Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ДВАЕСЕТ И СЕДМО ПОГЛАВЈЕ

„Темелно им сведочеше“

„Темелно им сведочеше“

Павле продолжува да проповеда и додека е затворен во Рим

Се темели на Дела 28:11-31

1. Во што биле сигурни Павле и неговите придружници, и зошто?

 НЕКАДЕ околу 59 год. од н.е., еден брод, кој на клунот го има „знакот на Зевсовите синови“, плови од средоземноморскиот остров Малта кон Италија. Веројатно тоа е голем брод кој пренесува товар со жито. Меѓу патниците е и апостол Павле — затвореник под воена стража — заедно со своите соверници Лука и Аристарх (Дела 27:2). За разлика од бродската посада, овие проповедници на добрата вест не се потпираат на заштитата од синовите на грчкиот бог Зевс — близнаците Кастор и Полукс (Дела 28:11, фус.). Напротив, Павле и неговите придружници му служат на Јехова, кој му дал до знаење на овој апостол дека ќе сведочи за вистината во Рим и дека ќе застане пред цезарот (Дела 23:11; 27:24).

2, 3. Каде пловел бродот на Павле, и чија поддршка ја имал тој уште од самиот почеток на патувањето?

2 Откако три дена стои укотвен во Сиракуза, прекрасен град на Сицилија, кој по својата важност може да се мери со Атина и Рим, бродот тргнува на пат кон Регија, која се наоѓа на крајниот југ на италијанскиот полуостров. Потоа, благодарение на јужниот ветар, бродот за многу кратко време ги поминува 175-те наутички милји до италијанското пристаниште Путеоли (во близина на денешен Неапол) и пристигнува таму на вториот ден (Дела 28:12, 13).

3 Сега Павле го минува последниот дел од патот до Рим, каде што ќе се појави пред императорот Нерон. Уште откако тргнал на пат па сѐ досега, „Богот на секоја утеха“ не го напуштил (2. Кор. 1:3). Како што ќе видиме, Тој и понатаму му помага, а мисионерскиот жар кај овој апостол не згаснува.

„Павле му заблагодари на Бог и се охрабри“ (Дела 28:14, 15)

4, 5. а) Каква гостољубивост им била укажана на Павле и на неговите придружници во Путеоли, и зошто можеби му била дадена толкава слобода на Павле? б) Како може доброто однесување да им користи на христијаните, дури и да се во затвор?

4 Во Путеоли, Павле и неговите придружници нашле браќа кои ги молеле да останат со нив седум дена (Дела 28:14). Тие навистина дале одличен пример за христијанска гостољубивост! Без сомнение, овие гостопримливи браќа за возврат добиле големи благослови бидејќи биле духовно охрабрени од Павле и од неговите придружници. Но, како можело да му се даде толкава слобода на еден затвореник кој бил под воена стража? Веројатно причината била тоа што, со своето однесување, апостолот потполно ја стекнал довербата на римските војници што го чувале.

5 И во денешно време, кога Јеховините сведоци биле ставани во затвори и во концентрациони логори, честопати добивале посебна слобода и привилегии благодарение на нивното христијанско однесување. На пример, во Романија, еден човек што бил осуден на 75 години затвор поради кражба, почнал да ја проучува Божјата Реч и, како резултат на тоа, потполно се сменил како личност. Кога затворската управа ја увидела таа промена, тој бил пуштен да оди в град да пазарува за затворот, и тоа без придружба! Се разбира, најважно од сѐ е тоа што со нашето добро однесување го прославуваме Јехова (1. Пет. 2:12).

6, 7. Како браќата од Рим покажале љубов на извонреден начин?

6 Од Путеоли, Павле и неговите придружници веројатно оделе пеш околу 50 километри до Капуа, која се наоѓала на Апиевиот пат што водел до Рим. Оние што патувале по овој прочуен пат, поплочен со големи коцки од стврдната лава, можеле да уживаат во прекрасните пејзажи во тој крај, а на некои места и во убавите глетки на Средоземното Море. Патот минувал и низ Понтинските Мочуришта, на 60-ина километри од Рим, каде што се наоѓал и Апиевиот плоштад. Лука вели дека, кога браќата во Рим ги слушнале вестите за нив, некои им дошле во пресрет дури до овој плоштад, а другите останале да чекаат кај Трите гостилници, одморалиште на 50-ина километри од Рим. Колку голема љубов покажале овие браќа! (Дела 28:15).

