Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ДЕЛ 3

Книга со доверливо водство

Книга со доверливо водство

„БИБЛИЈАТА е производ на човечката цивилизација и на животни искуства, и таа е уникатна“, вели едно списание што го издава Универзитетот Чун Шан во Кантон (Кина). Имануел Кант, влијателен филозоф од 18 век, е цитиран дека рекол: „Постоењето на Библијата како книга за народот е најкорисното нешто што човечкиот род некогаш го имал. Секој обид да биде потценета . . . е злосторство против човештвото“. The Encyclopedia Americana вели: „Влијанието на Библијата воопшто не е ограничено само на Евреите и на христијаните . . . Сега таа се смета за етичко и религиозно богатство чие неисцрпно учење ветува дека ќе биде уште поскапоцено како што расте надежта за една светска цивилизација“.

2 Без оглед на твојата религиозна припадност, зарем не би бил заинтересиран да дознаеш нешто за една таква книга? До крајот на 20 век Библијата била преведена, во целост или делумно, на повеќе од 2.200 јазици. Повеќето луѓе можат да најдат примерок од неа на јазикот што го читаат и го разбираат. Се проценува дека од изумувањето на подвижните печатарски букви, во целиот свет се дистрибуирани четири милијарди примероци од Библијата.

3 Сега, те молиме, отвори ја Библијата, ако имаш свој примерок, и разгледај ја содржината. Ќе ги забележиш насловите на книгите, почнувајќи од Битие и завршувајќи со Откровение. Библијата навистина е библиотека од 66 книги кои ги напишале 40-тина различни луѓе. Првиот дел, составен од 39 книги кои многумина ги нарекуваат Стар завет, исправно е наречен Хебрејски списи затоа што е напишан, главно, на хебрејски јазик. Вториот дел, составен од 27 книги кои многумина ги нарекуваат Нов завет, исправно е наречен Христијански грчки списи бидејќи е напишан на грчки јазик и го напишале христијански писатели. За да се заврши пишувањето на Библијата биле потребни повеќе од 1.600 години, од 1513 пр.н.е. па сѐ до 98 н.е. Писателите никогаш немале состанок со уредникот, а некои книги биле пишувани истовремено, на места оддалечени едно од друго со илјадници километри. Сепак, Библијата има една единствена тема и претставува една целина; таа не си противречи. Не можеме а да не се запрашаме: ‚Како можеле повеќе од 40 мажи кои живееле низ период од 16 векови да состават една книга која е толку доследна?‘

„[Бог] го оптегнува Северот врз празнината, Тој ја држи земјата, необесена на ништо“

4 Иако пишувањето на Библијата било завршено пред повеќе од 1.900 години, нејзината содржина го побудува интересот на мажите и жените во денешно време. На пример, отвори ја Библијата во Јов 26:7. Имај на ум дека овој стих е напишан во 15 век пр.н.е. Тој гласи: „[Бог] го оптегнува Северот врз празнината, Тој ја држи земјата, необесена на ништо“. Сега сврти во Исаија 40:22, имајќи предвид дека книгата Исаија е напишана во осмиот век пр.н.е. Овој стих гласи: „Тој престолува над земниот круг, жителите се како скакулците пред Него. Како завеса ги простре небесата, ги оптегна како шатор за живеење“. Каква слика ти доаѓа на ум кога ќе ги прочиташ овие два описа? Слика на сферичен објект кој е ‚необесен‘ во просторот. Веројатно си видел таква слика на фотографиите што ги испраќаат современите вселенски летала. Можеби се прашуваш: ‚Како можеле луѓето кои живееле пред толку долго време да дадат вакви научно точни изјави?‘

5 Да разгледаме уште едно прашање во врска со Библијата. Дали Библијата е историски точна? Некои мислат дека Библијата е само збирка на легенди, без историска основа. На пример, да видиме што е со добро познатиот израелски цар Давид. Сѐ до неодамна, единствен темел на сознанија за неговото постоење беше Библијата. Иако врвните историчари го прифаќаат како автентична личност, некои скептици се обидуваат да го отфрлат како легенда што ја измислиле еврејските пропагатори. Што покажуваат фактите?

