Што ни откриваат живите организми
Живи организми растат, се движат и се размножуваат насекаде околу нас. Тие ѝ даваат на нашата планета уникатна убавина. И, денес човештвото знае многу повеќе за живите организми од кога и да било порано. Што ни откриваат живите организми во врска со потеклото на животот? Размисли за следново.
Сложеноста на живите организми укажува на тоа дека биле создадени. За клетките се вели дека се градбени блокови на животот. Во овие ситни фабрики се одвиваат илјадници многу сложени процеси кои ѝ овозможуваат на клетката да остане жива и да се дели. Таква сложеност се среќава дури и кај наједноставните форми на живот. На пример, размисли за пекарскиот квасец кој е едноклеточен организам. Во споредба со една човечка клетка, клетката на квасецот може да изгледа едноставно. Но, всушност, таа е неверојатно сложена. Во неа има јасно дефинирано јадро со ДНК. Во клетката на квасецот има и микроскопски „машини“ кои распределуваат, пренесуваат и модифицираат молекули — чекори кои се неопходни за овие организми да живеат. Кога клетката на квасецот повеќе нема со што да се храни, во неа започнуваат сложени хемиски процеси кои ја забавуваат нејзината активност. Тоа му овозможува на пекарскиот квасец да остане неактивен, но сепак жив, долго време во кујната сѐ додека повторно не се активира при процесот на правење леб.
Научниците веќе со децении ги проучуваат клетките на квасецот со цел подобро да ги разберат човечките клетки. Но, има уште многу да се истражува на ова поле. Роз Кинг, професор по машинска интелигенција на технолошкиот универзитет Чалнерс во Шведска, вели: „Нема доволно биолози за да ги направиме сите потребни експерименти со цел да разбереме како функционира една едноставна клетка како што е клетката на квасецот“.
Што мислиш ти? Дали тоа што клетките на квасецот се толку сложени е доказ дека некој ги создал? Дали една таква клетка можела да настане случајно?
Живот може да настане само од живот. ДНК е составена од молекули наречени нуклеотиди. Секоја човечка клетка содржи 3,2 милијарди нуклеотиди. Прецизниот редослед според кој се подредени нуклеотидите формира специфичен код кој ѝ овозможува на клетката да создава ензими и протеини.
Шансите дури и наједноставниот синџир од нуклеотиди случајно да го формира исправниот редослед се 1 спрема 10150 (единица со 150 нули). Да се случи такво нешто едноставно е невозможно.
Факт е дека со ниту еден научен експеримент не е докажано дека живот може да настане случајно од нежива материја.
Човечкиот живот е уникатен. Како луѓе, ние поседуваме карактеристики кои ни овозможуваат потполно да уживаме во животот, и тоа на начини на кои другите живи суштества не можат. Креативни сме, друштвени сме и ги изразуваме нашите чувства. Препознаваме и уживаме во различни вкусови, мириси, звуци, бои и глетки. Правиме планови за иднината и бараме смисла во животот.
Што мислиш ти? Дали овие карактеристики еволуирале во нас затоа што ни биле потребни за да преживееме и за да се размножуваме? Или, дали е можно тие да се показател дека животот е дар од еден грижлив Творец?