Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ДЕЛ 3

Повредени чувства — кога имаме „жалба против некого“

Повредени чувства — кога имаме „жалба против некого“

„Една сестра од моето собрание ме обвини дека сум ѝ украла пари, но тоа не беше вистина. Кога се расчу во собранието, браќата и сестрите почнаа да заземаат страни. На крајот, сестрата ми кажа дека дознала некои информации кои ѝ потврдиле дека не сум виновна. Иако ми се извини, едноставно не можев да ѝ простам за сета болка што ми ја нанесе“ (Линда).

ДАЛИ и ти, исто како Линда, си бил длабоко повреден од некој соверник? За жал, некои толку многу се вознемириле поради однесувањето на другите што дозволиле тоа негативно да влијае врз нивната служба за Јехова. Дали можеби ова е случај и со тебе?

Може ли некој да „нѐ одвои од Божјата љубов“?

Мора да признаеме дека може да ни биде многу тешко да му простиме на некој соверник што нѐ повредил. Всушност, и Библијата вели дека христијаните треба да се сакаат, а не да се повредуваат (Јован 13:34, 35). Ако некој соверник ни згреши, разочарувањето и болката може да нѐ скршат (Псалм 55:12).

Библијата отворено ни кажува дека понекогаш христијаните може да имаат „жалба“ еден против друг (Колошаните 3:13). Но, кога ние лично ќе се најдеме во таква ситуација, може да ни биде многу тешко да го решиме проблемот. Што ќе ни помогне во тоа? Да разгледаме три библиски начела.

Нашиот небесен Татко знае сѐ што се случува. Јехова гледа сѐ, вклучувајќи ги и неправдите што ги доживуваме и болката што тие ни ја предизвикуваат (Евреите 4:13). Освен тоа, Јехова сочувствува со нас кога страдаме (Исаија 63:9). Тој никогаш нема да дозволи ни неволја ни мака ни што и да е друго — дури ни некој негов слуга — да нѐ одвои од неговата љубов (Римјаните 8:35, 38, 39). Зарем не сме поттикнати и ние да постапиме како Јехова така што нема да дозволиме никој или ништо да ни го наруши односот со него?

Да простиш не значи да прогледаш низ прсти. Кога им простуваме на оние што ни згрешиле, ние не замижуваме пред нивните грешки, ниту, пак, го оправдуваме она што го направиле. Не заборавај дека Јехова никогаш не ги оправдува погрешните постапки, но простува кога има основа за тоа (Псалм 103:12, 13; Авакум 1:13). Тој нѐ поттикнува да им простуваме на другите и така да го следиме неговиот пример. Во Библијата пишува дека Јехова не „чувствува гнев довека“ (Псалм 103:9; Матеј 6:14).

За наше добро е да не држиме лутина и огорченост. Замисли си дека земаш еден камен кој тежи неколку килограми и го држиш со испружени раце. Сигурно нема да ти биде тешко да го подржиш каменот за кратко време. Но, што ако се обидеш да го држиш подолго време? Колку долго ќе можеш да издржиш? Неколку минути? Еден час? Подолго? Без сомнение, брзо ќе се измориш. Се разбира, каменот сѐ уште ќе ја има истата тежина. Но, колку подолго го држиш толку потежок ќе ти биде. Истото важи и за лутината. Колку подолго држиме лутина — макар и за некоја мала работа — толку поголема штета ќе си нанесеме. Токму затоа Јехова нѐ поттикнува да се ослободиме од лутината и огорченоста. Ако го сториме тоа, ќе се чувствуваме многу подобро (Изреки 11:17).

За наше добро е да не држиме лутина и огорченост

„Чувствував како Јехова да ми зборува лично мене“

Што ѝ помогнало на Линда да се ослободи од лутината што ја чувствувала кон сестрата која ја повредила? Меѓу другото, тоа што длабоко размислувала за библиските начела кои нѐ поттикнуваат да простуваме (Псалм 130:3, 4). Линда била трогната од фактот дека, ако ние им простуваме на другите, Јехова ќе ни прости нам (Ефешаните 4:32—5:2). Во врска со библиските начела, таа вели: „Чувствував како Јехова да ми зборува лично мене“.

Со текот на времето, Линда успеала да се ослободи од лутината и огорченоста. Таа ѝ простила на сестрата и сега се пријателки. Линда денес радосно му служи на Јехова. Биди уверен дека Јехова сака да ти помогне и тебе да го направиш истото.