Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ДЕЛ 2

Грижи — „притиснати сме од сите страни“

Грижи — „притиснати сме од сите страни“

„По 25 години брак, јас и маж ми се разведовме. Нашите деца ја оставија вистината. Потоа добив неколку сериозни здравствени проблеми и паднав во депресија. Ми се чинеше како да ми се сруши целиот свет. Толку бев скршена што немав сили да продолжам понатаму. Престанав да одам на состаноци и станав неактивна“ (Џун).

СЕКОЈ човек може да биде совладан од грижи, па дури и Божјите слуги. Псалмистот напишал: „Во мене се намножија немирни мисли“ (Псалм 94:19). Освен тоа, Исус рекол дека во времето на крајот „животните грижи“ можат да ни отежнат да му служиме на Јехова (Лука 21:34). Како е со тебе? Дали си притиснат од финансиски, семејни или здравствени проблеми? Како Јехова може да ти помогне да се справиш со нив?

„Сила која ја надминува нормалната“

Не можеме сами да се справиме со грижите. Апостол Павле напишал: „Притиснати сме од сите страни... во недоумица сме... соборувани сме“. Сепак, тој напишал и дека не сме „сосема притеснети“, „не очајуваме“ и „не сме уништени“. Што ни помага да истраеме? ‚Силата која ја надминува нормалната‘ што ни ја дава нашиот семоќен Бог, Јехова (2. Коринќаните 4:7-9).

Размисли за тоа како Јехова ти давал ‚сила над нормалната‘ во минатото. Се сеќаваш ли на некој говор што го продлабочил твоето ценење за лојалната љубов на Јехова? Дали твојата вера во Јеховините ветувања се зајакнуваше додека им ја пренесуваше на другите надежта за рајот? Кога одиме на нашите состаноци и кога им проповедаме на другите, добиваме сила да се справиме со грижите што ги носи животот. Освен тоа, добиваме и внатрешен мир за да му служиме на Јехова со радост.

„Вкусете и видете колку е добар Јехова“

Можеби се чувствуваш растргнат на сите страни. На пример, Јехова бара од нас на прво место во животот да ни биде Царството и редовно да одвојуваме време за духовните активности (Матеј 6:33; Лука 13:24). Но, што ако се соочуваш со противење, слабо здравје или семејни проблеми кои те исцрпуваат? Или, што ако работата ти ги одзема времето и силата кои треба да ги посветиш на собранието? Бидејќи имаш толку многу обврски, а премалку време и сила, веројатно си истоштен. Можеби дури и си мислиш дека Јехова очекува премногу од тебе.

Но, сети се дека Јехова покажува разбирање кон нас. Тој никогаш не очекува повеќе од она што можеме да го дадеме. Јехова добро знае дека ни треба време за да закрепнеме од физичкиот или емоционалниот стрес што сме го доживеале (Псалм 103:13, 14).

На пример, размисли како Јехова се грижел за пророкот Илија. Кога Илија толку многу се обесхрабрил и се исплашил што избегал во пустината, дали Јехова го прекорил и му заповедал да се врати на задачата? Не. Тој двапати испратил ангел за нежно да го разбуди и да му даде храна. И покрај тоа, 40 дена подоцна, Илија сѐ уште бил загрижен и исплашен. Што друго направил Јехова за да му помогне? Му покажал дека има моќ да го заштити. Потоа, го утешил со „тивок и благ“ глас. И на крај, му открил дека има уште илјадници други луѓе кои верно му служат. По некое време, Илија повторно почнал ревносно да служи како пророк (1. Царевите 19:1-19). Што учиме од ова? Кога Илија бил совладан од грижи, Јехова бил стрплив и сочувствителен кон него. Јехова не се менува. Тој е стрплив и сочувствителен и кон нас денес.

Кога размислуваш за тоа што можеш да му дадеш на Јехова, труди се да бидеш реален. Немој да го споредуваш тоа што можеш да го направиш денес со тоа што си го правел во минатото. Еден тркач кој не тренирал со месеци или со години не може веднаш да се врати во форма. Тој почнува да си поставува мали цели за да стане силен и издржлив. Библијата ги споредува христијаните со тркачи. Тие тренираат имајќи јасна цел во мислите (1. Коринќаните 9:24-27). Зошто и ти не си поставиш цел која е лесно достижна за тебе во моментот? На пример, да отидеш на еден состанок. Моли го Јехова да ти помогне да ја достигнеш оваа цел. Со текот на времето, ќе станеш поцврст во духовен поглед и ќе можеш ‚да вкусиш и да видиш колку е добар Јехова‘ (Псалм 34:8). Никогаш не заборавај дека Јехова многу го цени сето она што од љубов го правиш за него — сеедно колку безначајно ти изгледа тоа (Лука 21:1-4).

Јехова никогаш не очекува повеќе од она што можеме да го дадеме

„Ја добив силата која ми беше потребна“

Како Јехова ѝ помогнал на Џун да му се врати? Таа вели: „Постојано го молев Јехова да ми помогне. По некое време, снаа ми ми кажа дека во мојот град ќе има собир. Решив да отидам. Многу ми беше убаво да бидам заедно со Јеховиниот народ. На тој собир ја добив силата која ми беше потребна. Сега повторно со радост му служам на Јехова. Мојот живот има поголема смисла. Уште поуверена сум дека, наместо да се изолирам, треба да му служам на Јехова заедно со браќата и сестрите во собранието. Многу сум благодарна што сѐ уште имаше време да се вратам кај Јехова“.