7 Апиевиот плоштад не бил некое место каде што уморниот патник можел вистински да здивне од своето напорно патување. Римскиот поет и сатиричар Хорациј вели дека плоштадот бил „преполн со морнари и смуртени гостилничари“. Тој пишува и дека водата била одвратна, односно смрдлива. И тој дури не сакал ни да јаде таму! Сепак, и покрај сите неудобности, браќата од Рим радосно ги чекале Павле и неговите соработници на овој плоштад за да ги придружуваат до крајот на патувањето.

8. Зошто Павле му заблагодарил на Бог кога ги здогледал своите браќа?

8 Извештајот вели дека, кога ги здогледал своите браќа, Павле му заблагодарил на Бог и се охрабрил (Дела 28:15). Самото тоа што ги видел тие драги луѓе, меѓу кои можеби имало и некои што лично ги познавал, го зајакнало и го утешило овој апостол. Зошто Павле му заблагодарил на Бог? Тој знаел дека несебичната љубов е еден од плодовите на духот (Гал. 5:22). И денес, светиот дух ги поттикнува христијаните да прават жртви еден за друг и да ги тешат оние на кои им треба помош (1. Сол. 5:11, 14).

9. На кој начин можеме да го следиме примерот на браќата кои го пречекале Павле?

9 На пример, светиот дух ги поттикнува спремните браќа и сестри да им укажат гостопримство на покраинските надгледници, на мисионерите и на другите полновремени слуги, од кои повеќето направиле големи жртви за да му служат на Јехова во зголемена мера. Прашај се: „Дали можам да направам нешто повеќе за да ја поддржам посетата на покраинскиот надгледник, можеби така што ќе ги викнам на гости него и неговата сопруга доколку е женет? Можам ли да закажам служба со нив?“ За возврат ќе добиеш големи благослови. На пример, замисли колку биле радосни браќата од Рим додека Павле и неговите придружници им раскажувале охрабрувачки искуства (Дела 15:3, 4).

„Насекаде се зборува против оваа секта“ (Дела 28:16-22)

10. Во какви услови живеел Павле во Рим, и што направил овој апостол набрзо откако пристигнал таму?

10 Кога групата патници пристигнале во Рим, на Павле му било дозволено да живее посебно, со војникот што го чувал (Дела 28:16). За да не побегне од куќниот притвор, затвореникот обично бил врзан со синџир за својот чувар. Но, Павле бил објавител на Царството, и таквиот синџир не можел да го спречи да проповеда. Затоа, откако ги искористил првите три дена за малку да се одмори од патувањето, веднаш потоа ги повикал водечките Евреи во Рим за да им се претстави и да им посведочи.

11, 12. Во разговорот со Евреите од Рим, како се обидел Павле да ги разбие предрасудите што можеби ги имале некои од нив?

11 „Луѓе, браќа“, им рекол Павле, „не сум направил ништо против народот, ниту против обичаите на нашите прататковци, а сепак ме фатија во Ерусалим и ме предадоа во рацете на Римјаните. По испрашувањето тие сакаа да ме пуштат, бидејќи на мене немаше ништо со кое би заслужил смрт. Но, бидејќи Евреите се противеа на тоа, бев принуден да се жалам пред цезарот, но не затоа што сакав да го тужам за нешто својот народ“ (Дела 28:17-19).

12 Павле им се обратил на присутните Евреи со „браќа“ за да им покаже како гледа на нив и за да ги разбие предрасудите што некои можеби ги имале (1. Кор. 9:20). Освен тоа, јасно им ставил до знаење дека не дошол таму за да ги обвинува своите сонародници, туку едноставно да ја изнесе својата одбрана пред цезарот. Меѓутоа, неговиот случај воопшто не им бил познат на тамошните Евреи (Дела 28:21). Како е можно Евреите од Јудеја да не ги известиле за Павле и за неговиот случај? Еден преведувач на Библијата вели: „Очигледно, бродот на Павле бил меѓу првите што дошле во Италија откако поминала зимата, па затоа сѐ уште не пристигнале претставници на еврејските власти од Ерусалим, ниту пак дошло писмо за случајот“.

13, 14. Како Павле преминал на пораката за Царството, и како можеме да го следиме неговиот пример?

