ДВАНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ
„Зборуваа смело во името на Јехова“
Павле и Варнава покажуваат дека се понизни, истрајни и смели
Се темели на Дела 14:1-28
1, 2. Што се случило додека Павле и Варнава биле во Листра?
ВО Листра владее метеж. Еден човек, сакат од раѓање, скока од радост откако двајца непознати луѓе го излекувале. Народот не може да си дојде при себе од ова чудо, а еден свештеник донесува венци за двајцата мажи кои мноштвото ги смета за богови. Неколку бикови мукаат и бревтаат додека свештеникот на Зевс се подготвува да ги заколе. Павле и Варнава не можат да поверуваат во она што се случува! Раскинувајќи ги своите облеки, тие се втурнуваат меѓу луѓето молејќи ги на сет глас да не им се клањаат, но едвај успеваат да ги спречат во тоа.
2 Тогаш стигнуваат еврејски противници од писидиска Антиохија и од Иконија. Со злобни клевети, тие им го трујат умот на жителите на Листра. Истото мноштво, кое пред кратко време сакало да им принесе жртви на Павле и на Варнава, одеднаш се свртува против нив и го засипува Павле со камења сѐ додека тој не паѓа во несвест. Откако му го истураат сиот свој гнев, тие го влечат надвор од градот неговото тело, полно со модринки и рани, и го оставаат мислејќи дека е мртов.
3. Кои прашања ќе ги разгледаме во ова поглавје?
3 Што водело до овој немил настан? Што можат денешните објавители на добрата вест да научат од она што се случило со Варнава, Павле и со превртливите жители на Листра? И како можат христијанските старешини да го следат примерот на верните Варнава и Павле, кои истрајно ја вршеле својата служба и зборувале „смело во името на Јехова“? (Дела 14:3).
„Големо мноштво... станаа верници“ (Дела 14:1-7)
4, 5. Зошто Павле и Варнава отпатувале за Иконија, и што се случило таму?
4 Кратко пред тоа, Павле и Варнава биле истерани од римскиот град Антиохија (во Писидија) откако еврејските противници ги подбуцнале луѓето против нив. Но, наместо да се обесхрабрат, двајцата го истресле „правот од своите нозе“ за сведоштво против жителите на тој град што не ја прифатиле нивната порака (Дела 13:50-52; Мат. 10:14). Потоа мирно си заминале и ги оставиле тие противници да си ја чекаат казната што ќе ја добијат од Бог (Дела 18:5, 6; ). Со несмалена радост, овие мисионери го продолжиле своето проповедничко патување. Пешачејќи околу 150 километри на југоисток, тие стигнале до една плодна висорамнина опкружена со планинските венци Таурус и Султан. 20:26
5 Најпрво, Павле и Варнава запреле во Иконија, град во кој сѐ уште преовладувала грчката култура и кој, всушност, бил еден од најважните градови во римската провинција Галатија. a Во овој град имало влијателна еврејска заедница, како и голем број преобратеници во еврејската вера. Според својот обичај, Павле и Варнава влегле во синагогата и почнале да проповедаат (Дела 13:5, 14). Тие зборувале „на таков начин што големо мноштво Евреи и Грци“ станале верници (Дела 14:1).
6. Зошто Павле и Варнава биле добри учители, и како може да го следиме нивниот пример?
6 Зошто начинот на кој зборувале Павле и Варнава родил таков плод? Павле имал огромно познавање на Светото писмо. Тој вешто цитирал делови од историските и пророчките списи, како и од Мојсеевиот закон, за да докаже дека Исус е ветениот Месија (Дела 13:15-31; 26:22, 23). А во зборовите на Варнава, пак, се гледала вистинска заинтересираност за луѓето (Дела 4:36, 37; 9:27; 11:23, 24). Ни Павле ни Варнава не се потпирале на своето мислење, туку зборувале „во името на Јехова“. Како можеш да го следиш примерот на овие мисионери додека проповедаш? Така што ќе ги правиш следниве работи: Темелно запознај се со Божјата Реч. Избери библиски стихови што најверојатно ќе ги интересираат твоите соговорници. Труди се на практичен начин да ги утешиш оние на кои им проповедаш. И, секогаш темели го своето поучување на Јеховината Реч, а не на својата сопствена мудрост.
