувале во Господарот (Дела 9:36-42).

Можеш ли да бидеш како Тавита?

24 Од овој трогателен извештај за Тавита учиме две важни работи. 1) Животот брзо минува. Затоа, многу е важно да стекнеме добро име кај Бог додека сѐ уште имаме време! (Проп. 7:1). 2) Сигурно ќе има воскресение. Јехова ги гледал многуте љубезни дела што ги правела Тавита, и ја наградил за нив. Тој нема да ги заборави ни нашите дела и ќе нѐ воскресне ако од некоја причина умреме пред Армагедон (Евр. 6:10). Затоа, сеедно дали сега минуваме низ „тешко време“ или живееме во „време на мир“, истрајно и темелно да сведочиме за Христос (2. Тим. 4:2).

a Види ја рамката „ Фарисејот Савле“.

b Јехова главно ги користел апостолите за да ги пренесе даровите на светиот дух. Но, во оваа посебна ситуација, изгледа дека Исус го овластил Ананија да му ги пренесе даровите на духот на Савле. Откако се преобратил, поминало доста време пред Савле да се сретне со некој од 12-те апостоли. Сепак, не седел со скрстени раце, туку проповедал, најверојатно за сето тоа време. Затоа Исус очигледно се погрижил Савле да ја добие силата што му била потребна за да ја изврши својата проповедничка задача.