Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ДВАЕСЕТ И ЧЕТВРТО ПОГЛАВЈЕ

„Биди храбар!“

„Биди храбар!“

Евреите коваат заговор да го убијат Павле; тој ја изнесува својата одбрана пред Феликс

Се темели на Дела 23:11 — 24:27

1, 2. Зошто Павле не бил изненаден од прогонството на кое наишол во Ерусалим?

 ОТКАКО за влакно е спасен од рацете на една насилна толпа во Ерусалим, Павле повторно е в затвор. Овој ревносен апостол не е изненаден од прогонството на кое наидува во овој град. Веќе му било кажано дека таму го „чекаат окови и неволји“ (Дела 20:22, 23). Иако не знае што точно ќе му се случи, знае дека и понатаму ќе страда заради Исусовото име (Дела 9:16).

2 Дури и некои христијани што во тоа време служеле како пророци го предупредиле дека ќе биде врзан и предаден „во рацете на незнабошците“ (Дела 21:4, 10, 11). Најпрво, мноштво Евреи се обиделе да го убијат, а следниот ден се чинело дека ќе биде „растргнат“ од членовите на Судскиот совет додека се расправале околу него. Сега римски војници го чуваат како затвореник, и тој се соочува со уште повеќе обвиненија и сослушувања (Дела 21:31; 23:10). На апостол Павле навистина му треба охрабрување!

3. Од каде добиваме охрабрување за да продолжиме да проповедаме?

3 Во ова време на крајот, знаеме дека „сите што сакаат да живеат оддадено на Бог во единство со Христос Исус, ќе бидат прогонувани“ (2. Тим. 3:12). Одвреме-навреме, и нам ни треба охрабрување за да продолжиме да проповедаме. Колку сме благодарни за охрабрувачките зборови што во право време ги добиваме преку публикациите и на состаноците што ги подготвува „верниот и разборит роб“! (Мат. 24:45). Јехова нѐ уверува дека ниту еден непријател на добрата вест нема да успее во својата борба против нас. Непријателите нема ниту да ги уништат Божјите слуги како група ниту да го запрат нивното проповедање (Иса. 54:17; Ерем. 1:19). Но, што се случило со апостол Павле? Дали бил охрабрен да продолжи темелно да сведочи, и покрај противењето? Ако да, на кој начин, и што направил потоа?

Неуспешен заговор (Дела 23:11-34)

4, 5. Какво охрабрување добил Павле, и зошто тоа било навремено?

4 Ноќта откако бил спасен од Судскиот совет, апостол Павле го добил охрабрувањето кое му било толку потребно. Под водство на светиот дух, Лука запишал: „Господарот му пристапи на Павле и рече: ’Биди храбар! Зашто, како што во Ерусалим даваше темелно сведоштво за мене така треба да сведочиш и во Рим‘“ (Дела 23:11). Со тие охрабрувачки зборови, Исус го уверил дека нема да биде убиен. Павле бил сигурен дека ќе остане жив и ќе стигне во Рим каде што ќе има чест да сведочи за Исус.

„Во заседа го чекаат повеќе од четириесет луѓе“ (Дела 23:21)

5 Охрабрувањето што го добил Павле дошло во вистинско време. Веднаш следниот ден, повеќе од 40 Евреи сковале заговор и се заколнале, повикувајќи проклетство на себе, дека нема ни да јадат ни да пијат додека не го убијат. Овој заговор под заклетва покажува колку биле решени да го сторат тоа. Тие биле уверени дека ќе ги стигне проклетство доколку не успеат да ја спроведат својата замисла (Дела 23:12-15). Според нивниот план, кој бил одобрен од главните свештеници и од еврејските старешини, Павле требало повторно да биде изведен пред Судскиот совет, за наводно поподробно да го испитаат неговиот случај. Но, на патот до таму, заговорниците требало да чекаат во заседа за да го нападнат и да го убијат.

6. Како бил откриен заговорот за убиството на Павле, и што можат да научат денешните млади од овој извештај?

