СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 17
ПЕСНА 111 Имаме многу причини за радост
Никогаш не го напуштај духовниот рај
Радувајте се и веселете се довека поради она што го создавам! (ИСА. 65:18)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да дознаеме на кои начини ни користи духовниот рај, и како можеме и другите да ги привлечеме кон него.
1. Што е духовниот рај, и на што треба да бидеме решени?
ДЕНЕС на Земјата постои еден симболичен рај полн со луѓе кои се зафатени правејќи добри работи. Во него има милиони луѓе кои чувствуваат вистински мир. Оние кои веќе се наоѓаат во овој рај се решени никогаш да не го напуштат. Исто така, тие сакаат колку што е можно повеќе луѓе да им се придружат во таа прекрасна средина. За што станува збор? За духовниот рај! a
2. Што е извонредно во врска со духовниот рај?
2 Извонредно е тоа што Јехова создал едно симболично место каде што неговиот народ е обединет и во мир иако живее во светот на Сатана кој е полн со злоба, опасности и омраза (1. Јов. 5:19; Отк. 12:12). Нашиот Бог, кој е полн со љубов, гледа како овој свет им нанесува штета на луѓето, но тој им помага на своите слуги да се чувствуваат безбедно за да можат да продолжат да му служат со радост. Неговата Реч го опишува духовниот рај како безбедно „прибежиште“ и „како добро наводнета градина“ (Иса. 4:6; 58:11). Поради благословот од Јехова, оние кои живеат во овој рај се чувствуваат среќно и безбедно во овие последни тешки денови (Иса. 54:14; 2. Тим. 3:1).
3. Кое било првото исполнување на Исаија поглавје 65?
3 Преку пророкот Исаија, Јехова опишал каков ќе им биде животот на оние што ќе живеат во духовниот рај. Овој опис можеш да го најдеш во Исаија поглавје 65, чие прво исполнување се случило во 537 год. пр.н.е. Во тоа време, Евреите кои се покајале биле ослободени од ропството во Вавилон и се вратиле во својата татковина. Јехова ги благословил своите слуги и им помогнал повторно да ја вратат убавината на разрушениот град Ерусалим и да го обноват неговиот храм каде што го обожавале Бог (Иса. 51:11; Зах. 8:3).
4. Како денес се исполнуваат зборовите од Исаија поглавје 65?
4 Второто исполнување на пророштвото од Исаија започнало во 1919 год. од н.е., кога слугите на Јехова од наше време биле ослободени од ропството на Големиот Вавилон. Потоа, духовниот рај почнал постепено да се проширува низ Земјата. Ревносните објавители на Царството основале многу собранија и покажувале христијански особини. Мажи и жени, кои некогаш воделе насилен и неморален начин на живот, ја облекле „новата личност, која е создадена по Божја волја“ (Еф. 4:24). Се разбира, многу од благословите кои Исаија ги опишал, дословно ќе се исполнат во новиот свет во иднина. Но, уште денес имаме многу благослови поради тоа што живееме во духовен рај. Да видиме како тој влијае врз нас и зошто не треба никогаш да го напуштиме.
КАКО СЕ ЧУВСТВУВААТ ОНИЕ КОИ СЕ ВО ДУХОВНИОТ РАЈ
5. Како што е ветено во Исаија 65:13, кои наши потреби се задоволени поради тоа што живееме во духовниот рај?
5 Добро нахранети и закрепнати. Пророштвото на Исаија ја покажува големата разлика која постои помеѓу оние кои живеат во духовниот рај и оние кои не се во него. (Прочитај Исаија 65:13.) Јехова на великодушен начин ги задоволува духовните потреби на своите слуги. Ние го имаме неговиот свет дух, ја имаме неговата Реч Библијата и имаме изобилство духовна храна за да можеме „да јадеме“, „да пиеме“ и „да се радуваме“. (Спореди со Откровение 22:17.) За разлика од нас, оние кои не се во духовниот рај „гладуваат“, „жедуваат“ и „се срамат“. Нивните духовни потреби не се задоволени (Амос 8:11).
