СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 52
Млади сестри — поставете си цел да станете зрели христијанки
Жените треба да бидат умерени и верни во сѐ (1. ТИМ. 3:11)
ПЕСНА 133 Да му служиме на Јехова од младоста
КРАТОК ПРЕГЛЕД a
1. Што мора да правиме за да станеме зрели христијани?
НАВИСТИНА е неверојатно колку брзо расте едно дете и станува возрасна личност. Се чини дека растот на едно дете се случува автоматски. Но, за некој да стане зрел христијанин, мора да вложи труд. Тоа не се случува автоматски b (1. Кор. 13:11; Евр. 6:1). За да ја постигнеме оваа цел, треба да имаме близок однос со Јехова. Исто така, потребен ни е неговиот свет дух за да можеме да развиеме особини што му се допаѓаат нему, да стекнеме корисни вештини и да се подготвиме за одговорностите што можеби ќе ги имаме во иднина (Изр. 1:5).
2. Што учиме од 1. Мојсеева 1:27, и што ќе разгледаме во оваа статија?
2 Кога ги создал луѓето, Јехова создал машки и женски пол. (Прочитај 1. Мојсеева 1:27.) Очигледно, мажите и жените се разликуваат во физички поглед, но има и други разлики меѓу нив. На пример, Јехова им дал на мажите и на жените одредени улоги, и затоа им се потребни особини и вештини кои ќе им помогнат да ги исполнат тие улоги (1. Мој. 2:18). Во оваа статија ќе разгледаме што можат да прават младите сестри за да станат зрели христијанки, а во следната статија ќе видиме што можат да прават младите браќа.
РАЗВИВАЈ ОСОБИНИ ШТО МУ СЕ ДОПАЃААТ НА БОГ
3-4. Каде можат младите сестри да најдат добри примери што можат да ги следат? (Види ја и сликата.)
3 Во Библијата се спомнати многу жени кои го сакале Јехова и му служеле. c Тие се прекрасен пример за сите нас. Како што вели стихот на кој се темели оваа статија, тие биле „умерени и верни во сѐ“. Освен тоа, сестрите можат во своите собранија да најдат зрели христијанки чиј пример вреди да се следи.
4 Млади сестри, размислете кои зрели христијанки што ги познавате се добар пример што можете да го следите. Забележете кои убави особини ги имаат, а потоа размислете како можете и вие да ги покажувате. Во следните пасуси ќе разгледаме три важни особини што треба да ги имаат зрелите христијанки.
5. Зошто понизноста е многу важна особина што треба да ја имаат зрелите христијанки?
5 Понизноста е важна особина што треба да ја имаат зрелите христијани. Ако една жена е понизна, таа ќе има добар однос со Јехова и со другите (Јак. 4:6). На пример, една жена која го сака Јехова понизно избира да го почитува начелото за поглаварство што го дал нејзиниот небесен Татко (1. Кор. 11:3). Ова начело се применува во собранието и во семејството, но на различен начин. d
6. Што можат да научат младите сестри за понизноста од Ревека?
6 Да го разгледаме примерот на Ревека. Таа била мудра жена која во текот на целиот свој живот носела храбри одлуки и знаела кога и како да дејствува (1. Мој. 24:58; 27:5-17). Сепак, таа покажувала почит и била спремна да следи водство (1. Мој. 24:17, 18, 65). Ако си понизна како Ревека и ако ги поддржуваш оние на кои Јехова им ја дал одговорноста да предводат, ќе бидеш добар пример за сите во твоето семејство и во твоето собрание.
7. Како можат младите сестри да го следат примерот на Естира во поглед на скромноста?
7 Скромноста е уште една особина што им е потребна на сите зрели христијани. Библијата вели дека „мудроста е кај скромните“ (Изр. 11:2). Естира била скромна и верно му служела на Бог. Бидејќи била скромна, не се вообразила кога станала царица. Таа го послушала советот на нејзиниот постар братучед Мардохеј (Ест. 2:10, 20, 22). Можеш да покажеш скромност како Естира така што ќе бараш мудри совети и ќе ги применуваш (Тит 2:3-5).
