СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 16
ПЕСНА 64 Радосно да учествуваме во жетвата
Како да имаш поголема радост во службата
Служете му на Јехова со веселба! (ПС. 100:2)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Во оваа статија ќе разгледаме неколку чекори што можеме да ги преземеме за да имаме поголема радост во службата.
1. Како се чувствуваат некои кога треба да им проповедаат на другите? (Види ја и сликата.)
КАКО Јеховин народ, ние им проповедаме на другите затоа што го сакаме нашиот небесен Татко и затоа што сакаме да им помогнеме на другите да го запознаат. Многу објавители вистински уживаат додека проповедаат. Но, на други им е тешко да го прават тоа со радост. Зошто? Некои можеби се многу срамежливи и немаат самодоверба. На други можеби им е непријатно да одат кај луѓето непоканети. Некои можеби се плашат дека станарите лошо ќе реагираат. А некои можеби биле поучувани да избегнуваат несогласувања со другите. Иако многу го сакаат Јехова, на овие браќа и сестри им е тешко да зборуваат за добрата вест со луѓе кои не ги познаваат. Сепак, тие сфаќаат колку е важно проповедничкото дело, и затоа редовно учествуваат во него. Јехова сигурно многу се радува поради тоа!
2. Ако ти е тешко да најдеш радост во службата, зошто не треба да се обесхрабруваш?
2 Дали понекогаш ти е тешко да најдеш радост во службата поради вакви чувства? Ако е така, не се обесхрабрувај. Тоа што ти недостасува самодоверба може да биде знак дека си понизен и дека не сакаш да привлекуваш внимание кон себеси. Исто така, тоа покажува дека не сакаш да се расправаш со другите. Никој не сака да предизвика другите да се чувствуваат вознемирено, особено кога се труди да им прави добро. Твојот небесен Татко е свесен со какви предизвици се соочуваш и сака да ти ја даде потребната помош (Иса. 41:13). Во оваа статија ќе разгледаме пет предлози во врска со тоа како да се справиме со ваквите чувства и како да имаме радост во службата.
ДОЗВОЛИ БОЖЈАТА РЕЧ ДА ТЕ ЗАЈАКНЕ
3. Што му помогнало на пророкот Еремија да им проповеда на другите?
3 Низ годините, пораката од Бог ги зајакнувала неговите слуги кога требало да извршат некоја тешка задача. На пример, размисли за пророкот Еремија. Тој бил многу загрижен кога Јехова му дал задача да проповеда. Еремија рекол: „Јас не знам да зборувам, зашто уште сум дете!“ (Ерем. 1:6). Што му помогнало храбро да проповеда? Тој црпел сила од она што Бог му го кажал. Еремија рекол: „Неговата реч беше како распламтен оган, затворен во моите коски, па не можев повеќе да молчам“ (Ерем. 20:8, 9). Иако Еремија имал тешко подрачје, пораката што требало да ја објавува му ја дала силата што му била потребна за да ја изврши задачата.
4. Што се случува кога ја читаме Божјата Реч и кога размислуваме за она што го читаме? (Колошаните 1:9, 10).
4 Христијаните црпат сила од пораката во Божјата Реч. Кога му пишувал на собранието во Колоси, апостол Павле им рекол на браќата таму дека тоа што ќе се трудат сѐ подобро да го запознаат Бог ќе ги поттикне да водат живот достоен на Јехова додека продолжуваат да донесуваат плод во секое добро дело. (Прочитај Колошаните 1:9, 10.) Во таквото добро дело било вклучено проповедањето на добрата вест. Затоа, кога ја читаме Божјата Реч и кога размислуваме за она што го читаме, нашата вера во Јехова се зајакнува и уште повеќе сфаќаме колку е важно да ја проповедаме добрата вест за Царството.
5. Како можеме да извлечеме најголема корист од читањето и проучувањето на Библијата?
5 За да извлечеме најголема корист од Божјата Реч, кога читаме, проучуваме и размислуваме, треба да избегнуваме тоа да го правиме само набрзина. Затоа, одвој си време. Ако наидеш на стих кој не го разбираш, немој да го игнорираш тоа. Наместо тоа, користи го Прирачникот за истражување на публикациите на Јеховините сведоци или некоја друга алатка за истражување за да најдеш објаснување за тој стих. Ако си одвоиш време кога проучуваш, ќе си ја зајакнеш твојата доверба во вистинитоста на Божјата Реч (1. Сол. 5:21). Колку поуверен си, толку повеќе ќе уживаш да го споделуваш со другите она што си го научил.
ПОДГОТВУВАЈ СЕ ДОБРО ЗА СЛУЖБАТА НА ПРОПОВЕДАЊЕ
6. Зошто треба добро да се подготвуваме за службата на проповедање?
