ДВАЕСЕТ И ШЕСТО ПОГЛАВЈЕ
„Ниту една душа меѓу вас нема да пострада“
Павле доживува бродолом, но покажува голема вера и љубов кон луѓето
Се темели на Дела 27:1 — 28:10
1, 2. Каква пловидба го чекала Павле, и за што можеби бил загрижен?
„ЌЕ ОДИШ пред цезарот!“ — рекол управителот Фест. Овие зборови постојано му се враќаат на Павле во мислите. Тој е свесен дека ќе имаат силно влијание врз неговата иднина. Со оглед на тоа што поминал две години во затвор, ова долго патување до Рим, ако ништо друго, барем ќе му донесе некоја промена (Дела 25:12). Сепак, Павле нема само пријатни спомени од своите бројни поморски пловидби. И ова патување за Рим, кое на крајот ќе го доведе пред цезарот, сигурно го загрижува.
2 Павле многупати бил „во опасност на море“ — преживеал три бродоломи, па дури поминал цела ноќ и цел ден на отворено море (2. Кор. 11:25, 26). Освен тоа, ова нема да биде исто како мисионерските патувања на кои бил како слободен човек. Овојпат ќе патува како затвореник и ќе прејде огромно растојание — повеќе од 3.000 километри од Цезареја до Рим. Ќе успее ли да помине толкав пат и да остане жив и здрав? Дури и да успее, дали можеби на крајот од пловидбата сепак ќе го чека смртна пресуда? Не заборавај, тој ќе биде суден од најмоќниот човечки владетел во тогашниот Сатанов свет.
3. На што бил решен Павле, и што ќе разгледаме во ова поглавје?
3 По сето она што го прочита за Павле, што мислиш, дали паѓал во очај и безнадежност кога помислувал на она што стоело пред него? Сигурно не! Тој не знаел точно со какви неволји ќе се соочи, но бил свесен дека му претстојат тешки денови. Зошто би дозволил грижите за работи над кои немал никаква контрола да му ја задушат радоста што ја чувствувал во службата? (Мат. 6:27, 34). Павле знаел дека Јеховина волја за него е да ја искористи секоја прилика за да ја проповеда добрата вест за Божјето Царство, дури и на световните владетели (Дела 9:15). Тој бил решен да ја исполни својата задача, без оглед на сѐ. Зарем не сме решени и ние да го правиме истото? Затоа, да му се придружиме на Павле на ова историско патување и да учиме од неговиот пример.
„Дуваше спротивен ветар“ (Дела 27:1-7а)
4. На каков брод го започнал Павле своето патување, и кој бил заедно со него?
4 За Павле и за некои други затвореници се грижел римскиот стотник Јулиј, кој решил да се качат на еден трговски брод што пристигнал во Цезареја. Бродот дошол од Адрамитија, пристаништен град на западниот брег на Мала Азија, кој лежел спроти градот Митилена на островот Лезбос. Овој брод прво требало да плови на север, а потоа на запад, застанувајќи по пат за да истовари и за да утовари трговска стока. Овие бродови не биле наменети за превоз на патници, особено не за затвореници, и воопшто не биле удобни. (Види ја рамката „ Поморските патувања и трговските патишта“.) За среќа, Павле не бил единствениот христијанин меѓу цела група злосторници. Со него биле најмалку двајца соверници — Аристарх и Лука. Се разбира, Лука е тој кој запишал што се случувало. Не знаеме дали овие двајца верни соработници платиле за патувањето или биле сметани за слуги на Павле (Дела 27:1, 2).
5. Со кого можел Павле да се види во Сидон, и што учиме од тоа?
5 Откако пловел еден ден на север и поминал околу 110 километри, бродот се укотвил во Сидон, на брегот на Сирија. Очигледно, Јулиј не постапувал со Павле како со обичен злосторник, можеби затоа што Павле бил римски граѓанин и сѐ уште не било докажано дека е виновен (Дела 22:27, 28; 26:31, 32). Тој му дозволил да слезе од бродот и да се види со своите соверници. Тамошните браќа и сестри сигурно многу се радувале што можеле да се погрижат за апостолот кој толку долго бил в затвор! Дали ти паѓаат на ум ситуации кога и ти би можел да покажеш таква љубов и гостољубивост, и за возврат да бидеш охрабрен? (Дела 27:3).
6-8. Каква била пловидбата на Павле од Сидон до Книд, и која можност веројатно ја искористил тој за да проповеда?
