БИДЕТЕ БУДНИ!
Билиони потрошени на војни — која е вистинската цена?
Сумата што се троши за војни е огромна.
„Глобалната воена потрошувачка достигна рекордни 2,2 билиони долари за неколку војни“ (The Washington Post, 13 февруари 2024).
Цената што се плаќа за една војна вклучува многу повеќе од само пари. Еве еден пример: Војната во Украина.
Војници. Според некои проценки, речиси 500.000 војници се убиени или ранети откако започна војната пред две години.
Цивили. Според Обединетите нации, повеќе од 28.000 се убиени или повредени. Меѓутоа, еден висок службеник на ОН изјавил: „Не е возможно да се процени колку човечки животи се уништени од оваа деструктивна војна“. a
Цената на човечкото страдање кое е последица на војни или конфликти низ целиот свет е огромна.
114 милиони — број на лица кои се раселени поради војна или насилство низ целиот свет до септември 2023.
783 милиони — број на лица кои хронично гладуваат. „Конфликтот е сѐ уште најголем причинител за глад, 70 отсто од луѓето кои гладуваат низ целиот свет живеат на подрачја погодени од војни и насилство“ (Светска програма за храна).
Ќе им дојде ли некогаш крај на војните? Има ли надеж за мир? Дали некогаш светските ресурси кои ги има во изобилство ќе бидат користени за да се победат гладот и сиромаштијата? Што вели Библијата?
Време на војни
Библијата прорекла дека ќе има војни низ целиот свет и тие се претставени со еден јавач на коњ.
„И излезе друг коњ со пламена боја. На неговиот јавач му беше дадено да го одземе мирот од земјата за луѓето да се убиваат едни со други. И му беше даден голем меч“ (Откровение 6:4).
Тој симболичен јавач го следат други два јавачи кои ги претставуваат гладот и смртта предизвикана од заразни болести и други причини (Откровение 6:5-8). За да дознаеш нешто повеќе за ова библиско пророштво и зошто можеме да бидеме сигурни дека се исполнува во наше време, прочитај ја статијата „Што претставуваат четирите јавачи?“
Мир во иднина
Наскоро, светските ресурси повеќе нема да се користат за војни. Но ова нема да биде резултат на човечки напори. Библијата вели:
Бог ќе ги прекине „војните до крајот на земјата“ (Псалм 46:9).
Бог ќе ги поправи ужасните последици од војните. „Тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано, помина“ (Откровение 21:4).
Бог ќе обезбеди траен мир за сите. „Мојот народ ќе живее во мирни престојувалишта, во безбедни живеалишта, во почивалишта каде што никој нема да ги вознемирува“ (Исаија 32:18).
Според библиските пророштва, војните и другите настани што се случуваат денес покажуваат дека ова време на мир е многу близу.
Како Бог ќе донесе мир насекаде? Тој ќе го стори тоа преку неговата небесна влада, односно Царство (Матеј 6:10). За да дознаеш што е ова Царство и што ќе значи тоа за тебе, гледај го краткиот видеоклип Што е Божјето Царство?
a Мирослав Јенча, помошник генерален секретар на Обединетите нации за Европа, 6 декември 2023.