Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 51

Твојата надеж за иднината сигурно ќе се исполни

Твојата надеж за иднината сигурно ќе се исполни

Надежта нема да разочара (РИМ. 5:5)

ПЕСНА 142 Цврсто да се држиме за нашата надеж

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1. Зошто можеме да кажеме дека надежта на Авраам не била залудна?

 ЈЕХОВА му ветил на својот пријател Авраам дека преку неговото потомство ќе бидат благословени сите народи на Земјата (1. Мој. 15:5; 22:18). Бидејќи имал силна вера во Бог, Авраам бил уверен дека Божјето ветување ќе се исполни. Сепак, кога Авраам имал 100 години, а неговата жена 90, овие верни Божји слуги сѐ уште немале син (1. Мој. 21:1-7). Но, во Библијата пишува: „[Авраам] имаше надеж, па поверува дека ќе стане татко на многу народи, како што беше речено“ (Рим. 4:18). Знаеме дека надежта што ја имал Авраам се остварила — му се родил Исак, синот кој толку долго го очекувал. Зошто Авраам бил уверен дека Јехова ќе го исполни своето ветување?

2. Зошто Авраам бил уверен дека Јеховиното ветување ќе се исполни?

2 Затоа што бил близок пријател со Јехова, Авраам бил потполно уверен дека ќе се исполни „она што [Бог] го ветил“ (Рим. 4:21). Поради својата вера, Авраам го стекнал Божјето одобрување, и Јехова го сметал за праведен (Јак. 2:23). Како што пишува во Римјаните 4:18, верата на Авраам била поврзана со неговата надеж. Да разгледаме сега што кажал апостол Павле за надежта во Римјаните поглавје 5.

3. Што објаснил Павле во врска со надежта?

3 Павле објаснил зошто можеме да бидеме сигурни дека нашата надеж нема да нѐ разочара (Рим. 5:5). Исто така, тој ни помага да сфатиме како нашата христијанска надеж може да стане уште поцврста. Додека го разгледуваме процесот што Павле го опишал во Римјаните 5:1-5, размислувај за тебе лично. Додека го правиш тоа, веројатно ќе сфатиш дека, со текот на времето, твојата христијанска надеж станала посилна. Исто така, оваа статија ќе ти помогне да откриеш како твојата надеж може да стане уште поцврста отколку што е сега. Прво, да ја разгледаме прекрасната надеж за која Павле рекол дека „нема да разочара“.

НАШАТА ПРЕКРАСНА НАДЕЖ

4. За што се зборува во Римјаните 5:1, 2?

4 Прочитај Римјаните 5:1, 2. Павле ги напишал овие зборови за собранието во Рим. Тамошните браќа и сестри ги запознале Јехова и Исус, покажале вера и станале христијани. Бог ги прогласил за праведни поради нивната вера и ги помазал со свет дух. Така, тие добиле прекрасна надеж за која можеле да бидат сигурни дека ќе се оствари.

5. Каква надеж имаат помазаниците?

5 Подоцна, Павле им напишал на помазаните христијани во Ефес во врска со надежта на која Бог ги повикал. Во таа надеж било вклучено да добијат „наследство за светите“ (Еф. 1:18). Исто така, Павле им кажал на Колошаните каде ќе се исполни нивната надеж. Тој ја нарекол „надежта во она што се чува за вас на небесата“ (Кол. 1:4, 5). Значи, помазаните христијани имаат надеж дека ќе бидат воскреснати за вечен живот на небото, каде што ќе владеат заедно со Христос (1. Сол. 4:13-17; Отк. 20:6).

Брат Франц ја изразил увереноста што ја имаат помазаните христијани во врска со нивната надеж (види во пасус 6)

6. Што кажал еден помазан брат во врска со својата надеж?

6 Помазаните христијани ја ценат надежта што ја имаат. Еден од нив, брат Фредерик Франц, кој со децении верно му служел на Бог, во 1991 год. кажал што чувствува во врска со својата надеж: „Нашата надеж е сигурна и потполно ќе се исполни на секој од 144-те илјади членови на малото стадо, и тоа во многу поголема мера од она што си го замислуваме... [Ние] сѐ уште многу ја цениме нашата надеж... Колку повеќе ја очекуваме, толку повеќе ја цениме. Вреди да ја чекаме, ако треба дури и милион години. Јас ја ценам нашата надеж повеќе од кога и да било порано“.

7-8. Каква надеж имаат повеќето слуги на Јехова? (Римјаните 8:20, 21).

7 Повеќето од оние што му служат на Јехова денес, имаат поинаква надеж. Тоа е надежта што ја имал Авраам — вечен живот на Земјата под власта на Божјето Царство (Евр. 11:8-10, 13). Павле напишал каква прекрасна иднина ги очекува оние што имаат таква надеж. (Прочитај Римјаните 8:20, 21.) Што најмногу ти се допадна тебе кога за првпат дозна што ни ветува Библијата за иднината? Дали тоа беше фактот дека еден ден ќе бидеш совршен и нема повеќе да бидеш склон кон грев? Дали можеби беше трогнат кога дозна дека твоите блиски кои починале повторно ќе живеат во рај на Земјата? Овие работи што си ги дознал ти дале причина со нетрпение да ја очекуваш надежта што ни е дадена.

