Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ДЕЛ 5

Да се запознае Бог

Да се запознае Бог

КОГА бараш совет, зарем не одиш кај некој што е достоен за доверба? Ако советот доаѓа од извор во кој имаш доверба, ќе бидеш поспремен да го следиш, без оглед на тоа дали веднаш ќе имаш корист од него или не. За да имаш вистинска корист од практичните совети што се наоѓаат во Библијата, мора да го запознаеш нејзиниот Автор. Освен тоа, ти би можел да бидеш дури и негов „пријател“! (Исаија 41:8СП).

Божественото име кое се појавува во хебрејскиот текст на книгата Исаија

2 Ако сакаш да се спријателиш со некого, несомнено ќе сакаш да знаеш како се вика. Дали Богот на Библијата има име? Тој изјавил: „Јас сум Јехова. Тоа е моето име; и на никој друг нема да ја дадам својата слава ниту мојата фалба на резбани ликови“ (Исаија 42:8NW; Осија 12:5СП). Неговото име е „Јехова“, а на хебрејски јазик тоа се пишува יהוה (се чита од десно на лево). Ова име се појавува речиси 7.000 пати во Хебрејските списи на Библијата. Значењето на божественото име е „Тој предизвикува да стане“, што значи дека Јехова предизвикува тој самиот да стане сѐ што е потребно да биде за да ги исполни своите намери, но може да предизвика и сите негови созданија да станат сѐ што е потребно за да се исполни неговата намера. Во хебрејскиот јазик неговото име е во еден граматички облик кој означува дејство кое е во тек. Што значи тоа? Тоа ни кажува дека Јехова ги исполнува своите намери. Тој е жив Бог, а не некоја безлична сила!

3 Јехова станал Творец (Битие 1:1). Тој е „живиот Бог, кој го создаде небото и земјата и морето и сѐ што е во нив“ (Дела 14:15). Јехова создал сѐ, вклучувајќи ја и првата човечка двојка, Адам и Ева. Значи, Бог е „изворот на животот“ (Псалм 36:9). Тој станал и Поддржувач на животот. Затоа ‚не се оставил без сведоштво, правејќи добро, давајќи дождови од небото и плодни раздобја, полнејќи ги до ситост нашите срца со храна и веселост‘ (Дела 14:17). Во Африка и Азија многумина ги обожаваат своите предци затоа што од нив добиле живот. Зарем не треба да чувствуваме уште поголем долг кон Творецот и Поддржувачот на животот, Оној кој ја создал првата двојка и им дал способност за раѓање? Ако длабоко размислуваш за овој факт, можеби ќе бидеш поттикнат да извикнеш: „Достоен си, Јехова, да, Боже наш, да ја примиш славата и честа и моќта, зашто ти создаде сѐ, и поради твојата волја постои и е создадено“ (Откровение 4:11).

4 Низ страниците на Библијата можеш да го запознаеш својот Творец, Јехова, и да научиш каков Бог е тој. Таа открива дека „Бог е љубов“ (1. Јованово 4:16; Излез 34:6, 7). Додека ја читаш Библијата од Битие до Откровение, ќе најдеш бројни извештаи кои покажуваат дека тој навистина е Бог кој е полн со љубов. Зошто не стекнеш навика секојдневно да ја читаш Божјата реч за да го запознаеш својот Творец? Внимателно проучувај ја Библијата со помош на оние кои се добро запознати со нејзината содржина (Дела 8:26-35). Ако правиш така, ќе видиш дека тој е и Бог на правда, кој нема да дозволи злобата да постои засекогаш (Второзаконие 32:4). На човекот не му е лесно да одржува рамнотежа помеѓу љубовта и правдата, но во Својата мудрост Јехова ги одржува овие особини во совршена рамнотежа (Римјаните 11:33; 16:27). Бидејќи е Семоќен Бог, тој има моќ да направи сѐ што сака за да ги оствари своите намери (Битие 17:1). Обиди се да ги примениш мудрите совети што ќе ги најдеш во Библијата и тогаш уште повеќе ќе го цениш својот Творец, сфаќајќи дека неговите совети секогаш се за наше добро.

Зошто не му пристапиш на Јехова во молитва?

5 Постои уште еден начин како да му пристапиме на Бог — во молитва. Јехова е ‚Слушател на молитвата‘ (Псалм 65:2NW). Тој може „да направи повеќе од преизобилно од сѐ што ќе побараме или замислиме“ (Ефешаните 3:20). Сепак, што би помислил за некој „пријател“ кој доаѓа кај тебе само кога сака да му направиш некоја услуга? Веројатно не би имал превисоко мислење за него. Според тоа, несомнено ќе сакаш да ја искористиш предноста да се молиш не само за да го бараш од Бог она што ти е потребно туку и за да му се заблагодаруваш и да го фалиш (Филипјаните 4:6, 7; 1. Солуњаните 5:17, 18).