Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ШЕСТО ПОГЛАВЈЕ

Стефан — „полн со добрина и сила“

Стефан — „полн со добрина и сила“

Поуки од смелото сведочење на Стефан пред Судскиот совет

Се темели на Дела 6:8 — 8:3

1-3. а) Во која незавидна ситуација се нашол Стефан, но, сепак, како се чувствувал? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?

 СТЕФАН е изведен пред суд. Во големата судница, која веројатно се наоѓа во близина на храмот во Ерусалим, заседава Судскиот совет кој се состои од 71 член. Денес, овие мажи, седнати во голем полукруг, се собрани за да му судат на Стефан. Тие се угледни, влијателни луѓе, и повеќето од нив немаат никаква почит кон овој ученик на Исус. Всушност, човекот што го свикал судот е првосвештеникот Кајафа, истиот што претседавал со судењето кога Судскиот совет пред неколку месеци го осудил Исус Христос на смрт. Дали Стефан е исплашен?

2 Всушност, во тој момент неговото лице изгледа многу необично. Судиите го вперуваат погледот во него и гледаат дека лицето му е „како лице на ангел“ (Дела 6:15). Ангелите пренесуваат пораки од Јехова Бог, и затоа имаат причина да бидат бестрашни, спокојни и смирени. Така се чувствува и Стефан. Ова е толку очигледно што можат да го видат и тие судии кои го мразат од дното на душата. Како може да биде толку смирен?

3 Христијаните денес можат многу да научат од одговорот на ова прашање. Исто така, добро е да знаеме и како дошло до тоа Стефан да се најде во оваа незавидна ситуација. Како ја бранел својата вера пред да се случи ова? И, во кој поглед можеме и ние да бидеме како него?

Го „подбуцнаа народот“ (Дела 6:8-15)

4, 5. а) Зошто Стефан бил благослов за собранието? б) Во која смисла Стефан бил „полн со добрина и сила“?

4 Веќе дознавме дека Стефан бил вистински благослов за новото христијанско собрание. Во претходното поглавје од оваа книга, видовме дека тој бил еден од седумте понизни мажи кои биле спремни да им помогнат на апостолите кога биле замолени за тоа. Но, уште повеќе ќе ја цениме неговата понизност ако размислиме за даровите што му ги дал Бог. Во Дела 6:8 пишува дека тој можел да прави „многу чуда и предзнаци“, исто како што било случај и со некои апостоли. Освен тоа, таму читаме и дека бил „полн со добрина и сила“. Што значи тоа?

5 Очигледно, Стефан бил љубезен и пријатен човек, и затоа брзо им станувал мил на луѓето. Зборувал на таков начин што мнозина од оние кои го слушале се увериле дека е искрен човек и дека она што им го зборува е за нивно добро. Бил полн со сила затоа што Јеховиниот дух влијаел врз него, а тој понизно се подложил на неговото водство. Наместо да се вообрази поради даровите и способностите што ги имал, тој му оддал слава на Јехова и покажал љубов и интерес кон луѓето на кои им зборувал. Не е ни чудо што неговите противници се чувствувале загрозени од него!

6-8. а) За кои две работи противниците го обвиниле Стефан, и зошто? б) Зошто христијаните денес можат многу да научат од примерот на Стефан?

6 Разни луѓе станале да се препираат со Стефан, но не можеле „да му се спротивстават на мудроста и на духот“ со кои зборувал. a Изнервирани, тие тајно наговориле некои луѓе да изнесат обвиненија против овој невин Христов следбеник. Освен тоа, ги подбуцнале народот, старешините и книжниците, па Стефан бил сосила довлечкан пред Судскиот совет (Дела 6:9-12). Противниците го обвиниле за две работи: дека хули и на Бог и на Мојсеј. Во која смисла?

7 Лажните сведоци тврделе дека Стефан хулел на Бог во таа смисла што зборувал против „ова свето место“, односно против храмот во Ерусалим (Дела 6:13). Тие го обвиниле дека хули и на Мојсеј затоа што зборувал против Мојсеевиот закон и тврдел дека ќе се сменат обичаите што Мојсеј им ги пренел на Евреите. Ова биле тешки обвиненија, бидејќи на Евреите од тоа време многу им значеле храмот, деталите од Мојсеевиот закон, како и бројните усни преданија што му ги додале на тој Закон. Според тоа, Стефан бил обвинет дека е опасен човек кој заслужува смртна казна!

8 За жал, верските лица честопати користат такви тактики за да им прават проблеми на Божјите слуги. До ден-денес, верските противници знаат да ги подбуцнат световните водачи за да ги прогонуваат Јеховините сведоци. Како би можеле да постапиме кога ќе се соочиме со извртени или лажни обвиненија? Можеме многу да научиме од Стефан.

