Што ни открива универзумот?
Астрономите секогаш одново се восхитени од универзумот. И опремата што ја користат за истражување е подобра од кога и да било порано. Што откриле досега?
Во универзумот владее ред. Во една статија во списанието Astronomy пишува дека „галаксиите не се само така расфрлени во вселената, туку дека се подредени во облик на мрежа од пајак“. Како е можно ова? Научниците сметаат дека тајната можеби лежи во една невидлива материја позната како темна материја. За оваа темна материја се вели дека е „еден вид невидлив скелет кој... галаксиите, јатата галаксии и суперјатата галаксии... ги држи на свое место“.
Зошто во универзумот владее таков ред? Дали е можно тоа да е резултат на некој случаен процес? Забележи ја изјавата на починатиот астроном Ален Сандејџ кој се смета за „еден од најголемите и највлијателните астрономи на 20-тиот век“ и кој верувал во Бог.
Тој рекол: „Мислам дека е речиси невозможно еден таков ред да настанал од хаос. Некој мора да стои зад таа организираност“.
Прецизните сили и закони во универзумот овозможуваат да има живот. Да го земеме за пример она што научниците го нарекуваат слаба нуклеарна сила. Таа му овозможува на Сонцето да гори со постојана брзина. Доколку оваа сила би била послаба, Сонцето немало никогаш да се формира, а доколку би била посилна, тоа би исчезнало многу одамна.
Слабата сила е само една од неколкуте сили или закони во универзумот кои прецизно функционираат за да може да постои живот. Анил Анентасвоми, писател на научни теми, вели дека, доколку само еден од овие закони би бил различен, „никогаш не би се формирале ѕвезди, планети и галаксии. Би немало никакви шанси да постои живот“.
Во универзумот има идеален дом за луѓето. Земјата е опремена со атмосфера токму каква што ѝ е потребна, со доволно количество вода и со месечина чија совршена големина ѝ дава стабилност. Во списанието Нешнл Џиографик го пишува следново: „Сложената мрежа на геологијата, екологијата и биологијата на нашата планета ја прави оваа чудесна карпа [Земјата] единственото место за кое досега знаеме дека е погодно за живот на луѓе“. a
Во врска со нашиот Сончев Систем, еден писател напишал дека „се наоѓа среде никаде“ во нашата галаксија. Но, токму тоа овозможува да има живот на Земјата. Доколку би живееле поблиску до другите ѕвезди — без разлика дали во центарот на нашата галаксија или на нејзините спирални краци — радијацијата би го довела во опасност нашиот живот. Но, ние живееме во она што некои научници го нарекуваат „галактичка зона погодна за живот“.
На темел на своето научно познавање на вселената и на законите кои владеат во неа, физичарот Пол Дејвис го заклучил следново: „Не можам да верувам дека нашето постоење во овој универзум е само игра на судбината, случаен настан во историјата, случајно отстапување во огромната космичка драма... Навистина сме тука со причина“. Сепак, Дејвис не го застапува гледиштето дека Бог ги создал универзумот и човекот. Но, што мислиш ти? Се чини дека универзумот и Земјата се осмислени на начин кој овозможува да има живот. Дали ова можеби е случај затоа што се создадени со таа цел?
a Целта на оваа статија од Нешнл Џиографик не е да укаже дека Бог ги создал Земјата и луѓето. Наместо тоа, во неа едноставно се кажува дека на Земјата има идеални услови за живот на луѓе.