Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 51

ПЕСНА 3 Нашата сила, надеж и доверба

Твоите солзи се скапоцени за Јехова

Твоите солзи се скапоцени за Јехова

Стави ги моите солзи во својата мешина. Не се ли тие во твојата книга? (ПС. 56:8)

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Да нѐ потсети дека Јехова потполно нѐ разбира кога ни е многу тешко и дека ќе ни ја даде потребната утеха.

1-2. Кои работи можат да нѐ расплачат?

 НЕМА човек што никогаш не заплакал. Понекогаш плачеме од радост кога ни се случува нешто што нѐ прави многу среќни. Можеби ти се наполниле очите со солзи кога ти се случило нешто посебно, на пример, кога ти се родило дете, кога си се сетил на некој убав спомен или кога си сретнал некој драг пријател што не си го видел со години.

2 Сепак, најчесто, нашите солзи се израз на болката што ја чувствуваме длабоко во срцето. На пример, можеби плачеме бидејќи некој многу нѐ разочарал. Можеби плачеме затоа што чувствуваме силна болка поради некоја болест или поради смртта на некој близок. Во такви прилики, можеби се чувствуваме како што се чувствувал пророкот Еремија кога Вавилонците го уништиле Ерусалим. Тој рекол: „Од окото мое течат потоци солзи... Очите ми истекуваат од плачење, нема одмор за нив“ (Плач 3:48, 49).

3. Како се чувствува Јехова кога гледа дека неговите слуги страдаат? (Исаија 63:9).

3 Јехова добро знае колку солзи сме пролеале поради некои тешки ситуации. Библијата нѐ уверува дека тој е свесен за секоја болна ситуација низ која минуваат неговите слуги и дека нѐ слуша кога викаме кон него за помош (Пс. 34:15). Но, Јехова не е само пасивен набљудувач. Како родител полн со љубов, тој е длабоко трогнат кога гледа дека неговите деца плачат, и спремно им помага. (Прочитај Исаија 63:9.)

4. Кои библиски примери ќе ги разгледаме, и што ќе научиме од нив за Јехова?

4 Во својата Реч, Јехова ни открил како реагирал кога некои негови слуги плачеле. Да ги разгледаме примерите на Ана, Давид и цар Езекија. Зошто тие плачеле? Како Јехова им помогнал? И како може нивниот пример да нѐ утеши кога плачеме затоа што сме многу тажни, изневерени или во очај?

СОЛЗИ ОД ДЛАБОКА ТАГА

5. Како се чувствувала Ана поради нејзината ситуација?

5 Ана се соочила со неколку тешки проблеми поради кои плачела од длабока тага. Еден проблем бил тоа што нејзиниот сопруг имал уште една жена. Таа се викала Фенина и постапувала сурово со Ана. Згора на тоа, Ана била неротка, а Фенина имала неколку деца (1. Сам. 1:1, 2). Фенина немилосрдно ја исмевала Ана поради тоа што немала деца. Како би се чувствувал ти во таква ситуација? Ана била толку вознемирена што плачела, не јадела и била „огорчена во душата“ (1. Сам. 1:6, 7, 10).

6. Што направила Ана за да најде утеха?

6 Како Ана нашла утеха? Едно нешто што ѝ помогнало било тоа што отишла во светиот шатор — центарот на вистинското обожавање. Таму, можеби во близина на влезот од дворот на светиот шатор, таа почнала „да му се моли на Јехова, плачејќи горко“. Таа го молела Јехова да погледне на нејзината неволја и да се сети на неа (1. Сам. 1:10б, 11). Ана во молитва му ги излеала на Јехова своите најдлабоки чувства. Колку трогнат мора да бил Јехова поради солзите на неговата мила ќерка!

7. Каква утеха добила Ана откако сесрдно му се помолила на Јехова?

7 Како се чувствувала Ана откако сесрдно му се помолила на Јехова и откако ги чула убавите зборови на првосвештеникот Илиј? Извештајот ни кажува: „Потоа си отиде по својот пат, па јадеше и лицето повеќе не ѝ беше тажно“ (1. Сам. 1:17, 18). Иако нејзината тешка ситуација сѐ уште не била променета, Ана почувствувала внатрешен мир. Таа му ги префрлила своите грижи на Јехова. Тој ја видел нејзината неволја, го слушнал нејзиниот повик за помош и подоцна ја благословил со тоа што ѝ дозволил да забремени (1. Сам. 1:19, 20; 2:21).

8-9. Според Евреите 10:24, 25, зошто треба да даваме сѐ од себе за да присуствуваме на христијанските состаноци? (Види ја и сликата.)

