Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 5

„Ова е мојот син“

„Ова е мојот син“

КОГА децата прават добри работи, оние што се грижат за нив се радуваат. Кога некое девојче прави нешто добро, татко му е среќен што може да им каже на другите: „Ова е мојата ќерка“. Или, ако некое момче прави добри работи, таткото е среќен што може да рече: „Ова е мојот син“.

Исус секогаш го прави она што го радува неговиот Татко. Затоа Татко му се гордее со него. Се сеќаваш ли што направил Татко му кога еден ден Исус бил со тројца свои ученици?— Да, Бог зборувал дури од небото и им рекол: „Ова е мојот Син, љубениот, кого го одобрив“ (Матеј 17:5).

На Исус секогаш му е мило да прави нешта што го радуваат неговиот Татко. Знаеш ли зошто? Затоа што тој навистина го сака својот Татко. Ако некој прави нешто само затоа што мора, тоа изгледа тешко. Но, полесно е кога спремно го прави тоа. Знаеш ли што значи спремно?— Тоа значи навистина да сакаш да направиш нешто.

Уште пред да дојде на земјата, Исус спремно сакал да направи сѐ што Татко му барал од него. Така е затоа што тој го сака својот Татко, Јехова Бог. Исус имал прекрасно место на небото, кај својот Татко. Но, Бог имал за Исус една посебна работа. За да ја изврши, Исус морал да замине од небото. Морал да се роди како бебе на земјата. Исус спремно сакал да направи така бидејќи Јехова го барал тоа од него.

Зошто Исус бил ставен во јасли?

За да се роди како бебе на земјата, Исус морал да има мајка. Знаеш ли која била таа?— Се викала Марија. Јехова го испратил од небото својот ангел Гавриел за да разговара со Марија. Гавриел ѝ рекол дека ќе има машко бебе. На бебето требало да му дадат име Исус. А кој ќе бил татко на бебето?— Ангелот рекол дека Татко на бебето ќе бил Јехова Бог. Затоа Исус ќе бил наречен Божји Син.

Што мислиш, како гледала Марија на ова?— Дали рекла: „Јас не сакам да му бидам мајка на Исус“? Не, Марија била спремна да го направи тоа што Бог го барал. Но, како можел Божјиот Син што бил на небото да се роди како бебе на земјата? Како раѓањето на Исус се разликувало од раѓањето на сите други бебиња? Знаеш ли?—

Па, Бог ги направил нашите први родители, Адам и Ева, така што тие можеле да се соединат на еден прекрасен начин. Потоа во мајката можело да почне да расте бебе. Луѓето велат дека тоа е чудо! Сигурен сум дека и ти го мислиш истото.

Но, Бог направил едно уште повосхитувачко чудо. Го зел животот на својот Син од небото и го ставил во Марија. Бог никогаш порано немал направено нешто такво, а не направил ни оттогаш наваму. Како резултат на ова чудо, Исус почнал да расте во Марија исто како што и другите бебиња растат во своите мајки. Потоа, Марија се омажила за Јосиф.

Кога дошло време Исус да се роди, Марија и Јосиф биле во градот Витлеем. Но, тој бил полн со луѓе. За Марија и за Јосиф немало ни соба, па тие морале да се сместат на едно место каде што се чувале животните. Таму Марија го родила Исус и тој бил ставен во јасли, како што можеш да видиш овде. Јасли се место каде што се става храна за кравите и за други животни.

Што ѝ рекол ангелот Гавриел на Марија?

Ноќта кога се родил Исус се случиле возбудливи работи. Во близината на Витлеем, еден ангел им се појавил на некои овчари. Тој им кажал дека Исус е важна личност. Ангелот им рекол: ‚Еве, ви кажувам добра вест што ќе ги направи луѓето среќни. Денес се роди некој што ќе ги спаси луѓето‘ (Лука 2:10, 11).

Која добра вест им ја кажал еден од овие ангели на овчарите?

Ангелот им рекол на овчарите дека можат да го најдат Исус во Витлеем, како лежи во јасли. Потоа, одеднаш, и други небесни ангели му се придружиле на првиот ангел да го фалат Бог. „Слава на Бог“, пееле ангелите, „а на земјата мир меѓу луѓето на добра волја“ (Лука 2:12-14).

Кога ангелите си заминале, овчарите отишле во Витлеем и го нашле Исус. Таму им кажале на Јосиф и на Марија за сите добри работи што ги чуле. Можеш ли да си замислиш колку само била среќна Марија што спремно сакала да му стане мајка на Исус?

Подоцна Јосиф и Марија го одвеле Исус во градот Назарет. Таму Исус пораснал. Кога станал возрасен, почнал со својата голема работа на поучување. Тоа било дел од работата што Јехова Бог сакал неговиот Син да ја изврши на земјата. Исус спремно сакал да ја изврши таа работа бидејќи многу го сакал својот небесен Татко.

Пред да ја започне својата работа како Голем Учител, Исус бил крстен на реката Јордан од Јован Крстител. Тогаш се случило нешто зачудувачко! Кога Исус излегол од водата, Јехова прозборел од небото и рекол: „Ова е мојот Син, љубениот, кого го одобрив“ (Матеј 3:17). Зарем не се чувствуваш убаво кога родителите ти кажуваат дека те сакаат?— Можеме да бидеме сигурни дека и Исус се чувствувал така.

Исус секогаш го правел она што било исправно. Не се преправал дека е нешто што не е. Не им кажувал на луѓето дека е Бог. Ангелот Гавриел ѝ рекол на Марија дека Исус ќе биде наречен Син Божји. Самиот Исус рекол дека е Божји Син. И, тој не им кажувал на луѓето дека знае повеќе од својот Татко. Тој рекол: „Таткото е поголем од мене“ (Јован 14:28).

Уште додека бил на небото, кога Татко му ќе му дал некоја работа, Исус ја извршувал. Не велел дека ќе го стори тоа а потоа правел нешто друго. Тој го сакал својот Татко. Затоа го слушал она што му го кажувал Татко му. Потоа, кога дошол на земјата, Исус го правел она за кое го испратил неговиот небесен Татко. Не го трошел времето работејќи нешто друго. Не е ни чудо што Јехова му се радува на својот Син!

И ние сакаме да го радуваме Јехова, нели?— Затоа мораме да покажеме дека навистина го слушаме Бог, како што го слушал и Исус. Бог ни зборува преку Библијата. Не би било добро да се преправаме дека го слушаме Бог, а потоа да веруваме и да правиме работи што се спротивни на Библијата, нели?— И запомни, ако навистина го сакаме Јехова, ќе ни биде мило да го радуваме.

Сега, да ги прочитаме и овие стихови кои покажуваат што треба да знаеме и да веруваме за Исус: Матеј 7:21-23; Јован 4:25, 26 и 1. Тимотеј 2:5, 6.