6. Како се опишани нашите духовни дарови во Јоил 2:21-24, и како можат да ни користат?
6 Во своето пророштво, Јоил користел некои намирници како што се жито, вино и маслиново масло за да покаже дека Јехова великодушно им го дава на своите слуги она што им е потребно, вклучувајќи и духовна храна (Јоил 2:21-24). Тој го прави тоа преку Библијата и преку нашите публикации кои се темелат на неа, преку нашата интернет-страница, како и преку нашите состаноци, собири и конгреси. Ние можеме секој ден да ги користиме овие духовни дарови, и како резултат на тоа се чувствуваме добро нахранети и закрепнати.
7. Што ни помага да чувствуваме „радост во срцето“? (Исаија 65:14).
7 Среќни и задоволни. Божјите слуги можат да „воскликнуваат од радост“ бидејќи нивните срца се преполни со благодарност. (Прочитај Исаија 65:14.) Вистините кои ни ја зајакнуваат верата, утешните ветувања од Божјата Реч и нашата цврста надеж која се темели на Христовата откупна жртва ни помагаат да чувствуваме „радост во срцето“. Кога зборуваме за овие работи со нашите браќа и сестри, тоа нѐ прави вистински среќни (Пс. 34:8; 133:1-3).
8. Кои се две главни карактеристики на духовниот рај?
8 Љубовта и единството помеѓу Јеховиниот народ се две главни карактеристики на духовниот рај (Кол. 3:14). Ова ни помага да си замислиме каков ќе биде животот во новиот свет кога помеѓу Јеховините слуги ќе има уште поголема љубов и уште поголемо единство отколку што има денес. Една сестра раскажува што забележала кај Јеховините слуги кога за првпат ги запознала. Таа вели: „Не знаев како да бидам среќна дури ни во моето семејство. За првпат видов луѓе кои си покажуваат вистинска љубов кога ги запознав Јеховините сведоци“. Секој што сака да биде вистински среќен и задоволен треба да биде во нашиот духовен рај. Без разлика што мисли овој свет за Јеховините слуги, тие имаат стекнато добро име кај Јехова и кај сите оние кои го обожаваат (Иса. 65:15).
9. Какво ветување има во Исаија 65:16, 17 во врска со работите кои ни предизвикуваат болка и страдање?
9 Опуштени и спокојни. Во Исаија 65:14 пишува дека оние кои одбираат да останат надвор од духовниот рај ќе викаат „од болка во срцето“ и горко ќе плачат „поради скршениот дух“. Но, што е со сите оние работи кои на Божјиот народ му причинуваат болка и страдање? На крајот, тие работи „ќе бидат заборавени и ќе бидат скриени од [Божјите] очи“. (Прочитај Исаија 65:16, 17.) Јехова ќе ги отстрани нашите проблеми и со текот на времето болката од таквите лоши спомени ќе исчезне засекогаш.
10. Зошто си благодарен за приликите што ги имаш да бидеш заедно со браќата и сестрите? (Види ја и сликата.)
10 Дури и денес, ние се чувствуваме посмирено кога сме на нашите христијански состаноци каде што можеме да се опуштиме и да ги оставиме зад нас работите кои ни причинуваат стрес во овој злобен свет. Ние придонесуваме за мирот во нашата духовна средина кога ги покажуваме плодовите на духот како што се љубов, радост, мир, љубезност и благост (Гал. 5:22, 23). Многу сме благодарни што сме дел од Божјата организација! Оние што ќе останат во духовниот рај ќе го видат целосното исполнување на Божјето ветување за „нови небеса и нова земја“.
11. Според Исаија 65:18, 19, како треба да влијае врз нас духовниот рај што го создал Јехова?