Смело сведочеше за „Богот на славата“ (Дела 7:1-53)

9, 10. Што тврдат некои критичари во врска со говорот на Стефан пред Судскиот совет, и што треба да имаме на ум?

9 Како што беше спомнато во почетокот, додека Стефан ги слушал обвиненијата, неговото лице останало спокојно, како лице на ангел. Тогаш Кајафа му се обратил и го прашал: „Така ли е?“ (Дела 7:1). Конечно, дошол ред Стефан да зборува. И тој навистина имал што да им каже!

10 Некои критичари го напаѓаат говорот на Стефан тврдејќи дека, иако толку зборувал, воопшто не одговорил на обвиненијата што биле изнесени против него. Но, всушност, Стефан ни дал извонреден пример како да ја браниме добрата вест (1. Пет. 3:15). Имај на ум дека тој бил обвинет дека хули на Бог затоа што зборувал лошо за храмот и дека хули на Мојсеј затоа што зборувал против Законот. Во својот одговор, Стефан дал краток преглед на три периоди од историјата на Израелците, при што внимателно нагласил одредени работи. Да ги разгледаме еден по еден овие три историски периоди.

11, 12. а) Како Стефан се послужил со примерот на Авраам за да изнесе една важна вистина? б) Зошто Стефан го спомнал Јосиф во својот говор?

11 Ерата на семејните поглавари (Дела 7:1-16). Стефан го почнал говорот осврнувајќи се на Авраам, кого Евреите многу го ценеле поради неговата вера. Тргнувајќи од оваа важна заедничка основа, Стефан нагласил дека Јехова, „Богот на славата“, најпрво му се појавил на Авраам во Месопотамија (Дела 7:2). Всушност, тој човек живеел како туѓинец во Ветената земја. А во негово време не постоел ниту храм ниту Мојсеевиот закон. Според тоа, како може некој да тврди дека верноста кон Бог секогаш зависи од тие две работи?

12 Слушателите на Стефан имале високо мислење и за Јосиф, кој бил потомок на Авраам. Но, Стефан ги потсетил дека сопствените браќа на Јосиф — татковците на израелските племиња — го прогонувале овој праведен човек и го продале како роб. И покрај тоа, Бог преку него ги спасил Израелците да не умрат од глад. Без сомнение, Стефан добро знаел дека има сличности меѓу Јосиф и Исус Христос, но не сакал во тој момент да го каже тоа за да го задржи вниманието на судиите колку што е можно подолго.

13. Како Стефан одговорил на обвиненијата користејќи го примерот на Мојсеј, и која мисла ја поткрепил со тој пример?

13 Времето на Мојсеј (Дела 7:17-43). Стефан кажал многу работи за Мојсеј, и тоа било мудро бидејќи голем број членови на Судскиот совет биле садукеи, кои ги прифаќале само библиските книги што ги напишал тој. Освен тоа, да не заборавиме дека Стефан бил обвинет дека хули на Мојсеј. Во својот говор, тој директно одговорил на ова обвинение, бидејќи покажал дека има голема почит и кон Мојсеј и кон Законот (Дела 7:38). Спомнал дека и Мојсеј бил отфрлен од оние што настојувал да ги спаси. Тие го отфрлиле кога бил на возраст од 40 години. А повеќе од четириесет години подоцна, во неколку наврати го оспориле неговото право да им биде водач. b Така Стефан постепено образложил една клучна мисла: Божјиот народ секогаш одново ги отфрлал оние што Јехова ги поставил да го водат.

14. Кои мисли во својот говор Стефан ги поткрепил со примерот на Мојсеј?

14 Стефан ги потсетил оние што го слушале дека Мојсеј претскажал дека во Израел ќе се подигне пророк како него. Кој ќе биде тој, и на каков прием ќе наиде? Стефан го дал одговорот на ова прашање дури во заклучокот на својот говор. Но, сега изнел уште една клучна мисла: Мојсеј сфатил дека секое место може да биде свето, како што било случај со местото околу грмушката што горела, каде што му зборувал Јехова. Според тоа, дали Јехова мора да се обожава само во една градба, како што бил храмот во Ерусалим? Да видиме.

15, 16. а) Која мисла сакал да ја нагласи Стефан кога го спомнал светиот шатор? б) Која мисла ја нагласил Стефан кога во својот говор го спомнал Соломоновиот храм?