6 Синот на сестра му на Павле слушнал за овој заговор и му го соопштил тоа. Кога чул што му спремаат, Павле побарал да го одведат момчето кај римскиот воен заповедник Клавдиј Лисиј за да му каже за тој заговор (Дела 23:16-22). Јехова сигурно ги сака младите кои, слично на овој внук на Павле, храбро го ставаат доброто на Божјиот народ пред своите интереси и верно прават сѐ што можат за Царството.

7, 8. Што направил Клавдиј Лисиј за да го заштити Павле?

7 Веднаш штом бил известен за заговорот против Павле, Клавдиј Лисиј, под чија надлежност биле 1.000 војници, заповедал да се собере воена стража од 470 луѓе — војници, копјеносци и коњаници — за да заминат од Ерусалим таа ноќ и да го одведат Павле жив и здрав во Цезареја. Веднаш штом ќе стигнеле таму, требало да му го предадат на управителот Феликс. a Иако во Цезареја, каде што била сместена римската власт што управувала со Јудеја, живееле доста Евреи, тој град главно бил населен со не-Евреи. Таму владеел ред и мир за разлика од Ерусалим, каде што мнозина насилно ја покажувале својата верска нетрпеливост и предизвикувале немири. Освен тоа, во Цезареја се наоѓала и главната команда на римската војска во Јудеја.

8 Во склад со римскиот закон, Лисиј му испратил писмо на Феликс во кое го изложил случајот. Во писмото спомнал дека, откако дознал дека Павле е римски граѓанин, го спасил од Евреите кои имале намера да го убијат. Лисиј рекол дека тој лично смета дека Павле не направил никаква грешка „со која би заслужил смрт или окови“, но бидејќи против него бил скован заговор, сега му го предава на управителот Феликс за да ги сослуша оние што го обвинуваат и да му пресуди (Дела 23:25-30).

9. а) Во која смисла биле прекршени правата на Павле како римски граѓанин? б) Во кои ситуации можеме да ги користиме нашите права како граѓани на одредена земја?

9 Дали она што го напишал Лисиј било точно? Не сѐ. Изгледа дека тој сакал да се покаже во најдоброто светло пред Феликс. Лисиј не го спасил Павле затоа што дознал дека овој апостол е римски граѓанин. Освен тоа, не спомнал дека го оковал Павле „во двојни синџири“ и дека подоцна заповедал „да го испитаат со камшикување“ (Дела 21:30-34; 22:24-29). Според тоа, Лисиј ги прекршил правата на Павле како римски граѓанин. Денес, Сатана го користи верскиот фанатизам на противниците за да разгори прогонство, и тие понекогаш не ја почитуваат нашата слобода на вероисповед и ги прекршуваат нашите права. Но, исто како Павле, Божјите слуги честопати можат да ги искористат своите граѓански права како жители на одредена земја и да бараат заштита од законот.

„Со мирна душа се бранам“ (Дела 23:35 — 24:21)

10. Кои сериозни обвиненија биле изнесени против Павле?

10 Во Цезареја, Павле го чувале „во Иродовата царска палата“ додека чекал да стигнат неговите обвинители од Ерусалим (Дела 23:35). Тие пристигнале пет дена подоцна. Меѓу нив биле првосвештеникот Ананија, неколку еврејски старешини и еден говорник по име Тертул кој зборувал во името на сите. Најпрво Тертул го величал Феликс за она што го правел за Евреите, веројатно со цел да му ласка и да го придобие на нивна страна. b А потоа, преминувајќи на главното, изјавил дека Павле е „вистинска напаст, дека крева бунтови меѓу сите Евреи по целиот свет, дека е ороводец на назареќанската секта“ и дека се обидел и храмот да го оскверни, па затоа го фатиле. Другите Евреи го поддржале, „тврдејќи дека е така“ (Дела 24:5, 6, 9). Значи, Павле бил обвинет дека крева бунтови, дека е водач на опасна секта и дека го осквернил храмот — сите овие обвиненија биле сериозни и можеле да му донесат смртна пресуда.

11, 12. Како Павле ги порекнал обвиненијата изнесени против него?

