Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 14

ПЕСНА 56 Нека те води вистината!

Биди решен да напредуваш кон зрелост

Биди решен да напредуваш кон зрелост

Да напредуваме кон зрелост (ЕВР. 6:1)

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Да дознаеме како еден зрел христијанин размислува и постапува во склад со Божјата волја и како носи мудри одлуки.

1. Што очекува Јехова од нас?

 ЕДЕН од најсреќните моменти за еден маж и за една жена кои се во брак е кога ќе им се роди здраво бебе. Но, и покрај тоа што родителите го сакаат своето новороденче, тие не би сакале тоа засекогаш да остане бебе. Всушност, тие ќе бидат многу загрижени доколку бебето не расте. Слично на тоа, Јехова е многу среќен кога ќе ги направиме нашите први чекори како следбеници на Исус. Но, Јехова не сака да останеме мали деца во духовен поглед (1. Кор. 3:1). Напротив, тој од нас очекува да станеме „возрасни“ христијани (1. Кор. 14:20).

2. Што ќе разгледаме во оваа статија?

2 Што значи некој да стане возрасен христијанин? Што треба да правиме за да станеме зрели христијани? Како ни помага тврдата духовна храна да растеме во духовен поглед? Зошто не треба да бидеме премногу самоуверени? Во оваа статија ќе ги добиеме одговорите на овие прашања.

ШТО ЗНАЧИ НЕКОЈ ДА СТАНЕ ЗРЕЛ ХРИСТИЈАНИН?

3. Што значи некој да стане возрасен христијанин?

3 Во Библијата, грчкиот збор кој е преведен со „возрасни“ може да значи „зрели“, „совршени“ и „потполни“ a (1. Кор. 2:6). Исто како што едно бебе продолжува да расте сѐ додека не стане возрасен човек, ние треба да продолжиме да растеме во духовен поглед сѐ додека не станеме возрасни, односно духовно зрели христијани. Се разбира, дури и кога ќе ја постигнеме таа цел, ние никогаш не треба да престанеме да растеме во духовен поглед (1. Тим. 4:15). Сите ние, вклучувајќи ги и оние што се млади, можеме да бидеме зрели во духовен поглед. Но, по што се гледа дека еден христијанин е духовно зрел?

4. По што се препознава еден зрел христијанин?

4 Еден зрел христијанин го прави сето она што Јехова го бара од него. Тој не избира да го прави само она што нему лично му се допаѓа. Се разбира, поради несовршеноста, ќе прави грешки. Сепак, во својот секојдневен живот тој покажува дека размислува и постапува во склад со Божјата волја. Тој ја облекол новата личност и постојано се труди сѐ повеќе да размислува онака како што размислува Јехова (Еф. 4:22-24). Тој научил да носи мудри одлуки на темел на Јеховините закони и начела, и затоа не му треба долг список со правила за тоа како ќе постапува. Кога ќе донесе одлука, тој дава сѐ од себе за да постапува во склад со неа (1. Кор. 9:26, 27).

5. Со какви опасности се соочува еден христијанин кој не е зрел во духовен поглед? (Ефешаните 4:14, 15).

5 Од друга страна, оној христијанин кој не созреал во духовен поглед лесно би можел да биде заведен од „измама“ и да биде „доведен во заблуда“. Тој може да биде заведен од оние што шират теории на заговор или од отпадници. b (Прочитај Ефешаните 4:14, 15.) Може да биде љубоморен на другите, да создава кавги, лесно да се навредува или да им подлегнува на искушенијата (1. Кор. 3:3).

6. Со што може да се спореди процесот на духовно созревање? (Види ја и сликата.)

