Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ДВАЕСЕТ И ТРЕТО ПОГЛАВЈЕ

„Чујте што ќе ви речам... во своја одбрана!“

„Чујте што ќе ви речам... во своја одбрана!“

Павле ја брани вистината пред насилни толпи и пред Судскиот совет

Се темели на Дела 21:18 — 23:10

1, 2. Зошто апостол Павле дошол во Ерусалим, и какви проблеми го чекале таму?

 ЕРУСАЛИМ! Павле повторно чекори по тесните, прометни улички на овој град. Не постои друго место на Земјата што одиграло толку важна улога во историјата на Божјиот народ. Повеќето негови жители се гордеат со тоа славно минато. Павле е свесен дека и мнозина од овдешните христијани премногу се потпираат на својата историја, и тоа донекаде ги спречува да прават промени во склад со она што Јехова им го открива сега. Тој знае дека ним им е потребна и духовна помош, а не само материјалната помош што им ја носи, и која била главната причина зошто решил — уште додека бил во Ефес — повторно да дојде во овој град (Дела 19:21). И покрај опасноста која можеби го демнела во Ерусалим, тој не се откажал од својата намера.

2 Но, што го чека сега Павле во овој град? Еден проблем ќе му направат некои од самите Христови следбеници, кои се вознемирени од она што го чуле за него. Но, уште поголема неволја му подготвуваат непријателите на Христос. Тие ќе изнесат лажни обвиненија против Павле, ќе го тепаат и ќе му се закануваат со смрт. Сепак, овие бурни настани ќе му дадат и можност да се брани. Понизноста, храброста и верата што ги покажал додека се справувал со овие тешкотии се извонреден пример за христијаните денес. Да видиме во кој поглед.

„Почнаа да го слават Бог“ (Дела 21:18-20а)

3-5. а) На каков состанок присуствувал Павле во Ерусалим, и за што се зборувало? б) Кои поуки можеме да ги извлечеме од состанокот на Павле со старешините во Ерусалим?

3 Следниот ден откако стигнале во Ерусалим, Павле и неговите соработници отишле да се видат со старешините во тамошното собрание. Во извештајот на Лука не се спомнува ниту еден од апостолите што биле живи во тоа време. Можеби дотогаш сите заминале да служат во други делови од светот. Но Јаков, братот на Исус, сѐ уште бил таму (Гал. 2:9). Веројатно, тој го водел состанокот на кој присуствувале Павле и „сите старешини“ (Дела 21:18).

4 Павле ги поздравил старешините и потоа подробно ги известил за она што Бог го направил „меѓу незнабошците преку неговата служба“ (Дела 21:19). Можеме да си замислиме колкаво охрабрување било тоа за браќата! И ние денес се радуваме кога слушаме како напредува проповедањето во други земји (Изр. 25:25).

5 За време на состанокот, Павле веројатно ги спомнал прилозите што ги донел од Европа. Оние што го слушале сигурно биле трогнати од грижата што ја покажале за нив браќата кои живееле во толку далечни места. Всушност, кога го ислушале Павле, старешините почнале да го слават Бог! (Дела 21:20а). Слично реагираат и многу браќа и сестри денес, кои биле жртви на катастрофи или се мачат со тешки болести. Тие се длабоко трогнати кога соверниците им пружаат навремена помош и ги тешат со охрабрувачки зборови.

Мнозина сѐ уште „ревносно се држат за Законот“ (Дела 21:20б, 21)

6. За кој проблем дознал Павле?

6 Тогаш старешините му кажале на Павле дека во Јудеја има еден проблем што го засега него лично. Тие рекле: „Гледаш, брате, колку илјади верници има меѓу Евреите, и сите тие ревносно се држат за Законот. Но слушнаа за тебе дека сите Евреи што се меѓу незнабошците ги поучуваш да отстапат од Мојсеј, велејќи им да не ги обрежуваат децата и да не живеат според еврејските обичаи“ a (Дела 21:20б, 21).

7, 8. а) Кое погрешно гледиште го имале многу христијани во Јудеја? б) Зошто погрешното размислување на некои еврејски христијани не може да се смета за отпадништво?

7 Зошто толку многу христијани сѐ уште биле ревносни за Мојсеевиот закон, иако поминале повеќе од 20 години откако тој престанал да важи? (Кол. 2:14). Во 49 год. од н.е., апостолите и старешините кои се состанале во Ерусалим испратиле писмо до собранијата во кое објасниле дека верниците од другите народи не мора да се обрежуваат и да го држат Мојсеевиот закон (Дела 15:23-29). Меѓутоа, во тоа писмо не биле спомнати еврејските верници, од кои мнозина не сфаќале дека Мојсеевиот закон престанал да важи.