11 Конечно, на Павле му било дозволено да зборува. „Со мирна душа се бранам“, рекол тој, а потоа ги порекнал сите обвиненија. Апостолот ниту го осквернил храмот, ниту пак се обидел да крене бунт. Тој истакнал дека, всушност, не бил во Ерусалим „многу години“ и дека дошол да донесе „дарови за сиромашните“ — односно материјална помош за христијаните кои веројатно се нашле во сиромаштија поради гладот и прогонството. Павле тврдел дека, пред да влезе во храмот, бил исчистен според Мојсеевиот закон и дека се трудел да задржи чиста совест пред Бог и пред луѓето (Дела 24:10-13, 16-18).

12 Сепак, признал дека му служи на Богот на своите прататковци „според учењето кое тие го нарекуваат ’секта‘“. Но, истакнал дека верува „во сето она што е во Законот и што е напишано во Пророците“. Освен тоа, исто како и неговите обвинители, и самиот има надеж дека „Бог ќе ги воскресне и праведните и неправедните“. Потоа Павле побарал неговите тужители да ги докажат своите обвиненија, велејќи: „Овие тука сами нека кажат каква вина најдоа на мене додека стоев пред Судскиот совет, освен ако станува збор за онаа една изјава што ја кажав додека стоев меѓу нив: ’Поради воскресението на мртвите денес ми се суди пред вас!‘“ (Дела 24:14, 15, 20, 21).

13-15. Во кој поглед Павле дал добар пример за тоа како треба смело да се сведочи пред световните власти?

13 Павле ни дал добар пример што треба да го следиме ако некогаш бидеме изведени пред световните власти поради нашата религија и ако лажно сме обвинети, на пример дека ги подбуцнуваме луѓето на насилство, на бунт против владите, или пак дека сме членови на „опасна секта“. Павле не му се умилкувал на управителот со ласкави зборови, како што правел Тертул. Напротив, останал смирен и зборувал со почит. Тактично, тој дал јасно и вистинито сведоштво. Спомнал и дека „некои Евреи од Азија“, кои го обвиниле дека го осквернува храмот, не биле тука и дека, според законот, тој би требало да се соочи со нив и да ги сослуша нивните обвиненија (Дела 24:18, 19).

14 Највпечатливо од сѐ е тоа што Павле не се колебал да сведочи за своите верувања. Тој смело повторил дека верува во воскресение — изјава што предизвикала толкав неред кога стоел пред Судскиот совет (Дела 23:6-10). Во својата одбрана, Павле ја нагласил надежта во воскресение. Зошто? Затоа што сведочел за Исус и за неговото воскресение од мртвите — нешто што неговите противници не сакале да го прифатат (Дела 26:6-8, 22, 23). Значи, токму воскресението — или поточно, верата во Исус и во неговото воскресение — било прашањето околу кое се кршеле копјата.

15 Исто како Павле, и ние можеме смело да сведочиме и да црпиме сила од она што Исус им го кажал на своите ученици: „Сите ќе ве мразат поради моето име. Но, кој ќе истрае до крајот, тој ќе биде спасен“. Дали треба да се грижиме што ќе кажеме? Не, бидејќи Исус го дал следново уверување: „Кога ќе ве водат на суд, немојте однапред да се грижите што ќе кажете, туку она што ќе ви биде дадено во тој час, тоа кажете го, бидејќи нема да зборувате вие, туку светиот дух“ (Мар. 13:9-13).

„Феликс се уплаши“ (Дела 24:22-27)

16, 17. а) Што рекол и што направил Феликс при сослушувањето на Павле? б) Зошто можеби Феликс се уплашил, но од која причина повторно се среќавал со Павле?

16 Ова не било првпат управителот Феликс да слуша за христијанските верувања. Извештајот вели: „Феликс, кој беше многу добро запознат со овој Пат [израз што се користел за учениците на Христос пред да се наречат христијани], ја одложи нивната парница, велејќи: ’Кога ќе дојде илјаданачалникот Лисиј, ќе го решам вашиот спор‘. И му нареди на стотникот да го чува Павле в затвор, но да му даде некои олеснувања и никому од неговите да не му брани да го послужува“ (Дела 24:22, 23).

