БИДЕТЕ БУДНИ!
Земјата е на работ на уништување — Што вели Библијата?
„Незапирливо одиме кон климатска катастрофа. Големи градови под вода. Невидени топлотни бранови. Страшни бури. Глобален недостиг на вода. Истребување на милиони видови на растенија и животни. Ова не е научна фантастика или преувеличување. Науката вели дека сето ова ќе биде последица од лошото управување со енергетските ресурси“ (Говор на генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, во врска со извештајот на Меѓувладиниот панел за климатски промени објавен на 4 април 2022 год.).
„Научниците предупредуваат дека во наредните години од катастрофите предизвикани од климатските промени ќе бидат погодени речиси сите 423 национални паркови [во САД], кои се особено осетливи на сѐ повисоките температури. Бројните опасности се со библиски размери: пожари и поплави, топење на ледената обвивка, издигање на нивото на морето и топлотни бранови“ („Големите поплави во Јелоустоун — алармантно предупредување“, The New York Times, 15 јуни 2022 год.).
Има ли решение за еколошката криза? Ако да, кој го има решението? Дознај што вели Библијата за тоа.
Еколошката криза е проречена
Во Библијата пишува дека Бог ќе ги уништи „оние што ја уништуваат земјата“ (Откровение 11:18). Од овој стих учиме три работи:
1. Луѓето ќе ѝ нанесат голема штета на Земјата.
2. Уништувањето на Земјата ќе биде запрено.
3. Бог, а не луѓето, ќе ја реши еколошката криза на нашата планета.
Нашата планета ја очекува светла иднина
Во Библијата пишува дека „земјата останува засекогаш“ (Проповедник 1:4). Земјата секогаш ќе биде населена.
„Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Псалм 37:29).
Нашата планета ќе биде потполно обновена.
„Ќе се радуваат пустината и безводниот крај, ќе се весели пустелијата и ќе процвета како шафран“ (Исаија 35:1).