7. а) Како реагираат луѓето на добрата вест? б) Ако твоето семејство е поделено затоа што си ѝ послушен на добрата вест, на што треба да се сетиш?
7 Меѓутоа, сите во Иконија не биле среќни кога го слушале она што им го кажувале Павле и Варнава. Лука продолжува: „Евреите што не поверуваа ги растревожија незнабошците и ги подбуцнаа против браќата“. Павле и Варнава сфатиле дека би било мудро да се задржат во тоа место и да ја бранат добрата вест, па затоа останале подолго време таму и зборувале смело. Како резултат на тоа, мноштвото од градот се поделило: едните биле „за Евреите, а другите за апостолите“ (Дела 14:2-4). Денес добрата вест наидува на слична реакција кај луѓето — едни ги обединува, но кај други предизвикува поделби (Мат. 10:34-36). Ако твоето семејство е поделено затоа што си ѝ послушен на добрата вест, сети се дека противењето честопати е реакција на неосновани гласини или на чисти клевети. Со своето добро однесување можеш да ги побиеш тие лаги и, на крајот, дури и да ги омекнеш срцата на оние што ти се противат (1. Пет. 2:12; 3:1, 2).
8. Зошто Павле и Варнава си заминале од Иконија, и што учиме од ова?
8 По некое време, противниците во Иконија сковале план да ги каменуваат Павле и Варнава. Кога разбрале за тоа, овие двајца мисионери решиле да проповедаат на друго подрачје (Дела 14:5-7). Објавителите на Царството постапуваат на сличен начин и денес. Кога се соочуваме со вербални напади, ние зборуваме со смелост (Фил. 1:7; 1. Пет. 3:13-15). Но, ако некој ни се заканува со физичко насилство, се трудиме да бидеме разумни и да не правиме ништо со кое би можеле непотребно да го доведеме во опасност својот живот или животот на соверниците (Изр. 22:3).
Обратете се „кон живиот Бог“ (Дела 14:8-19)
9, 10. Каде се наоѓала Листра, и што знаеме за нејзините жители?
9 Павле и Варнава се упатиле кон Листра, римска колонија на 30-тина километри југозападно од Иконија. Листра одржувала блиски врски со писидиска Антиохија, но, за разлика од тој град, таму немало голема еврејска заедница. Иако жителите веројатно зборувале грчки, нивниот мајчин јазик бил ликаонски. Можеби затоа што во градот немало синагога, Павле и Варнава почнале да проповедаат на јавно место. Додека бил во Ерусалим, Петар излекувал еден човек сакат од раѓање. Во Листра, Павле излекувал човек кој исто така бил сакат од раѓање (Дела 14:8-10). Поради чудото што го направил Петар, големо мноштво луѓе станале верници (Дела 3:1-10). Но, чудото што го направил Павле, предизвикало сосема спротивна реакција.
10 Како што беше опишано во почетокот на ова поглавје, кога сакатиот човек скокнал на нозе, мноштвото пагански жители на Листра веднаш дошле до погрешен заклучок. Варнава го нарекле Зевс, врховниот бог, а Павле Хермес, синот на Зевс и гласник на боговите. (Види ја рамката „ Листра и култот на Зевс и Хермес“.) Но, Варнава и Павле биле решени да му помогнат на мноштвото да сфати дека она што го зборувале и го правеле не било во името на паганските богови, туку во името на Јехова, единствениот вистински Бог (Дела 14:11-14).
11-13. а) Што им кажале Павле и Варнава на жителите на Листра? б) Која поука можеме да ја извлечеме од зборовите на Павле и Варнава?
