СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 53
Млади браќа — поставете си цел да станете зрели христијани
Браќа, не бидете деца во разборитоста, туку во разборитоста бидете возрасни (1. КОР. 14:20)
ПЕСНА 135 „Биди мудар, сине мој“
КРАТОК ПРЕГЛЕД a
1. Што мора да прават браќата за да успеат да станат зрели христијани?
АПОСТОЛ Павле ги поттикнал Коринќаните: „Браќа, не бидете деца во разборитоста, туку... во разборитоста бидете возрасни“ (1. Кор. 14:20). Сите браќа денес треба да го применат овој совет. За да успеат во тоа, тие мора да научат да им бидат послушни на Божјите закони и да ги применуваат библиските начела во секој аспект од нивниот живот (Лука 2:52). Зошто е толку важно младите браќа да станат зрели христијани?
2-3. Зошто е важно еден млад брат да стане зрел христијанин?
2 Мажите кои му служат на Јехова имаат важни улоги и во семејството и во собранието. Млади браќа, без сомнение, вие сте размислувале за одговорностите што можеби ќе ги имате во иднина. Можеби имаш цел да служиш како пионер, како слуга-помошник, а во иднина и како старешина. Исто така, можеби сакаш да стапиш во брак и да имаш деца (Еф. 6:4; 1. Тим. 3:1). За да ги постигнеш овие цели и да бидеш успешен, потребна ти е христијанска зрелост. b
3 Што ќе ти помогне да станеш зрел христијанин? Треба да стекнеш некои важни вештини. Тогаш, што можеш да правиш уште сега за да се подготвиш за одговорностите што можеби ќе ги имаш во иднина и за да можеш успешно да ги извршуваш?
ЧЕКОРИ ШТО ВОДАТ ДО ХРИСТИЈАНСКА ЗРЕЛОСТ
4. Каде можеш да најдеш добри примери што можеш да ги следиш? (Види ја и сликата.)
4 Избери добри примери што ќе ги следиш. Во Библијата има многу добри примери што младите браќа можат да ги следат. Овие мажи од минатото го сакале Бог и извршувале различни одговорности додека се грижеле за неговиот народ. Добри примери можеш да најдеш и меѓу зрелите христијани во твоето семејство и во твоето собрание (Евр. 13:7). А можеш да учиш и од совршениот пример на Исус Христос (1. Пет. 2:21). Додека внимателно ги проучуваш овие примери, размислувај за нивните прекрасни особини (Евр. 12:1, 2). Потоа одлучи на кој начин би можел да го следиш нивниот пример.
5. Како можеш да стекнеш способност за расудување, и зошто е важно тоа? (Псалм 119:9).
5 Стекни и зачувај способност за расудување (Изр. 3:21). Еден човек со способност за расудување внимателно размислува пред да направи нешто. Многу е важно да вложуваш труд за да ја стекнеш и за да ја зачуваш оваа способност. Зошто? Кога носат одлуки, повеќето момчиња во овој свет се потпираат само на своето сопствено размислување или дозволуваат емоциите да влијаат врз нивните постапки (Изр. 7:7; 29:11). Силно влијание врз тебе можат да извршат и медиумите. Но, како можеш да стекнеш способност за расудување? Почни така што ќе размислуваш за библиските начела и за тоа зошто се корисни. Потоа, користи ги тие начела за да можеш да носиш одлуки што ќе го радуваат Јехова. (Прочитај Псалм 119:9.) Ако ја развиеш оваа важна вештина, тоа многу ќе ти помогне да станеш зрел христијанин (Изр. 2:11, 12; Евр. 5:14). Размисли како способноста за расудување ќе ти користи во следниве две ситуации: 1) во начинот на кој се однесуваш со сестрите и 2) кога носиш одлуки во врска со твојот изглед.
6. Како способноста за расудување ќе му помогне на еден млад брат да покажува почит кон сестрите?