8 Без разлика дали се надеваме на вечен живот на небото или на Земјата, ние имаме прекрасна надеж која ни дава причина за радост. А оваа надеж може да станува сѐ поцврста. Павле објаснил како може да се случи тоа. Да видиме што напишал тој во врска со нашата надеж. Тоа ќе ни помогне да бидеме уште поуверени дека таа ќе продолжи да расте и дека никогаш нема да нѐ разочара.

ШТО НИ ПОМАГА ДА СИ ЈА ЗАЈАКНЕМЕ НАДЕЖТА

Сите христијани може да очекуваат некој вид неволја (види во пасуси 9-10)

9-10. Како што се гледа од примерот на Павле, што може да очекуваат христијаните? (Римјаните 5:3; види ја и сликата).

9 Прочитај Римјаните 5:3. Забележи дека неволјите можат да ни помогнат нашата надеж да стане уште поцврста. Ова може да нѐ изненади. Факт е дека сите следбеници на Христос може да очекуваат неволји. Размисли за примерот на Павле. На Солуњаните тој им го рекол следново: „Кога бевме кај вас, однапред ви зборувавме дека мора да нѐ снајдат неволји, а тоа... и се случи“ (1. Сол. 3:4). А на Коринќаните им напишал: „Не сакаме, браќа, да не знаете за неволјата што ни се случи... мислевме дека нема да преживееме“ (2. Кор. 1:8; 11:23-27).

10 И христијаните денес може да очекуваат разни неволји (2. Тим. 3:12). Како е со тебе? Дали си доживеал некаква неволја затоа што си покажал вера во Исус и си почнал да го следиш? Твоите пријатели и роднини можеби те исмеваат. Можеби дури и се однесуваат лошо со тебе. Или можеби имаш проблеми на работното место поради твојата решеност во сѐ да постапуваш чесно (Евр. 13:18). Можеби си се соочил со противење од властите затоа што ја споделуваш со другите надежта што ја имаш. Но, без разлика со каков вид неволја можеби ќе се соочиме, Павле рекол дека треба да бидеме радосни. Зошто?

11. Зошто треба да бидеме решени да истраеме без разлика со каква неволја ќе се соочиме?

11 Можеме да бидеме радосни дури и кога доживуваме неволји бидејќи тоа може да ни помогне да развиеме една важна особина. Како што пишува во Римјаните 5:3, „неволјата донесува истрајност“. Сите христијани ќе се соочат со некаква неволја. Затоа, сите христијани мора да имаат истрајност. Треба да бидеме решени да истраеме без разлика со какви неволји можеби ќе се соочиме. Само така ќе можеме да го видиме исполнувањето на нашата надеж. Ние не сакаме да бидеме како оние што Исус ги имал на ум кога зборувал за семето што паднало на каменито место. Тие на почеток ја прифатиле Речта со радост, но кога дошла неволја или прогонство веднаш се поколебале (Мат. 13:5, 6, 20, 21). Точно, не е лесно, ниту пак пријатно, да доживуваме противење или неволји. Но, ако истраеме, тоа сигурно ќе ни користи. На кој начин?

12. Како ни помага истрајноста кога се соочуваме со неволји?

12 Ученикот Јаков истакнал како ќе ни користи тоа што ќе истраеме кога доживуваме неволји. Тој напишал: „Истрајноста нека го доврши своето дело за да бидете совршени и потполни, без никаков недостаток“ (Јак. 1:2-4). Значи, Јаков рекол дека истрајноста си има своја цел. Таа може да ни помогне да имаме поголема стрпливост и поголема вера, а и повеќе да се потпираме на Бог. Но, истрајноста ни помага на уште еден важен начин.

13-14. До што води истрајноста, и како тоа е поврзано со надежта? (Римјаните 5:4).

13 Прочитај Римјаните 5:4. Павле рекол дека истрајноста води до „испитаност“. Што значи ова? Кога верно истрајуваме во испитите, стекнуваме одобрување од Јехова. Се разбира, Јехова не се радува кога доживуваме неволји или проблеми. Наместо тоа, тој е среќен затоа што верно истрајуваме. Многу е охрабрувачки да знаеме дека со нашата истрајност го радуваме Јехова и го стекнуваме неговото одобрување (Пс. 5:12).

