Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 16

Што е навистина важно?

Што е навистина важно?

Каков проблем имал овој човек?

ЕДЕН ден кај Исус дошол некој човек. Тој знаел дека Исус е многу мудар, па затоа му рекол: ‚Учителе, кажи му на брат ми да ми даде дел од неговите работи‘. Човекот мислел дека треба да добие некои од тие работи.

Да си бил ти Исус, што ќе си му рекол?— Исус видел дека тој човек има проблем. Но, проблемот не бил во тоа дека му било потребно она што го имал брат му. Проблемот на човекот бил во тоа што не знаел што било навистина важно во животот.

Да размислиме за ова. Што треба да ни биде најважно? Да имаме убави играчки, нова облека или други такви работи?— Не, има нешто што е многу поважно. Токму тоа е поуката што Исус сакал да ја даде. Затоа раскажал приказна за еден човек што заборавил на Бог. Сакаш ли да ја слушнеш?—

Овој човек бил многу богат. Имал земја и амбари. Житото што го насадил родило многу. Во своите амбари немал доволно место за целото жито. Што да прави? Си рекол: ‚Ќе ги урнам амбарите и ќе направам уште поголеми. Потоа, во новите амбари ќе го соберам сето свое жито и сите добри работи‘.

Богатиот човек си мислел дека е мудро да направи вака. Си мислел дека бил многу паметен што собрал многу работи. Си рекол: ‚Имам собрано многу добри работи. Со нив ќе поминам многу години. Затоа, сега можам да се опуштам. Ќе јадам, ќе пијам и ќе уживам‘. Но, имало нешто погрешно во размислувањето на богатиот човек. Знаеш ли што?— Тој мислел само на себеси и на своето задоволство. Заборавил на Бог.

За што размислува овој богат човек?

Затоа, Бог зборувал со богатиот човек. Му рекол: ‚Ти, глупав човеку. Вечерва ќе умреш. Кој тогаш ќе ги има работите што си ги собрал?‘ Ќе може ли тој богат човек да ги користи тие работи по својата смрт?— Не, ќе ги добие некој друг. Исус рекол: „Така бидува со оној човек кој си собира благо, а не е богат пред Бога“ (Лука 12:13-21).

Ти не сакаш да бидеш како тој богат човек, нели?— Негова главна цел во животот била да собира материјални работи. Тоа било грешка. Секогаш сакал да има повеќе. Но, не бил „богат пред Бога“.

Многу луѓе се како тој богат човек. Секогаш сакаат да имаат повеќе. Но, ова може да доведе до големи проблеми. На пример, ти имаш играчки, нели?— Какви играчки имаш? Ајде кажи ми некоја?— Што ако некое твое другарче има топка или кукла или некоја друга играчка што ти ја немаш? Ќе биде ли исправно да ги тераш родителите да ти купат таква и на тебе?—

Некогаш можеби ти изгледа дека некоја играчка е многу важна. Но, што се случува со неа по некое време?— Таа станува стара. Може да се скрши, и потоа дури не ја ни сакаш повеќе. Всушност, ти имаш нешто што е многу повредно од играчките. Знаеш ли што е тоа?—

Што имаш ти што е повредно од играчките?

Тоа е твојот живот. Твојот живот е многу важен бидејќи без него не можеш да правиш ништо. Но, твојот живот зависи од тоа дали го правиш она што му се допаѓа на Бог, нели?— Затоа, да не бидеме како глупавиот богат човек што заборавил на Бог.

Не се само децата тие што можат да прават глупави работи како тој богат човек. Тоа го прават и многу возрасни. Некои од нив секогаш сакаат уште повеќе од она што веќе го имаат. Можеби имаат што да јадат тој ден, имаат што да облечат и имаат каде да живеат. Но, сакаат уште повеќе. Сакаат многу облека. И сакаат уште поголеми куќи. За овие работи требаат пари. Затоа тие работат напорно за да имаат многу пари. И колку повеќе имаат, сакаат уште повеќе.

Некои возрасни толку многу работат за да имаат пари што немаат време да бидат со своето семејство. А немаат време ни за Бог. Можат ли со парите да си купат живот?— Не, не можат. Можат ли да ги користат своите пари откако ќе умрат?— Не. Тоа е затоа што мртвите не можат да прават ништо (Проповедник 9:5, 10).

Дали ова значи дека е погрешно да имаме пари?— Не. Со парите можеме да купиме храна и облека. Библијата вели дека тие се заштита (Проповедник 7:12). Но, ако имаме љубов кон парите, тогаш ќе имаме проблеми. Ќе бидеме како глупавиот човек што собирал богатство за себе, а не бил богат пред Бог.

Што значи да бидеме богати пред Бог?— Тоа значи да го ставиме Бог на прво место во нашиот живот. Некои луѓе велат дека веруваат во Бог. Мислат дека треба само да веруваш, и тоа е сѐ. Но, дали тие се навистина богати пред Бог?— Не, тие се како богатиот човек што заборавил на Бог.

Исус никогаш не го заборавил својот небесен Татко. Не се обидувал да заработи многу пари. А и немал многу материјални работи. Исус знаел што било навистина важно во животот. Знаеш ли ти што е тоа?— Тоа е да се биде богат пред Бог.

Што прави ова дете, а е навистина важно?

Што мислиш, како можеме да бидеме богати пред Бог?— Можеме да бидеме богати пред Бог ако го правиме она што му е угодно. Исус рекол: „Секогаш го правам она што му е угодно“ (Јован 8:29). На Бог му е мило кога го правиме она што го сака тој. А сега кажи ми, кои работи можеш да ги правиш за да му угодиш на Бог?— Да, можеш да ја читаш Библијата, да одиш на христијанските состаноци, да му се молиш на Бог и да им помагаш на другите да научат за него. Ова се, навистина, најважните работи во животот.

Затоа што Исус бил богат пред Бог, Јехова се грижел за него. Му дал награда да живее засекогаш. Ако сме како Исус, Јехова ќе нѐ сака и ќе се грижи и за нас. Затоа, да бидеме како Исус и никогаш да не бидеме како тој богат човек што заборавил на Бог.

Еве некои библиски стихови што покажуваат како да имаме исправно гледиште за материјалните работи: Пословици 23:4; 28:20; 1. Тимотеј 6:6-10 и Евреите 13:5.