Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што вели Библијата за недостигот на храна?

Што вели Библијата за недостигот на храна?

 „Потполно отстранување на гладот.“ Ваква цел имаат светските лидери во врска со еден од најголемите проблеми на човештвото — да се обезбеди храна за секој човек на планетата. a Но дали некогаш ќе дојде време кога никој нема да гладува? Што вели Библијата?

Библијата прорекла дека ќе има недостиг на храна

 Во Библијата е проречено дека во нашево време ќе има недостиг на храна. Овој период е наречен „последните денови“ (2. Тимотеј 3:1). Бог не е виновен за недостигот на храна. Сепак, тој нѐ предупредил за овој проблем (Јаков 1:13). Да разгледаме две библиски пророштва.

 „Ќе има глад... на разни места“ (Матеј 24:7). Со овие зборови Библијата прорекла дека гладот ќе биде широко распространет. Значајно е да се забележи дека во еден неодамнешен извештај во врска со производството и дистрибуцијата на храна пишува: „Светот оди назад во своите обиди да му стави крај на гладот, како и на недостигот на храна и на неисхранетоста“. b Стотици милиони луѓе во десетици земји ја немаат храната што им е потребна. За жал, како последица на тоа, мнозина од нив умираат.

 „Гледај — црн коњ и на него јавач кој имаше терезија во раката“ (Откровение 6:5). Во ова пророштво, коњот и јавачот имаат симболично значење и го претставуваат гладот во последните денови. c Јавачот има терезија во раката со цел да ја мери храната за да може секој да добие по малку. Додека јавачот јава, еден глас објавува дека цената на храната ќе биде многу висока и ги предупредува луѓето да ги штедат основните прехранбени продукти (Откровение 6:6). Ова пророштво многу добро ја опишува денешната глобална криза за храна — криза во која милијарди луѓе не можат да набават или да си дозволат здрава храна.

Како ќе се реши проблемот со недостиг на храна?

 Експертите велат дека нашата планета дава и повеќе од доволно храна за да се прехрани секој што живее на неа. Тогаш, зошто има недостиг на храна? Кои проблеми водат до тоа? И, како во Библијата е опишано дека нашиот Творец, Јехова, d ќе ги реши овие проблеми?

 Проблем: Владите не можат да им стават крај на сиромаштијата и на економската нееднаквост поради кои луѓето гладуваат.

 Решение: Несовршените човечки влади ќе бидат заменети со една совршена влада — Божјето Царство (Даниел 2:44; Матеј 6:10). Денес, многу сиромашни луѓе не успеваат секогаш да ги обезбедат основните намирници, но под власта на Божјето Царство тоа ќе се смени. Во врска со Исус Христос, Царот на Божјето Царство, Библијата вели: „Тој ќе го избави сиромавиот кој вика за помош, страдалникот и секој што нема помошник... На земјата житото богато ќе роди, по планинските врвови ќе го има во изобилство“ (Псалм 72:12, 16).

 Проблем: Војните предизвикуваат огромни штети и економска нестабилност, поради што се ограничува или спречува дистрибуцијата на храна.

 Решение: „[Јехова] ги прекинува војните до крајот на земјата. Го крши лакот, го здробува копјето, со оган ја пали колата“ (Псалм 46:9). Бог ќе го уништи сето оружје, како и луѓето што предизвикуваат војни. Како резултат на тоа, секој ќе има безбеден и лесен пристап до храна. Библијата ветува: „Ќе процвета праведникот и ќе има голем мир“ (Псалм 72:7).

 Проблем: Поради екстремните временски услови и природните катастрофи, се уништуваат посевите и угинува стоката.

 Решение: Бог ќе ги држи под контрола природните сили на Земјата, при што ќе има поволни услови за производство на храна. Библијата вели: „[Јехова] ја смирува бурата за да настане тишина, па се смируваат морските бранови... Тој ја претвора пустелијата во езеро и безводната земја во водни извори. И таму ги населува гладните... Засеваат ниви и садат лозја за да донесат обилна летина“ (Псалм 107:29, 35-37).

 Проблем: Алчни и корумпирани поединци произведуваат храна која не е безбедна или спречуваат храната да стигне до оние на кои им е потребна.

 Решение: Божјето Царство ќе ги отстрани сите нечесни и корумпирани луѓе (Псалм 37:10, 11; Исаија 61:8). Библијата вели дека Јехова е Бог кој „им дава правда на оние со кои се постапува неисправно, и им дава леб на гладните“ (Псалм 146:7).

 Проблем: Една третина од храната која се произведува во светски рамки се фрла или пропаѓа секоја година.

 Решение: Под власта на Божјето Царство, со резервите со храна ќе се постапува на мудар начин. Додека бил на Земјата, Исус внимавал да не се расфрла храната. На пример, во една прилика со чудо нахранил едно мноштво кое броело повеќе од 5.000 души. Подоцна, тој им рекол на своите ученици: „Соберете ги парчињата што останаа за да не пропадне ништо!“ (Јован 6:5-13).

 Бидејќи Божјето Царство ќе ги реши сите проблеми поради кои има глад, сите луѓе ќе уживаат во изобилство на квалитетна и здрава храна (Исаија 25:6). За да дознаеш кога Божјето Царство ќе го постигне ова, прочитај ја статијата „Кога Божјето Царство ќе почне да владее со Земјата?

a Агенда за одржлив развој до 2030, усвоена од сите земји членки на Обединетите нации во 2015 год.

b Заеднички извештај на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации, Меѓународниот фонд за развој на земјоделството, Фондот за деца при Обединетите нации, Светската програма за храна при Обединетите нации и Светската здравствена организација.

c За да дознаеш нешто повеќе за сите четири јавачи кои се спомнати во книгата Откровение, прочитај ја статијата „Што претставуваат четирите јавачи?

d Јехова е името на Бог (Псалм 83:18). Види ја статијата „Кој е Јехова?