6 Способноста за расудување ќе ти помогне да покажуваш почит кон жените. Сосема е соодветно и нормално еден млад брат да се интересира за некоја сестра и да сака да стапи во врска со неа. Но, еден брат со способност за расудување нема да каже, да напише или да направи нешто со што би придонел некоја сестра да си помисли дека се интересира за неа, освен ако нема искрени намери да стапи во брак со неа (1. Тим. 5:1, 2). Ако е во врска со некоја сестра, тој ќе го штити нејзиниот углед така што никогаш нема да биде насамо со неа без соодветна придружба (1. Кор. 6:18).
7. Како способноста за расудување ќе му помогне на еден млад брат кога носи одлуки во врска со облеката и изгледот?
7 Друг начин на кој еден млад брат покажува дека стекнал способност за расудување е така што носи добри одлуки во поглед на облекувањето и изгледот. Честопати, модните трендови ги создаваат и ги рекламираат луѓе кои немаат почит кон Јехова или кои живеат неморално. Поради нивниот неморален начин на размислување, тие создаваат облека што е премногу тесна или облека што ги прави мажите да изгледаат како жени. Кога одлучува што ќе облече, еден млад брат кој напредува кон христијанска зрелост се води според библиските начела и според добрите примери во собранието. Тој може да се праша: „Дали од моите одлуки се гледа дека имам способност за расудување и дека покажувам обѕир кон другите? Дали од мојот начин на облекување другите можат јасно да видат дека му служам на Бог?“ (1. Кор. 10:31-33; Тит 2:6). Еден млад брат со способност за расудување ќе ја стекне почитта не само од своите браќа и сестри, туку и од својот небесен Татко.
8. Што ќе му помогне на еден млад брат да биде достоен за доверба?
8 Биди достоен за доверба. Една млада личност која е достојна за доверба, трудољубиво ги извршува сите свои одговорности (Лука 16:10). Размисли за совршениот пример на Исус. Тој никогаш не бил невнимателен или неодговорен кога ги извршувал задачите што му ги дал Јехова. Напротив, Исус правел сѐ што Јехова ќе побарал од него, дури и кога тоа било тешко. Тој ги сакал луѓето, особено своите ученици, и спремно го дал својот живот за нив (Јован 13:1). По примерот на Исус, давај сѐ од себе за да ја извршиш секоја задача што ќе ја добиеш. Ако не си сигурен како да ја извршиш, биди понизен и побарај помош од зрели браќа. Немој да бидеш задоволен само со тоа што ќе вложиш минимален труд (Рим. 12:11). Наместо тоа, секоја твоја задача извршувај ја „како за Јехова, а не како за луѓето“ (Кол. 3:23). Се разбира, ти не си совршен. Затоа, биди скромен и признај ја секоја грешка што ќе ја направиш (Изр. 11:2).
СТЕКНИ КОРИСНИ ВЕШТИНИ
9. Зошто еден млад брат мора да стекне корисни вештини?
9 За да станеш зрел христијанин, ќе треба да стекнеш корисни вештини. Тие ќе ти помогнат да извршуваш одговорности во собранието, да најдеш и да задржиш работа за да се издржуваш себеси или семејството, а ќе ти помогнат и да имаш добри односи со другите. Да разгледаме некои од овие важни вештини.
10-11. Како тоа што еден млад брат ќе научи добро да чита и да пишува ќе му користи и нему и на собранието? (Псалм 1:1-3; види ја и сликата).
10 Научи добро да читаш и да пишуваш. Библијата вели дека оној човек што секој ден ја чита Божјата Реч и размислува за неа е среќен и успешен. (Прочитај Псалм 1:1-3.) Со тоа што ја чита Библијата секој ден, тој подобро го запознава Јеховиниот начин на размислување, а тоа му помага јасно да размислува и да го применува она што го учи од Библијата (Изр. 1:3, 4). Собранието има потреба од такви браќа. Зошто?
