Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што вели Библијата за глобалната криза за вода?

Што вели Библијата за глобалната криза за вода?

 На сите нас ни е потреба чиста вода за да опстанеме. Но, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави дека, „поради тоа што глобалната побарувачка за вода сѐ повеќе расте, се соочуваме со сериозна криза за вода“. Милијарди луѓе во светот веќе тешко доаѓаат до вода за пиење.

Strdel/AFP via Getty Images

 Дали некогаш ќе има доволно вода за сите? Или, секогаш ќе постои криза за вода? Што вели Библијата?

Што ветува Библијата во врска со резервите на вода

 Од Библијата дознаваме дека еден ден веќе нема да има недостиг на вода. Всушност, ќе има изобилство чиста, питка вода.

 „Во пустината ќе бликнат води и во исушената земја — потоци. Изгорената земја ќе се претвори во езеро, а жедната почва — во водни извори“ (Исаија 35:6, 7).

 Зошто можеме да имаме доверба во ова ветување од Библијата? Да разгледаме што вели таа за еден детаљ поврзан со начинот на кој е создадена нашата планета.

Што вели Библијата во врска со Земјата и кружниот тек на водата

 „[Бог] не ја создаде [Земјата] залудно, туку ја обликува за да биде населена“ (Исаија 45:18).

 Бидејќи ја создал Земјата самата да може да го одржува животот на неа, Бог осмислил природни процеси со кои се произведува огромно количество питка вода.

 „[Бог] ги црпи капките вода во висините, па тие се цедат одозгора како дожд и како негова магла, и тогаш облаците капат, се излеваат врз луѓето изобилно“ (Јов 36:27, 28).

 Во овие стихови со едноставни зборови е опишан еден природен систем што го осмислил Бог со кој се овозможува водата постојано да кружи и секогаш да има доволно количество од овој природен ресурс. Водата испарува од земјата и морињата, кондензира и потоа паѓа како дожд, со што се овозможува постојано да има чиста и питка вода за луѓето и за животните (Проповедник 1:7; Амос 5:8).

 „Ќе ви давам дожд во право време, и земјата ќе го дава својот род, и дрвјата во полето ќе ги даваат своите плодови“ (3. Мојсеева 26:4).

 Бог им ветил на древните Израелци, народ кој се занимавал со земјоделство, дека ќе ги благослови со богата жетва така што редовно ќе им дава вода. Тој знаел дека, за да се произведе храна, потребно е доволно количество дожд во вистинско време.

 Она што Бог го направил за Израелците во минатото наскоро ќе го направи за целата Земјата (Исаија 30:23). Во меѓувреме, во многу делови од светот кризата за вода се зголемува, а недостигот од дожд е само една причина за проблемот. Што друго кажува Библијата во врска со решението за денешните проблеми со водата?

Како ќе ѝ биде ставен крај на кризата со вода

 Библијата ни открива дека Бог, преку своето Царство, ќе ги реши проблемите кои го загрозуваат животот на нашата планета, вклучувајќи ја и денешната криза за вода (Матеј 6:9, 10). Божјето Царство е небесна влада која ќе владее над Земјата (Даниел 2:44; Откровение 11:15). Освен тоа, Божјето Царство ќе го направи она што човечките влади не се способни да го направат — ќе ги отстрани причините за проблемите со вода.

 Проблем: Климатските промени придонесуваат за сериозна нерамнотежа во кружниот тек на водата. Последиците кои се јавуваат се невидени суши, како и големи поплави, сеедно дали се предизвикани од силни дождови или од покачено ниво на морето.

 Решение: Божјето Царство ќе ја врати природната рамнотежа на околината за да може нашата планета да се обнови. Бог ветил: „Гледај, правам сѐ ново!“ (Откровение 21:5). Сушните предели ќе изобилуваат со питка вода. Благодарение на тоа, дури и местата кои денес се ненаселиви ќе вријат од живот (Исаија 41:17-20). Исто така, Божјето Царство, чиј Цар е Исус Христос, ќе има контрола над природните сили на Земјата.

 Кога бил на Земјата, Исус смирил една застрашувачка бура и со тоа во мала мера покажал колкава моќ му дал Бог (Марко 4:39, 41). Под власта на Исус, повеќе нема да се случуваат природни катастрофи. Луѓето ќе живеат во вистински мир и сигурност, без да стравуваат од каква и да е катастрофа.

 Проблем: Луѓето кои не размислуваат за последиците од своите постапки и алчните корпорации ги загадуваат реките, езерата и подземните води и со тоа дополнително придонесуваат за недостигот на чиста вода.

 Решение: Бог ќе ја исчисти Земјата и ќе ја поправи штетата што им е нанесена на реките, езерата, морињата и почвата. Земјата ќе стане рај. На поетски начин, во Библијата е опишано следново: „Ќе се радуваат пустината и безводниот крај, ќе се весели пустелијата и ќе процвета како шафран“ (Исаија 35:1).

 Што ги чека оние што немаат никаква почит кон животната средина и кон луѓето? Бог ветил дека ќе ги уништи „оние што ја уништуваат земјата“ (Откровение 11:18, фуснота; Изреки 2:21, 22).

 Проблем: Луѓето ги злоупотребуваат водните ресурси и поради тоа резервите се трошат побрзо отколку што можат да се надополнат.

 Решение: Благодарение на Божјето Царство, на Земјата ќе се врши Божјата волја, а не волјата на себичните луѓе (Матеј 6:9, 10). Божјето Царство ќе им го обезбеди најдоброто образование на своите поданици на Земјата. Во Исаија 11:9 стои: „Земјата ќе биде полна со знаење за Јехова“. a Поттикнати од таквото знаење и од длабока љубов кон Бог и кон сите негови созданија, луѓето совршено ќе се грижат за нашата прекрасна планета и за нејзините природни ресурси.

  •    За да дознаеш нешто повеќе за тоа што ќе направи Божјето Царство, прочитај ја статијата „Што ќе постигне Божјето Царство?

  •    Прочитај го поглавје 35 од библиската книга Исаија за да дознаеш како Земјата ќе биде претворена во рај.

  •    Гледај го видеоклипот Зошто Бог ја создал Земјата? за да дознаеш нешто повеќе за Божјата намера со Земјата и со луѓето.

a Јехова е името на Бог (Псалм 83:18). Прочитај ја статијата „Кој е Јехова?