8 Дали овие еврејски верници не можеле да бидат христијани затоа што не ги разбирале исправно работите? Не. Не станувало збор за луѓе што порано им служеле на лажни богови и кои сега продолжувале да ги држат верските обичаи од религијата на која ѝ припаѓале пред тоа. Законот што толку многу им значел на тие еврејски верници, всушност, во почетокот бил даден од Јехова. Во него немало ништо демонско ниту погрешно. Но, тој Закон бил поврзан со стариот сојуз, а христијаните сега биле под новиот сојуз. Оние што сакале исправно да му служат на вистинскиот Бог повеќе не морале да им се подложуваат на одредбите од сојузот на Законот. Еврејските христијани кои ревносно го држеле Законот немале доволно разбирање и доверба во христијанското собрание. Тие требало да го ускладат своето размислување со новите работи што Бог им ги открил во врска со вистината b (Ерем. 31:31-34; Лука 22:20).

„Нема ништо во она што го чуле за тебе“ (Дела 21:22-26)

9. Што поучувал Павле во врска со Мојсеевиот закон?

9 Дали било точно тоа што се зборувало за Павле дека ги поучува Евреите што се меѓу незнабошците „да не ги обрежуваат децата и да не живеат според еврејските обичаи“? Тој бил испратен како апостол кај другите народи, и нив ги поучил во склад со одлуката дека не-Евреите не мора да го држат Законот. Освен тоа, покажал и дека е погрешно некој да ги убедува нееврејските верници да се обрежуваат во знак на послушност кон Мојсеевиот закон (Гал. 5:1-7). Во градовите што ги посетил, Павле им ја проповедал добрата вест и на Евреите. Тој сигурно им објаснил на своите заинтересирани слушатели дека, со смртта на Исус, Законот престанал да важи и дека праведност се постигнува со вера, а не со држење на Законот (Рим. 2:28, 29; 3:21-26).

10. Каков урамнотежен став имал Павле кон Законот и обрежувањето?

10 Сепак, Павле имал разбирање за оние што сакале да држат некои од еврејските обичаи, на пример да не работат во сабота или да не јадат одредена храна (Рим. 14:1-6). И не поставил правила за обрежувањето. Всушност, самиот го обрежал Тимотеј за да не ги навреди непотребно Евреите кои знаеле дека таткото на ова момче бил Грк (Дела 16:3). Обрежувањето било прашање на личен избор. Павле им рекол на Галатите: „Ниту обрежувањето има некаква вредност ниту необрежувањето, туку верата која преку дела се покажува во љубовта“ (Гал. 5:6). Но, ако некој се обрежел за да покаже дека го држи Законот, или пак тврдел дека обрежувањето е неопходно за да се стекне Јеховината милост, тоа би било показател за недоволна вера.

11. Кој совет му го дале старешините на Павле, и што ќе требало да прави за да ги послуша? (Види ја и фуснотата.)

11 Значи, она што се зборувало за Павле воопшто не било вистина, но сепак, еврејските верници биле вознемирени. Од таа причина, старешините му го дале следниов совет: „Имаме четворица луѓе кои се под завет. Поведи ги тие луѓе, исчисти се обредно заедно со нив и плати за нив да си ги избричат главите. Така сите ќе знаат дека нема ништо во она што го чуле за тебе, туку дека си на правиот пат и дека се држиш за Законот“ c (Дела 21:23, 24).

12. Како покажал Павле дека е приспособлив и спремен да соработува кога добил совет од старешините во Ерусалим?

12 Павле можел да приговори дека вистинскиот проблем не било тоа што се зборувало за него, туку приврзаноста на тие еврејски христијани кон Мојсеевиот закон. Но, тој бил спремен да го направи она што се барало од него сѐ додека било во склад со Божјите мерила. Некое време пред тоа, самиот напишал: „На оние под закон им бев како под закон — иако не сум под законот — за да ги придобијам оние што се под законот“ (1. Кор. 9:20). Во овој случај, Павле соработувал со старешините во Ерусалим и станал „како под закон“. Со тоа дал добар пример за нас денес да соработуваме со старешините и да не настојуваме да ги правиме работите по свое (Евр. 13:17).

Кога не се работело за кршење на библиски начела, Павле попуштал. А ти?

„Не заслужува да живее!“ (Дела 21:27 — 22:30)

13. а) Зошто некои Евреи предизвикале бунт меѓу народот во храмот? б) Како бил спасен Павле?