6 Ако добро се подготвуваш за службата на проповедање, веројатно ќе бидеш поопуштен кога ќе зборуваш со други. Пред да ги испрати да проповедаат, Исус им помогнал на своите ученици да се подготват (Лука 10:1-11). Затоа што ги примениле поуките на Исус, учениците успеале да направат многу добри работи во службата, и поради тоа чувствувале радост (Лука 10:17).
7. Како можеме да се подготвиме за службата на проповедање? (Види ја и сликата.)
7 Како можеме да се подготвиме за службата на проповедање? Треба да размислиме што сакаме да кажеме и како можеме да го кажеме тоа на природен начин и со свои зборови. Исто така, може да размислиме на кои три вообичаени реакции можеме да наидеме кај луѓето на подрачјето и како да одговориме на секоја од нив. Потоа, кога ќе зборуваме со луѓето, можеме да се обидеме да се опуштиме, да се насмевнеме и да бидеме пријателски настроени.
8. Во која смисла христијаните се како земјените садови што ги спомнал апостол Павле?
8 Апостол Павле на сликовит начин прикажал каква е нашата улога во проповедничкото дело кога рекол: „Тоа богатство го имаме во земјени садови“ (2. Кор. 4:7). Кое е тоа богатство? Тоа е проповедничкото дело за Царството со кое се спасуваат животи (2. Кор. 4:1). Што се земјените садови? Тие ги претставуваат Божјите слуги кои им ја пренесуваат добрата вест на другите. Во времето на Павле, трговците користеле глинени садови за во нив да пренесуваат вредни работи, како на пример храна, вино и пари. На сличен начин, Јехова ни ја доверил скапоцената порака за добрата вест. Со Јеховина помош, ние можеме да ја добиеме силата што ни е потребна за да продолжиме да проповедаме.
МОЛИ СЕ ЗА ХРАБРОСТ
9. Како можеме да го надминеме стравот од човек или стравот дека оние на кои ќе им сведочиме нема да сакаат да нѐ слушаат? (Види ја и сликата.)
9 Понекогаш, може да чувствуваме страв од човек или страв дека луѓето нема да сакаат да нѐ слушаат. Како можеме да го надминеме ваквиот страв? Размисли за молитвата на апостолите кога им било наредено да не проповедаат. Наместо да му подлегнат на стравот, тие го молеле Јехова да им помогне „да ја зборуваат [неговата] реч со сета смелост“. Јехова веднаш им одговорил на молитвата (Дела 4:18, 29, 31). Ако понекогаш имаме страв од човек, и ние треба да го молиме Јехова да ни помогне. Моли го Јехова да ти помага да ги сакаш луѓето за да можеш да го победиш стравот.
10. Како Јехова ни помага да ја исполниме нашата улога како негови Сведоци? (Исаија 43:10-12).
10 Јехова нѐ назначил да бидеме негови Сведоци и ни ветил дека ќе ни помага да бидеме храбри. (Прочитај Исаија 43:10-12.) Размисли за само четири од начините на кои го прави тоа. Прво, Исус е со нас секогаш кога ја проповедаме добрата вест (Мат. 28:18-20). Второ, Јехова поставил ангели за да ни помагаат (Отк. 14:6). Трето, Јехова ни го дал својот свет дух како помошник за да нѐ потсетува на она што сме го научиле (Јован 14:25, 26). Четврто, Јехова ни дал браќа и сестри за да одиме заедно со нив во служба. Со помош од Јехова и со поддршката од нашите драги браќа и сестри, ние имаме сѐ што ни е потребно за да бидеме успешни во службата.
БИДИ ПРИСПОСОБЛИВ И ИМАЈ ИСПРАВНО ГЛЕДИШТЕ
11. Додека си во служба на проповедање, како би можел да најдеш повеќе луѓе? (Види ја и сликата.)
11 Дали се чувствуваш обесхрабрено кога нема да најдеш многу луѓе дома? Би можел да се прашаш: „Каде се во моментов луѓето од подрачјето на кое треба да проповедам?“ (Дела 16:13). „Дали се на работа или излегле да пазаруваат?“ Ако тоа е така, би можел ли да најдеш повеќе луѓе така што ќе сведочиш на улица? Еден брат по име Џошуа вели: „Ми се пружија прилики за проповедање во трговски центри и на други јавни места каде што има луѓе“. Исто така, тој и неговата сопруга Бриџит нашле повеќе луѓе дома во раните вечерни часови, како и во недела попладне (Еф. 5:15, 16).
12. Како можеме да дознаеме во што веруваат луѓето или што ги загрижува?
