Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 50

ПЕСНА 135 „Биди мудар, сине мој“

Родители — помагајте им на своите деца да си ја зајакнат верата во Бог

Родители — помагајте им на своите деца да си ја зајакнат верата во Бог

Утврдете која е Божјата волја — што е добро, прифатливо и совршено (РИМ. 12:2)

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Практични предлози за родителите како да имаат добра комуникација со своите деца и како да им помогнат да си ја зајакнат верата во Бог и во Библијата.

1-2. Како треба да реагираат родителите кога децата имаат прашања во врска со нашите верувања?

 МНОЗИНА ќе се сложат дека да бидеш родител значи да имаш полни раце работа. Ако си родител, заслужуваш пофалба за сиот труд што го вложуваш за да изградиш цврста вера кај своето дете (5. Мој. 6:6, 7). Но, како што детето расте, можеби ќе почне да поставува сериозни прашања во врска со нашите библиски верувања, вклучувајќи ги и библиските морални мерила.

2 Отпрвин, таквите прашања можеби ќе те загрижат малку. Можеби дури и ќе помислиш дека ослабнала верата на твоето дете. Но, како што растат, децата треба да поставуваат прашања за самите да се уверат во вистината (1. Кор. 13:11). Затоа, нема место за загриженост. Кога твоите деца имаат прашања во врска со нашите верувања, искористи ја таа можност да ги поттикнеш подлабоко да размислуваат и така да си ја зајакнат својата вера.

3. Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Во оваа статија ќе зборуваме за тоа како родителите можат да им помогнат на своите деца 1) сами да се уверат во вистината, 2) да изградат ценење за библиските морални мерила и 3) да ги бранат своите верувања. Уште ќе зборуваме и за тоа кои се позитивните аспекти кога децата имаат прашања и преку кои семејни активности родителите би можеле да зборуваат со своите деца за нашите христијански верувања.

ПОМОГНИ ИМ НА СВОИТЕ ДЕЦА САМИ ДА СЕ УВЕРАТ ВО ВИСТИНАТА

4. Какви прашања може да им се појават на децата, и зошто?

4 Јеховините сведоци кои имаат деца се свесни дека верата во Бог не е нешто што нивните деца автоматски го наследуваат. Вие не сте се родиле со вера во Јехова. Па истото важи и за вашите деца. Со текот на времето, детето може ќе почнат да го мачат прашања како: „Од каде да знам дека постои Бог? Можам ли навистина да верувам во она што го вели Библијата?“ Всушност, Библијата нѐ поттикнува да го користиме својот разум и сѐ да испитуваме за да се увериме во тоа (Рим. 12:1; 1. Сол. 5:21). Но, како можете да им помогнете на вашите деца да си ја зајакнат верата?

5. Како можат родителите да им помогнат на децата да стекнат вера во Библијата? (Римјаните 12:2).

5 Поттикни ги децата самите да се уверат во вистината. (Прочитај Римјаните 12:2.) Кога твоето дете има прашања, искористи го тоа да му покажеш како да ги бара одговорите со помош на нашите алатки за истражување, како што е Прирачникот за истражување на публикациите на Јеховините сведоци. Во него, под темата „Библија“, во делот „Вдахновена од Бог“ може да најде докази дека Библијата не е само обична книга што ја напишале луѓе, туку дека таа е „реч Божја“ (1. Сол. 2:13). На пример, може да истражи нешто повеќе за древниот асирски град Ниневија. Во минатото, некои критичари на Библијата тврделе дека градот Ниневија никогаш не постоел. Но, во 1850-тите, биле ископани урнатини од овој град, со што било докажано дека библискиот извештај е точен (Соф. 2:13-15). Повеќе информации за тоа како со уништувањето на Ниневија се исполниле библиски пророштва може да најде во статијата „Дали сте знаеле?“ во Стражарска кула од ноември 2021 год. Кога ќе го спореди она што го дознава од нашите публикации со она што го дознава од енциклопедии и други реномирани извори, твоето дете ќе има добра причина да си ја зајакне верата во она што го вели Библијата.

6. Како може родителите да ги поттикнат децата длабоко да размислуваат? Наведи пример. (Види ја и сликата.)