6 Откако испловил од Сидон, бродот продолжил да се движи по должината на брегот и ја поминал Киликија, близу до Тарс, родниот град на Павле. Лука не кажува дали застанувале на други места, но спомнува дека дувал „спротивен ветар“, со што навестува дека постоела опасност да им се случи несреќа (Дела 27:4, 5). Сепак, можеме да си го замислиме Павле како ја користи секоја можност да сведочи за добрата вест. Сигурно им сведочел на останатите затвореници, како и на другите на бродот, вклучувајќи ги морнарите и војниците, а и на луѓето што ги сретнувал во сите пристаништа каде што се укотвувал бродот. Дали и ние денес ја користиме секоја можност да проповедаме?
7 По некое време, бродот стигнал во Мира, пристаништен град на јужниот брег на Мала Азија. Таму, Павле и другите морале да се качат на друг брод кој пловел за Рим, нивното крајно одредиште (Дела 27:6). Во тие денови, Египет бил житница на Рим, а египетските бродови натоварени со жито се укотвувале во Мира. Јулиј пронашол таков брод и ги качил на него војниците и затворениците. Веројатно, овој брод бил многу поголем од првиот. Превезувал голема количина жито, како и 276 луѓе — морнари, војници, затвореници, а веројатно и други патници кои оделе за Рим. Очигледно, кога се качиле на овој брод, имало уште повеќе луѓе на кои Павле можел да им проповеда, и тој сигурно ја искористил таа можност.
8 Следното пристаниште во кое застанале било во Книд, на најјугозападната точка на Мала Азија. При поволен ветар, тоа растојание можело да се помине со брод за еден ден. Но, Лука известува: „Со денови пловевме бавно и едвај стигнавме до Книд“ (Дела 27:7а). Условите за пловидба значително се влошиле. (Види ја рамката „ Спротивните ветрови на Средоземното Море“.) Замисли како се чувствувале луѓето на бродот кој, носен од силниот ветар, морал да се бори со високите бранови!
„Бурата жестоко нѐ фрлаше“ (Дела 27:7б-26)
9, 10. На какви тешкотии наишол бродот во близина на Крит?
9 Капетанот на бродот имал намера од Книд да продолжи на запад, но Лука, очевидец на сето ова, напишал: „Ветрот не ни даваше да одиме напред“ (Дела 27:7б). Како што бродот се оддалечувал од копното, во еден момент престанал да се движи во правецот на крајбрежната морска струја, а потоа еден силен северозападен ветар го повлекол кон југ, веројатно со голема брзина. Исто како што островот Кипар го штител првиот брод од спротивниот ветар, сега островот Крит му држел завет на овој брод. Штом го одминал ’ртот Салмона на источниот крај на Крит, работите навидум тргнале на подобро. Зошто? Бродот се нашол на јужната страна од островот, па затоа донекаде бил заштитен од силните ветрови. Замисли какво олеснување почувствувале луѓето на бродот — но тоа траело само кратко! Додека пловеле, на членовите на бродската посада им било јасно дека зимата е на прагот. Затоа имале вистинска причина за загриженост.
10 Лука дава детален опис на она што се случувало: „Со мака пловејќи покрај брегот [на Крит], стигнавме до едно место, кое се вика Добри Пристаништа“. Иако островот им држел завет, било тешко да се управува со бродот. Најпосле, успеале да се укотват во еден мал залив кој веројатно се наоѓал токму пред крајбрежјето да почне нагло да се протега кон север. Колку долго останале таму? Лука вели, „многу време“, а тие не можеле да си дозволат да изгубат толку денови. Пловењето било многу поопасно во септември и октомври (Дела 27:8, 9).
11. Каков совет им дал Павле на оние што патувале со него, но каква одлука била донесена?
11 Можеби некои патници барале совет од Павле бидејќи и порано пловел по Средоземното Море. Тој предложил бродот да не испловува. Ако продолжеле, пловидбата ќе завршела „несреќно, со голема загуба“, можеби дури и на човечки животи. Меѓутоа, кормиларот и сопственикот на бродот сакале да го продолжат патувањето, веројатно со намера што поскоро да стигнат до некое побезбедно пристаниште. Тие го убедиле Јулиј, а и повеќето се согласувале дека би било добро да стигнат некако до Феникс, пристаништен град на Крит. Веројатно, тамошното пристаниште било поголемо и подобро за презимување. Затоа, кога задувал благ јужен ветар, ја кренале котвата и испловиле (Дела 27:10-13).
12. На какви опасности наишол бродот откако испловил од Крит, и како посадата се обидела да го спаси?
