Што им е потребно на децата од родителите
СИТЕ родители имаат удел во еден настан што човек не може во потполност да го разбере. Секој родител дава дел од себеси. Како резултат на тоа, она што се развива внатре во мајката е целосно оформена жива личност. Затоа, не изненадува тоа што кога ќе се роди бебе, луѓето зборуваат за тој настан како за „чудото на раѓањето“.
Се разбира, раѓањето на детето е само почеток на одговорноста на родителите. Во почетокот, човечките бебиња се скоро целосно зависни, но како што растат, потребно им е нешто повеќе од физичко внимание. Потребна им е помош за да се развиваат умствено, емоционално, морално и духовно.
За да можат здраво да се развиваат, на децата особено им е потребна љубовта на родителите. Иако е важно да се искажува љубов со зборови, потребни се дела за да се поткрепат зборовите. Да, на децата им треба добар пример од родителите. Потребно им е морално водство, начела по кои ќе живеат. И, овие работи им се потребни од рана возраст. Може да се случат и се случуваат жалосни работи ако на децата не им се помогне пред да биде предоцна.
Најдобрите начела што можат да се најдат се оние во Библијата. Поуката што се темели на Библијата има ненадминливи предности. Преку таа поука децата почнуваат да сфаќаат дека она што им се кажува не е нешто што го вели некој човек, туку нешто што го вели нивниот Творец, нивниот небесен Татко. Ова на советот му дава неспоредлива сила.
Библијата ги охрабрува родителите да се трудат да ги всадуваат праведните начела во умовите на своите деца. Меѓутоа, како што децата растат, родителите честопати увидуваат дека им е тешко да разговараат со нив за работи што се од најголема важност. Оваа книга,
Учи од Големиот Учител, е наменета да се спречи да дојде до таква ситуација. На родителите и на нивните деца ќе им даде духовен материјал за да го читаат заедно. Освен тоа, треба да ги поттикне децата и оние што ја читаат оваа книга со нив да разговараат.Ќе забележиш дека во книгата се очекуваат одговори од страна на децата. Во отпечатениот материјал се дадени многу соодветни прашања. Кога ќе дојдеш до нив, ќе видиш долга црта (—). Таа ќе те потсети да застанеш и да го охрабриш детето да одговори. Децата сакаат да бидат вклучени. Ако не е вклучено, детето бргу ќе изгуби интерес.
Но, што е уште поважно, овие прашања ќе ти помогнат тебе да дознаеш за што размислува детето. Точно, детето може да даде одговори што не се точни. Но, отпечатениот материјал што следи по секое прашање е наменет да му помогне на детето да развие здрав образец на размислување.
Посебно обележје на книгата се нејзините повеќе од 230 слики. До повеќето од нив стои текст што е наменет да го охрабри детето да одговори, на темел на она што го гледа и што го прочитало. Затоа, разгледај ги сликите со детето. Тие можат да бидат добро помагало за поучување што ќе ги нагласи важните работи што ги учат.
Кога детето учи да чита, охрабри го само да си ја чита книгата, а да ти чита и тебе. Колку повеќе тоа ја чита книгата, толку повеќе нејзиниот добар совет ќе се всадува во неговиот ум и срце. Но, за да се зајакнат врските на наклоност и почит меѓу тебе и твоето дете, треба заедно да ја читате книгата и тоа да го правите редовно.
На еден начин што се чинеше скоро незамислив пред неколку децении, децата се изложени на недозволен секс, спиритизам и други деградирачки практики. Затоа им е потребна заштита, која оваа книга помага да се даде на еден достоинствен, но отворен начин. Сепак, децата особено треба да се насочат кон Изворот на сета мудрост, нашиот небесен Татко, Јехова Бог. Тоа е она што Исус, Големиот Учител, секогаш го правел. Искрено се надеваме дека оваа книга ќе ти помогне тебе и на твоето семејство да ги обликувате своите животи за да му угодите на Јехова, на ваш вечен благослов.