Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 31

ПЕСНА 12 Јехова е величествен Бог

Што направил Јехова за да нѐ избави од гревот и од смртта

Што направил Јехова за да нѐ избави од гревот и од смртта

Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син (ЈОВАН 3:16)

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Да видиме што направил Јехова за да ни помогне да се бориме против гревот и да му служиме. Исто така, ќе видиме како ни овозможил да живееме вечно и засекогаш да бидеме ослободени од гревот.

1-2. а) Што е грев, и како можеме да победиме во борбата против него? (Види и „Појаснување“.) б) Што ќе разгледаме во оваа статија и во другите статии од овој број на Стражарска кула? (Види и во „Забелешка за читателите“, која се наоѓа во овој број.)

 САКАШ ЛИ да знаеш колку голема љубов има Јехова Бог кон тебе? Можеш да го дознаеш одговорот така што ќе проучуваш што направил тој за да те избави од гревот и од смртта. Гревот a е ужасен непријател, кој не можеш да го победиш сам. Сите грешиме секој ден. И, поради гревот умираме (Рим. 5:12). Но, има една добра вест. Со помош од Јехова, можеме да го победиме гревот. Всушност, нашата победа над гревот е потполно сигурна!

2 Веќе околу 6.000 години, Јехова Бог им помага на луѓето да се борат против гревот. Зошто? Бидејќи нѐ сака. Јехова ги сака луѓето уште откако ги создал. Поради неговата голема љубов, тој направил многу работи за да ни помогне во нашата борба против гревот. Бог знае дека гревот води во смрт, а тој не сака да умреме. Јехова сака да живееме засекогаш (Рим. 6:23). Тој го посакува истото и за тебе. Во оваа статија, ќе разгледаме три прашања: 1) Каква надеж му дал Јехова на грешното човештво? 2) Како некои грешни луѓе во библиско време ја стекнале наклоноста на Јехова? 3) Што направил Исус за да ги избави луѓето од гревот и од смртта?

КАКВА НАДЕЖ МУ ДАЛ ЈЕХОВА НА ГРЕШНОТО ЧОВЕШТВО?

3. Што довело до тоа нашите први родители да станат грешници?

3 Кога ги создал првиот маж и првата жена, Јехова сакал тие да бидат среќни. Им дал прекрасен дом, им го дал бракот како дар и им дал интересна задача која ги исполнувала. Тие требало да ја наполнат Земјата со нивни потомци и целата планета да ја претворат во рај сличен на еденската градина. Јехова им дал само една едноставна забрана. Исто така, ги предупредил дека, ако ја прекршат таа заповед така што намерно ќе се побунат против него, нивниот грев ќе води до смрт. Знаеме што се случило. Еден злобен ангел, кој не ги сакал ниту Бог ниту нив, ги навел Адам и Ева да го направат тој грев. Тие потпаднале под лошото влијание на Сатана. Бидејќи немале доверба во својот Татко, кој толку многу ги сакал, тие направиле грев. И, како што знаеме, зборовите на Јехова се исполниле. Од тој ден, тие морале да ги трпат последиците: почнале да стареат и на крајот умреле (1. Мој. 1:28, 29; 2:8, 9, 16-18; 3:1-6, 17-19, 24; 5:5).

4. Зошто Јехова го мрази гревот, и зошто ни помага да се бориме против него? (Римјаните 8:20, 21).

4 Јехова се погрижил овој извештај да биде запишан во Библијата за да можеме да разбереме нешто многу важно. Тој ни помага да сфатиме зошто Јехова толку многу го мрази гревот. Гревот нѐ одвојува од нашиот Татко и нѐ води во смрт (Иса. 59:2). Сатана ги мрази Јехова и луѓето. Токму затоа, тој ги навел Адам и Ева на грев, а продолжува да ги искушува и луѓето денес. Затоа, кога Адам и Ева згрешиле, Сатана веројатно си мислел дека ја осуетил Божјата намера за луѓето. Но, тој не сфатил колку голема љубов има Јехова. Бог никогаш не ја сменил својата намера за потомците на Адам и Ева. Тој ги сака луѓето и затоа веднаш дал надеж за сите. (Прочитај Римјаните 8:20, 21.) Јехова знаел дека некои од тие потомци ќе изберат да го сакаат и дека ќе бараат помош од него за да се борат против гревот. Затоа, како нивен Татко и Творец, тој одлучил да им овозможи да се зближат со него и да бидат ослободени од гревот и од смртта. Што направил Јехова за да го овозможи сето тоа?

5. Кога Јехова му го дал на грешното човештво првиот зрак на надеж? Објасни (1. Мојсеева 3:15).