12 Тогаш им се зголемиле маките — задувал североисточен „бурен ветар“. За кратко, пловеле во заветот на „еден мал остров наречен Клавда“, оддалечен околу 65 километри од Добри Пристаништа. Сепак, сѐ уште постоела опасност бродот да биде одвлечен на југ и да заринка во песочните наноси покрај брегот на Африка. Во очаен обид да го спречат тоа, морнарите го кренале чамецот што бродот го влечел по себе. Одвај успеале, најверојатно затоа што бил полн со вода. Потоа, со мака го обмотале трупот на бродот со јажиња или со синџири за да не се расцепи од силниот ветар и од брановите. Освен тоа, ги спуштиле едрата, мачејќи се за сето време да го свртат клунот спроти ветрот за да успеат да ја надминат бурата. Замисли колку мора да било страшно! И покрај сите овие мерки, бурата и понатаму жестоко ги фрлала ваму-таму. На третиот ден, ја исфрлиле бродската опрема, веројатно за да успеат полесно да го одржат бродот на површината (Дела 27:14-19).
13. Додека траела бурата, како им било на луѓето на бродот со кој патувал Павле?
13 Меѓу патниците сигурно владеела паника. Но, Павле и неговите придружници биле уверени дека ќе преживеат. Господарот Исус пред тоа му кажал на Павле дека ќе сведочи за него во Рим, и подоцна еден ангел му го потврдил ова ветување (Дела 19:21; 23:11). И покрај тоа, цели две недели, дење и ноќе, жестоката бура продолжила да беснее. Поради дождот што паѓал без престан и густите облаци од кои не можеле да се видат ни сонцето ни ѕвездите, кормиларот не можел да одреди ниту каде се наоѓале, ниту пак во кој правец пловеле. Никому не му паѓало на ум да јаде. Студот, дождот, морската болест и стравот биле толку големи што никој не помислувал на храна.
14, 15. а) Зошто Павле им го спомнал своето претходно предупредување на луѓето што биле на бродот? б) Што учиме од пораката на надеж што им ја пренел Павле?
14 Тогаш Павле застанал среде нив и им спомнал дека ги предупредил навреме. Се разбира, со тоа не сакал да им каже: „Ви реков, ама вие не ме послушавте!“ Напротив, сето тоа што се случувало било показател дека треба да го послушаат барем она што сега ќе им го каже. Тогаш им рекол: „Ви советувам да се разведрите, бидејќи ниту една душа меѓу вас нема да пострада, туку само бродот“ (Дела 27:21, 22). Без сомнение, овие зборови биле како мелем на рана за оние што ги чуле! Сигурно и самиот Павле многу се радувал што Јехова му дал да сподели со нив една таква порака на надеж. Многу е важно да не заборавиме дека на Јехова му се важни сите човечки животи. Тој го сака секој човек. Апостол Петар напишал: „Јехова... не сака никој да биде уништен, туку сите да дојдат до покајание“ (2. Пет. 3:9). Навистина е многу важно да им ја пренесуваме Јеховината порака на надеж на што е можно повеќе луѓе! Во прашање се скапоцени животи.
15 Веројатно, Павле им сведочел на мнозина на бродот за „надежта во ветувањето што [го дал] Бог“ (Дела 26:6; Кол. 1:5). Сега можел да им даде силна причина за надеж дека ќе го преживеат и претстојниот бродолом. Тој им рекол: „Ноќеска ми пристапи ангел... и рече: ’Не плаши се, Павле! Ти треба да застанеш пред цезарот, и еве, Бог ти ги подари сите што пловат со тебе‘“. Потоа ги поттикнал: „Затоа, разведрете се, луѓе! Му верувам на Бог дека ќе биде токму онака како што ми е речено. Но мора да заринкаме на некој остров“ (Дела 27:23-26).
„Сите стигнаа живи на копното“ (Дела 27:27-44)
16, 17. а) Во која прилика се помолил Павле, и каков бил резултатот? б) Како се исполнило она што го претскажал Павле?
16 По цели две страшни седмици, во кои бродот бил носен од ветрот околу 870 километри, морнарите забележале промена — можеби слушнале како брановите удираат во брегот. Ги фрлиле котвите од крмата за да не удрат во гребените и за да го свртат клунот кон копното во случај да можат да го заринкаат бродот. Тогаш се обиделе да побегнат, но војниците ги спречиле. Павле им рекол на воениот заповедник и на војниците: „Ако овие луѓе не останат на бродот, вие не можете да се спасите!“ Откако бродот малку се стабилизирал, Павле ги поттикнал сите да јадат нешто, и повторно ги уверил дека ќе преживеат. Потоа му се заблагодарил на Бог пред сите нив (Дела 27:31, 35). Со тоа што му ја упатил оваа благодарна молитва на Бог, тој им дал пример на Лука, Аристарх и на христијаните денес. Дали и твоите јавни молитви се извор на охрабрување и утеха за другите?
