Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

КАКО СЕ КОРИСТАТ ВАШИТЕ ПРИЛОЗИ

Добрата вест според Исус — зад камерата

Добрата вест според Исус — зад камерата

1 ОКТОМВРИ 2024

 Еден од настаните кои Јеховините сведоци најмногу го очекуваа оваа година беше излегувањето на првата епизода од Добрата вест според Исус. Милиони луѓе веќе имаа прилика да ја гледаат, а таа е само првата од вкупно 18 епизоди. Што сѐ прават браќата и сестрите за да може да ја имаме оваа серија, и на кој начин ти го поддржуваш сето ова?

Грижа за глумците и снимателската екипа

 Поголемиот дел од серијата Добрата вест се снима во подружницата Австралазија. a Во снимањето на секоја сцена се вклучени околу 50 до 80 луѓе. Сите глумци и целата екипа добиваат ручек, вечера и ужина. Менито се подготвува доволно време однапред. Естер, која работи во Одделението за храна, објаснува: „Купуваме прехранбени производи од разни добавувачи за да добиеме добар квалитет по најдобра цена. И постојано правиме приспособувања на нашите рецепти за да бидеме сигурни дека нема да се фрла многу храна“. Секој ден за храна трошиме по околу четири американски долари на човек.

 На глумците и на екипата не им е потребна само храна туку и заштита. Заштита од што? Во Австралија има голем број топли и сончеви денови, но има и висок степен на ултравиолетово зрачење. За секој да биде заштитен од сонцето и да не биде исцрпен од големата жештина, трудољубиви асистенти поставуваат шатори и подготвуваат места за разладување, а се грижат и да има доволно заштитни креми, чадори и вода. Кевин, кој работи во Одделението за аудио и видео продукција, објаснува: „Повеќето од овие браќа и сестри се надворешни бетелски соработници. Тие понизно и со радост ги извршуваат овие и многу други задачи. Овој проект не би можел да се заврши без нивната помош“.

Снимање на други локации

 Некои сцени нема да изгледаат реалистично ако се снимени во подружницата, без разлика дали е тоа во студиото или во некој друг простор кој е специјално подготвен за снимање. Во такви случаи, снимањето се одвива на некоја друга локација. За да можат да се снимаат сцени од библиско време каде што нема далноводи, асфалтирани патишта и современи градби, глумците и снимателската екипа честопати мора да патуваат на далечни места. Нивните костими, реквизитите и опремата мора да се спакуваат, да се транспортираат и потоа безбедно да се складираат на местото каде што ќе се снима. Пред да почне снимањето, координаторите на асистентите проверуваат дали има доволно генератори, чиста вода за пиење и тоалети. Глумците и снимателската екипа се сместени во домовите на гостољубиви Сведоци, во приколки, во хотели или во монтажни куќи.

Снимањето надвор од студио си има свои предизвици

 Снимањето на други локации може да биде скапо, да одзема многу време и да биде исцрпувачко за сите што се вклучени. Затоа, во 2023, Водечкото тело одобри да се купи видеоѕид за виртуелна продукција во вредност од два и пол милиони американски долари. Оваа технологија користи екрани со висока резолуција и синхронизирана светлина со што се добива впечаток дека видеото е снимено некаде надвор. Како резултат на тоа, честопати можеме да избегнеме снимање надвор кое што е многу скапо. Дарен, кој е член на Одборот на подружницата во Австралазија, објаснува: „Кога се снима со видеоѕид, глумците не се уморуваат толку и снимателската екипа може повеќепати да снима одредени сцени. На пример, ако снимавме надвор, ќе имавме само неколку минути за да го снимиме сонцето како заоѓа пред потполно да го снема. Но, со видеоѕидот можеме да снимаме сцени со зајдисонце онолку пати колку што ни е потребно за да го постигнеме посакуваниот ефект“.

Подесување и тестирање на новиот видеоѕид пред да почне снимањето

„Воопшто не чувствував дека жртвувам нешто“

 За снимањето на секоја од епизодите на серијата Добрата вест, потребни се стотици глумци и уште поголем број членови на снимателска екипа. Како се чувствуваат тие поради сето она што браќата и сестрите го прават за нив?

 Амбер, која живее во Мелбурн, патувала повеќе од 700 километри за да учествува во проектот. Таа напишала: „Уште од моментот кога пристигнав на аеродромот, браќата од Бетел многу добро се грижеа за мене. Многумина од нив ме канеа на оброк или на чај. На местото каде што се снимаше сите придонесоа да се чувствувам убаво и сакано. За време на ова патување, добив толку многу благослови што воопшто не чувствував дека жртвувам нешто!“

 Дерек работи во тимот за продукција. Тој вели: „Уште од почетокот на проектот имавме поддршка од многу одделенија. Благодарен сум што сум опкружен со браќа и сестри кои ги жртвуваат своето време, средства и сили за овој проект. Тие се спремни да помагаат и многу се љубезни. Очигледно е дека Јехова ги благословува нив, а и нас. Уверен сум дека нему му е важен не само крајниот резултат од нашата работа туку и како ја извршуваме работата“.

 Ви благодариме што го поддржувате овој проект со вашите доброволни прилози, вклучувајќи ги и прилозите што ги давате преку donate.pr418.com.

a Подружницата во Австралазија го надгледува нашето дело во многу земји, вклучувајќи ја Австралија и неколку други земји од Јужниот Пацифик. Подружницата се наоѓа во предградието на Сиднеј, Австралија.