11 На нашите браќа и сестри им е потребна помошта од мажи кои ќе можат да ги поучуваат и да им даваат совети од Библијата (Тит 1:9). Ако знаеш добро да читаш и да пишуваш, ќе можеш да подготвуваш поучни говори и коментари со кои ќе ја зајакнеш верата на другите. Исто така, ќе можеш да запишуваш корисни белешки додека проучуваш и додека ги слушаш говорите на собраниските состаноци, на собирите и на конгресите. Таквите белешки ќе ти помогнат да си ја зајакнеш својата вера и да ги храбриш другите.
12. Што ќе ти помогне да научиш добро да комуницираш со другите?
12 Научи добро да комуницираш со другите. Еден христијанин мора да ја научи оваа вештина. Оној што добро комуницира со другите, ги слуша и ги разбира нивните мисли и чувства (Изр. 20:5). Тој може да научи да го чита тонот на гласот на другите, нивните изрази на лицето, како и говорот на телото. Ова не можеш да го научиш доколку не поминуваш време со луѓе. Ако постојано користиш електронски уреди за да комуницираш со другите, како на пример преку имејл или пораки, твојата способност да комуницираш со другите лице в лице би можела да се намали. Затоа, создавај прилики да зборуваш со другите лице в лице (2. Јов. 12).
13. Што друго мора да научи еден млад христијанин? (1. Тимотеј 5:8; види ја и сликата).
13 Научи сам да се издржуваш. Еден зрел христијанин мора да е способен да се издржува себеси и своето семејство. (Прочитај 1. Тимотеј 5:8.) Во некои земји, младите браќа можат да научат некој занает од нивниот татко или од некој роднина. Во други земји, младите момчиња можат да научат некој занает или некоја друга вештина додека се во средно училиште. Без разлика каков е случајот во твојата земја, добро е да научиш некоја вештина која ќе ти помогне да најдеш работа (Дела 18:2, 3; 20:34; Еф. 4:28). Труди се да бидеш познат како некој што вредно работи и што секогаш го завршува она што го започнал. Ако правиш така, поголема е веројатноста дека ќе најдеш и дека ќе задржиш работа. Исто така, особините и вештините што ги разгледавме се важни за еден христијанин бидејќи тие ќе му помогнат да ги извршува улогите што ќе ги има во иднина. Да разгледаме некои од тие улоги.
ПОДГОТВИ СЕ ЗА ИДНИТЕ УЛОГИ
14. Како може еден млад брат да се подготви за полновремена служба?
14 Полновремена служба. Многу зрели христијани почнале со полновремена служба уште додека биле млади. Пионерската служба му помага на еден млад христијанин да научи добро да соработува со различни луѓе. Исто така, му помага мудро да ги користи парите што ги заработува и да не троши повеќе отколку што има (Фил. 4:11-13). Еден добар начин на кој еден брат може да почне да служи полновремено, е така што ќе служи како помошен пионер. Многумина служат како помошни пионери некое време, а тоа им помага да се подготват за да започнат со општа пионерска служба. Таквата служба може да им овозможи да почнат и со други видови полновремена служба, на пример како слуги за изградба или бетелски слуги.
15-16. Како може еден млад брат да ги исполни условите за да служи во собранието?
15 Слуга-помошник или старешина. Сите браќа треба да се трудат да ги исполнат условите за да можат да им служат на своите соверници како собраниски старешини. Библијата вели дека браќата кои имаат желба да ја исполнат оваа цел сакаат „служба вредна за пофалба“ (1. Тим. 3:1). Пред да служи како старешина, еден брат мора да ги исполни условите за да служи како слуга-помошник. Слуга-помошниците им помагаат на старешините на многу практични начини. И старешините и слуга-помошниците понизно им служат на браќата и сестрите и ревносно учествуваат во службата на проповедање. Младите браќа можат да ги исполнат условите да бидат именувани како слуга-помошници дури и ако се во доцните тинејџерски години. А еден слуга-помошник кој ги исполнува условите, може да биде именуван да служи како старешина дури и ако е во раните 20-ти години.