6 Како што спомнавме претходно, Библијата го споредува процесот на духовно созревање со процесот на дословно растење и созревање. Има многу работи кои едно дете не ги знае. Затоа му се потребни заштита и водство од некој возрасен човек. На пример, една мајка може да ѝ каже на својата ќеркичка да ја држи за раката додека ја преминуваат улицата. Како што девојчето расте, мајката можеби ќе му дозволи самото да ја преминува улицата, но сепак ќе го потсетува пред да премине да гледа дали поминуваат возила. Кога девојчето ќе стане возрасно, тоа самото ќе знае како да ги избегнува таквите опасности. Исто како што на малите деца им е потребна помош од возрасните за да избегнат некоја опасност, на христијаните што не се зрели во духовен поглед честопати им треба помош од зрели христијани за да избегнат духовни опасности и за да носат мудри одлуки. Од друга страна, кога зрелите христијани треба да донесат одлука, тие длабоко размислуваат за библиските начела за да видат како размислува Јехова, и потоа постапуваат во склад со тоа.

Оние христијани кои не се зрели во духовен поглед треба да научат како да носат мудри одлуки со тоа што ќе ги применуваат библиските начела (види во пасус 6)


7. Дали на зрелите христијани им е потребна помош од другите?

7 Дали ова значи дека на еден зрел христијанин никогаш не му е потребна помош од некој друг? Не. И зрелите христијани понекогаш треба да побараат помош. Но, оној што не е зрел во духовен поглед можеби очекува другите да му кажуваат што да прави или да носат одлуки наместо него. Од друга страна, кога еден зрел христијанин ќе побара помош од другите кои имаат повеќе мудрост и искуство, тој сфаќа дека Јехова очекува од него самиот да го „носи својот товар“ (Гал. 6:5).

8. Во што се разликуваат зрелите христијани еден од друг?

8 Исто како што возрасните луѓе имаат различни физички карактеристики така и зрелите христијани имаат различни особини. На пример, некои можеби се многу мудри, а други се многу храбри. Некои се многу дарежливи, а други се многу сочувствителни. Освен тоа, кога двајца зрели христијани ќе се соочат со слична ситуација, тие можеби ќе дојдат до заклучоци кои се различни, но се во склад со библиските начела. Ова честопати се случува кога треба да донесат одлуки на темел на совеста. Бидејќи се свесни за ова, тие не го осудуваат другиот доколку донел поинаква одлука од неговата. Наместо тоа, тие се трудат да останат обединети (Рим. 14:10; 1. Кор. 1:10).

ШТО ТРЕБА ДА ПРАВИМЕ ЗА ДА СТАНЕМЕ ЗРЕЛИ ХРИСТИЈАНИ?

9. Дали автоматски растеме во духовен поглед? Објасни.

9 Со текот на времето, едно дете ќе порасне и ќе стане возрасна личност. Но, никој не може автоматски да стане духовно зрел. На пример, браќата и сестрите во Коринт ја прифатиле добрата вест, се крстиле, примиле свет дух и многу научиле од поуките на апостол Павле (Дела 18:8-11). Сепак, неколку години по нивното крштавање, многумина од нив сѐ уште не биле зрели во духовен поглед (1. Кор. 3:2). Што може да направиме за да не ни се случи истото и нам?

10. Што мора да правиме за да станеме зрели во духовен поглед? (Јуда 20).

10 За да станеме зрели, најпрво мора да развиеме желба да бидеме зрели. Оние што го сакаат „неискуството“, односно сакаат да останат бебиња во духовен поглед, никогаш нема да станат зрели (Изр. 1:22, фус.). Ние не сакаме да бидеме како некој што е возрасен во физички поглед, но не ја прифаќа одговорноста да носи одлуки, туку чека неговите родители да носат одлуки за него. Наместо тоа, сакаме да ја преземеме одговорноста за нашиот духовен раст, односно да работиме на тоа да стануваме сѐ поблиски со Јехова. (Прочитај Јуда 20.) Ако сѐ уште се трудиш да станеш зрел во духовен поглед, моли го Јехова да ти дава и желба и сила да го постигнеш тоа (Фил. 2:13).

11. Каква помош ни обезбедил Јехова за да станеме зрели христијани? (Ефешаните 4:11-13).

