ЖИВОТНА ПРИКАЗНА
Никогаш не престанав да учам
БЛАГОДАРЕН сум му на Јехова за тоа што тој е мојот „Најголем Учител“ (Иса. 30:20). Тоа е огромна чест. Тој ги поучува своите слуги преку неговата Реч, Библијата, преку неговите неверојатни творби и преку неговата организација. Исто така, ни помага и преку луѓе — нашите духовни браќа и сестри. Имам речиси 100 години, но и понатаму извлекувам корист од сите овие начини на кои Јехова нѐ поучува. Да ви раскажам нешто повеќе.
Роден сум во 1927 год. во едно мало гратче во близина на Чикаго (Илиноис, САД). Татко ми и мајка ми имаа пет деца — Џета, Дон, јас, Карл и Џој. Сите бевме решени да му служиме на Јехова со сета душа. Џета беше во вториот клас на Гилеад во 1943 год. Дон, Карл и Џој отидоа во Бетел, во Бруклин (Њујорк), во 1944, 1947 и 1951 год. Нивниот убав пример, како и примерот на моите родители, имаше големо влијание врз мене.
НАШЕТО СЕМЕЈСТВО ЈА ДОЗНАВА ВИСТИНАТА
Татко ми и мајка ми редовно ја читаа Библијата и многу го сакаа Бог, па таа љубов ја всадија и во нас. Меѓутоа, татко ми изгуби секаква почит кон црквите откако, за време на Првата светска војна, служеше како војник во Европа. Мајка ми беше многу благодарна кога татко ми си дојде жив и здрав, и затоа му рече: „Карл, ајде да одиме во црква како што си одевме порано“. А татко ми ѝ одговори: „Ќе те испратам до црквата, ама јас нема да влезам“. Таа го праша: „Зошто?“ Тој ѝ рече: „За време на војната, свештеници од иста религија ги благословуваа војниците и нивното оружје од двете страни. Па, зарем Бог ги поддржуваше двете страни?“
Во една прилика, додека мајка ми беше во црква, двајца Јеховини сведоци дојдоа кај нас дома. Му ги понудија на татко ми двата тома од книгата Светлина, во кои е разработена библиската книга Откровение. Татко ми се заинтересира и ги зеде книгите. Кога мајка ми ги виде, почна да ги чита. Еден ден, во локалниот весник прочита дека сите што се заинтересирани се поканети да го следат проучувањето на Библијата со помош на книгите Светлина. Реши и таа да оди. Кога стигнала таму, ѝ отворила една постара жена. Со една од книгите во рака, мајка ми ја прашала: „Тука ќе се проучува ова?“ А таа ѝ одговорила: „Да, злато, влези“. Следната седмица, мајка ни нѐ однесе и нас децата со неа, а потоа почнавме и редовно да одиме.
Еднаш, братот што го водеше состанокот ме замоли да прочитам Псалм 144:15, каде што вели дека оние што му служат на Јехова се среќни. Многу ми се допадна тој стих, како и уште два други — 1. Тимотеј 1:11, каде што вели дека Јехова е „среќниот Бог“, и Ефешаните 5:1, каде што сме поттикнати да се угледаме на Бог. Сфатив дека треба да сум среќен што му служам на мојот Творец и да му бидам благодарен за таа чест. Овие две работи никогаш не ги заборавив во животот.
Најблиското собрание беше во Чикаго, на 32 километри од нас. Но, одевме на состаноци, и така растеше моето библиско спознание. Се сеќавам, на еден состанок, братот ја крена Џета да коментира и, додека ја слушав, си помислив: „Па, јас го знам ова. И јас можев да кренам рака да коментирам“. Така и јас почнав да си подготвувам коментари. Но, што е уште поважно, растев духовно заедно со моите браќа и сестри. Се крстив во 1941 год.