15 Светиот шатор и храмот (Дела 7:44-50). Стефан ги потсетил членовите на судот дека, пред да биде изграден храм во Ерусалим, Бог му заповедал на Мојсеј да изработи свет шатор кој служел како место каде што ќе биде обожаван, и Израелците го носеле секаде кај што се селеле. Но, никој не би се осмелил да каже дека светиот шатор имал помала важност од храмот, бидејќи самиот Мојсеј го обожавал Бог во него!

16 Подоцна, откако го изградил храмот во Ерусалим, Соломон, под водство на Божјиот дух, изнел една многу важна поука во својата молитва. Стефан ја изнел истата мисла кога рекол дека „Севишниот не престојува во градби што се направени со раце“ (Дела 7:48; 2. Лет. 6:18). Јехова може, но не мора да користи храм за да ги исполни своите намери. Зошто, тогаш, неговите слуги да мислат дека е исправно да се обожава Бог само во градба направена од човечки раце? Стефан дал силен заклучок на ова цитирајќи ги следниве зборови од книгата на Исаија: „’Небото е мојот престол, и земјата ми е подножје за нозете. Каков дом ќе ми изградите?‘ — вели Јехова. ’Каде е местото за мојата починка? Зарем мојата рака не го направи сето тоа?‘“ (Дела 7:49, 50; Иса. 66:1, 2).

17. Како Стефан со својот говор а) им покажал на оние што го слушале дека имаат погрешен став, и б) одговорил на обвиненијата што биле изнесени против него?

17 Откако разгледавме дел од говорот што Стефан го изнел пред Судскиот совет, зарем не се согласуваш дека тој јасно им ставил до знаење на своите обвинители дека имаат погрешен став? Им покажал дека Јехова не е крут Бог кој инсистира да се држат некои обичаи, туку е приспособлив и, со текот на времето, прави промени за да ја исполни својата намера. А оние што толку многу ѝ се восхитувале на таа прекрасна градба во Ерусалим, како и на обичаите и традициите кои биле додадени на Мојсеевиот закон, пропуштиле да сфатат која била главната цел на Законот и на храмот! Значи, со својот говор, Стефан одоколу им го наметнал следново многу важно прашање: Зарем човек не им оддава најголема чест на Законот и на храмот со тоа што му е послушен на Јехова? Всушност, со сето она што го кажал, тој на извонреден начин ги одбранил своите постапки, бидејќи самиот му бил послушен на Јехова најдобро што можел.

18. Во кој поглед треба да се трудиме да бидеме како Стефан?

18 Што учиме од говорот на Стефан? Тој многу добро ги познавал Светите списи. И ние треба, како него, длабоко да ја проучуваме Божјата Реч ако сакаме исправно да се служиме „со речта на вистината“ (2. Тим. 2:15). Од Стефан учиме и како да бидеме обѕирни и тактични со другите. Тој зборувал пред крајно непријателски настроени слушатели! Сепак, колку што можел подолго, зборувал за работи со кои се согласувале, задржувајќи се на она што тие луѓе многу го ценеле. Освен тоа, на судиите им се обратил со почит, нарекувајќи ги „татковци“ (Дела 7:2). И ние треба да зборуваме за вистината од Божјата Реч „благо и со длабока почит“ (1. Пет. 3:15).

19. Како Стефан храбро му ја пренел на Судскиот совет Јеховината порака на осуда?

19 Меѓутоа, не се воздржуваме да им ги кажеме на луѓето вистините од Божјата Реч од страв да не ги навредиме, ниту пак ги ублажуваме Јеховините пораки на осуда. Стефан е одличен пример за тоа. Без сомнение, тој можел да види дека сите докази што ги изнел пред Судскиот совет немале речиси никакво влијание врз тие тврдокорни судии. Затоа, поттикнат од светиот дух, го заклучил својот говор бестрашно кажувајќи им дека тие се исти како своите прататковци кои ги отфрлиле и Јосиф, и Мојсеј, и сите други пророци (Дела 7:51-53). Всушност, овие судии од Судскиот совет го убиле Месијата, чие доаѓање го прорекле Мојсеј и останатите пророци. Навистина, тие го прекршиле Мојсеевиот закон на најстрашниот можен начин!

„Господару Исусе, прими го мојот дух!“ (Дела 7:54 — 8:3)

„Кога го чуја тоа, се разлутија во своите срца и почнаа да чкртаат со забите против него“ (Дела 7:54)

20, 21. Како реагирале членовите на Судскиот совет на зборовите на Стефан, и како Јехова го зајакнал?

20 Непобитната вистина што ја содржеле зборовите на Стефан едноставно ги разбеснила овие судии. Губејќи го секое привидно достоинство, тие почнале да чкртаат со забите против него. Овој верен човек сигурно сфатил дека кон него ќе немаат милост, исто како што немале ни кон неговиот Господар, Исус.