13 Работите не тргнале на добро во храмот. Кон крајот на седумте дена одредени за обредно очистување на мажите кои биле под завет, Евреите од Азија го здогледале Павле, лажно го обвиниле дека довел не-Евреи во храмот и предизвикале бунт меѓу народот. Да не се вмешал римскиот воен заповедник, Павле ќе бил претепан до смрт. На крајот, заповедникот сепак го уапсил, и од тој момент поминале повеќе од четири години пред да биде пуштен на слобода. Но, опасноста во која се наоѓал сега сѐ уште не поминала. Кога заповедникот ги прашал Евреите зошто го нападнале, сите почнале да викаат и да изнесуваат различни обвиненија. Од силната врева, заповедникот не можел да разбере ништо. На крајот, војниците морале на раце да го однесат Павле од тоа место. Кога Павле и римските војници дошле на влезот од касарната, тој му рекол на заповедникот: „Те молам, дозволи ми да му се обратам на народот!“ (Дела 21:39). Заповедникот се согласил, и Павле почнал храбро да зборува во одбрана на својата вера.

14, 15. а) Што им објаснил Павле на Евреите? б) Што презел римскиот заповедник за да дознае зошто Евреите биле бесни?

14 „Чујте што ќе ви речам сега во своја одбрана!“ — рекол Павле (Дела 22:1). Тој му се обратил на мноштвото на хебрејски јазик, и тоа ги стивнало присутните. Потоа, без да заобиколува, им објаснил зошто станал следбеник на Христос. Во своето објаснување, вешто спомнал некои работи што Евреите можеле да ги проверат, доколку сакале. Павле бил школуван крај нозете на познатиот Гамалиел и ги прогонувал следбениците на Христос, како што веројатно знаеле и некои од присутните. Но, додека бил на пат за Дамаск, во видение му се појавил воскреснатиот Христос, кој зборувал со него. Луѓето што патувале со Павле виделе светлина и слушнале дека зборува некој глас, но не ги разбрале зборовите (Дела 9:7; 22:9). По тој настан, тие морале да го водат Павле за рака до Дамаск затоа што ослепел од видението. Таму, Ананија, човек што го знаеле Евреите од тој град, со чудо му го вратил видот.

15 Потоа Павле им кажал дека, кога се вратил во Ерусалим, Исус му се појавил во храмот. Во тој момент, Евреите многу се вознемириле и почнале да викаат: „Отстранете го од земјата таквиот, зашто не заслужува да живее!“ (Дела 22:22). За да го спаси, заповедникот им наредил на војниците да го одведат Павле во касарната. Решен да открие зошто Евреите биле бесни на овој човек, заповедникот одредил да биде испитан со камшикување. Но, тогаш Павле го искористил своето законско право на заштита, и кажал дека е римски граѓанин. На сличен начин, Јеховините слуги денес ја користат заштитата што им ја нуди законот за да ја бранат својата вера. (Види ја рамката „ Римскиот закон и римските граѓани“ и рамката „ Правни битки во нашево време“.) Кога слушнал дека Павле е римски граѓанин, заповедникот сфатил дека ќе мора на друг начин да добие информации. Следниот ден, го извел пред Судскиот совет, врховниот суд на Евреите, кој посебно се собрал за таа цел.

„Јас сум фарисеј“ (Дела 23:1-10)

16, 17. а) Што се случило кога Павле му се обратил на Судскиот совет? б) Каков пример за понизност дал Павле кога некој го удрил?

16 Павле ја започнал својата одбрана пред Судскиот совет со следниве зборови: „Луѓе, браќа, јас до ден-денес живеам пред Бог со потполно чиста совест“ (Дела 23:1). Но, не успеал да каже ништо повеќе. Извештајот вели: „Тогаш првосвештеникот Ананија им нареди на оние што стоеја покрај него да го удрат по уста“ (Дела 23:2). Каква навреда! И колку голем показател за нивните тешки предрасуди — го обележале Павле како лажливец уште пред да го сослушаат! Ништо чудно што тој одвратил: „Бог ќе те удри тебе, ѕиду варосан! Како можеш да седиш тука и да ми судиш според Законот, а го престапуваш Законот заповедајќи да ме удираат?“ (Дела 23:3).

17 Некои од присутните останале стаписани — но не поради тоа што некој го удрил Павле, туку поради она што го кажал овој апостол! Тие строго го прашале: „Зарем го навредуваш Божјиот првосвештеник?“ Со својот одговор, Павле им покажал што значи понизност и почит кон Законот. „Браќа, не знаев дека е првосвештеник. Зашто, напишано е: ’Не зборувај зло за поглаварот на својот народ!‘“ d (Дела 23:4, 5; 2. Мој. 22:28). Павле сега применил друг пристап. Кога забележал дека некои во Судскиот совет се фарисеи, а некои садукеи, тој извикал: „Луѓе, браќа, јас сум фарисеј, син на фарисеи! Ми судат поради надежта во воскресението на мртвите!“ (Дела 23:6).