11 Благодарни и радосни. Исаија понатаму открива зошто ја имаме секоја причина да се радуваме и да се веселиме во духовниот рај. Творецот на овој симболичен рај е Јехова. (Прочитај Исаија 65:18, 19.) Затоа, не нѐ изненадува што Јехова нѐ користи за да им помогне на луѓето да ги напуштат светските организации кои не ги поучуваат за вистината за Бог и за да им помогне да станат дел од нашиот прекрасен духовен рај. Благословите што ги имаме поради тоа што сме во вистината ни носат голема радост, а тоа нѐ поттикнува да им кажуваме и на другите за нив (Ерем. 31:12).
12. Какви чувства ти будат ветувањата запишани во Исаија 65:20-24, и зошто?
12 Поради тоа што сме во духовен рај имаме надеж. Ова е уште една причина поради која сме благодарни и радосни. Помисли само на сето она што ќе го видиме и ќе го правиме во Божјиот нов свет! Библијата ветува: „Ќе нема доенче што ќе живее само неколку дена, ниту старец кој нема да ги проживее сите свои години“. Ние ќе градиме куќи и ќе живееме во нив, ќе садиме лозја и ќе го јадеме нивниот род. Ние нема да се трудиме залудно бидејќи ќе бидеме „потомство благословено од Јехова“. Јехова ни ветува дека нашиот живот ќе биде безбеден и исполнет и дека ќе има вистинска смисла. Уште пред да го повикаме, Јехова ќе знае каква потреба има секој од нас и ќе ја задоволи „желбата на сѐ што е живо“ (Иса. 65:20-24; Пс. 145:16).
13. Како се опишани во Исаија 65:25 промените што луѓето ги прават во својот живот кога почнуваат да му служат на Јехова?
13 Мирољубиви и безбедни. Со помошта од Божјиот свет дух, многумина кои имале ѕверски особини направиле огромни промени во својот живот. (Прочитај Исаија 65:25.) Тие вложиле голем труд за да ги променат нивните лоши особини (Рим. 12:2; Еф. 4:22-24). Се разбира, иако сме Божји слуги, сѐ уште сме несовршени и затоа ќе продолжиме да правиме грешки. Но, Јехова обединил „најразлични луѓе“ во една нераскинлива врска на љубов и мир (Тит 2:11). Ова е чудо што само семоќниот Бог може да го направи!
14. Како зборовите од Исаија 65:25 се покажале вистинити во случајот на еден брат?
14 Дали луѓето навистина можат да си ја сменат својата личност? Размисли за следново искуство. Еден млад човек, кој до својата 20-годишна возраст повеќепати бил во затвор, водел многу насилен и неморален начин на живот. Тој бил во затвор поради кражба на автомобили, провални кражби и други сериозни кривични дела. Секогаш бил спремен да се тепа со некого. Кога за првпат ја дознал вистината од Библијата и почнал да присуствува на состаноците на Јеховините сведоци, тој се уверил дека нашол нешто за кое вреди да живее — духовниот рај. Откако се крстил, честопати размислувал како на него се исполниле зборовите од Исаија 65:25. Од една насилна личност слична на волк, тој станал една мирољубива личност слична на јагне.
15. Зошто сакаме да каниме и други да ни се придружат во духовниот рај, и како можеме да го правиме тоа?
15 Исаија 65:13 започнува со зборовите „вака вели Севишниот Господар Јехова“. Стих 25 завршува со зборовите „вели Јехова“. Она што Јехова го ветува, секогаш се исполнува (Иса. 55:10, 11). Духовниот рај веќе постои. Јехова создал едно братство кое е навистина уникатно. Бидејќи сме дел од тоа братство, можеме да уживаме во релативен мир и да се чувствуваме безбедно среде овој насилен свет (Пс. 72:7). Затоа, сакаме да им помогнеме на што е можно повеќе луѓе да ни се придружат во нашето христијанско братство. Ова ќе можеме да го правиме ако се концентрираме на тоа да ги поучуваме луѓето за Бог (Мат. 28:19, 20).