17 Неколку дена подоцна, Феликс, со својата жена Друзила, која била Еврејка, наредил да го повикаат Павле и го сослушал „за верата во Христос Исус“ (Дела 24:24). Но, кога Павле почнал да зборува „за праведноста, за самосовладувањето и за судот што ќе дојде“, Феликс се уплашил, затоа што правел многу лоши работи во животот и можеби овие зборови му ја вознемириле совеста. Тој го отпуштил Павле, велејќи: „Засега оди, а кога ќе најдам време, пак ќе те повикам“. Феликс навистина се сретнал со Павле повеќепати по овој настан, но не затоа што сакал да ја дознае вистината, туку затоа што се надевал дека Павле ќе му даде мито (Дела 24:25, 26).

18. Зошто Павле им зборувал на Феликс и на неговата жена „за праведноста, за самосовладувањето и за судот што ќе дојде“?

18 Зошто Павле им зборувал на Феликс и на неговата жена „за праведноста, за самосовладувањето и за судот што ќе дојде“? Ако се сеќаваш, тие сакале да дознаат што се бара од еден ученик на Исус Христос. Павле, кој знаел дека се неморални, свирепи и неправедни, јасно им кажал што се бара од секој што ќе стане следбеник на Исус. Од она што Павле го кажал јасно се гледало колку се разликуваат Божјите праведни мерила од животот што го воделе Феликс и неговата жена. Ова требало да им помогне да сфатат дека сите луѓе ќе положат сметка пред Бог за она што го мислат, го зборуваат и го прават, и дека многу поважно од пресудата што го чекала Павле е пресудата што Бог можел да им ја изрече ним. Ништо чудно што Феликс се уплашил!

19, 20. а) Кога сме во служба, како треба да постапуваме со луѓето кои се навидум заинтересирани, но, всушност, немаат намера да прават промени во животот? б) Од каде знаеме дека Феликс не бил благонаклонет кон Павле?

19 Додека сме во служба, можеби наидуваме на луѓе како Феликс, кои во почетокот оставаат впечаток дека се интересираат за вистината, но, всушност, не сакаат да го променат животот за да живеат во склад со неа. Со право сме претпазливи кога се обидуваме да им помогнеме на таквите. Исто како Павле, можеме тактично да им зборуваме за Божјите праведни мерила. Можеби вистината ќе допре до нивното срце. Сепак, ако стане јасно дека немаат намера да престанат да грешат, ги оставаме и продолжуваме да ги бараме оние што навистина сакаат да ја запознаат вистината.

20 Во случајот на Феликс, дознаваме што навистина имал во срцето од следниве зборови: „Кога поминаа две години, Порциј Фест го наследи Феликс. Бидејќи Феликс сакаше да им угоди на Евреите, го остави Павле во окови“ (Дела 24:27). Феликс не бил вистински благонаклонет кон Павле. Тој знаел дека следбениците на „Патот“ не се ниту бунтовници ниту револуционери (Дела 19:23). Исто така, знаел дека Павле не прекршил ниту еден римски закон. Сепак, го оставил апостолот во затвор за „да им угоди на Евреите“.

21. Што се случило со Павле откако Порциј Фест станал управител, и од што Павле најверојатно и понатаму црпел сила?

21 Како што се гледа од последниот стих во Дела 24. поглавје, Павле сѐ уште бил во затвор кога Порциј Фест го заменил Феликс како управител. Така почнала една долга низа сослушувања, и Павле бил изведуван пред различни владини службеници. Овој храбар апостол навистина бил одведен „пред цареви и управители“ (Лука 21:12). Како што ќе видиме, подоцна тој му сведочел на најмоќниот владетел во своето време. Додека минувал низ сето тоа, Павле никогаш не се поколебал во својата вера. Без сомнение, и понатаму црпел сила од зборовите на Исус: „Биди храбар!“

a Види ја рамката „ Феликс — управител на Јудеја“.

b Тертул му се заблагодарил на Феликс за „големиот мир“ кој им го донел на Израелците. Но, факт е дека, додека Феликс бил управител, во Јудеја имало повеќе немири отколку за време на владеењето на кој и да било друг од претходните управители, сѐ до побуната против Римјаните. Чиста лага било и тоа што Тертул рекол дека Евреите чувствуваат „најголема благодарност“ за реформите што ги спровел Феликс. Всушност, повеќето Евреи го презирале затоа што им го загорчувал животот и немилосрдно ги задушувал нивните востанија (Дела 24:2, 3).