13 Потоа, Павле преминал на пораката за Царството наведувајќи една изјава која сигурно ја разгорела љубопитноста на неговите еврејски посетители. Тој рекол: „Токму поради тоа и молев да ве видам вас и да разговарам со вас, бидејќи поради надежта на Израел го имам овој синџир на себе“ (Дела 28:20). Се разбира, таа надеж била тесно поврзана со Месијата и со неговото Царство, за кое проповедало христијанското собрание. Тогаш еврејските старешини му рекле: „Би сакале од тебе да чуеме што мислиш, бидејќи ни е познато дека насекаде се зборува против оваа секта“ (Дела 28:22).

14 Кога ќе ни се укаже можност да зборуваме за добрата вест, можеме да го следиме примерот на Павле така што ќе кажеме нешто или ќе поставиме некое прашање со кое ќе ги поттикнеме луѓето да се заинтересираат за Библијата. Во нашите публикации, како што се Резонирање на темел на Писмото (срп.), Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба и Посвети се на читањето и поучувањето, има извонредни предлози како да го правиме ова. Дали добро ги користиш овие публикации наменети за проучување на Библијата?

„Темелно им сведочеше“ — пример за нас (Дела 28:23-29)

15. Кои четири работи се карактеристични за сведоштвото што го дал Павле?

15 Во договорениот ден, тамошните Евреи дошле „во уште поголем број“ во куќата каде што бил сместен Павле. А тој им објаснувал така што темелно им сведочел за Божјето Царство и им изнесувал „уверливи докази за Исус од Мојсеевиот закон и од Пророците, од утро до вечер“ (Дела 28:23). Четири работи се карактеристични за сведоштвото што го дал Павле. Прво, го насочил вниманието на Божјето Царство. Второ, се трудел да им помогне на своите слушатели да го прифатат она што им го кажувал така што им изнесувал „уверливи докази“. Трето, доказите ги темелел на Светото писмо. И четврто, бил самопожртвуван бидејќи сведочел „од утро до вечер“. Павле е навистина извонреден пример за нас! Каков бил резултатот од неговото сведочење? Некои поверувале, а други не верувале. И, бидејќи не се сложувале меѓу себе, почнале да се разотидуваат, известува Лука (Дела 28:24, 25а).

16-18. Зошто Павле не се изненадил од негативната реакција на Евреите во Рим, и како треба ние да реагираме кога некој ја одбива нашата порака?

16 Оваа реакција не го изненадила Павле бидејќи истото веќе му се случило и со други Евреи, а и во Библијата било проречено дека ќе биде така (Дела 13:42-47; 18:5, 6; 19:8, 9). Затоа, на оние што не ги прифаќале неговите зборови, тој на заминување им рекол: „Добро им зборуваше светиот дух на вашите прататковци преку пророкот Исаија: ’Оди кај тој народ и речи: „Со ушите ќе слушате, но нема да разберете, и со очите ќе гледате, но нема да видите. Зашто, срцето на овој народ е неприемливо“‘“ (Дела 28:25б-27). Зборот што е преведен со „неприемливо“ на изворниот јазик означува срце што е „залоено“ или „закоравено“, и затоа пораката за Царството не може да продре во него. Колку жалосно!

17 На крајот, Павле рекол дека, за разлика од неговите еврејски слушатели, „незнабошците... ќе ја послушаат“ добрата вест (Дела 28:28; Пс. 67:2; Иса. 11:10). Апостолот навистина можел со право да го каже тоа бидејќи лично видел како многу не-Евреи ја прифатиле пораката за Царството! (Дела 13:48; 14:27).

18 Кога луѓето ќе одбијат да ја слушаат добрата вест, да бидеме и ние како Павле и да не го сфаќаме тоа лично. Впрочем, знаеме дека релативно малкумина ќе го најдат патот што води во живот (Мат. 7:13, 14). Но, кога искрените лица ќе прифатат да му служат на вистинскиот Бог, да се радуваме и срдечно да ги примиме меѓу нас (Лука 15:7).

„Им го проповедаше Божјето царство“ (Дела 28:30, 31)

19. Како Павле го искористил најдобро што можел времето што го поминал во куќен притвор?

19 Лука го завршува својот извештај со многу позитивни и охрабрувачки зборови: „[Павле] остана полни две години во куќата што ја изнајми, каде што со задоволство ги примаше сите што доаѓаа кај него и им го проповедаше Божјето царство и поучуваше за Господарот Исус Христос со сета слобода и без никакви пречки“ (Дела 28:30, 31). Каков извонреден пример на гостољубивост, вера и ревност!