6 Учи ги децата длабоко да размислуваат. Родителите во разни прилики можат да почнат интересни разговори со своите деца за Библијата или за верата во Бог. Таква прилика може да им се укаже додека разгледуваат некој музеј, некоја ботаничка градина или некоја изложба во една од подружниците на Јеховините сведоци. На пример, кога разгледувате некој музеј, било виртуелно било со физичко присуство, би можел да им го свртиш вниманието на децата на историските настани или артефакти кои уште повеќе ќе ги уверат во точноста на Библијата. Дали твоите деца знаат дека Божјето име го има на еден камен кој е познат како Моавскиот камен и е стар 3.000 години? Оригиналниот Моавски камен е изложен во музејот Лувр во Париз (Франција). Исто така, реплика на Моавскиот камен може да се види на изложбата „Библијата и Божјето име“ во главното седиште на Јеховините сведоци во Ворвик (Њујорк). На Моавскиот камен пишува дека моавскиот цар Меша се побунил против Израел. Тоа е во склад со она што го вели Библијата (2. Цар. 3:4, 5). Кога твоите деца со свои очи ќе ги видат доказите за вистинитоста и точноста на Библијата, многу ќе им се зајакне верата. (Спореди со 2. Летописи 9:6.)

Поттикни го детето длабоко да размислува така што ќе му свртиш внимание на некои музејски артефакти (Види во пасус 6)


7-8. а) Што може да научиме од убавите форми што ги гледаме во природата? Наведи пример. (Види ја и сликата.) б) Кои прашања може да им помогнат на твоите деца да си ја зајакнат верата во Творец?

7 Поттикни ги децата да размислуваат за светот на природата. Додека се шетате во природа или работите нешто во градината, посочи им ги на децата неверојатните форми што постојат во природата. Така децата ќе сфатат дека мора да ги создал некој многу интелигентен. На пример, научниците веќе долги години ги истражуваат спиралните форми. Биофизичарот Никола Фамели објаснува дека, ако го броиш бројот на спирали во природата, ќе видиш дека одредени броеви се појавуваат по шема. Тие се наречени Фибоначиев број. Спиралните форми може да се забележат кај многу творби, на пример, обликот на некои галаксии, обликот на спиралните школки, ливчињата на растенијата и главата на сончогледот. a

8 На училиште, децата можеби ќе учат дека во природата постојат закони кои влијаат врз обликот на многу работи. На пример, секоја снегулка е обликувана според геометриски шеми познати како фрактали. Вакви шеми може да се најдат и во многу други работи во природата. Но, кој ги дал законите на кои се должат овие прекрасни шеми и редот што постои во природата? Колку повеќе децата размислуваат за вакви прашања, толку поверојатно е дека уште повеќе ќе им се зајакне верата дека Бог создал сѐ (Евр. 3:4). Како што растат децата, би можел да ги прашаш: „Ако Бог нѐ создал, зарем не би било разумно да заклучиме дека би ни дал и совети како да бидеме среќни?“ Потоа, би можел да истакнеш дека такви скапоцени совети наоѓаме во Библијата.

NASA, ESA, and the Hubble Her­i­tage (STScl/AURA)-ESA/Hubble Collaboration

Кој стои зад убавите форми што ги наоѓаме во природата? (Види во пасуси 7-8)


ПОМОГНИ ИМ НА ДЕЦАТА ДА ИЗГРАДАТ ЦЕНЕЊЕ ЗА БИБЛИСКИТЕ МОРАЛНИ МЕРИЛА

9. Зошто децата може да се сомневаат дали вреди да се живее според библиските морални мерила?

9 Ако твоите деца се сомневаат дали вреди да се живее според библиските морални мерила, пробај да откриеш зошто размислуваат така. Дали навистина не се согласуваат со библиските морални мерила или проблемот едноставно е во тоа што, кога зборуваат со другите, не знаат како да ги одбранат своите христијански вредности? Како и да е, помогни им на децата да изградат ценење за библиските морални мерила така што ќе ја проучуваш со нив книгата Радувај му се на животот засекогаш. b

10. Како можеш да им помогнеш на децата да размислуваат за своето пријателство со Јехова?