Натписот кој се осврнува на „Давидовиот дом“

6 Во 1993, во урнатините на древниот израелски град Дан бил пронајден еден натпис во кој се спомнува „Давидовиот дом“. Овој натпис бил дел од еден скршен споменик од деветтиот век пр.н.е., подигнат во знак на сеќавање на победата над Израелците од страна на нивниот непријател. Одеднаш се појавило едно древно спомнување на Давид надвор од страниците на Библијата! Дали ова било значајно? Во врска со ова откритие, Израел Финкелстајн од Универзитетот во Тел Авив забележал: „Со пронаоѓањето на натписот за Давид, библискиот нихилизам пропадна преку ноќ“. Интересно, професор Вилијам Ф. Олбрајт, археолог кој поминал децении вршејќи ископувања во Палестина, во една прилика рекол: „Едно по едно, откритијата ја докажаа точноста на безброј детали и го зголемија признанието на вредноста на Библијата како историски извор“. И повторно, можеби ќе прашаме: ‚Како може оваа древна книга да биде толку историски точна за разлика од еповите и легендите?‘ Но, има уште нешто.

Монета на која е прикажан Александар Велики

7 Библијата е и книга на пророштва (2. Петрово 1:20, 21). Можеби зборот „пророштво“ веднаш те потсетува на неисполнетите зборови на самопрогласените пророци. Но, тргни ги настрана сите предрасуди и отвори ја Библијата во Даниел, 8. поглавје. Овде Даниел опишува една визија за борбата помеѓу еден овен со два рога и рунтав јарец со „силен рог“. Јарецот победува, но неговиот голем рог е скршен. На негово место излегуваат четири рога. Какво е значењето на оваа визија? Извештајот на Даниел продолжува: „Овенот што го виде — неговите два рога — тоа се царевите на Мидија и Персија. Влакневиот [Рунтавиот, NW] јарец е царот на Грција; големиот рог меѓу неговите очи е првиот цар; скршениот рог и четирите рога што излегоа на неговото место, тоа се четири царства што ќе излезат од неговиот народ, но не ќе ја имаат неговата сила“ (Даниел 8:3-22).

„Едно по едно, откритијата ја докажаа точноста на безброј детали и го зголемија признанието на вредноста на Библијата како историски извор“ (професор Вилијам Ф. Олбрајт).

8 Дали ова пророштво се исполнило? Пишувањето на книгата Даниел е завршено некаде во 536 пр.н.е. Македонскиот цар Александар Велики, кој бил роден 180 години подоцна, во 356 пр.н.е., ја победил Персиската империја. Тој бил „големиот рог“ меѓу очите на „рунтавиот јарец“. Според еврејскиот историчар Јосиф, кога Александар влегувал во Ерусалим пред да извојува победа над Персија, му ја покажале книгата Даниел. Тој заклучил дека зборовите од Даниеловото пророштво на кои му обрнале внимание се однесуваат токму на неговиот воен поход против Персија. Освен тоа, во книгите за историјата на светот можеш да прочиташ во кој правец тргнала империјата на Александар по неговата смрт во 323 пр.н.е. Со текот на времето, четири генерали го презеле неговото царство и во 301 пр.н.е., „четирите рога“ кои излегле наместо „големиот рог“ ја поделиле територијата на четири дела. Повторно имаме добра причина да се прашаме: ‚Како можела една книга толку живописно и точно да претскаже што ќе се случи околу 200 години подоцна?‘

9 Самата Библија дава одговор на горенаведените прашања: „Целото Писмо е инспирирано од Бог и корисно“ (2. Тимотеј 3:16). Грчкиот збор кој е преведен со „инспирирано од Бог“ дословно значи „вдахновен од Бог“. Бог ги „вдахнал“ во умот на 40-тина писатели информациите кои сега ги наоѓаме во библиските книги. Неколкуте примери што ги разгледавме — научни, историски и пророчки — јасно укажуваат само на еден заклучок. Оваа уникатна книга, Библијата, не е производ на човечка мудрост туку има божествено потекло. Сепак, многумина денес се скептични во врска со постоењето на нејзиниот Автор — Бог. Дали е тоа случај и со тебе?