20, 21. Наведи некои лица врз кои позитивно влијаела службата на Павле во Рим.

20 Еден од оние што Павле љубезно ги примил бил и Онисим, побегнат роб од Колоси. Павле му помогнал на Онисим да стане христијанин, а Онисим, за возврат, му станал „верен и сакан брат“. Всушност, Павле го опишува како „моето дете... кому... му станав татко“ (Кол. 4:9; Филим. 10-12). Онисим сигурно му бил вистински извор на радост! a

21 Добриот пример на Павле влијаел позитивно и врз други лица. Тој им напишал на Филипјаните: „Ова што ми се случува, всушност, помага да се шири добрата вест, така што меѓу целата царска телесна стража и меѓу сите останати стана познато дека сум во окови поради верата во Христос. А и повеќето браќа во Господарот се охрабрија поради моите окови, па уште посмело, без страв, ја зборуваат речта Божја“ (Фил. 1:12-14).

22. За што друго го искористил Павле времето што го поминал затворен во Рим?

22 Павле го искористил времето што го поминал затворен во Рим и за да напише важни писма кои сега се дел од Христијанските грчки списи. b Тие писма многу им користеле на христијаните од првиот век, до кои биле напишани. Меѓутоа, од писмата на Павле можеме да извлечеме корист и ние денес, бидејќи сето она што го напишал под водство на светиот дух има исто толкава практична вредност како што имало и тогаш (2. Тим. 3:16, 17).

23, 24. Како некои денешни христијани покажале ист позитивен став како Павле, иако биле неправедно затворени?

23 До моментот на неговото ослободување, кое не е спомнато во Дела, Павле поминал околу четири години во притвор — две во Цезареја и две во Рим c (Дела 23:35; 24:27). Сепак, ја зачувал својата радост и продолжил да проповеда, правејќи сѐ што можел во службата за Бог. И многу Јеховини слуги денес остануваат радосни и не престануваат да проповедаат, и покрај тоа што неправедно се затворени поради својата вера. Размисли за Адолфо кој, поради својата христијанска неутралност, лежел во затвор во Шпанија. „Не можеме да ти се изначудиме“, рекол еден затворски службеник. „Правевме сѐ за да ти го загорчиме животот, но колку полошо се однесувавме, толку почесто ја гледавме твојата насмевка и слушавме љубезни зборови од тебе.“

24 Со текот на времето, затворската управа стекнала толкава доверба во Адолфо што неговата ќелија повеќе не ја заклучувале. Повремено кај него доаѓале војници и му поставувале прашања за Библијата. Еден стражар дури влегувал во неговата ќелија за да ја чита Библијата, додека Адолфо чувал стража. Така затвореникот „го чувал“ стражарот! Добриот пример на ваквите верни Сведоци нека нѐ поттикне и нас „уште посмело, без страв“ да ја зборуваме речта Божја, дури и во тешки ситуации.

25, 26. Кое извонредно пророштво се исполнило пред очите на Павле за неполни 30 години, и како ова пророштво се исполнува и во нашево време?

25 Еден апостол на Христос кој се наоѓа во куќен притвор го проповеда Божјето Царство на сите што доаѓаат кај него — колку охрабрувачка завршница на возбудливата книга Дела! Во првото поглавје, го прочитавме налогот што Исус им го дал на своите следбеници кога им рекол: „Ќе примите сила кога светиот дух ќе дојде врз вас, и ќе ми бидете сведоци во Ерусалим, во цела Јудеја и Самарија и сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:8). Неполни 30 години подоцна, пораката за Царството се проповедала „меѓу сите суштества под небото“ d (Кол. 1:23). Колку силно сведоштво за моќта на Божјиот дух! (Зах. 4:6).

26 Денес, истиот тој дух им дава сила на преостанатите Христови браќа, а и на нивните придружници од „другите овци“, да продолжат темелно да сведочат за Божјето Царство во 240 земји! (Јован 10:16; Дела 28:23). Дали и ти правиш сѐ што можеш во ова дело?

a Павле сакал да го задржи Онисим кај себе, но со ова би го прекршил римскиот закон и би ги погазил правата на христијанинот Филимон, чиј роб бил Онисим. Затоа, Онисим се вратил кај својот господар со писмо од Павле во кое апостолот го поттикнал Филимон да го прими својот роб љубезно, како христијански брат (Филим. 13-19).