УЧАМ ОД ЈЕХОВА НА КОНГРЕСИТЕ
Во сеќавањето посебно ми е врежан конгресот во Кливленд (Охајо) во 1942 год. На тој конгрес, преку телефон беа поврзани и преку 50 други локации во САД. Ние, како и многу други семејства, бевме сместени во шатори во близина на конгресната локација. Втората светска војна веќе беснееше, а растеше и противењето кон Јеховините сведоци. Вечерта видов групи браќа како ги паркираат своите возила свртени со светлата спротивно од шаторите. Сите беа сложни дека во секое возило треба да има барем по еден човек за да чуваат стража во текот на ноќта. Ако забележеа некаква опасност, браќата требаше да ги вклучат светлата за да ги заслепат натрапниците и да почнат да свират на свирките. Така други ќе можеа да им притрчаат на помош. Си помислив: „Јеховиниот народ е толку добро подготвен за сѐ“. Со таа мисла си легнав и мирно си спиев цела ноќ, а надвор немаше никакви проблеми.
Со години подоцна, кога ќе се сетев на тој конгрес, ми беше јасно дека мајка ми ни малку не беше загрижена ниту уплашена. Таа имаше целосна доверба во Јехова и во неговата организација. Никогаш нема да го заборавам нејзиниот убав пример.
Кратко пред тој конгрес, мајка ми почна да служи како општ пионер. И многу внимателно ги слушаше говорите во кои се зборуваше за полновремената служба. Кога си одевме накај дома, ни рече: „Јас би сакала да продолжам со пионерската служба, но не можам да ја терам и службата и добро да се грижам за домот“. И потоа нѐ замоли дали би биле спремни да ѝ помогнеме. Нормално дека се согласивме. И таа ни даде задача секој од нас да исчисти една или две соби пред појадокот. Кога ние ќе отидевме на школо, таа ќе провереше дали дома сѐ е средено и потоа ќе излезеше во служба. Мајка ми беше многу зафатена, но никогаш не ги запостави своите деца. Кога ќе си дојдевме за ручек или кога ќе си дојдевме од школо, таа беше тука, нѐ чекаше. Некои денови кога ќе си дојдевме од школо, одевме заедно со неа во служба, и тоа многу ни помогна да сфатиме што значи да си пионер.
ПОЧНУВАМ СО ПОЛНОВРЕМЕНА СЛУЖБА
Почнав со пионерска служба на 16 години. Иако татко ми тогаш сѐ уште не беше Јеховин сведок, се интересираше како ми оди службата. Една вечер, му кажав дека правам сѐ, но никако не можам да најдам некој што сака да ја проучува Библијата. Малку подзастанав и го прашав: „А ќе сакаш ли со тебе да проучувам?“ Тој подразмисли
малку и ми рече: „Па, не гледам причина зошто не би проучувал“. Да, првиот интересент со кого ја проучував Библијата беше татко ми, и тоа беше огромна чест за мене.Ја проучувавме книгата Вистината ќе ве ослободи. Како што течеше курсот, сфатив дека татко ми ми помага ем подобро да проучувам ем подобро да поучувам. На пример, една вечер, откако прочитавме еден пасус, ми рече: „Гледам што вели книгата, ама од каде знаеш дека книгата е во право?“ Не бев подготвен за такво прашање и реков: „Сега не знам како да ти докажам дека тоа што го пишува во книгата е точно, ама следниот пат кога ќе проучуваме, мислам дека ќе имам одговор“. И имав. Најдов неколку стихови како поткрепа за она што го пишуваше во книгата. Оттогаш натаму, подобро се подготвував за курсот и научив како да истражувам. Тоа многу ми помогна духовно да растам јас, но и татко ми. Тој почна да го применува она што го учеше и се крсти во 1952 год.
НОВИ ЦЕЛИ КОИ МИ ПОМОГНАА ДА ПРОДОЛЖАМ ДА УЧАМ
Си заминав од дома кога имав 17 години. Џета a стана мисионер, а Дон почна да служи во Бетел. И двајцата многу си ја сакаа задачата. А тоа за мене беше големо охрабрување. Па затоа, дадов молба и за Бетел и за школата Гилеад, и оставив Јехова да ги води работите. Кој беше резултатот? Бев повикан да служам во Бетел во 1946 год.