5 Прочитај 1. Мојсеева 3:15. Првиот зрак на надеж се појавил кога Јехова кажал каква казна го очекува Сатана. Бог прорекол дека едно „потомство“ ќе има клучна улога во надежта за човештвото. Ова потомство на крајот ќе го уништи Сатана и ќе ги отстрани последиците од сето зло што тој го предизвикал во еденската градина (1. Јов. 3:8). Но, Јехова прорекол дека, пред да се случи тоа, Сатана ќе го рани тоа потомство, односно дека ќе го убие. Ова ќе му нанело огромна болка на Јехова. Но, тој бил спремен да ја поднесе сета таа болка бидејќи знаел дека така безброј луѓе ќе бидат спасени од гревот и од смртта.

КАКО НЕКОИ ГРЕШНИ ЛУЃЕ ОД БИБЛИСКО ВРЕМЕ ЈА СТЕКНАЛЕ НАКЛОНОСТА НА ЈЕХОВА?

6. Што направиле Авел, Ное и други верни Божји слуги за да се зближат со Јехова?

6 Низ вековите што следеле, Јехова постепено откривал како можат грешните луѓе да се зближат со него. Авел, вториот син на Адам и Ева, бил првиот човек што покажал вера во Јехова по побуната во еденската градина. Бидејќи го сакал Јехова и сакал да го радува и да се зближи со него, Авел му принел жртва. Тој бил пастир и затоа зел неколку јагниња, ги заклал и му ги принел како жртва на Јехова. Како реагирал Јехова? Тој „[погледнал] со одобрување на Авел и на неговата жртва“ (1. Мој. 4:4). Јехова бил задоволен и со други слични жртви што му ги принеле луѓе кои го сакале и имале доверба во него  како што бил Ное (1. Мој. 8:20, 21). Со тоа што ги прифатил таквите жртви, Јехова покажал дека грешните луѓе можат да ја стекнат неговата наклоност и да се зближат со него. b

7. Што учиме од спремноста на Авраам да го жртвува својот сопствен син?

7 Јехова побарал од Авраам, човек со извонредна вера, да направи нешто многу тешко — да го жртвува својот сопствен син Исак. За Авраам ова сигурно била најтешката задача што можел да си ја замисли. Сепак, тој бил спремен да го послуша Јехова. Но, во последен момент, Бог го спречил Авраам да го убие својот син. Сите луѓе што имаат вера можат да извлечат важна поука од овој пример — Јехова бил спремен да го принесе како жртва својот сопствен Син. Ова покажува колку голема љубов има Јехова кон луѓето (1. Мој. 22:1-18).

8. На што укажувале многуте жртви што биле пропишани со Мојсеевиот закон? (3. Мојсеева 4:27-29; 17:11).

8 Со векови подоцна, кога им го дал Законот на Израелците, Јехова им кажал да принесуваат животински жртви за да им бидат простени гревовите. (Прочитај 3. Мојсеева 4:27-29; 17:11.) Тие жртви укажувале на тоа дека Јехова ќе обезбеди една подобра жртва која потполно ќе го избави човештвото од гревот. Под водство на светиот дух, Божјите пророци објасниле дека ветеното потомство, за кое подоцна се покажало дека е единородниот Божји Син, ќе треба да страда и да умре. Тој ќе бил погубен како жртвено јагне (Иса. 53:1-12). Замисли, Јехова ветил дека неговиот сакан Син ќе биде жртвуван за да го избави човештвото, вклучувајќи те и тебе, од гревот и од смртта!

ШТО НАПРАВИЛ ИСУС ЗА ДА ГИ ИЗБАВИ ЛУЃЕТО?

9. Што кажал Јован Крстител за Исус? (Евреите 9:22; 10:1-4, 12).

9 Во 29 год. од н.е., кога го здогледал Исус од Назарет, Јован Крстител под водство на светиот дух рекол: „Еве го Божјето Јагне, кое го отстранува гревот на светот!“ (Јован 1:29). Овие зборови покажале дека Исус бил потомството кое одамна било проречено. Исус требало да го жртвува својот живот. Конечно, Јеховиното потомство дошло за да извојува потполна победа над гревот. (Прочитај Евреите 9:22; 10:1-4, 12.)

10. Како Исус покажал дека дошол да ги повика грешниците?

10 Исус им обрнал посебно внимание на луѓето кои биле оптоварени од гревот и ги поканил да станат негови следбеници. Тој знаел дека главната причина поради која луѓето страдаат е гревот. Затоа, Исус особено им помагал на оние кои биле познати како грешници. Користејќи една споредба, тој објаснил: „На здравите не им треба лекар, туку на болните“. Потоа додал: „Не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците“ (Мат. 9:12, 13). Исус живеел во склад со тие зборови. Кога една жена му ги измила нозете со своите солзи, тој љубезно зборувал со неа и ѝ ги простил гревовите (Лука 7:37-50). Исус ја поучил Самарјанката крај бунарот за важни вистини и покрај тоа што знаел дека водела неморален начин на живот (Јован 4:7, 17-19, 25, 26). Бог дури му дал моќ на Исус да го отстрани крајниот резултат на гревот — смртта. Како? Исус имал моќ да воскреснува луѓе — лица од машки и женски пол, деца и возрасни (Мат. 11:5).