12 Ако луѓето на кои им проповедаш не покажуваат голем интерес, обиди се да дознаеш во што веруваат или што ги загрижува. Џошуа и Бриџит го користат прашањето на предната страница од трактатите како вовед. На пример, кога го користат трактатот Што мислиш за Библијата?, тие велат: „Некои луѓе веруваат дека Библијата е книга од Бог, но други не веруваат во тоа. Што мислите вие?“ Ова честопати води до разговор.
13. Зошто можеме да кажеме дека имаме успех во службата дури и кога луѓето не сакаат да слушаат? (Изреки 27:11).
13 Нашиот успех во службата не зависи од резултатите. Зошто? Затоа што сме го направиле она што Јехова и неговиот Син го очекуваат од нас — сме дале сведоштво (Дела 10:42). Дури и ако не најдеме некој со кого ќе може да зборуваме или ако некој не сака да ја слуша пораката што ја проповедаме, ние можеме да бидеме радосни затоа што знаеме дека го радуваме нашиот небесен Татко. (Прочитај Изреки 27:11.)
14. Зошто можеме да се радуваме кога некој друг објавител ќе најде заинтересирано лице на подрачјето?
14 Ние се радуваме и кога некој друг објавител ќе најде заинтересирано лице на подрачјето. Во Стражарска кула нашето дело беше споредено со потрага по изгубено дете. Многумина се вклучени во потрагата и пребаруваат подрачје по подрачје. Кога детето ќе биде пронајдено, се радуваат сите, а не само оној што го нашол. Слично на тоа, секој во собранието е вклучен во проповедничкото дело со кое се прават ученици на Исус. Сите во собранието се потребни за да се обработи подрачјето и сите се радуваат кога некој нов ќе почне да присуствува на состаноците.
КОНЦЕНТРИРАЈ СЕ НА ТВОЈАТА ЉУБОВ КОН ЈЕХОВА И КОН БЛИЖНИОТ
15. Како тоа што ќе ги применуваме зборовите од Матеј 22:37-39 може да ни помогне да ја зголемиме нашата воодушевеност за службата? (Види ја и сликата.)
15 Можеме да ја зголемиме нашата воодушевеност за проповедничкото дело така што ќе се концентрираме на нашата љубов кон Јехова и кон ближниот. (Прочитај Матеј 22:37-39.) Замисли си колку е среќен Јехова кога гледа дека проповедаме и кога гледа колку се среќни луѓето кога ќе почнат да ја проучуваат Библијата! Мисли и на тоа дека оние кои ја слушаат нашата порака и одлучуваат да му служат на Јехова имаат можност да живеат засекогаш (Јован 6:40; 1. Тим. 4:16).
16. Како можеме да најдеме радост во службата кога не можеме да излегуваме од дома? Наведи примери.
16 Дали од некоја причина не можеш да излегуваш од твојот дом? Ако е така, концентрирај се на она што можеш да го правиш за да покажуваш љубов кон Јехова и кон твојот ближен. За време на пандемијата со КОВИД-19, Семјуел и Данија не можеле да излегуваат од нивниот дом. Во тоа тешко време, тие редовно сведочеле преку телефон, пишувале писма и воделе библиски курсеви преку Зум. Семјуел им сведочел на оние што ги среќавал во клиниката каде што примал терапија за рак. Тој вели: „Неволјите нѐ исцрпуваат во ментален, физички и духовен поглед. Потребно е да најдеме радост во службата за Јехова“. Згора на сѐ, Данија паднала и не можела да станува од кревет три месеци. Потоа, шест месеци ѝ била потребна инвалидска количка. Таа вели: „Се обидував да правам сѐ што можев според моите околности. Можев да ѝ сведочам на медицинската сестра која ме посетуваше и зборував со оние кои ми доставуваа работи дома. Исто така, имав убави разговори на телефон со претставничката на една медицинска компанија“. Иако Семјуел и Данија не можеле да прават толку како порано, тие го правеле она што можеле и, како резултат на тоа, чувствувале радост.
17. Како можеш да извлечеш најголема корист од предлозите во оваа статија?
17 Од предлозите во оваа статија ќе извлечеш најголема корист ако ги примениш сите заедно. Секој предлог е како една состојка од некој рецепт. Кога сите состојки од рецептот ќе се соединат, ќе добиеш вкусни резултати. Ако ги примениме сите предлози, ќе можеме подобро да се справиме со негативните чувства и ќе најдеме поголема радост во службата.
КАКО МОЖЕ ДА ТИ ПОМОГНЕ ДА ИМАШ РАДОСТ ВО СЛУЖБАТА...
-
тоа што ќе си одвоиш време добро да се подготвиш?
-
тоа што ќе се молиш за храброст?
-
тоа што ќе се концентрираш на твојата љубов кон Јехова и кон ближниот?
ПЕСНА 80 „Вкусете и видете колку е добар Јехова!“