10 Поттикни ги децата да го ценат своето пријателство со Јехова. Додека ја проучуваш Библијата со твоите деца, пробај да дознаеш како размислуваат со помош на прашањата и споредбите во книгата Радувај му се на животот засекогаш (Изр. 20:5). На пример, во лекција 8, Јехова е спореден со грижлив пријател кој нѐ потсетува на некои работи што може да ни користат и да нѐ заштитат. Откако ќе зборувате за 1. Јованово 5:3, би можел да ги прашаш: „Кога знаеме дека Јехова е таков добар пријател, како треба да гледаме на она што очекува да го правиме?“ Можеби звучи како едноставно прашање, но може да им помогне на твоите деца да гледаат на Божјите закони како на доказ за неговата љубов (Иса. 48:17, 18).

11. Како може да им помогнеш на децата да сфатат зошто вреди да се живее според библиските начела? (Изреки 2:10, 11).

11 Разговарајте за тоа како ни користи кога ги применуваме библиските начела. Кога ја читате заедно Библијата или дневниот стих, разговарајте за тоа како библиските начела му помогнале на вашето семејство. На пример, дали децата гледаат колку вреди да се биде трудољубив и чесен? (Евр. 13:18). Би можел да истакнеш и дека библиските начела нѐ штитат и во физички и во емоционален поглед (Изр. 14:29, 30). Тоа што ќе зборувате за вакви начела веројатно ќе им помогне на децата уште повеќе да ги ценат библиските совети. (Прочитај Изреки 2:10, 11.)

12. Како Стив и жена му му помагаат на својот син да сфати дека вреди да се живее според библиските начела?

12 Стив, еден татко од Франција, објаснува како тој и жена му му помагаат на својот син Итан, кој е тинејџер, да види колкава љубов стои зад Јеховините закони. „Му поставуваме прашања како: ’Зошто Јехова очекува да се држиме за ова начело? Како од него се гледа дека нѐ сака? Што ќе се случи ако не го почитуваш тоа начело?’“ Таквите разговори му помогнале на Итан да сфати дека Јеховините морални мерила се за негово добро. Стив додава: „Наша цел е да му помогнеме на Итан да сфати дека Библијата содржи мудрост која е далеку над човечката“.

13. Како можат родителите да ги поучат децата да ги применуваат библиските начела? Наведи пример.

13 Поучи ги децата да ги применуваат библиските начела. Прилика за тоа може да ти се укаже кога децата имаат некоја лектира за читање. Можеби ликовите во книгата живеат неморално, агресивни се, се караат, и тоа е прикажано како нешто привлечно. Би можел да ги поттикнеш децата да размислат како гледа Јехова на луѓето кои прават такви работи (Изр. 22:24, 25; 1. Кор. 15:33; Фил. 4:8). Така би можеле да се подготват да им посведочат на наставникот и на другите од класот кога на час ќе ја разгледуваат лектирата.

ПОДГОТВИ ГИ ДЕЦАТА ДА ГИ БРАНАТ СВОИТЕ ВЕРУВАЊА

14. Од која тема може да се плашат младите христијани, и зошто?

14 Кога треба да ги бранат своите верувања, на младите христијани може понекогаш да им фали самодоверба. Можеби ги фаќа страв кога на час треба да се зборува за еволуција. Зошто? Можеби наставниците ја изнесуваат еволуцијата како факт. Ако си родител, како можеш да им помогнеш на твоите деца со самодоверба да ги бранат своите верувања?

15. Што може да му помогне на еден млад христијанин уште повеќе да се увери дека она во што верува е вистина?

15 Помогни им на децата да се уверат дека она во што веруваат е вистина. Децата не треба да се срамат затоа што веруваат во Творец (2. Тим. 1:8). Зошто? Факт е дека и многу научници признаваат дека животот не настанал спонтано или случајно. Овие научници гледаат докази кои укажуваат дека зад сите сложени живи суштества стои интелигенција. Затоа, не ја прифаќаат теоријата на еволуција за која се учи во многу училишта низ целиот свет. Децата ќе може да бидат уште поуверени дека животот е дело на мудар Творец ако размислуваат за тоа што ги уверило други браќа и сестри во тоа. c

16. Како можат родителите да им помогнат на децата да објаснат зошто веруваат во Творец? (1. Петрово 3:15; види ја и сликата).