21 На Стефан му била потребна храброст за да се соочи со она што го чекало, и сигурно бил многу зајакнат од видението што тогаш Јехова љубезно му го дал. Стефан ја здогледал Божјата слава и Исус како стои од десната страна на Јехова. Додека го опишувал она што го гледал, неговите судии си ги затнале ушите со рацете за да не слушаат. Зошто? Затоа што, неколку месеци пред тоа, Исус му кажал на истиот суд дека тој е Месијата и дека наскоро ќе седне од десната страна на својот Татко (Мар. 14:62). Видението на Стефан било доказ дека Исус им ја кажал вистината. Всушност, тој Судски совет го предал и го убил Месијата! Тогаш сите како еден му се нафрлиле на Стефан за да го каменуваат. c

22, 23. Во која смисла смртта на Стефан била слична на смртта на неговиот Господар, и зошто христијаните денес, исто како Стефан, можат да бидат сосема сигурни дека ќе има воскресение?

22 Стефан умрел на сличен начин како својот Господар, со мирно срце — со целосна доверба во Јехова и со спремност да им прости на своите убијци. Тој рекол „Господару Исусе, прими го мојот дух“ можеби затоа што во видение сѐ уште го гледал Синот човечки како стои покрај Јехова. Без сомнение, Стефан ги знаел следниве охрабрувачки зборови на Исус: „Јас сум воскресението и животот“ (Јован 11:25). На крајот, Стефан на сиот глас му се помолил директно на Бог, велејќи: „Јехова, не сметај им го ова за грев!“ И, откако го рекол тоа, умрел (Дела 7:59, 60).

23 Така Стефан станал првиот христијански маченик. (Види ја рамката „ Во која смисла бил ’маченик‘?“) Но, за жал, тој не бил последниот. И ден-денес, некои верни слуги на Јехова го губат својот живот поради прогонство од верски или политички фанатици, како и од други злобни противници. Сепак, исто како Стефан, можеме да бидеме сосема сигурни дека ќе има воскресение. Исус сега владее како Цар и ја спроведува огромната власт што ја добил од својот Татко. Според тоа, ништо не може да го спречи да ги воскресне своите верни следбеници (Јован 5:28, 29).

24. Каков удел имал Савле во убиството на Стефан, и, долгорочно гледано, какво позитивно влијание имала смртта на овој верен човек?

24 Сето ова го гледал еден млад човек по име Савле. Тој го одобрувал убиството на Стефан — дури им ги чувал наметките на оние што го каменувале! Кратко потоа, започнало немилосрдно прогонство на христијаните, во кое Савле имал главна улога. Но, долгорочно гледано, смртта на Стефан влијаела позитивно врз многу христијани. Неговиот пример само ги зајакнал да му останат верни на Бог и да постигнат слична победа. Освен тоа, Савле — во подоцнежните години најчесто нарекуван Павле — со длабоко жалење се сеќавал на својата улога во каменувањето на Стефан (Дела 22:20). Тој бил соучесник во убиството на Стефан, но подоцна сфатил и признал: „Бев хулител, прогонител и дрзок човек“ (1. Тим. 1:13). Очигледно, Павле никогаш не го заборавил Стефан и силниот говор што го изнел тој ден. Всушност, во некои од своите говори и писма самиот Павле зборувал за работи што Стефан ги спомнал во овој говор (Дела 7:48; 17:24; Евр. 9:24). Со текот на времето, научил целосно да го следи примерот на вера и храброст што го дал Стефан, човек „полн со добрина и сила“. Прашањето е: Дали ќе го следиме и ние?

a Меѓу овие противници имало и членови на една синагога наречена „Синагога на ослободените“. Веројатно тие биле римски воени заробеници кои биле пуштени на слобода или ослободени робови кои се преобратиле во еврејската вера. Некои биле од Киликија, од каде што потекнувал и Савле од Тарс. Од овој извештај не се гледа дали и Савле бил меѓу тие луѓе од Киликија кои не можеле да му се спротивстават на Стефан.

b Во говорот на Стефан има информации што не се наоѓаат на ниту едно друго место во Библијата. На пример, само тој го спомнува образованието што Мојсеј го стекнал во Египет, а кажува и колку години имал кога побегнал од Египет и колку долго останал во Мадијам.

c Римскиот закон веројатно не дозволувал Судскиот совет да нареди погубување (Јован 18:31). Во секој случај, изгледа дека Стефан бил убиен од разбеснета толпа, а не врз основа на судска пресуда.