8. Според 1. Тимотеј 2:9, 10, како скромноста ќе ѝ помогне на една сестра да носи мудри одлуки во врска со облекувањето и изгледот?
8 Естира покажала скромност на уште еден начин. Иако имала „убава става и убаво лице“, сепак не привлекувала непотребно внимание кон себеси (Ест. 2:7, 15). Како можат христијанките да извлечат корист од примерот на Естира? Еден начин е истакнат во 1. Тимотеј 2:9, 10. (Прочитај.) Апостол Павле ги поттикнал христијанките со својот начин на облекување да покажат дека се скромни и разборити. Грчките зборови што Павле ги употребил тука, покажуваат дека една христијанка секогаш треба да се облекува пристојно и дека треба да биде обѕирна кон чувствата и мислењата на другите. Ние многу ги цениме нашите драги сестри кои се облекуваат скромно.
9. Што можеме да научиме од примерот на Авигеја?
9 Разборитоста е уште една особина што треба да ја покажуваат сите зрели христијанки. Што е разборитост? Разборитиот човек умее добро да просудува, односно способен е да разликува исправно од погрешно и да направи мудар избор. Размисли за примерот на Авигеја. Нејзиниот сопруг донел погрешна одлука која лошо ќе се одразела врз секој што живеел во неговиот дом. Авигеја веднаш презела нешто. Благодарение на нејзината разборитост, биле спасени животи (1. Сам. 25:14-23, 32-35). Разборитоста исто така ни помага да знаеме кога да зборуваме, а кога да молчиме. Освен тоа, ни помага да бидеме урамнотежени кога покажуваме личен интерес за другите бидејќи не би сакале да ги доведеме во непријатна ситуација (1. Сол. 4:11).
СТЕКНИ КОРИСНИ ВЕШТИНИ
10-11. Како ќе ти користи и тебе и на другите тоа што добро ќе читаш и ќе пишуваш? (Види ја и сликата.)
10 Една христијанка треба да стекне корисни вештини. Некои вештини што едно девојче ќе ги научи во детството ќе му користат во текот на целиот живот. Да разгледаме неколку примери.
11 Научи добро да читаш и да пишуваш. Во некои култури се смета дека не е важно дали една жена ќе научи да чита и да пишува. Но, тие вештини се неопходни за секој христијанин e (1. Тим. 4:13). Затоа, не дозволувај ништо да те спречи да научиш добро да читаш и да пишуваш. Како ќе ти користи тоа? Таквите вештини ќе ти помогнат да најдеш и да задржиш работа. Исто така, ќе ти биде полесно да ја проучуваш Библијата и да ги поучуваш другите за неа. А што е најважно, додека ја читаш Божјата Реч и размислуваш за неа, ќе стануваш сѐ поблиска со Јехова (Ис. Нав. 1:8; 1. Тим. 4:15).
12. Како Изреки 31:26 ќе ти помогне да научиш добро да комуницираш со другите?
12 Научи добро да комуницираш со другите. За христијаните ова е многу важно. Јаков ни го дал следниов добар совет: „Секој човек треба да биде брз на слушање, а бавен на зборување“ (Јак. 1:19). Кога внимателно слушаш додека другите зборуваат, покажуваш сочувство кон нив (1. Пет. 3:8). Ако не си сигурна дали добро си разбрала што ти кажал некој или како се чувствува, постави му соодветни прашања. Потоа, застани за момент и размисли пред да кажеш нешто (Изр. 15:28). Прашај се: „Дали она што ќе го кажам е вистина и дали е охрабрувачки? Дали со тоа ќе покажам почит и дали е обѕирно?“ Учи од зрелите сестри кои добро комуницираат со другите. (Прочитај Изреки 31:26.) Обрни внимание на начинот на кој тие зборуваат. Колку подобро ќе ги научиш овие вештини, толку полесно ќе ти биде да се спријателиш со другите и да бидеш во мир со нив.
