Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ДЕЛ 6

Зошто Јехова нѐ создал?

Зошто Јехова нѐ создал?

Цар Соломон го испитал прашањето за смислата на животот

ОД КАКВО значење ќе биде за тебе тоа што ќе го запознаеш Јехова? Меѓу другото, тоа ќе значи дека ќе пронајдеш одговор на едно прашање кое збунува милијарди луѓе: ‚Зошто сум овде?‘ Можеби си се прашувал за тоа некогаш во животот. Еден мудар цар кој имал богатства со кои ‚ги надминал сите земни цареви‘ од своето време, го истражувал прашањето за смислата на животот (2. Летописи 9:22; Проповедник 2:1-13). Овој цар, Соломон, располагал со голема моќ, огромно богатство и неспоредлива мудрост. Каков бил резултатот од неговото истражување? „Да го чуеме завршниот збор за сѐ: ‚Бој се од Бога, исполнувај ги Неговите заповеди, зашто во тоа е сѐ за човекот‘“ (Проповедник 12:13). Бидејќи обемот на Соломоновото искуство го надминува искуството на повеќето луѓе, неговиот заклучок заслужува барем да му обрнеме внимание (Проповедник 2:12).

2 Стравот од Бог што го спомнал Соломон не е болен страв од некоја непозната духовна сила. Напротив, тоа е здрав страв да не не му угодиш некому што искрено го сакаш. Ако длабоко сакаш некого, сигурно дека ќе сакаш секогаш да му угодуваш и да не направиш нешто што би можело да го навреди. Кога ќе го засакаш Јехова, ќе го имаш истото чувство и за него.

3 Ако ја читаш Библијата, можеш да дознаеш што сака а што не сака нашиот Творец и каква намера имал при создавањето на Земјата. Опишувајќи го Јехова како „Создателот на земјата и Оној кој ја направил“, Библијата го означува и како Оној „кој цврсто ја втемелил, кој не ја создал залудно, кој ја обликувал за да биде населена“ (Исаија 45:18NW). Јехова ја подготвил Земјата да биде населена со луѓе кои требало да се грижат за неа и за сите суштества што се на неа (Битие 1:28). Но, дали тоа била единствената намера што ја имал Јехова кога ги создал луѓето — да бидат чувари?

Адам и Ева имале смисловен однос со Бог

4 Не, тој имал една повозвишена намера. Првиот човек, Адам, имал смисловен однос со Јехова. Адам можел директно да комуницира со Творецот. Можел да слуша што му кажува Бог и да ги изрази пред Јехова своите мисли (Битие 1:28-30; 3:8-13, 16-19; Дела 17:26-28). Значи, Адам и неговата жена, Ева, имале величествена можност подобро да го запознаат Јехова и да го продлабочат својот однос со него. Со тоа што ќе го познавале Јехова и ќе го имитирале, нивниот живот ќе бил задоволувачки бидејќи тој е „среќниот Бог“ (1. Тимотеј 1:11). Како Бог „кој ни дава сѐ богато за наше уживање“, Јехова го сместил првиот човек во рај наречен градина Еден, со изглед да живее засекогаш (1. Тимотеј 6:17; Битие 2:8, 9, 16, 17).

Што покажуваат најновите откритија во врска со човечката клетка?

5 Засекогаш? Можеби ќе ја отфрлиш мислата за вечен живот како апсурдна, но дали е таква? Научниците веруваат дека сега имаат увид во причината за стареењето на клетките. Ситни делчиња од генетички материјал наречени теломери, кои се како капачиња на краевите на хромозомите, се скратуваат при секоја делба на клетката. По 50 до 100 клеточни делби, теломерите се истрошуваат и повеќето клетки престануваат да се делат. Меѓутоа, најновите научни откритија покажуваат дека, со помош на еден ензим наречен теломераза, човечките клетки можат да продолжат неограничено да се делат. Иако ова откритие не значи дека Јехова го овозможува вечниот живот баш преку овој посебен ензим, тоа сепак покажува нешто: Мислата за вечен живот не е апсурдна!

6 Да, може потполно да се верува во библискиот извештај кој покажува дека првата човечка двојка била создадена за да живее вечно. Луѓето требало да го продлабочуваат својот однос со Јехова до недогледно време. Требало да изградат цврста врска со својот небесен Татко и добро да ја познаваат неговата намера со луѓето на Земјата и да ја исполнат. Нивниот живот не требало да биде тежок и досаден. Адам и Ева имале прекрасен изглед да ја наполнат земјата со среќно, совршено потомство. Ќе имале исполнувачка и смисловна работа која ќе ја извршувале засекогаш. Тоа навистина ќе било задоволувачки живот! (Битие 1:28).