11. Зошто луѓето кои правеле тешки гревови биле привлечени кон Исус?

11 Не е ни чудо што дури и луѓето кои правеле тешки гревови биле привлечени кон Исус. Тој бил љубезен со нив и им покажувал сочувство. Тие не се плашеле да му пристапат и да зборуваат со него (Лука 15:1, 2). Кога некој од нив ќе покажел вера во него, Исус го пофалувал и го наградувал (Лука 19:1-10). Тој бил милостив исто како неговиот Татко (Јован 14:9). Со своите зборови и постапки, Исус покажал дека неговиот сочувствителен и милостив Татко ги сака луѓето и сака да му помогне на секој човек да извојува победа во борбата против гревот. На луѓето кои правеле тешки гревови, Исус им помагал да развијат желба да го сменат својот начин на живот и да почнат да го следат него (Лука 5:27, 28).

12. Што кажал Исус за својата смрт?

12 Исус знаел што ќе се случи со него. Во неколку прилики, тој им кажал на своите следбеници дека ќе биде предаден и прикован на столб (Мат. 17:22; 20:18, 19). Како што кажал Јован и како што прорекле пророците, Исус знаел дека неговата жртва ќе го отстрани гревот на светот. Исто така, Исус рекол дека откако ќе го принесе својот живот како жртва, „ќе [привлече] кај себе најразлични луѓе“ (Јован 12:32). Грешните луѓе можат да го радуваат Јехова така што ќе покажуваат вера во Исус и ќе бидат послушни на неговите заповеди. Ако прават така, тие на крајот ќе бидат „ослободени од гревот“ (Рим. 6:14, 18, 22; Јован 8:32). Затоа, Исус храбро и спремно прифатил да умре со мачна смрт (Јован 10:17, 18).

13. Како умрел Исус, и што учиме од неговата смрт за Јехова? (Види ја и сликата.)

13 Исус бил предаден од еден негов близок пријател. Потоа, непријателите го уапсиле, го навредувале и го обвиниле за работи што не ги направил. Тие го осудиле Исус на смрт и потоа го мачеле. На крајот, војниците го приковале на столб за да го убијат. Исус верно истрајал додека ги трпел тие болки и страдања. Но, Јехова страдал уште повеќе додека гледал како Исус се мачи. Јехова ја имал моќта и способноста да го прекине страдањето на неговиот Син, но се воздржал и не го направил тоа. Јехова дозволил неговиот сакан Син да страда и да умре. Зошто? Бидејќи има голема љубов кон нас. Исус рекол: „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16).

За да нѐ ослободи од гревот и од смртта, Јехова дозволил неговиот Син да биде погубен и со тоа претрпел незамислива болка (види во пасус 13)


14. Што учиш од жртвата на Исус?

14 Жртвата на Исус е најголемиот доказ дека Јехова ги сака потомците на Адам и Ева. Таа е доказ колку многу Јехова те сака тебе. Тој го жртвувал својот сакан Син и ја претрпел најголемата можна болка за да те спаси од гревот и од смртта (1. Јов. 4:9, 10). Јехова сака да му помогне на секого од нас да се бори против гревот и да извојува победа!

15. Што мора да правиме за да имаме корист од откупната жртва на Исус која е Божји дар?

15 Откупната жртва на Јеховиниот единороден Син е Божји дар кој ни овозможува да ни бидат простени гревовите. Но, за Бог да ни прости, мора да направиме нешто. Што е тоа? Јован Крстител, а потоа и самиот Исус Христос, го дале одговорот: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно!“ (Мат. 3:1, 2; 4:17). Значи, мора да се покаеме за нашите гревови ако навистина сакаме да се бориме против гревот и да се зближиме со нашиот Татко кој многу нѐ сака. Но, што значи да се покаеме, и како тоа може да ни помогне да се бориме против гревот што е во нас? Одговорот ќе го дознаеме во следната статија.

ПЕСНА 18 Благодарни сме за откупнината

a ПОЈАСНУВАЊЕ: Во Библијата, зборот „грев“ може да се однесува на погрешни постапки, односно кога пропуштаме да живееме или да постапуваме во склад со Јеховините морални мерила. Но, зборот „грев“ може да се однесува и на нашата несовршена, грешна состојба што сме ја наследиле од Адам. Наследениот грев е причината поради која сите ние умираме.

b Јехова ги прифаќал жртвите на своите верни слуги од претхристијанските времиња на темел на жртвата на Исус Христос која требало да биде дадена во иднина и која ќе обезбедела трајно ослободување од гревот и од смртта (Рим. 3:25).