Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

КАКО СЕ КОРИСТАТ ВАШИТЕ ПРИЛОЗИ

Многу поинаква публикација за проучување на Библијата

Многу поинаква публикација за проучување на Библијата

1 АПРИЛ 2022

 Во јануари 2021, Водечкото тело го објави излегувањето на една нова публикација за проучување на Библијата со наслов Радувај му се на животот засекогаш. a Како реагираше кога го слушна ова известување? Метју од Канада вели: „Бев воодушевен! Мојата воодушевеност растеше додека ги гледав говорите и видеоклиповите во кои беше објаснето зошто е направена оваа публикација и како била тестирана. Едвај чекав да ја видам и да почнам да ја користам“.

 Со публикацијата Радувај му се на животот засекогаш се воведе еден нов начин на водење библиски курсеви. Сепак, ова не е единствената разлика помеѓу новата книга и претходните книги за проучување на Библијата. Ако користиш печатено издание од Радувај му се на животот засекогаш, можеби си почувствувал дека е различна и на допир. За да видиме зошто, да разгледаме подетално како е направена оваа книга.

Нова книга поинаква на допир

 Подебела хартија. Зошто ова беше потребно? Во книгата Радувај му се на животот засекогаш има над 600 слики во боја, речиси десет пати повеќе од книгата Што учиме од Библијата? Новата книга има повеќе празен простор — место каде што нема текст или слики. Овие две работи може да создадат проблем. Кога хартијата е тенка можат да се видат сликите од другата страна на страницата. За да се избегне ова, браќата од Меѓународното одделение за печатење во Волкил (Њујорк, САД) тестирале четири видови хартија кои во моментов се користат во нашите печатници. Одборот за пишување при Водечкото тело го прегледуваше секој примерок и ја избра хартијата што најмалку се проѕираше. Точно е дека оваа хартија чини околу 16 отсто повеќе од хартијата што ја користиме за поголемиот дел од другите наши публикации, но таа им овозможува на интересентите да читаат од секоја страница на книгата Радувај му се на животот засекогаш без да им биде одвлечено вниманието од сликите на другата страна од хартијата.

На сликата десно е прикажана хартијата која се користи за книгата Радувај му се на животот засекогаш

 Поинаков заштитен слој. Корицата на новата книга е поинаква од корицата на другите наши книги бидејќи е покриена со поинаков заштитен слој. Наместо вообичаениот сјаен заштитен слој, новата книга има мат слој поради кој сликата на насловната страница доаѓа повеќе до израз. Исто така, заштитниот слој помага да се заштити книгата од абење како резултат на честа употреба. Но, заштитниот слој кој е мат може да чини до пет пати повеќе отколку сјајниот заштитен слој. Затоа, неколку подружници соработуваа за да набават мат заштитен слој кој не е толку скап.

Ставање заштитен слој на корицата

 Зошто беа избрани овие поскапи материјали? Еден брат кој работи во Меѓународното одделение за печатење објаснува: „Очекуваме оваа книга многу да се користи. Затоа сакаме таа да го задржи достоинствениот изглед и покрај тоа што често ќе се употребува“. Едуардо, кој работи во печатницата во подружницата во Бразил, вели: „Многу се радуваме што Јеховината организација искористи квалитетни материјали за да направи книга која е убава, трајна и пријатна за ракување, а во исто време мудро ги користи донираните прилози“.

Печатење за време на пандемијата со КОВИД-19

 Книгата Радувај му се на животот засекогаш почнавме да ја печатиме во март 2021. Ова не беше лесно бидејќи се случуваше за време на пандемијата со КОВИД-19. Поради тоа што Бетелот беше во карантин, нашите печатници не можеа да сметаат на помошта од соработниците од надвор, ниту пак можеа да канат нови браќа за да служат во Бетел. Како резултат на тоа, некои печатници немаа доволно персонал, а други беа привремено затворени поради ограничувањата од властите.

 Како ги надминавме овие тешкотии? Кога печатниците повторно можеа да се користат, браќа и сестри од други одделенија од Бетел привремено добија задача да помагаат со печатењето. Џоел, кој работи во Меѓународното одделение за печатење, вели: „Овие браќа и сестри покажаа самопожртвуван дух и спремност да учат нови работи. Благодарение на тоа, работата можеше да се заврши“.

 И покрај предизвиците успеавме да испечатиме милиони примероци од книгата Радувај му се на животот засекогаш. За производството на овие книги беа потребни различни материјали, како на пример печатарски плочи, заштитен слој, хартија, мастило и лепак. Само во првите пет месеци од печатењето беа потрошени повеќе од 2,3 милиони долари, само за материјали. За да се заштедат пари, се трудевме да печатиме само онолку книги колку што на собранијата навистина им беа потребни.

„Вистинско ремек-дело“

 Што мислат оние што водат библиски курсеви и нивните интересенти за оваа нова алатка за проучување на Библијата? Пол, еден брат од Австралија, вели: „Книгата Радувај му се на животот засекогаш е толку убаво направена што уживам да водам библиски курсеви. Начинот на кој што е организиран материјалот е привлечен и интерактивен. Тој е одлична комбинација од јасни информации, прашања кои допираат до срцето, видеоклипови, слики, табели и цели за интересентите. Таа е вистинско ремек-дело кое ме поттикнува да се подобрам во начинот на кој поучувам“.

 Еден човек од САД кој ја проучува Библијата вели: „Многу ми се допаѓа новата книга. Сликите ми помагаат да ги сфатам главните мисли. Видеоклиповите ме допираат до срце и ме поттикнуваат да го применам она што го учам“. Овој човек проучува два пати седмично и редовно присуствува на собраниските состаноци.

 Милиони примероци од книгата Радувај му се на животот засекогаш допрва треба да се испечатат на многу јазици. Всушност, до денес, Водечкото тело одобри оваа книга да излезе на 710 јазици, односно на уште плус 340 јазици од книгата Што учиме од Библијата?

 Како ги покриваме трошоците за печатењето на оваа книга? Преку прилозите за меѓународното дело, од кои поголемиот дел ги добиваме преку donate.pr418.com. Многу ја цениме вашата дарежливост која ни помага да печатиме публикации за проучување на Библијата за оние кои сакаат да учат за Јехова и да му се радуваат на животот засекогаш (Псалм 22:26).

a Излегувањето на оваа нова публикација беше објавено на годишниот состанок, кој подоцна беше емитуван на JW Broadcasting.