Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 19

Дали е добро да се тепаш?

Дали е добро да се тепаш?

ПОЗНАВАШ ЛИ некои деца, машки или женски, што сакаат да се прават важни и силни?— Сакаш ли да се дружиш со нив или повеќе сакаш да се дружиш со некои што се добри и мирни?— Големиот Учител рекол: „Среќни се мирољубивите, бидејќи тие ќе бидат наречени ‚Божји синови‘ “ (Матеј 5:9).

Но, понекогаш другите прават работи што нѐ лутат. Зарем не е така?— Затоа, можеби сакаме да им вратиме со иста мера. Еднаш тоа им се случило на учениците на Исус кога патувале со него кон Ерусалим. Да ти раскажам.

Кога поминале дел од патот, Исус испратил некои од учениците да појдат пред другите во едно самарјанско село за да им најдат место да се одморат. Но, луѓето таму не сакале Исус и учениците да останат затоа што Самарјаните имале поинаква религија. И тие не сакале никого од оние што оделе да обожаваат во градот Ерусалим.

Што сакале да направат Јаков и Јован за да им вратат на Самарјаните?

Да ти се случеше ова тебе, што ќе направеше? Дали ќе се налутеше? Дали ќе сакаше да им вратиш со иста мера?— Тоа сакале да го направат учениците Јаков и Јован. Тие му рекле на Исус: „Сакаш ли да кажеме да слезе оган од небото и да ги уништи?“ Не е ни чудо што Исус нив двајцата ги нарекол Синови на громот! Но, Исус им рекол дека не е добро да постапуваат така со другите луѓе (Лука 9:51-56; Марко 3:17).

Точно е дека луѓето можеби понекогаш се лоши кон нас. Можеби другите деца не сакаат да си играме со нив. Може дури и да ни речат: „Не сакаме да се дружиме со тебе“. Кога ќе се случи такво нешто, може да ни биде многу тешко, нели? Можеби ќе сакаме да им вратиме со иста мера. Но, треба ли да им вратиме?—

Ајде, земи ја твојата Библија. Да отвориме во Пословици, 24. поглавје, 29. стих. Таму пишува: „Не зборувај: ‚Како што тој ми направи мене, така ќе му направам и јас нему; ќе му платам на тој човек според неговото дело‘ “.

Што мислиш, што сака да каже овој стих?— Сака да каже дека не треба да се обидуваме да враќаме со иста мера. Не треба да бидеме лоши кон некого само затоа што тој е лош кон нас. Но, што ако некој се обиде да те натера да се степаш? Можеби ќе проба да те налути така што ќе ти измислува грди прекари. Можеби ќе ти се смее и ќе ти рече дека се плашиш. Да речеме дека те нарекува кукавица. Што треба да направиш? Треба ли да си дозволиш да се степаш?—

Ајде пак да видиме што вели Библијата. Отвори во Матеј, 5. поглавје, 39. стих. Таму Исус вели: „Не спротивставувај му се на оној кој е злобен; туку, кој ќе ти удри шлаканица по десниот образ, сврти му го и другиот“. Што мислиш, што сакал Исус да каже со тоа? Дали мислел дека ако некој те удри со тупаница по едната страна од лицето, треба да му дозволиш да те удри и по другата?—

Не, Исус воопшто не сакал да го каже тоа. Шлаканица не е исто што и удар со тупаница. Тоа е повеќе како некој да те поттурне. Некој може да ни удри шлаканица за да започне тепачка. Сака да нѐ налути. Ако се налутиме и ние му вратиме така што ќе го турнеме, што се случува?— Веројатно ќе се степаме.

Но, Исус не сакал неговите ученици да се тепаат. Затоа рекол дека ако некој ни удри шлаканица, не треба да му вратиме со шлаканица. Не треба да се налутиме и да се степаме. Ако се степаме, покажуваме дека не сме ништо подобри од оној што ја почнал тепачката.

Ако дојде до проблем, што мислиш дека е најдобро да направиш?— Најдобро е да се тргнеш. Можеби другиот ќе те поттурне уште неколку пати. Но, веројатно тоа ќе биде сѐ. Ако се тргнеш, тоа не значи дека си слабак. Тоа значи дека си цврст во она што е исправно.

Што треба да правиме ние ако некој се обиде да се степа со нас?

Но, што ако се степаш и победиш? Што би можело да се случи тогаш?— Оној што си го истепал може да се врати со уште неколку другари. Тие би можеле дури и да те повредат со некој голем стап или со нож. Значи, дали сега сфаќаш зошто Исус не сакал да се тепаме?—

Што треба да правиме ако видиме како други се тепаат? Треба ли да застанеме на едната или на другата страна?— Библијата ни кажува што е исправно. Отвори во Пословици, 26. поглавје, 17. стих. Овде вели: „Пес фаќа за уши [оној] кој при поминувањето се замешува во препирка што не го засега него“.

Како мешањето во тепачките на другите луѓе е како да се фаќа куче за уши? Не го прави тоа, зашто може да бидеш повреден!

Што ќе се случи ако фатиш пес, или куче, за уши? Тоа ќе го заболи, и кучето ќе проба да те фати со забите, зарем не? Колку повеќе кучето пробува да се ослободи толку поцврсто ќе мораш да го држиш за ушите и кучето ќе стане уште полуто. Ако го пуштиш, веројатно силно ќе те касне. Но, можеш ли едноставно да стоиш таму и да го држиш за ушите засекогаш?—

Па, во таква неприлика ќе се најдеме ако се замешаме кога други се тепаат. Можеби не знаеме кој ја почнал тепачката ниту зошто се тепаат. Можеби некој добива ќотек, но причината можеби е тоа што му украл нешто на другиот. Ако му помогнеме, тогаш му помагаме на крадец. Тоа не би било исправно, нели?—

Значи, што треба да направиш ако видиш тепачка?— Ако тоа е на училиште, можеш да отрчаш и да ѝ кажеш на учителката. А ако е надвор од училиштето, можеш да повикаш некој од родителите или некој полицаец. Да, дури и кога другите сакаат да се тепаат, ние треба да бидеме мирољубиви.

Што треба да правиш ако видиш тепачка?

Вистинските ученици на Исус прават сѐ што можат за да избегнат да се тепаат или да се караат. На тој начин покажуваме дека сме цврсти во она што е исправно. Библијата вели дека еден ученик на Исус „не треба да се кара, туку треба да биде благ кон сите“ (2. Тимотеј 2:24).

Сега, да видиме и други добри совети што ќе ни помогнат да избегнуваме тепачки: Римјаните 12:17-21 и 1. Петрово 3:10, 11.