16 Помогни им на твоите деца да знаат како да им објаснат на другите зошто веруваат во Творец. (Прочитај 1. Петрово 3:15.) Од голема помош може да ви биде ако заедно ги разгледате статиите од серијата „Младите прашуваат — создавање или еволуција“ на jw.org. Потоа, прашај ги децата што мислат тие кој би бил најдобриот начин да им објаснат на другите дека постои Творец. Потсети ги дека нема потреба да се расправаат со соучениците. Поттикни ги да користат едноставна логика ако некои се заинтересирани за таа тема. На пример, можеби некој ќе рече: „Јас верувам само во она што го гледам, а Бог никогаш не сум го видел“. Еден млад христијанин би можел да одговори: „Замисли си дека одиш низ густа шума. Со километри наоколу нема жив човек и одеднаш здогледуваш бунар. Што ќе си помислиш? Ако еден бунар е доказ дека зад него стои некаква интелигенција, тогаш колку посилен доказ за постоењето на Творец е вселената и сѐ што постои во неа!“

Користи едноставна логика кога зборуваш со соучениците (Види во пасуси 16-17) d


17. Како можат родителите да ги поттикнат своите деца да бараат прилики да ја споделат библиската вистина со другите? Објасни.

17 Поттикни ги децата да бараат прилики да им ја пренесат библиската вистина на другите (Рим. 10:10). Трудот што го вложуваат за да зборуваат за својата вера би можел да го споредиш со трудот што е потребен да научиш да свириш инструмент. Отпрвин, вежбаш едноставни мелодии. Со текот на времето, свирењето ти станува сѐ полесно. Слично на тоа, еден млад христијанин можеби отпрвин на поедноставен начин ќе им ја пренесува вистината на другите. На пример, би можел да праша некој соученик: „Си знаел ли дека инженерите честопати го копираат она што веќе постои во природата? Сакаш да видиш еден интересен видеоклип?“ Откако ќе му покаже клип од серијата Случајно или создадено?, би можел да рече: „Ако еден научник добива пофалби затоа што копирал нешто што веќе постои во природата, кој заслужува пофалби за оригиналот?“ Ваков едноставен пристап можеби ќе биде доволен за едно младо лице да се заинтересира да дознае нешто повеќе.

ПРОДОЛЖИ ДА ИМ ПОМАГАШ НА ДЕЦАТА ДА СИ ЈА ЗАЈАКНАТ ВЕРАТА

18. Како можат родителите и понатаму да им помагаат на своите деца да си ја зајакнат верата во Бог?

18 Живееме во свет во кој повеќето луѓе немаат вера во Јехова (2. Пет. 3:3). Затоа, родители, додека ја проучувате Библијата со вашите деца, поттикнувајте ги да проучуваат теми кои ќе им помогнат да стекнат поголема почит кон Божјата Реч и кон Јеховините морални мерила. Поттикнувајте ги длабоко да размислуваат така што ќе разговарате за прекрасните творби на Јехова. Помагајте им да ги разберат неверојатните библиски пророштва кои веќе се исполниле. И што е најважно, молете се со нив и за нив. Ако го правите сето ова, бидете уверени дека Јехова ќе ги награди вашите напори да им помогнете на децата да си ја зајакнат верата (2. Лет. 15:7).

ПЕСНА 133 Да му служиме на Јехова од младоста

a За повеќе информации, на jw.org гледај го видеоклипот Чудата на создавањето ја објавуваат Божјата слава (на српски).

b Ако со твоето дете веќе сте завршиле со проучување на книгата Радувај му се на животот засекогаш, би можеле заедно повторно да разгледате некои лекции од дел 3 и дел 4 во кои се зборува за библиските морални мерила.

c Види ги статијата „Зошто веруваме во Творец“ во Разбудете се! од септември 2006 и брошурата Пет важни прашања за потеклото на животот. За дополнителни примери, на jw.org гледајте ги видеоклиповите од серијата Потеклото на животот.

d ОПИС НА СЛИКАТА: Еден млад Сведок му покажува на еден соученик, кој се интересира за дронови, видеоклип од серијата Случајно или создадено?