Низ годините, во Бетел имав разни задачи. И така можев да научам многу нови работи. Во овие 75 години бетелска служба, научив да работам во печатницата и во сметководство. Исто така, многу научив за увоз и извоз. Но што е најважно, сите овие години уживам во духовната поука што ја добивам во Бетел преку библиската утринска програма и преку библиските предавања.
Многу научив и од мојот помлад брат, Карл, кој дојде во Бетел во 1947 год. Тој многу темелно ја проучуваше Библијата, ама и многу добро поучуваше за Библијата. Еднаш, го замолив да ми помогне со еден говор што требаше да го одржам. Му кажав дека најдов многу материјал, ама не знам како да го употребам сето тоа. Со едно прашање ми го реши проблемот. „Џоел, што ти е темата?“ Веднаш ми беше јасно што сака да ми каже — користи го само материјалот што ти е поврзан конкретно со темата, а другото остави го. Никогаш не ја заборавив таа лекција.
За да бидеме среќни во Бетел, треба да даваме сѐ од себе и во службата на проповедање, а тоа
може да води до прекрасни искуства. Да ви раскажам едно, кое сѐ уште ми е живо во сеќавањето. Една приквечерина, со еден брат отидовме во Бронкс, во градот Њујорк, и посетивме една жена која претходно имаше земено Стражарска кула и Разбудете се! Ја поздравивме и ѝ рековме: „Денес, сакаме да им помогнеме на луѓето да дознаат некои охрабрувачки мисли од Библијата“. А таа ни рече: „Ако зборувате за Библијата, повелете, влезете“. Ѝ прочитавме и дискутиравме за неколку стихови во врска со Божјето Царство и новиот свет. Очигледно, беше импресионирана, зашто следната седмица викна и неколкумина свои пријатели да присуствуваат. Подоцна, таа и нејзиниот сопруг станаа верни слуги на Јехова.УЧАМ ОД ЖЕНА МИ
Сфатив дека сакам да се оженам. Десет години подоцна, ја најдов вистинската. Што ми помогна да си најдам добра жена? Под молитва, размислував за прашањето: „Што сакам да правам откако ќе се оженам?“
По конгресот во 1953 год., кој се одржа на стадионот Јенки, се запознав со една сестра по име Мери Аниол. Таа и Џета беа во вториот клас на школата Гилеад и заедно служеа како мисионери. Мери со голема одушевеност ми раскажуваше за нејзината служба како мисионер на Карибите и за библиските курсеви што ги водела низ годините. Како што подобро се запознававме, сфативме дека и двајцата имаме исти духовни цели. Се засакавме и, во април 1955 год., се зедовме. За многу работи се покажа дека Мери ми е дар од Јехова и пример на кој може да се угледам. Каква задача и да добиеше, со радост ја вршеше. Беше многу вредна, искрено ги сакаше другите и Царството секогаш ѝ беше на прво место (Мат. 6:33). Три години бевме во покраинска служба, а во 1958 год. бевме повикани во Бетел како брачен пар.
Многу научив од Мери. На пример, кратко откако се зедовме, решивме заедно да ја читаме Библијата, отприлика по 15 стиха. Откако еден од нас ќе ги прочиташе стиховите, коментиравме за нив и дискутиравме како да ги примениме во животот. Мери честопати ми раскажуваше што научила на Гилеад или додека служеше како мисионер. Тоа што го научив од неа многу ми помогна да подготвувам подобри говори и да знам како подобро да ги охрабрам сестрите (Изр. 25:11).
Мојата мила Мери почина во 2013 год. Со душа го чекам денот кога пак ќе ја видам во новиот свет. А дотогаш, решен сум да продолжам да учам и да имам доверба во Јехова со сето свое срце (Изр. 3:5, 6). Ми носи и утеха и радост кога размислувам што сѐ ќе прават Јеховините слуги во новиот свет. Тоа, секако, подразбира дека ќе учиме нови работи од и за нашиот Најголем Учител. Да, неизмерно сум му благодарен за сѐ што научив од него и за сите начини на кои ми покажува незаслужена добрина.
a Види ја животната приказна на Џета Сунал во Стражарска кула од 1 март 2003, стр. 23-29.