16 Како можеш да ги исполниш условите да служиш како слуга-помошник, а подоцна и како старешина? Нема некоја конкретна формула. Сепак, имај на ум дека условите што треба да ги исполниш се наоѓаат во Библијата и се темелат на љубовта кон Јехова, кон твоето семејство и кон собранието (1. Тим. 3:1-13; Тит 1:6-9; 1. Пет. 5:2, 3). Труди се да го разбереш секој од тие услови. Моли го Јехова да ти помогне да ги исполниш условите што се потребни. c
17. Како може еден млад брат да се подготви за да стане сопруг и глава на семејството? (Види ја и сликата.)
17 Сопруг и глава на семејството. Како што кажал Исус, некои зрели христијани одлучуваат да не стапат во брак (Мат. 19:12). Сепак, ако одлучиш да се ожениш, ќе имаш и додатни улоги како сопруг и како глава на семејството (1. Кор. 11:3). Јехова очекува сопругот да ја сака својата сопруга и да се грижи за нејзините физички, емоционални и духовни потреби (Еф. 5:28, 29). Во оваа статија видовме дека треба да стекнеш способност за расудување, да покажуваш почит кон жените и да бидеш достоен за доверба. Овие особини и вештини ќе ти помогнат да бидеш добар брачен другар. Така ќе бидеш добро подготвен за да ги исполниш твоите улоги како сопруг и како глава на семејството.
18. Како може еден млад брат да се подготви да стане татко?
18 Татко. Откако ќе стапиш во брак, можеби ќе станеш татко. Од Јехова можеш да научиш многу работи во врска со тоа што значи да се биде добар татко (Еф. 6:4). На пример, Јехова отворено му кажал на својот син Исус дека го сака и дека го одобрува (Мат. 3:17). Ако станеш татко, редовно уверувај ги своите деца дека ги сакаш. Често пофалувај ги за добрите работи што ги прават. Татковците кои го следат примерот на Јехова, им помагаат на своите деца да станат зрели христијани. Можеш уште сега да се подготвиш за оваа улога така што со љубов ќе се грижиш за другите во твоето семејство и во собранието, и така што ќе научиш да ја изразуваш твојата љубов и ценење кон нив (Јован 15:9). Ова ќе ти помогне да ги исполниш улогите што можеби ќе ги имаш во иднина како сопруг и како татко. Во меѓувреме, ќе бидеш скапоцен за Јехова и голема помош за семејството и за собранието.
ШТО СИ РЕШЕН ДА ПРАВИШ?
19-20. Што ќе им помогне на младите браќа да станат зрели христијани? (Види ја сликата на насловната страница.)
19 Млади браќа, нема автоматски да станете зрели христијани. Треба да изберете добри примери кои ќе ги следите, да стекнете способност за расудување, да бидете достојни за доверба, да стекнете корисни вештини и да се подготвите за улогите што ќе ги имате во иднина.
20 Кога размислувате на што сѐ треба да работите, можеби сметате дека тоа е претешко за вас. Но, вие можете да успеете! Имајте на ум дека Јехова многу сака да ви помогне (Иса. 41:10, 13). Се разбира, и браќата и сестрите во собранието ќе ви помогнат. Кога ќе ја постигнете вашата цел да станете зрели христијани, ќе имате убав и исполнет живот. Млади браќа, многу ве сакаме! Во меѓувреме, додека работите на тоа да станете зрели христијани, Јехова богато нека ве благословува (Изр. 22:4).
ПЕСНА 65 Напред!
a Во христијанското собрание има потреба од зрели браќа. Во оваа статија ќе разгледаме како вие, млади браќа, можете да станете зрели христијани.
b Види во „Појаснување“ во претходната статија.
c Види во Организирани за да ја вршиме Јеховината волја, погл. 5-6.