11 И покрај сета таа збрка, Павле и Варнава сѐ уште се труделе на најдобар начин да допрат до срцето на своите слушатели. Опишувајќи ја оваа случка, Лука спомнал и еден делотворен начин на кој добрата вест им се проповедала на не-Евреите. Забележи како Павле и Варнава им се обратиле на своите слушатели: „Луѓе, зошто го правите тоа? И ние сме само луѓе, како и вие! Ви ја објавуваме добрата вест да се обратите од тие ништожни работи кон живиот Бог, кој ги создаде небото и земјата и морето и сѐ што е во нив. Тој во поранешните поколенија дозволи сите народи да одат по своите патишта, иако не ве остави без сведоштво за себе: правеше добро, ви даваше дожд од небото и плодоносни времиња и ги полнеше вашите срца со храна и веселост“ (Дела 14:15-17).
12 Кои поуки можеме да ги извлечеме од овие значајни зборови? Прво, Павле и Варнава не сметале дека се подобри од оние на кои им проповедале. Не се преправале дека се нешто што не се. Напротив, понизно признале дека ги имаат истите слабости како и не-Евреите што ги слушале. Точно, Павле и Варнава добиле свет дух и биле ослободени од лажните учења. Исто така, им била дадена надежта дека ќе владеат со Христос. Сепак, им било јасно дека и жителите на Листра можеле да ги добијат истите тие дарови ако му се послушни на Христос.
13 Со каков став им проповедаме ние на другите? Дали ги сметаме за рамни на себе? Дали и ние, исто како Павле и Варнава, не бараме слава за себеси додека им помагаме на луѓето да ги дознаат вистините од Божјата Реч? Чарлс Тејз Расел, кој бил извонреден учител и предводел во проповедничкото дело кон крајот на 19-тиот и во почетокот на 20-тиот век, дал добар пример за ова. Тој напишал: „Не бараме луѓето да ни оддаваат посебна чест и почести нам лично, ниту на она што го пишуваме; ниту пак сакаме некој да нѐ нарекува Пречесен или Рави“. Брат Расел имал слична понизност како Павле и Варнава. Исто како нив, и ние не сакаме луѓето да ни се восхитуваат нам кога проповедаме, туку сакаме да им помогнеме да се обратат „кон живиот Бог“.
14-16. Кои други две работи ги учиме од она што Павле и Варнава им го кажале на жителите на Листра?
14 Размисли за уште една работа што можеме да ја научиме од нивните зборови. Павле и Варнава биле приспособливи. За разлика од Евреите и преобратениците во Иконија, жителите на Листра немале речиси никакво познавање на Писмата, ниту пак на односот што Бог го имал со израелскиот народ. Но, мнозина од оние што ги слушале Павле и Варнава биле земјоделци. Листра имала блага клима и нивите во тој крај богато раѓале. Тие луѓе можеле да видат безброј работи, како на пример плодоносните годишни времиња, кои им ги откривале Божјите особини. Затоа овие мисионери ја искористиле таа заедничка појдовна точка за да им помогнат да ја разберат вистината (Рим. 1:19, 20).
15 Дали можеме и ние да бидеме приспособливи? Иако еден земјоделец може да посее исто семе на повеќе ниви, тој користи различни методи за да ја подготви почвата за сеење. На некоја нива, земјата можеби е веќе мека и погодна да го прими семето, но на друга можеби ѝ треба поголема подготовка. И симболичното семе што ние го сееме секогаш е исто — тоа е пораката за Царството од Божјата Реч. Сепак, ако сме како Павле и Варнава, ќе се обидеме да ги согледаме околностите и верувањата на луѓето на кои им проповедаме. А потоа ќе дозволиме ваквиот увид да влијае врз начинот на кој ќе им ја пренесеме пораката за Царството (Лука 8:11, 15).