11 Кога станува збор за нашиот духовен раст, Јехова не нѐ препуштил сами на себе. Тој ни обезбедил помош. Ни дал пастири и учители во собранието кои се подготвени да ни помогнат да станеме „возрасни“ во духовен поглед, „додека не пораснеме до Христовата полнота“. (Прочитај Ефешаните 4:11-13.) Исто така, Јехова ни дава свет дух за да ни помогне да го имаме „Христовиот ум“ (1. Кор. 2:14-16). Освен тоа, Бог ни ги дал четирите евангелија за да ни покаже како размислувал, како зборувал и како постапувал Исус додека бил на Земјата. Со тоа што ќе се трудиш да размислуваш и да постапуваш како Исус, ќе можеш да ја оствариш твојата цел да станеш зрел христијанин.

КАКО НИ ПОМАГА ТВРДАТА ДУХОВНА ХРАНА

12. Што е „основното учење за Христос“?

12 За да напредуваме кон зрелост, не треба да останеме само на „основното учење за Христос“, односно на основните христијански учења. Некои од тие основни учења се покајанието, верата, крштавањето и воскресението (Евр. 6:1, 2). Врз таквите учења се темели христијанството. Од таа причина, апостол Петар им зборувал за нив кога им проповедал на луѓето што биле собрани на Педесетница (Дела 2:32-35, 38). Мора да ги прифатиме овие основни учења за да станеме ученици на Христос. На пример, Павле предупредил дека оној што ќе одбие да верува во учењето за воскресение не може да каже дека е вистински христијанин (1. Кор. 15:12-14). Сепак, не смееме да бидеме задоволни само со основните учења на вистината.

13. Што мора да правиме за да извлечеме корист од тврдата духовна храна за која се зборува во Евреите 5:14? (Види ја и сликата.)

13 За разлика од основните учења, тврдата духовна храна ги вклучува не само законите на Јехова туку и неговите начела, кои ни помагаат да разбереме како размислува тој. За да извлечеме корист од таквата храна, мора да ја проучуваме Библијата, длабоко да размислуваме и потоа да дадеме сѐ од себе за да го примениме она што сме го научиле. Додека го правиме тоа, ние, всушност, се учиме да носиме одлуки кои го радуваат Јехова. c (Прочитај Евреите 5:14.)

Тврдата духовна храна нѐ учи како да носиме одлуки што го радуваат Јехова (види во пасус 13) d


14. Како Павле им помогнал на Коринќаните да напредуваат кон зрелост?

14 Кога ќе се соочат со ситуации за кои нема конкретен закон во Библијата, на оние христијани кои не се зрели во духовен поглед честопати им е тешко да донесат исправна одлука. Ако во Библијата за нешто нема конкретен закон, некои можеби сметаат дека можат да прават што сакаат. Други можеби ќе бараат правило таму каде што тоа не е потребно. На пример, христијаните во Коринт, по сѐ изгледа, го прашале Павле дали смеат да јадат храна која била принесена на некој идол. Наместо да им каже што да прават, Павле им укажал на фактот дека секој има право на избор во склад со она што му го дозволува неговата совест. Тој спомнал неколку библиски начела кои можеле да им помогнат да донесат одлука со која ќе зачувале чиста совест и со која немало да ги спрепнат другите (1. Кор. 8:4, 7-9). Павле ги поучил Коринќаните да го користат Светото писмо за самите да носат одлуки, наместо да зависат од други луѓе или само да бараат правила. На овој начин, тој се обидел да им помогне да станат зрели во духовен поглед.

15. Како Павле им помогнал на христијаните со еврејско потекло да напредуваат во духовен поглед?

15 Од она што Павле им го напишал на христијаните со еврејско потекло учиме една важна поука. Некои не продолжиле да растат во духовен поглед. Тие, всушност, станале такви на кои повторно „им треба млеко, а не тврда [духовна] храна“ (Евр. 5:12). Тие не биле во тек со вистината која Јехова постепено им ја откривал преку собранието (Изр. 4:18). На пример, многу Евреи сѐ уште настојувале да се држи Мојсеевиот закон и покрај тоа што, околу 30 години пред тоа, Законот престанал да важи поради откупната жртва на Исус (Рим. 10:4; Тит 1:10). Тој период од 30 години им дал на христијаните доволно време за да сфатат дека повеќе не треба да се држат за Законот. Секој што ќе го прочитал писмото што Павле им го напишал на Евреите можел да потврди дека оваа книга содржи тврда духовна храна. Ова писмо било токму она што им било потребно на тие христијани за да си ја зајакнат верата дека новиот начин на обожавање кој Јехова го воспоставил преку Исус е многу подобар. Исто така, тоа им дало храброст да продолжат да проповедаат и покрај противењето од Евреите (Евр. 10:19-23).

