Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ДЕЛ 9

Уживај во задоволувачки живот — сега и засекогаш!

Уживај во задоволувачки живот — сега и засекогаш!

Можеш да имаш задоволувачки живот ако негуваш пријателство со Бог

АВРААМ, истакнат човек од вера од библиската историја, напуштил еден удобен живот во напредниот град Ур. Откако престојувал некое време во Харан, останатиот дел од животот го поминал како номад, живеејќи во шатори и без постојано живеалиште (Битие 12:1-3; Дела 7:2-7; Евреите 11:8-10). Сепак, запишано е: „Авраам издивна и умре во длабока старост — стар и задоволен“ (Битие 25:8NW). Што го направило толку задоволувачки неговиот живот? Тој не бил само некој стар човек кој се чувствувал задоволен на смртната постела заради она што го постигнал во животот. Подоцна Авраам бил наречен „пријател на Јехова“ заради неговата извонредна вера во Бог (Јаков 2:23; Исаија 41:8). Смисловниот однос што го негувал Авраам со својот Творец го направил неговиот живот задоволувачки.

Може ли твојот живот да биде позадоволувачки дури и од животот на Авраам?

2 Исто како што било случај со Авраам пред околу 4.000 години, и ти можеш да имаш смисловен, задоволувачки живот денес ако негуваш пријателство со Бог. Можеби ќе те вчудовиди мислата да бидеш пријател на Творецот на универзумот, но ова е возможно. Како тоа? Треба да го запознаеш и да го засакаш (1. Коринќаните 8:3; Галатите 4:9). Ваквиот однос со Творецот може да го направи твојот живот богат и задоволувачки.

3 За оние кои се спремни да ја прифатат откупната жртва на Исус Христос, Јехова обезбедил упатства за водење еден среќен живот (Исаија 48:17). Сети се, Адам се побунил против Бог на тој начин што самиот одлучил што е добро, а што лошо. Иако со откупната жртва на својот Син Јехова ја купил човечката фамилија, отворајќи им на луѓето пат да се ослободат од ропството на гревот и смртта, секој поединец мора да ја прифати откупнината и да престане да си поставува сопствено мерило за добро и лошо. Мораме да се подложиме на законите и начелата што им ги дава Бог на оние кои ја прифаќаат Исусовата откупна жртва.

„Покажи ми ги Своите патишта“

4 Додека продолжуваш да ја проучуваш Библијата и да ги применуваш начелата што се изложени во неа, несомнено ќе ја сфатиш вредноста на Божјето мерило за добро и лошо (Псалм 19:7-9). Ќе бидеш поттикнат да му речеш на Бог, како што рекол и Јеховиниот пророк Мојсеј: „Затоа, ако ја уживам Твојата благонаклонетост, покажи ми ги Своите патишта, за да Те сфатам [запознаам, NW]“ (Излез 33:13; Псалм 25:4). Библијата дава начела кои ќе те водат низ проблемите во овие ‚критични времиња со кои тешко се излегува на крај‘ (2. Тимотеј 3:1). Твоето ценење ќе расте, а со тоа подобро ќе го запознаеш Јехова и ќе го зајакнеш своето пријателство со него.

5 Авраам умрел „стар и задоволен“, но штом мора да се умре, животот сепак е премногу краток. Желбата за живот е вродена во сите нас, без оглед на тоа на која возраст сме. Ова е така затоа што „[Бог] ја всадил вечноста во срцата на луѓето; но сепак тие не можат да сфатат што направил Бог од почеток до крај“ (Проповедник 3:11, New International Version). Дури и ако живееме вечно, никогаш нема да можеме да ги сфатиме сите творештва на Јехова. Нема крај на она што би можеле да го набљудуваме, изучуваме или уживаме меѓу Јеховините прекрасни дела! (Псалм 19:1-4; 104:24; 139:14).

6 Можеби нема да те привлече вечниот живот ако Земјата е исполнета со такви проблеми какви што гледаме денес. Меѓутоа, тоа не треба да биде причина за загриженост. Библијата ветува: „Според неговото ветување очекуваме нови небеса и нова земја, и во нив ќе престојува праведност“ (2. Петрово 3:13). Терминот „нови небеса“ се однесува на новата небесна влада — Божјето Царство, кое ќе владее над целата земја. ‚Новата земја‘ е едно ново човечко општество кое го сочинуваат оние кои се послушни на власта на тоа Царство. За да овозможи ова да стане реалност, Јехова наскоро ќе преземе акција против оние кои „ја уништуваат земјата“ (Откровение 11:18; 2. Петрово 3:10).

7 Кога? Како обележја на „знакот . . . на завршетокот на системот на работи“, Исус Христос набројал војни во кои се вклучени нации, „недостиг на храна и земјотреси во едно место по друго“, „чуми“ и ‚зголемување на беззаконието‘ (Матеј 24:3-13; Лука 21:10, 11; 2. Тимотеј 3:1-5). Потоа прорекол: „Кога ќе видите дека овие работи се случуваат, знајте дека Божјето царство е близу“ (Лука 21:31). Навистина, времето кога Јехова ќе ги уништи злобните брзо се приближува. *

8 Откако ќе помине „големиот ден на Семоќниот Бог“, кога Јехова ќе ја исчисти земјата од злобата, нашава планета ќе биде претворена во рај (Откровение 16:14, 16; Исаија 51:3). Тогаш „праведните ќе ја наследат земјата и ќе живеат довека на неа“ (Псалм 37:29). Но, што е со оние кои умреле? „Не чудете се на ова“, рекол Исус, „зашто доаѓа часот во кој сите оние што се во спомен-гробовите ќе го чујат неговиот глас и ќе излезат, оние кои правеле добро, за воскресение на живот, а оние кои практикувале подли работи, за воскресение на суд“ (Јован 5:28, 29). Јехова, кој е заинтересиран за секој поединец, сака да ги врати во живот оние кои спијат во смртен сон. Научниците можат да се обидуваат да клонираат луѓе со генетички инженеринг, но Творецот не мора да се служи со клонирање. Тој може да го запомни дури и најситниот детаљ за секој човек што може да се откупи и тие луѓе да ги врати во живот. Да, ти имаш изглед да ги сретнеш на една рајска земја твоите сакани кои умреле!

9 Каков ќе биде животот во рајот? Земјата ќе биде исполнета со среќни мажи и жени кои во еден глас ќе го фалат Творецот. „Ниеден жител нема да рече: ‚Болен сум!‘“ (Исаија 33:24; 54:13). Никој нема да биде изложен на стрес кој е штетен за здравјето ниту да страда од емоционални или душевни растројства. Сите ќе имаат храна во изобилство и ќе се восхитуваат на смисловната работа во склад со Божјата намера (Псалм 72:16; Исаија 65:23). Ќе уживаат мир со животните, мир со другите луѓе и, над сѐ, „мир со Бог“ (Римјаните 5:1; Псалм 37:11; 72:7; Исаија 11:6-9).

10 Што мора да правиш за да бидеш во тој Рај и да уживаш во живот на целосно задоволство? Исус Христос рекол: „Ова значи вечен живот, да примаат спознание за тебе, единствениот вистински Бог, и за оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3). Затоа, продолжи да стекнуваш спознание за Јехова и за Исус Христос, учејќи што бара Бог од тебе. Така ќе можеш да му угодиш на Јехова Бог, а тоа ќе го направи твојот живот многу задоволувачки.

^ пас. 7 Можеш да научиш нешто повеќе за ова пророштво од 9. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.