Нека те води Божјето гледиште за алкохолот
БЕЗ СОМНЕНИЕ, многу ги цениш различните дарови што ни ги дава Јехова, вклучувајќи ја и слободната волја да одлучиш како да ги користиш тие дарови. Интересно е дека, според Библијата, и виното е дар од Бог. Во неа дури пишува: „Лебот ги весели работниците и виното го развеселува животот“ (Проп. 10:19; Пс. 104:19). Но, веројатно си забележал дека некои луѓе имаат проблем со алкохолот. Исто така, луѓето низ целиот свет имаат различни гледишта во врска со пиењето алкохол. Што може да им помогне на христијаните да носат мудри одлуки во врска со алкохолот?
Без разлика каде живееме или во каква култура сме пораснале, треба да дозволиме врз нашите одлуки и ставови да влијае Божјето гледиште, а не гледиштето на луѓето околу нас. На тој начин ќе водиме посреќен живот.
Како што веројатно си забележал, многу луѓе во светот често пијат алкохол, и тоа во големи количини. Некои пијат бидејќи тоа им помага да се чувствуваат опуштено. Други пијат за да се справат со проблемите. А во некои места, на пиењето големи количини алкохол се гледа како на одраз на зрелост и машкост.
Но, христијаните добиваат мудри совети од својот грижлив Творец. На пример, тој нѐ предупредува за лошите последици од опивањето. Можеби си го прочитал извештајот во Изреки 23:29-35, каде што детално е опишан еден пијан човек, а спомнати се и некои од проблемите со кои се соочува како резултат на тоа. a Даниел, кој служи како старешина во едно собрание во Европа, се сеќава каков му бил животот пред да го запознае Јехова и пред да почне да ги применува неговите совети. Тој вели: „Пиев премногу алкохол и поради тоа носев лоши одлуки. Затоа, доживеав многу болни искуства поради кои до ден-денес имам емоционални лузни“.
Како можеме да носиме мудри одлуки во врска со алкохолот и да ги избегнеме проблемите што доаѓаат со прекумерното пиење? Клучот е во тоа да дозволиме Божјето гледиште да ги води нашите мисли и постапки.
Да видиме што вели Библијата за алкохолот и за тоа од кои причини некои луѓе пијат алкохол.
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА ЗА АЛКОХОЛОТ
Божјата Реч не го осудува умереното пиење на алкохол. Всушност, во Библијата пишува дека пиењето вино може да причинува задоволство. Таму читаме: „Јади го својот леб со радост и пиј го своето вино со весело срце“ (Проп. 9:7). Исус пиел вино во одредени прилики, а истото било случај и со други верни слуги на Јехова (Мат. 26:27-29; Лука 7:34; 1. Тим. 5:23).
Иако Божјата Реч не го осудува умереното консумирање на алкохол, таа го осудува опивањето. Во неа јасно пишува: „Не опивајте се со вино“ (Еф. 5:18). Па дури и вели дека пијаниците „нема да го наследат Божјето царство“ (1. Кор. 6:10). Јехова остро го осудува опивањето и пијанството. Наместо едноставно да го следиме она што го прават луѓето околу нас, ние носиме одлуки во склад со Божјето гледиште.
Некои мислат дека можат да пијат големи количини на алкохол без да се опијат. Но, тоа е многу опасно. Во Библијата јасно пишува дека оние што „робуваат на многу вино“ можат да направат сериозни грешки и да си го нарушат пријателството со Јехова (Тит 2:3; Изр. 20:1). Исус дури предупредил дека опивањето може да спречи некого да влезе во Божјиот нов свет (Лука 21:34-36). Тогаш, што може да му помогне на еден христијанин да ги избегне проблемите до кои лесно може да дојде поради пиењето алкохол?
ПРЕИСПИТАЈ СИ ГИ МОТИВИТЕ И НАВИКИТЕ
Опасно е да дозволиме културата во која сме пораснале да одредува какво гледиште ќе имаме за пиењето. Кога станува збор за јадењето и пиењето, христијаните постапуваат мудро со тоа што одлучуваат да го прават она што му е угодно на Јехова. Библијата нѐ потсетува: „Било да јадете, било да пиете, било да правите што и да е друго, правете сѐ за Божја слава“ (1. Кор. 10:31). Еве неколку прашања и библиски начела што треба да ги земеме предвид:
Дали пијам алкохол само за да бидам прифатен од другите? Во 2. Мојсеева 23:2 пишува: „Не поведувај се по мнозинството“. Тука Јехова ги предупредил Израелците да не го следат примерот на луѓето кои не го прават она што му е угодно нему. Тој совет е корисен и за христијаните денес. Ако дозволиме другите луѓе да влијаат врз нашите ставови и одлуки во врска со алкохолот, постепено би можеле да престанеме да живееме во склад со мерилата на Јехова и би можеле да го изгубиме пријателството со него (Рим. 12:2).
Дали пијам алкохол за да покажам колку сум јак? Во некои култури е сосема вообичаено и прифатливо да се пие алкохол често и во големи количини (1. Пет. 4:3). Но, забележи на што сме поттикнати во 1. Коринќаните 16:13: „Бдејте, бидете непоколебливи во верата, држете се машки, бидете јаки!“ Може ли алкохолот навистина да му помогне некому да биде јак? Не. Напротив, алкохолот може многу лесно да ослаби нечија способност да размислува јасно и да носи добри одлуки. Значи, пиењето големи количини на алкохол не е знак за сила, туку е одраз на слабост. Исаија 28:7 го опишува оној што застранува поради алкохол како некој што талка и се тетерави.