Исто како Павле, бараме заеднички јазик кога зборуваме со луѓе од други религии

18. Зошто Павле рекол дека е фарисеј, и како можеме да го следиме неговиот пример кога ќе се најдеме во одредени околности?

18 Зошто Павле рекол дека е фарисеј? Затоа што бил „син на фарисеи“, односно потекнувал од семејство што ѝ припаѓало на таа секта. Затоа, мнозина сѐ уште би го сметале за таков. e Но, како можел да каже дека верува во воскресението како што верувале фарисеите? Според некои извори, фарисеите сметале дека душата останува да живее откако ќе умре телото и дека душите на праведните еден ден повторно ќе живеат како луѓе. Павле не верувал во такво нешто. Тој верувал во воскресението како што поучувал Исус (Јован 5:25-29). Сепак, се сложувал со фарисеите дека има надеж за живот откако човек ќе умре — спротивно на садукеите, кои воопшто не верувале дека мртвите ќе живеат повторно. Можеме да користиме сличен пристап кога разговараме со православни, католици или протестанти. Би можеле да им кажеме дека, исто како и тие, и ние веруваме во Бог. Точно, можеби тие веруваат во тројство, додека ние веруваме во Богот за кого зборува Библијата. Но, заедничко ни е тоа што веруваме дека постои Бог.

19. Зошто состанокот на Судскиот совет завршил со неред?

19 Изјавата на Павле предизвикала поделба во Судскиот совет. Извештајот вели: „Затоа настана голема викотница. И некои книжници од страната на фарисеите станаа и жестоко се спротивставија, велејќи: ’Не наоѓаме ништо лошо кај овој човек. Но, ако му зборувал дух или ангел, тогаш...‘“ (Дела 23:9). Самото спомнување на ангел кој можеби зборувал со Павле им било одбивно на садукеите, кои не верувале во ангели! (Види ја рамката „ Садукеите и фарисеите“.) Настанал толку голем неред што заповедникот повторно морал да го спасува апостолот (Дела 23:10). Но, Павле сѐ уште не бил надвор од опасност. Што му се случило потоа? За ова ќе дознаеме повеќе во следното поглавје.

a Сигурно имало многу собранија што се состанувале во приватни куќи за да бидат задоволени духовните потреби на големиот број еврејски христијани.

b Неколку години подоцна, апостол Павле го напишал своето писмо до Евреите, во кое покажал колку е подобар новиот сојуз. Во тоа писмо, тој јасно образложил дека, по воспоставувањето на тој нов сојуз, стариот повеќе не важел. Освен што изнел уверливи аргументи кои еврејските христијани можеле да ги употребат за да им одговорат на Евреите, силните докази што ги навел сигурно ја зајакнале и верата на некои христијани кои му придавале преголема важност на Мојсеевиот закон (Евр. 8:7-13).

c Изучувачите сметаат дека тие луѓе дале назарејски завет (4. Мој. 6:1-21). Точно е дека Мојсеевиот закон, кој пропишувал таков завет, повеќе не важел. Сепак, можеби Павле сметал дека не е погрешно тие луѓе да исполнат завет што му го дале на Јехова. Според тоа, за него не било погрешно да појде со нив и да им ги плати трошоците. Не знаеме точно за каков завет станува збор, но каков и да бил, сигурно Павле не би ги поддржал ако требало да принесат животинска жртва (како што правеле назарејците), сметајќи дека со неа ќе се исчистат од грев. Откако Христос го дал својот живот како совршена жртва, со ваквите животински жртви не може да се плати откупот за некој грев. Што и да сторил Павле, можеме да бидеме уверени дека сигурно не направил ништо против својата совест.

d Некои сметаат дека Павле не гледал добро, па затоа не го препознал првосвештеникот. Или можеби не знаел кој е тогашниот првосвештеник бидејќи долго време не бил во Ерусалим. Или едноставно не можел да види низ мноштвото кој бил тој што заповедал да го удрат.

e Кога во 49 год. од н.е. апостолите и старешините дискутирале за тоа дали не-Евреите мора да го држат Мојсеевиот закон, за некои христијани што биле присутни таму се вели дека биле „од фарисејската секта, кои ја... примиле верата“ (Дела 15:5). Се чини дека ова било случај затоа што, пред да станат христијани, овие луѓе биле фарисеи.