14 Сети се дека, секогаш кога ќе била ставена на испит неговата вера, Авраам верно истрајувал и поради тоа го имал Божјето одобрување. Јехова гледал на Авраам како на свој пријател и го сметал за праведен (1. Мој. 15:6; Рим. 4:13, 22). Истото може да биде случај и со нас. Божјето одобрување не зависи од тоа колку многу сме зафатени во службата, ниту пак од тоа какви одговорности имаме во Јеховината организација. Бог ќе биде задоволен со нас ако верно истрајуваме и покрај тешкотиите. А секој од нас може да истрае без разлика на возраста, околностите или способностите. Дали во моментов се наоѓаш во некоја тешка ситуација и верно истрајуваш? Ако да, не заборавај дека го имаш Божјето одобрување. Тоа што знаеме дека го имаме Божјето одобрување, може да изврши силно влијание врз нас — може да ја зајакне нашата надеж.

ПОЦВРСТА НАДЕЖ

15. Што рекол Павле во Римјаните 5:4, 5, и зошто некои можат да бидат збунети поради овие зборови?

15 Како што објаснил Павле, Јехова е задоволен со нас кога му остануваме верни и истрајуваме во неволја. Забележи што рекол Павле потоа: „Испитаноста [носи] надеж, а надежта нема да разочара“ (Рим. 5:4, 5). Некои можат да бидат збунети од овие зборови. Зошто? Бидејќи претходно, во Римјаните 5:2, Павле напишал дека христијаните во Рим веќе имале надеж — надеж дека ќе бидат учесници во Божјата слава. Затоа, некој би можел да праша: „Ако овие христијани веќе имале надеж, тогаш зошто Павле повторно ја спомнува надежта во следните стихови?“

Надежта што си ја имал на почетокот станала уште поцврста, уште повеќе ја цениш и сѐ посилно влијае врз тебе (види во пасуси 16-17)

16. Како почнува да расте надежта кај некоја личност? (Види ги и сликите.)

16 Тоа што ќе имаме на ум дека надежта може да расте, ќе ни помогне да сфатиме што сакал Павле да каже. Да наведеме еден пример. Дали се сеќаваш кога за првпат слушна за прекрасната надеж од Божјата Реч? Во тоа време, идејата дека можеш вечно да живееш во рај на Земјата можеби ти звучела убаво, но не си бил сигурен дека тоа навистина може да се случи. Сепак, колку повеќе си учел за Јехова и за ветувањата од Библијата, си станувал сѐ поуверен дека оваа надеж ќе се оствари.

17. Како твојата надеж продолжува да расте по твоето крштавање?

17 Дури и по твоето крштавање, твојата надеж продолжила да расте бидејќи си продолжил сѐ подобро да го запознаваш Јехова и да стануваш сѐ позрел во духовен поглед (Евр. 5:13 — 6:1). Веројатно си го доживеал она што е запишано во Римјаните 5:2-4. Си доживеал разни неволји, но си истрајал и си почувствувал дека Јехова е задоволен со тебе. Бидејќи знаеш дека тој те сака и дека е задоволен со тебе, сега имаш уште поголема причина да ги очекуваш работите што ги ветил. Твојата надеж станала уште поцврста отколку на почетокот. Таа ти е пореална, уште повеќе ја цениш и сѐ посилно влијае врз тебе. Всушност, таа влијае врз секој аспект од твојот живот — врз тоа како се однесуваш со твоето семејство, какви одлуки носиш, па дури и врз тоа како го користиш твоето време.

18. Каква гаранција ни дава Јехова?

18 Апостолот додава една многу важна мисла во врска со надежта што ја имаш откако си добил одобрување од Бог. Јехова те уверува дека твојата надеж ќе се оствари. Зошто можеш да бидеш уверен во тоа? Павле ја додава и следнава гаранција што Бог им ја дал на христијаните: „Надежта нема да разочара. Зашто, љубовта Божја е излеана во нашите срца преку светиот дух, кој ни е даден“ (Рим. 5:5). Можеш да бидеш потполно уверен дека надежта што Јехова ти ја дал тебе лично ќе се исполни!

19. Кога станува збор за твојата надеж, во што можеш да бидеш уверен?

19 Размислувај за ветувањето што Јехова му го дал на Авраам и за фактот дека го имал Божјето одобрување, како и за тоа дека Јехова го сметал за свој пријател. Надежта на Авраам не била залудна. Во Библијата пишува: „Авраам, откако покажа стрпливост, го доби тоа ветување“ (Евр. 6:15; 11:9, 18; Рим. 4:20-22). Можеме да бидеме сигурни дека тој не бил разочаран. И ти можеш да бидеш уверен дека, ако останеш верен, она на што се надеваш ќе се оствари. Твојата надеж е реална. Таа е причина за радост, а не за разочарување (Рим. 12:12). Павле напишал: „Бог, кој дава надеж, нека ве исполни со секоја радост и мир затоа што верувате, за да обилувате со надеж преку силата на светиот дух“ (Рим. 15:13).

ПЕСНА 139 Се гледаш ли во новиот свет?

a Во оваа статија ќе видиме што е вклучено во нашата христијанска надеж и зошто можеме да бидеме сигурни дека таа ќе се оствари. Римјаните поглавје 5 ќе ни помогне да видиме како надежта што ја имаме сега, се разликува од надежта што сме ја имале кога сме ја дознале вистината.