13. Што ќе ти помогне добро да управуваш со својот дом? (Види ја и сликата.)
13 Научи добро да управуваш со домот. На многу места, жените го носат поголемиот дел од товарот околу домашните обврски. Мајка ти или некоја друга трудољубива сестра може да ти помогне да ги научиш потребните вештини. Една сестра по име Синди вели: „Еден од најскапоцените подароци што ми ги даде мајка ми беше тоа што ме научи да најдам радост и задоволство во работата. Тоа што научив да готвам, да чистам, да шијам и мудро да ги користам парите кога купувам, ми овозможи да се грижам за себеси и да правам повеќе во службата за Јехова. Исто така, мајка ми ме научи да бидам гостољубива, а тоа ми овозможи да запознаам прекрасни браќа и сестри чиј пример можев да го следам“ (Изр. 31:15, 21, 22). Една трудољубива и гостољубива жена, која научила добро да се грижи за својот дом, е прекрасен благослов за сите во семејството и во собранието (Изр. 31:13, 17, 27; Дела 16:15).
14. Што учиш од искуството на Кристл, и на што треба да бидеш сконцентрирана?
14 Научи да бидеш самостојна. Една важна цел за сите зрели христијани е да научат самите да се издржуваат и да бидат задоволни со она што го имаат (Фил. 4:11; 2. Сол. 3:7, 8). Една сестра по име Кристл вели: „Додека бев во средно училиште, родителите ми помогнаа да изберам предмети на кои можев да научам практични вештини. Татко ми ме поттикна да изберам сметководство, а тоа многу ми користеше подоцна во животот“. Освен што ќе научиш вештини што ќе ти помогнат да најдеш работа, труди се да научиш мудро да раководиш со парите за да не трошиш повеќе отколку што имаш (Изр. 31:16, 18). Ако си задоволна со она што го имаш и ако не се задолжуваш непотребно, ќе можеш да останеш сконцентрирана на духовните цели (1. Тим. 6:8).
ПОДГОТВИ СЕ ЗА ИДНИТЕ УЛОГИ
15-16. Зошто немажените сестри се скапоцени? (Марко 10:29, 30).
15 Ако развиеш особини кои му се допаѓаат на Јехова и ако стекнеш корисни вештини, ќе бидеш подобро подготвена за твоите идни улоги. Да разгледаме неколку примери за тоа што би можела да правиш.
16 Би можела да одлучиш некое време да не стапуваш во брак. Во склад со она што го кажал Исус, некои сестри одлучуваат да не стапат во брак, иако во нивната култура на самештвото не се гледа со одобрување (Мат. 19:10-12). Други можеби не стапуваат во брак поради околностите. Биди сигурна дека Јехова и Исус не гледаат со потценување на самците. Низ целиот свет, немажените сестри прават многу за собранието. Бидејќи ги сакаат другите и искрено се грижат за нив, овие христијанки им стануваат духовни сестри и мајки на многумина. (Прочитај Марко 10:29, 30; 1. Тим. 5:2.)
17. Како може една млада сестра уште сега да се подготви за да започне со полновремена служба?
17 Би можела да почнеш со полновремена служба. Христијанките имаат огромен придонес во проповедничкото дело низ целиот свет (Пс. 68:11). Би можела ли уште сега да си поставиш за цел да почнеш со полновремена служба? На пример, би можела да служиш како пионер, како доброволец за изградба или да служиш во Бетел. Моли се во врска со својата цел. Зборувај со други кои веќе оствариле некоја од тие цели и дознај што треба да правиш за да ги исполниш условите за таа цел. Потоа направи си реалистичен план. Тоа што ќе ја оствариш твојата цел, ќе ти отвори и други прекрасни можности во службата за Јехова.
18. Зошто една сестра треба многу внимателно да го избере својот иден сопруг? (Види ја и сликата.)