Вистинската сила доаѓа од Јехова и вклучува да бдееме и да бидеме непоколебливи во верата (Пс. 18:32). Ова ќе го постигнеме ако правиме сѐ што можеме за да ги избегнуваме опасните ситуации и ако сме решени со нашите одлуки да не си го нарушиме пријателството со Јехова. Додека бил на Земјата, Исус покажал таква сила, и многумина го почитувале бидејќи бил храбар и одлучен да го прави она што е исправно.
Дали пијам алкохол за да избегам од проблемите? Поттикнат од Јехова, еден псалмист Пс. 94:19). Ако си оптоварен поради некои грижи, потпри се на Јехова за помош, а не на алкохолот. Нешто што може да ти помогне да бидеш помалку загрижен е да му се молиш почесто на Јехова. Исто така, многумина сфатиле дека им користело тоа што побарале практичен совет од некој зрел пријател во собранието. Всушност, ако некој пие алкохол за да се справи со тешкотиите, тоа може да му ја ослабне решеноста да постапува исправно (Оси. 4:11). Даниел, кој го спомнавме претходно, признал: „Бев оптоварен со многу грижи и се борев со чувство на вина. Пиев за да можам да се справам со ситуацијата, но проблемите растеа. Ја изгубив самопочитта, а изгубив и пријатели“. Што му помогнало на Даниел? Тој рекол: „Сфатив дека треба да барам утеха од Јехова, а не во алкохолот. На крајот, со Јеховина помош, успеав да ги решам проблемите“. Факт е дека Јехова е секогаш спремен да ни помогне, дури и кога нашата ситуација изгледа безнадежна (Фил. 4:6, 7; 1. Пет. 5:7).
го напишал следново: „Кога во мене се намножија немирни мисли, утехите од тебе [Јехова] ми ја милуваа душата“ (Ако понекогаш пиеш алкохол, би можел да се преиспиташ за да видиш дали треба да направиш некои промени во тоа колку често или колку многу пиеш. Прашај се: „Дали некој член од семејството или некој близок пријател ми кажал дека е загрижен во врска со моите навики на пиење?“ Ако да, тоа може да е показател дека си стекнал навика да пиеш или дека имаш проблем со алкохолот за кој не си свесен. „Дали пијам повеќе од порано?“ Ова може да е случај со некој кој, иако не е зависник од алкохол, можеби оди во тој правец. „Можам ли да издржам без алкохол неколку дена или подолго?“ Ако не, тогаш пиењето можеби станало твоја вкоренета навика или си станал зависник од алкохол. Тоа може да значи дека ќе ти биде потребна стручна помош за да го надминеш проблемот.
Бидејќи пиењето може да предизвика многу проблеми, некои христијани одлучиле воопшто да не пијат. Други, пак, решиле да не пијат алкохол едноставно затоа што не им се допаѓа вкусот. Ако некој од оние што ги познаваш донесе таква одлука, можеш да покажеш обѕир така што
ќе ја почитуваш неговата одлука без да го критикуваш.Или, можеби си сфатил дека е мудро да си поставиш одредени граници за тоа колку алкохол ќе пиеш ти лично. А можеби ќе си поставиш правило и во врска со тоа колку често ќе пиеш — можеби еднаш седмично или умерено за време на оброците. Други си поставиле граници во врска со тоа каков вид алкохол ќе консумираат. На пример, одлучиле да пијат вино или пиво во умерени количини, но да не пијат жесток пијалак, дури и ако е измешан со нешто друго. Откако ќе си поставиш јасни граници во врска со пиењето, ќе ти биде полесно да се држиш за нив. Еден зрел христијанин нема потреба да се грижи што ќе мислат другите за него поради одлуките што ги донел и поради тоа што е решен да се држи за нив.
Кога носиме одлуки во врска со алкохолот, треба да мислиме и на другите. Во Римјаните 14:21 пишува: „Добро е да не се јаде месо и да не се пие вино и да не се прави ништо од кое твојот брат би можел да се спрепне“. Како можеш да го примениш овој совет? Покажи братска љубов. Ако сметаш дека тоа што ќе пиеш алкохол ќе му пречи некому, тогаш љубовта ќе те поттикне да не пиеш во таа прилика. Така ќе покажеш дека ги сакаш и дека ги почитуваш другите и дека не ја бараш својата корист, туку нивната (1. Кор. 10:24).
Исто така, властите можеби донеле закони во врска со алкохолот кои еден христијанин треба да ги почитува. Тие закони можеби одредуваат од која возраст некој може да почне да пие алкохол или можеби забрануваат луѓето да возат автомобил или да управуваат со некои машини под дејство на алкохол (Рим. 13:1-5).
Јехова покажува дека го почитува нашето достоинство со тоа што ни дал слобода да одлучиме како ќе ги користиме многуте дарови кои ни ги дал. Тука спаѓа и правото да одлучиме што ќе јадеме и што ќе пиеме. Да се трудиме со нашите одлуки да покажеме дека ја цениме оваа слобода така што ќе ја користиме за да го радуваме нашиот небесен Татко.
a Една здравствена организација во САД известува дека претераното пиење алкохол дури и само во една прилика може да доведе до убиство, самоубиство, сексуално насилство, насилство врз партнерот, ризично сексуално однесување и спонтан абортус.