Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Вистинска надеж за подобро утре

Вистинска надеж за подобро утре

 Гледаш ли на иднината со оптимизам? Многу луѓе се трудат да останат позитивни и покрај сериозните проблеми со кои се соочуваме денес. Но дали навистина можеме да очекуваме работите да се подобрат? Да! Библијата ни дава вистинска надеж за подобро утре.

 Каква надеж дава Библијата?

 Библијата кажува дека човештвото се соочува со огромни проблеми. Сепак, таа ветува дека овие проблеми нема да траат засекогаш. Еве некои конкретни примери:

  •   Проблем: Бездомништво

     Што вели Библијата: „Тие ќе градат куќи и ќе живеат во нив“ (Исаија 65:21).

     Како тоа ќе се исполни во иднина: Сите ќе имаат свој дом.

  •   Проблем: Невработеност и сиромаштија

     Што вели Библијата: „Моите избраници ќе уживаат во плодовите на своите раце“ (Исаија 65:22).

     Како тоа ќе се исполни во иднина: Сите луѓе ќе имаат работа која ги исполнува и ќе уживаат во плодовите на својот труд.

  •   Проблем: Неправда

     Што вели Библијата: „Кнезовите ќе владеат по правдата“ (Исаија 32:1).

     Како тоа ќе се исполни во иднина: Расните, социјалните и економските неправди ќе бидат искоренети засекогаш. Со сите ќе се постапува праведно.

  •   Проблем: Неисхранетост и глад

     Што вели Библијата: „На земјата житото богато ќе роди, по планинските врвови ќе го има во изобилство“ (Псалм 72:16).

     Како тоа ќе се исполни во иднина: За сите ќе има изобилство здрава храна. Никој нема да си легнува гладен или да страда од неисхранетост.

  •   Проблем: Криминал и насилство

     Што вели Библијата: „Секој ќе седи под својата лоза и под својата смоква и никој нема да го плаши“ (Михеј 4:4).

     Како тоа ќе се исполни во иднина: Сите ќе се чувствуваат безбедно бидејќи нема да има злобни луѓе, а „праведниците ќе ја поседуваат земјата“ (Псалм 37:10, 29).

  •   Проблем: Војни

     Што вели Библијата: „Народ против народ повеќе нема да крева меч и повеќе нема да учат да војуваат“ (Исаија 2:4).

     Како тоа ќе се исполни во иднина: Ќе има мир низ целата Земја (Псалм 72:7). Никој нема да ја оплакува смртта на некој близок убиен во војна, ниту поради војна да бара засолниште на друго место.

  •   Проблем: Болести

     Што вели Библијата: „Никој од жителите нема да рече: ’Болен сум‘“ (Исаија 33:24).

     Како тоа ќе се исполни во иднина: Луѓето нема повеќе да страдаат поради некој хендикеп, ниту да се разболуваат (Исаија 35:5, 6). Библијата дури ветува дека „смрт нема да има веќе“ (Откровение 21:4).

  •   Проблем: Уништување на животната средина

     Што вели Библијата: „Ќе се радуваат пустината и безводниот крај, ќе се весели пустелијата и ќе процвета како шафран“ (Исаија 35:1).

     Како тоа ќе се исполни во иднина: Земјата ќе стане рај на кој ќе живеат луѓето, како што Бог имал намера на почетокот (1. Мојсеева 2:15; Исаија 45:18).

 Дали надежта што ни ја нуди Библијата е премногу добра за да биде вистинита?

 Сосема разбирливо ако мислиш дека е така. Сепак, те поттикнуваме подлабоко да истражиш што вели Библијата за иднината. Ветувањата кои се наоѓаат во Библијата се од Бог и многу се разликуваат од ветувањата и предвидувањата на луѓето. Зошто го велиме тоа?

  •   Бог е достоен за доверба. Библијата вели дека Бог „не може да лаже“ (Тит 1:2). Освен тоа, само Бог има способност да ја претскаже иднината (Исаија 46:10). Во Библијата има многу примери кои докажуваат дека она што Бог ќе го прорече секогаш се исполнува. За повеќе информации, гледај го видеоклипот Дали Библијата е книга од Бог?

  •   Бог има моќ да ги реши нашите проблеми. Библијата вели дека Бог има моќ да направи сѐ што сака (Псалм 135:5, 6). Со други зборови, ништо не може да го спречи Бог да ги исполни своите ветувања. Освен тоа, Бог сака да ни помогне бидејќи нѐ сака (Јован 3:16).

 Се разбира, можеби се прашуваш: „Ако Бог сака да ни помогне и има моќ да го направи тоа, зошто сѐ уште имаме толку многу проблеми?“ За да добиеш одговор на тоа прашање, гледај го видеоклипот Зошто Бог ги дозволува страдањата?

 Како оваа надеж ќе се исполни?

 Преку своето Царство, влада на небото, Бог ќе ги исполни своите ветувања. Тој го поставил Исус Христос за Владетел на тоа Царство и му дал авторитет да се грижи за Земјата и за луѓето кои живеат на неа. Кога бил на Земјата, Исус ги лекувал болните, ги хранел гладните, покажал дека има моќ над природните појави, па дури и воскреснувал мртви (Марко 4:39; 6:41-44; Лука 4:40; Јован 11:43, 44). Со тоа покажал што ќе направи како Цар на Божјето Царство.

 Гледај го видеоклипот Што е Божјето Царство? за да дознаеш што ќе направи Божјето Царство за тебе лично.

 Кога оваа надеж ќе се исполни?

 Наскоро! Зошто може да бидеме сигурни во тоа? Библијата ги прорекла настаните што покажуваат дека Божјето Царство наскоро ќе почне да владее на Земјата (Лука 21:10, 11). Тие настани се исполнуваат пред наши очи.

 За да дознаеш нешто повеќе, прочитај ја статијата „Кога Божјето Царство ќе почне да владее со Земјата?

 Како надежта од Библијата може да ти помогне денес?

 Еден библиски писател ја споредил надежта што ја дава Библијата со „котва за душата“ (Евреите 6:19). Како што котвата цврсто го држи бродот за време на бура, така и цврстата надеж за иднината може да ни помогне да ги пребродиме проблемите со кои се соочуваме денес. Нашата надеж може да го заштити нашето емоционално, ментално, па дури и физичко здравје (1. Солуњаните 5:8).