КАКО ДА ГИ ПРИВЛЕЧЕМЕ ДРУГИТЕ КОН ДУХОВНИОТ РАЈ
16. Што може да ги привлече луѓето кон духовниот рај?
16 Секој од нас има важна улога во тоа да придонесе духовниот рај да биде привлечен за другите. Ние можеме да ја исполниме оваа улога ако го следиме примерот на Јехова. Тој не ги присилува луѓето да станат дел од неговата организација. Наместо тоа, тој нежно ги привлекува луѓето кон себе (Јован 6:44; Ерем. 31:3). Кога искрените лица ќе дознаат за Јеховината љубов и за неговите прекрасни особини, не можат а да не бидат привлечени кон него. Како можеме ние со нашите убави особини и со нашето добро однесување да ги привлечеме луѓето кон духовниот рај?
17. Како можеме да ги привлечеме другите кон духовниот рај?
17 Еден начин на кој можеме да ги привлечеме другите кон духовниот рај е така што со нашите соверници ќе постапуваме обѕирно и со љубов. Кога некое заинтересирано лице ќе присуствува на нашите состаноци, сакаме да дојде до истиот заклучок до кој дошле неверниците кои можеби присуствувале на состаноците во древниот Коринт. Тие рекле: „Навистина, Бог е меѓу вас!“ (1. Кор. 14:24, 25; Зах. 8:23). Затоа, мора да продолжиме да го применуваме советот да бидеме „во мир еден со друг“ (1. Сол. 5:13).
18. Што може да ги привлече луѓето кон нашата организација?
18 Ние треба секогаш да се трудиме да гледаме на нашите браќа и сестри како што гледа Јехова на нив. Тоа го правиме кога се концентрираме на нивните позитивни особини, а не на нивните несовршености кои еден ден секако ќе исчезнат. Ние можеме да го решиме секое несогласување меѓу нас на љубезен начин ако секогаш сме „милостиви еден спрема друг... спремно простувајќи си еден на друг“ (Еф. 4:32). Така, луѓето кои сакаат со нив да се постапува на сличен начин ќе сакаат да бидат дел од духовниот рај. b
ОСТАНИ ВО ДУХОВНИОТ РАЈ
19. а) Според рамката „ Тие го напуштиле и се вратиле“, што рекле некои откако се вратиле во духовниот рај? б) На што треба да бидеме решени? (Види ја и сликата.)
19 Многу сме благодарни за нашиот духовен рај! Денес, тој е поубав од кога и да било порано и во него има сѐ повеќе луѓе кои го слават Јехова. Никогаш да не престанеме да бидеме благодарни за духовниот рај што Јехова го создал за нас. Секој што сака да биде закрепнат, задоволен, спокоен и безбеден мора да дојде во духовниот рај и никогаш да не го напушти! Но, мора да бидеме многу внимателни бидејќи Сатана прави сѐ што може за да нѐ надитри со цел да го напуштиме духовниот рај (1. Пет. 5:8; Отк. 12:9). Не смееме да дозволиме да успее во тоа. Да даваме сѐ од себе за да ги заштитиме убавината, чистотата и мирот кои владеат во духовниот рај.
КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?
-
Што е духовниот рај?
-
Какви благослови имаме поради тоа што сме во духовниот рај?
-
Како можеме да ги привлечеме другите кон духовниот рај?
ПЕСНА 144 Гледај ја наградата!
a ПОЈАСНУВАЊЕ: Изразот „духовен рај“ се однесува на безбедната средина во која му служиме на Јехова. Во тој духовен рај ние имаме близок однос со Јехова и живееме во мир со нашите браќа и сестри.
b На jw.org гледај го видеоклипот Нивниот живот сега — Алена Житникова: Како се исполни мојот сон, и дознај какви благослови добила оваа наша сестра откако станала дел од духовниот рај.
c ОПИС НА СЛИКАТА: Еден брат се изолира додека многу други уживаат во друштвото на браќата и сестрите во салата за состаноци.