16 Од извештајот за Павле, Варнава и жителите на Листра учиме уште нешто. И покрај нашите најискрени напори, семето што го сееме понекогаш ќе биде грабнато или ќе падне на каменито место (Мат. 13:18-21). Ако се случи такво нешто, не очајувај. Како што Павле подоцна ги потсетил христијаните во Рим, „секој од нас [вклучувајќи го и секое лице со кое зборуваме за Божјата Реч] ќе положи сметка за себе пред Бог“ (Рим. 14:12).
„Му ги доверија на Јехова“ (Дела 14:20-28)
17. Каде отишле Павле и Варнава откако си заминале од Дерва, и зошто?
17 Откако жителите на Листра го одвлечкале Павле надвор од градот и го оставиле таму сметајќи дека е мртов, учениците се собрале околу него, а тој станал и се вратил да преноќева во градот. Следниот ден, Павле и Варнава тргнале на пат долг 100 километри за Дерва. Можеме да си замислиме колку болно било за Павле ова напорно патување, со оглед на тоа што бил каменуван само неколку часа пред тоа. И покрај сѐ, тој и Варнава истрајале и, кога пристигнале во Дерва, направиле „многу ученици“. А потоа, наместо да тргнат по пократкиот пат кон сириска Антиохија, градот од каде што го почнале патувањето, тие се вратиле „во Листра, во Иконија и во [писидиска] Антиохија“. Со која цел? Да ги зајакнат „учениците, храбрејќи ги да останат во верата“ (Дела 14:20-22). Каков извонреден пример дале овие двајца луѓе! Поважно им било доброто на собранието отколку нивната лична удобност. Патувачките надгледници и мисионерите денес го следат нивниот пример.
18. Што прави едно старешинство кога одлучува дали ќе препорача некој брат да биде именуван за старешина?
18 Освен што ги зајакнале учениците со своите зборови и пример, Павле и Варнава им поставиле старешини „во секое собрание“. Иако биле „испратени од светиот дух“ на ова мисионерско патување, Павле и Варнава сепак постеле и се молеле кога му ги довериле старешините на Јехова (Дела 13:1-4; 14:23). Слично нешто се прави и денес. Пред да препорача некого да служи како именуван брат во собранието, старешинството разгледува дали тој ги исполнува библиските барања, при што во молитва бара водство од Бог (1. Тим. 3:1-10, 12, 13; Тит 1:5-9; Јак. 3:17, 18; 1. Пет. 5:2, 3). Не е најважно колку долго тој брат е христијанин, туку важно е она што го зборува и го прави, како и мислењето што другите го имаат за него, бидејќи таквите работи се показател во која мера светиот дух дејствува во неговиот живот. Дали ќе биде препорачан да служи како пастир на стадото зависи од тоа дали ги исполнува барањата за надгледници што се изнесени во Библијата (Гал. 5:22, 23). Покраинскиот надгледник има одговорност да именува браќа кои ќе служат на ваков начин. (Спореди со 1. Тимотеј 5:22.)
19. За што се свесни старешините дека ќе положат сметка, и како го следат примерот на Павле и на Варнава?
19 Именуваните старешини знаат дека ќе положат сметка пред Бог за начинот на кој постапуваат со собранието (Евр. 13:17). Исто како Павле и Варнава, старешините предводат во проповедањето. Тие ги зајакнуваат соверниците со своите зборови и спремни се да го стават доброто на собранието пред својата лична удобност (Фил. 2:3, 4).
20. Како ни користи читањето на извештаите за трудот што верно го вложуваат нашите браќа?
20 Кога конечно се вратиле во сириска Антиохија, од каде што и го започнале патувањето, Павле и Варнава раскажале за сѐ што направил „Бог преку нив и дека на незнабошците“ им ја отворил „вратата кон верата“ (Дела 14:27). Додека читаме за трудот што верно го вложуваат нашите браќа и гледаме како Јехова ги благословува нивните напори, охрабрени сме и понатаму да зборуваме „смело во името на Јехова“.
a Види ја рамката „ Иконија — град на Фригијците“.