17 Откако Павле се помолил, сите се разведриле и почнале и самите да јадат (Дела 27:36). Потоа, уште повеќе го растовариле бродот, фрлајќи го житото в море, за бродот да се поткрене пред да се приближи до брегот. Кога се разденило, морнарите ги отсекле котвите, ги одврзале јажињата на веслата за кормиларење и го подигнале предното едро за да имаат некаква контрола над бродот додека да го заринкаат. Но, тогаш клунот се заглавил, можеби во песочен нанос или во тиња, а крмата почнала да се крши од силата на брановите. Некои војници сакале да ги убијат затворениците за да не побегнат, но Јулиј се вмешал и ги спречил во тоа. Потоа ги поттикнал сите да пливаат до копното или да се фатат за штица или за некој друг предмет, и така да стигнат до брегот. Она што го претскажал Павле навистина се случило — сите 276 души се спасиле. Сите стигнале живи на копното. Но, кое било тоа место? (Дела 27:44).
„Несекојдневна љубезност“ (Дела 28:1-10)
18-20. Како жителите на Малта покажале „несекојдневна љубезност“, и кое чудо го направил Бог преку Павле?
18 Оние кои го преживеале бродоломот, всушност, се нашле на островот Малта, јужно од Сицилија. (Види ја рамката „ Каде била Малта?“) Жителите на островот, кои зборувале на непознат јазик, им покажале „несекојдневна љубезност“ (Дела 28:2). Запалиле оган за овие туѓинци кои допливале до нивниот брег мокри и премрзнати. И покрај студот и дождот, успеале да се стоплат покрај огнот, каде што се случило и едно чудо.
19 Павле сакал да помогне, па затоа собрал гранки и ги фрлил во огнот. Но, наеднаш, излегла отровница и го каснала, останувајќи да виси на неговата рака. Малтежаните помислиле дека боговите го казнуваат за нешто. a
20 Мештаните кои виделе дека Павле го каснала змија очекувале „да отече“. Според еден лексикон, на изворниот јазик овој израз е „медицински термин“. Не е чудно што таков израз веднаш му паднал на ум на „Лука, саканиот лекар“ (Дела 28:6; Кол. 4:14). Како и да е, Павле ја истресол раката, отровната змија паднала во огнот, а нему ништо не му се случило.
21. а) Кои точни изјави и описи на болести се наоѓаат во овој дел од извештајот на Лука? б) Кои чуда ги направил Павле, и какво влијание имале тие врз жителите на Малта?
21 На тој остров живеел богатиот земјопоседник Публиј. Тој веројатно бил главен римски службеник на Малта, бидејќи Лука го нарекол „управителот на островот“, користејќи го истиот назив што е пронајден и на два малтешки натписи. Тој гостољубиво ги примил Павле и двајцата негови соработници, и тие останале кај него три дена. Но, татко му на Публиј бил болен. Лука повторно дава точен опис на неговата состојба. Тој ја навел медицинската дијагноза на болеста кога напишал дека таткото на Публиј го мачела треска и дизентерија, па лежел. Павле се помолил, ги положил рацете врз човекот и го излекувал. Восхитени од ова чудо, мештаните почнале да ги носат своите болни за да ги излекува и носеле дарови со кои биле задоволени потребите на Павле и на неговите соработници (Дела 28:7-10).
22. а) Со кои пофални зборови еден професор го опишал извештајот на Лука за патувањето до Рим? б) Што ќе разгледаме во следното поглавје?
22 Сѐ што кажал Лука во врска со овој дел од патувањето на Павле е точно до детаљ. Еден професор го изјавил следново: „Извештајот на Лука... е еден од најживописните делови во целата Библија. Деталите што ги дава во врска со морепловството во првиот век се толку прецизни, а описот на условите во источното Средоземје е толку точен“, што мора да се темелат на белешки кои некој ги водел во дневник. Многу е веројатно дека Лука правел такви белешки додека патувал со апостолот. Ако е така, тогаш имал многу да пишува и за следниот дел од патувањето. Што се случило со Павле кога конечно пристигнале во Рим? Да видиме.
a Тоа што жителите на Малта препознале дека станува збор за змија отровница покажува дека во тоа време имало такви змии на островот. Денес, на Малта повеќе нема вакви змии. Веројатно тоа е последица на промените во животната средина кои настапиле низ вековите. Или можеби луѓето ги истребиле со текот на времето како што сѐ повеќе се населувале на овој остров.