Кој е во право?
„Универзумот можел да се создаде и се создал самиот себеси од ништо“ (Стивен Хокинг и Леонард Млодинов, физичари, 2010).
„Бог ги создаде небото и земјата“ (Библијата, 1. Мојсеева 1:1).
Дали универзумот и животот во него биле создадени од Бог или настанале по пат на случајност? Зборовите на двајцата физичари кои се цитирани погоре и почетните зборови на Библијата ни даваат два сосема спротивни одговори на ова прашање. И за двете гледишта има силни поборници. Сепак, има и многу луѓе кои не знаат во што да веруваат. Во популарните книги и во јавните дебати се изнесуваат спротивставени мислења.
Твоите професори можеби уверливо тврдат дека не постои Творец и дека универзумот и животот во него настанале случајно. Но, дали тие ти изнеле докази дека не постои Творец? Од друга страна, можеби си чул како религиозни водачи поучуваат дека постои Творец. Но, дали тие ти изнеле докази за да го поткрепат своето тврдење? Или можеби ти велат да ја прифатиш нивната изјава како прашање на „вера“?
Веројатно и ти си размислувал за ова прашање и можеби сметаш дека никој не може со сигурност да каже дали постои Творец. А можеби се прашуваш и дали е навистина важно да го знаеш одговорот на ова прашање.
Во овој број на Разбудете се! најпрво ќе бидат разгледани некои докази кои увериле многумина дека постои Творец. А потоа ќе се зборува за тоа зошто е важно да го знаеме одговорот на прашањето во врска со потеклото на животот на Земјата.