18 Би можела да одлучиш да стапиш во брак. Особините и вештините за кои зборувавме можат да ти помогнат да станеш добра сопруга. Се разбира, ако размислуваш да стапиш во брак, треба многу внимателно да го избереш својот брачен другар. Тоа е една од најважните одлуки што некогаш ќе ја донесеш. Имај на ум дека ќе треба да го почитуваш поглаварството на мажот со кој ќе стапиш во брак (Рим. 7:2; Еф. 5:23, 33). Затоа, прашај се: „Дали тој е зрел христијанин? Дали Јехова му е на прво место во животот? Дали носи мудри одлуки? Дали е спремен да си ги признае грешките? Дали ги почитува жените? Дали ги има потребните вештини за да се грижи за мене во духовен, материјален и емоционален поглед? Дали добро си ги извршува одговорностите? На пример, какви задачи има во собранието и како ги извршува?“ (Лука 16:10; 1. Тим. 5:8). Се разбира, ако сакаш да најдеш добар сопруг, ќе треба да се подготвиш за да бидеш добра сопруга.
19. Зошто со улогата на „помошничка“ ѝ се укажува чест на жената?
19 Библијата вели дека една добра сопруга е „помошничка“ на својот сопруг и „негово дополнение“ (1. Мој. 2:18). Дали со ова се понижува жената? Напротив, со улогата на помошничка ѝ се укажува чест! Всушност, во Библијата, Јехова честопати е наречен „помошник“ (Пс. 54:4; Евр. 13:6). Сопругата е вистинска помошничка за својот сопруг кога го поддржува и му помага да ги спроведе одлуките што ќе влијаат врз семејството. И, бидејќи го сака Јехова, таа прави сѐ што може за другите да имаат убаво мислење за нејзиниот сопруг (Изр. 31:11, 12; 1. Тим. 3:11). Можеш да се подготвиш за оваа улога што можеби ќе ја имаш во иднина така што ќе си ја продлабочуваш љубовта кон Јехова и ќе им помагаш на другите дома и во собранието.
20. Какво влијание може да има мајката?
20 Би можела да станеш мајка. Откако ќе стапиш во брак, ти и твојот сопруг можеби ќе имате деца (Пс. 127:3). Затоа, мудро е однапред да размислиш за тоа. Особините и вештините што ги разгледавме во оваа статија ќе ти помогнат ако еден ден станеш сопруга и мајка. Со љубов, љубезност и стрпливост ќе придонесеш во домот да владее топла атмосфера, каде што децата ќе се чувствуваат безбедно и сакано (Изр. 24:3).
21. Како гледаме на нашите сестри, и зошто? (Види ја сликата на насловната страница.)
21 Драги сестри, многу ве сакаме поради сето она што го правите за Јехова и за неговиот народ (Евр. 6:10). Вие многу се трудите да развиете особини што му се допаѓаат на Јехова, да стекнете вештини со кои придонесувате вашиот живот и животот на другите да биде поубав и добро да се подготвите за улогите што можеби ќе ги имате во иднина. Вие сте многу скапоцени за Јеховината организација!
ПЕСНА 137 Жените верно му служат на Бог
a Драги млади сестри, вие сте многу скапоцени за собранието. Вие можете да станете зрели христијанки така што ќе развиете особини што му се допаѓаат на Бог, ќе стекнете корисни вештини и ќе се подготвите за улогите што можеби ќе ги имате во иднина. Како резултат на тоа, ќе имате многу благослови во службата за Јехова.
b ПОЈАСНУВАЊЕ: Оној што стекнал христијанска зрелост, го следи водството од Божјиот дух, а не мудроста на овој свет. Таквото лице го следи примерот на Исус, дава сѐ од себе да остане близок пријател со Јехова и покажува самопожртвувана љубов кон другите.
c На jw.org види ја статијата „Жене у Светом писму — шта од њих можемо научити?“, на српски јазик.
e Нешто повеќе за тоа колку е важно читањето можеш да прочиташ на jw.org во статијата „Зашто је за децу добро да читају? (1. део): Књига или телефон?“, на српски јазик.