НЕМОЈ ДА БИДЕШ ПРЕМНОГУ САМОУВЕРЕН

16. Освен што ќе напредуваме кон зрелост, што друго мора да правиме?

16 Ние мора да вложуваме голем труд не само за да станеме духовно зрели туку и за да останеме зрели. За ова е потребно да внимаваме да не станеме претерано самоуверени (1. Кор. 10:12). Ние треба да продолжиме да се преиспитуваме за да бидеме сигурни дека и понатаму напредуваме (2. Кор. 13:5).

17. Како писмото на Павле до Колошаните покажува дека е потребно да останеме духовно зрели?

17 Во своето писмо до Колошаните, Павле повторно нагласува колку е важно да останеме духовно зрели. И покрај тоа што Колошаните веќе биле зрели христијани, Павле ги предупредил да внимаваат да не бидат измамени од размислувањето на луѓето во светот (Кол. 2:6-10). И Епафрас, кој очигледно многу добро ги познавал оние што биле во собранието, постојано се молел тие да можат до крај да се одржат зрели во духовен поглед (Кол. 4:12). Што може да научиме од ова? И Павле и Епафрас сфатиле дека, за да останеме духовно зрели, потребно е да вложуваме труд и потребна ни е помош од Бог. Тие сакале Колошаните да останат возрасни, односно духовно зрели христијани, и покрај предизвиците со кои се соочувале.

18. Што може да му се случи на еден зрел христијанин? (Види ја и сликата.)

18 Павле ги предупредил Евреите дека еден зрел христијанин кој не е внимателен би можел засекогаш да го изгуби Божјето одобрување. Срцето на еден христијанин би можело толку многу да се стврдне што тој повеќе нема да може да се покае и да добие простување од Бог. За среќа, Евреите не биле дојдени до тој степен (Евр. 6:4-9). А што е со оние кои денес се неактивни или се исклучени, но подоцна ќе се покаат? Ако понизно се покаат, тие ќе покажат дека не се како оние за кои пишувал Павле. Се разбира, кога ќе му се вратат на Јехова, ним ќе им биде потребна помошта што тој ја обезбедува (Езек. 34:15, 16). Старешините можат да замолат некој зрел соверник да им помогне повторно да зајакнат во духовен поглед.

Јехова им обезбедува помош на оние кои имаат потреба да зајакнат во духовен поглед (види во пасус 18)


19. Каква цел треба да имаме?

19 Ако се трудиш да станеш зрел во духовен поглед, ти можеш да ја постигнеш твојата цел! Продолжи да се храниш со тврда духовна храна и сѐ повеќе да размислуваш како Јехова. А ако веќе си станал зрел во духовен поглед, прави сѐ што можеш за да останеш зрел христијанин — сега и во сета вечност.

КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?

  • Што значи некој да биде зрел христијанин?

  • Што треба да правиме за да станеме зрели христијани?

  • Зошто не треба да бидеме премногу самоуверени?

ПЕСНА 65 Напред!

a Иако во Хебрејските списи не се користат зборовите „зрел“ и „незрел“, во нив има други зборови со кои се пренесува слична смисла. На пример, во книгата Изреки се зборува за една личност која е млада и неискусна, наспроти друга личност која е мудра и разборита (Изр. 1:4, 5).

b На jw.org или во апликацијата JW Library® оди во „Рубрики“, во делот „Разно“ и прочитај ја статијата „Заштити се од дезинформации“.

c Види ја кратката статија „Идеи за проучување“ која се наоѓа во овој број.

d ОПИС НА СЛИКАТА: Еден брат ги применува начелата што ги научил од Божјата Реч кога избира што ќе гледа на телевизија.