Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 12

Исус нѐ учи да се молиме

Исус нѐ учи да се молиме

ДАЛИ зборуваш со Јехова Бог?— Тој сака да зборуваш со него. Кога зборуваш со Бог, тоа се вика молитва. Исус често зборувал со својот Татко на небото. Понекогаш сакал да биде сам кога зборувал со Бог. Библијата вели дека еднаш ‚се качил на гората сам за да се моли. Иако станало доцна, таму бил сам‘ (Матеј 14:23).

Каде можеш да му се молиш насамо на Јехова?— Можеби можеш насамо да зборуваш со Јехова навечер, пред да си легнеш. Исус рекол: „Кога се молиш, влези во својата приватна соба и, откако ќе ја затвориш вратата, помоли му се на својот Татко“ (Матеј 6:6). Дали му се молиш на Јехова секоја вечер пред да си легнеш?— Треба да го правиш тоа.

Исус се молел кога бил сам . . . и кога бил со другите

Исус се молел и кога со него имало други луѓе. Кога умрел неговиот пријател Лазар, Исус се помолил со другите на местото каде што бил положен Лазар (Јован 11:41, 42). А Исус се молел и кога имал состаноци со своите ученици. Одиш ли ти на состаноци каде што се кажува молитва?— Таму обично ќе се помоли некој постар. Слушај внимателно што кажува тој, затоа што зборува со Бог и за тебе. Потоа ќе можеш да кажеш „Амин“ на молитвата. Знаеш ли што значи да се каже „Амин“ на крајот од молитвата?— Тоа значи дека молитвата ти се допаѓа. Значи дека се согласуваш со неа и дека сакаш таа да биде и твоја молитва.

Зошто треба внимателно да ги слушаш молитвите што се кажуваат на состаноците?

Исус се молел и кога јаделе. Му се заблагодарувал на Јехова за храната. Се молиш ли ти секогаш пред да јадеш?— Добро е да му благодариме на Јехова за храната пред да почнеме да јадеме. Кога јадете заедно, можеби молитвата ќе ја каже некој друг. Но, што ако јадеш сам? Или, што ако јадеш со луѓе кои не му се заблагодаруваат на Јехова?— Тогаш треба ти сам да си кажеш молитва.

Мора ли секогаш да се молиш наглас? Дали Јехова може да те чуе и ако ја кажеш молитвата во себе?— Одговорот можеме да го дознаеме од она што му се случило на Неемија. Тој бил обожавател на Јехова и работел во палатата на персискиот цар Артаксеркс. Еден ден Неемија многу се нажалил бидејќи чул дека биле разурнати ѕидините на Ерусалим, главниот град на неговиот народ.

Кога можеш да се помолиш во себе, како што се помолил Неемија?

Кога царот го прашал Неемија зошто е нажален, тој најпрвин се помолил во себе. Потоа му кажал на царот зошто бил нажален и го прашал дали може да отиде во Ерусалим и повторно да ги изгради ѕидините. Што се случило?—

Да, Бог одговорил на молитвата на Неемија. Царот му рекол дека може да оди! Царот дури му дал на Неемија и многу дрва за да ги изгради ѕидините. Значи, Бог навистина може да одговори на нашите молитви, дури и кога ги кажуваме во себе (Неемија 1:2, 3; 2:4-8).

Размисли и за ова. Треба ли да ја наведнеш главата кога се молиш? Треба ли да клекнеш на коленици? Што мислиш?— Понекогаш Исус клекнувал на коленици кога се молел. Другпат стоел. А некогаш ја подигал главата кон небото додека се молел, како што направил кога се помолил за Лазар.

Значи, што покажува ова?— Да, ова покажува дека не е важно во каква положба се молиш. Понекогаш е добро да ја наведнеш главата и да ги затвориш очите. Другпат можеби дури ќе сакаш и да клекнеш на коленици, како што направил Исус. Но, запомни, можеме да му се молиме на Бог во секое време, дење или ноќе, и тој ќе нѐ чуе. Важно за молитвата е тоа што ние навистина веруваме дека Јехова слуша. Веруваш ли дека Јехова ти ги слуша молитвите?—

За што можеш да зборуваш со Бог во молитва?

Што треба да кажеме во нашите молитви до Јехова?— Па, кажи ми: Кога се молиш, за што зборуваш со Бог?— Јехова ни дава толку многу добри работи и исправно е да му се заблагодариме за нив, нели?— Можеме да му се заблагодариме за храната што ја јадеме. Но, дали некогаш си му се заблагодарил за синото небо, за зелените дрвја и за убавите цвеќиња?— Тој ги направил и нив.

Еднаш учениците го замолиле Исус да ги научи како да се молат. Тогаш Големиот Учител ги поучил, и им кажал кои се најважните работи за кои треба да се молат. Знаеш ли кои се тие работи?— Ајде земи ја твојата Библија и отвори во Матеј 6. поглавје. Во стихови 9 до 13 се наоѓа она што многу луѓе го нарекуваат Оченаш или Господова молитва. Да ја прочитаме заедно.

Овде учиме дека Исус ни рекол да се молиме за Божјето име. Кажал да се молиме Божјето име да се свети, односно со него да се постапува како со нешто свето. Кое е Божјето име?— Да, Божјето име е Јехова, и ние треба да го сакаме тоа име.

Второ, Исус нѐ поучил да се молиме да дојде Божјето Царство. Ова Царство е важно бидејќи ќе донесе мир и ќе ја направи земјата рај.

Трето, Големиот Учител рекол да се молиме да се врши Божјата волја на земјата како што се врши на небото. Ако се молиме за тоа, тогаш треба да го правиме она што Бог сака да го правиме.

Понатаму, Исус нѐ поучил да се молиме за храната што ни е потребна за денот. Освен тоа, тој рекол дека треба да му кажеме на Бог дека ни е жал кога правиме лоши работи. И треба да го молиме Бог да ни прости. Но, пред тој да ни прости, ние мораме да им простиме на другите ако ни направиле нешто лошо. Дали ти е лесно да простуваш?—

На крајот, Исус рекол дека треба да се молиме Јехова Бог да нѐ заштити од злобниот, Сатана Ѓаволот. Значи, сите овие се добри работи за кои треба да го молиме Бог.

Треба да веруваме дека Јехова ги слуша нашите молитви. Освен што треба да го молиме да ни помогне, треба и постојано да му благодариме. Тој е среќен кога навистина го мислиме она што го кажуваме во молитва и кога бараме од него исправни работи. Тој и ќе ни ги даде овие работи. Веруваш ли во тоа?—

Уште повеќе добри совети за молитвата има во Римјаните 12:12; 1. Петрово 3:12 и 1. Јованово 5:14.