Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ДЕЛ 8

Враќање кон задоволувачки живот

Враќање кон задоволувачки живот

ИАКО човештвото западнало во ништожен живот како последица на побуната против божественото владеење, Бог не ги оставил луѓето без никаква надеж. Библијата објаснува: „Созданието беше подложено на ништожност, не по своја волја, туку преку оној кој го подложи, на темел на надежта дека самото создание ќе биде ослободено од ропството на распадливоста и дека ќе ја има славната слобода на Божјите деца“ (Римјаните 8:20, 21). Да, Бог дал надеж за потомството на првата човечка двојка. Тоа била сигурната надеж дека човештвото ќе биде ослободено од наследениот грев и смртта. Би можеле повторно да имаат близок однос со Јехова Бог. Како?

Бог му дал надеж на човештвото за да може да биде ослободено од ропството на гревот и смртта

2 Кога згрешиле Адам и Ева, тие ги лишиле своите потомци од изгледот засекогаш да уживаат задоволувачки живот на Земјата. Во замена за слободата самите да одлучуваат што е добро а што лошо, тие го продале своето идно семејство во ропството на гревот и смртта. Бидејќи се родени во тоа семејство, нивните потомци можат да се споредат со робови кои се заробени на некој далечен остров, каде што сурови владетели владеат како цареви. Всушност, смртта владее како цар над човештвото кое е поробено од еден друг цар — гревот (Римјаните 5:14, 21). Се чини дека нема никој кој ќе ги спаси. Па, нивниот прататко бил тој што ги продал во ропство! Но, еден добродушен човек го испраќа својот син, кој ја носи целата сума што е потребна за да ја добие слободата на сите оние кои се во ропство (Псалм 51:5; 146:4; Римјаните 8:2).

3 Во оваа илустрација, човекот кој ги спасил робовите го претставува Јехова Бог. Синот кој ја платил цената за слободата е Исус Христос. Тој имал претчовечко постоење како единороден Син на Бог (Јован 3:16). Тој бил првото нешто што Јехова го создал, а сѐ друго што е создадено во универзумот настанало преку него (Колошаните 1:15, 16). Јехова со чудо го пренел животот на овој духовен Син во утробата на една девица и на тој начин овозможил бебето да се роди како совршен човек, а тоа била цената што е потребна за да се задоволат барањата на божествената правда (Лука 1:26-31, 34, 35).

4 Кога Исус имал околу 30 години, се крстил во реката Јордан. При неговото крштавање, тој бил помазан со свет дух, односно Божјата активна сила. Со тоа станал Христос, што значи „Помазаник“ (Лука 3:21, 22). Исусовата служба на земјата траела три и пол години. Во текот на тие години, тој ги поучувал своите следбеници за „Божјето царство“, небесната влада под која човештвото повторно ќе биде во мирољубив однос со Јехова Бог (Лука 4:43; Матеј 4:17). Исус знаел на кој начин луѓето можат да имаат среќен живот и им дал на своите следбеници конкретни упатства во врска со среќата. Зошто не ја отвориш Библијата во Матеј, поглавја 5 — 7, за да прочиташ некои од поуките што ги кажал во Проповедта на Гората?

Зарем не би чувствувал голема благодарност кон оној кој те ослободил од ропство?

5 За разлика од Адам, Исус водел живот на послушност на Бог во секој поглед. „Тој не направи грев“ (1. Петрово 2:22; Евреите 7:26). Всушност, имал право да живее засекогаш на земјата, но ‚ја предал својата душа‘ за да му го исплати на Бог она што го изгубил Адам. На маченичкиот столб, Исус го предал својот совршен човечки живот (Јован 10:17; 19:17, 18, 28-30; Римјаните 5:19, 21; Филипјаните 2:8). Со тоа Исус обезбедил откупнина, односно ја платил цената што била потребна за да се откупи човештвото од ропството на гревот и смртта (Матеј 20:28). Замисли си дека мачно работиш во некое експлоататорско претпријатие, живеејќи во буквално ропство. Зарем не би чувствувал длабока благодарност кон оној кој направил подготовки да те ослободи од ропството и кон оној кој доброволно го жртвувал својот живот за твојот? Преку подготовката за откупнина бил отворен пат да се вратиш во Божјето универзално семејство и да имаш еден навистина задоволувачки живот, ослободен од ропството на гревот и смртта (2. Коринќаните 5:14, 15).

6 Сознанието за оваа незаслужена љубезност на Јехова и ценењето за неа ти дава уште поголема причина да ги примениш во својот живот зборовите на мудрост што се наоѓаат во Библијата. На пример, да земеме едно од начелата кои најтешко се применуваат — да им простуваш на другите кога ќе те навредат. Дали се сеќаваш на зборовите што се наоѓаат во Колошаните 3. поглавје, стихови 12 до 14, што ги разгледавме во 2. лекција? Овие стихови те охрабрија да им простуваш на другите дури и тогаш кога имаш причина да се пожалиш на нив. Контекстот објаснува зошто: „Токму како што Јехова доброволно ви прости вам, така правете и вие“. Штом ќе го земеш при срце она што го направиле за човештвото Јехова и Исус Христос, ќе бидеш поттикнат да им простуваш на другите за која и да било навреда што ти ја нанеле, особено ако се покаат и ако се извинат.