8 Поуки за нас. Дали и ти се соочуваш со некоја ситуација поради која си многу тажен? Можеби ти починал некој од семејството или некој пријател. Во такви моменти, нормално е да сакаш да бидеш сам. Но исто како што Ана добила утеха и охрабрување со тоа што отишла во светиот шатор, и ти можеш да добиеш утеха со тоа што ќе присуствуваш на христијанските состаноци — дури и кога не се чувствуваш најдобро. (Прочитај Евреите 10:24, 25.) Додека на состаноците слушаме охрабрувачки библиски стихови, Јехова може да ни помогне да ги замениме негативните мисли со позитивни. Како резултат на тоа, ќе се чувствуваме подобро, дури и ако нашата ситуација не се промени веднаш.

9 На состаноците, нашите браќа и сестри можат да нѐ утешат и да ни покажат колку многу нѐ сакаат, а тоа ни помага да се чувствуваме подобро (1. Сол. 5:11, 14). Да го разгледаме примерот на еден специјален пионер кому му починала сопругата. Тој рекол: „Сѐ уште ронам солзи. Понекогаш, ќе седнам во некој ќош и само ќе плачам. Но состаноците ми се вистински извор на охрабрување. Убавите зборови на браќата и сестрите и нивните коментари ми се како мелем на рана. Колку и да сум вознемирен или загрижен пред да дојдам на состанок, таму секогаш ми станува подобро“. Кога сме на нашите состаноци, Јехова може да ни помогне преку браќата и сестрите.

Може да добиеме утеха од нашите соверници (види во пасуси 8-9)


10. Како може да се угледаме на Ана кога емоционално страдаме?

10 Ана добила утеха и со самото тоа што му ги излеала своите чувства на Јехова во молитва. И ти можеш да му ги фрлиш на Јехова „сите свои грижи“ и да бидеш уверен дека тој те слуша (1. Пет. 5:7). Една сестра чиј сопруг бил убиен во вооружен грабеж, вели: „Срцето ми беше распарчено, мислев дека никогаш повеќе нема да се залечи. Но чувствував олеснување секогаш кога му се молев на Јехова, мојот небесен Татко кој многу ме сака. Понекогаш, не знаев како да ги изразам моите чувства, но знаев дека тој ме разбира. Во моментите кога ми беше многу лошо, го молев да ми даде внатрешен мир. Веднаш ќе почувствував како ме обзема мир и можев да продолжам понатаму“. Кога му ги излеваш своите грижи на Јехова, тој е длабоко трогнат од твоите солзи и ја разбира твојата болка. Дури и да не се отстрани причината за твојата загриженост, Јехова може да го утеши твоето вознемирено срце и да ти помогне да чувствуваш внатрешен мир (Пс. 94:19; Фил. 4:6, 7). И тој ќе те награди затоа што верно истрајуваш (Евр. 11:6).

СОЛЗИ ОД ИЗНЕВЕРЕНОСТ

11. Како се чувствувал Давид поради тешките ситуации што ги доживувал?

11 Во текот на својот живот, Давид доживеал разни тешки ситуации поради кои плачел. Тој се соочил со омраза од другите, па дури и бил изневерен од некои во кои имал доверба (1. Сам. 19:10, 11; 2. Сам. 15:10-14, 30). Во една прилика, кога му било особено тешко, тој напишал: „Премалев од воздивнување, цела ноќ со плачење го залевам леглото, со солзи ја натопувам постелата“. Зошто Давид се чувствувал така? Тој објаснил: „Поради сите што ми се противат“ (Пс. 6:6, 7). Злобните постапки на другите му предизвикувале толку голема болка на Давид што солзите му течеле како река.

12. Како што се гледа од Псалм 56:8, во што бил уверен Давид?

12 И покрај неволјите со кои се соочувал, Давид бил уверен дека Јехова го сака. Тој напишал: „Јехова ќе го чуе мојот плач“ (Пс. 6:8). А во една друга прилика, ги напишал поетските зборови што ги читаме во Псалм 56:8. (Прочитај.) Овие зборови цртаат јасна слика за Јеховината нежна грижа. Давид се чувствувал како Јехова да ги собира неговите солзи во мешина или да ги запишува во книга. Тој бил уверен дека Јехова ја забележува и ја памти неговата болка. Давид не се сомневал дека неговиот грижлив небесен Татко е свесен низ што минува, но и добро знае како сето тоа влијае врз него.

13. Што може да нѐ утеши кога другите ќе нѐ разочараат или изневерат? (Види ја и сликата.)

13 Поуки за нас. Дали доживуваш емоционална болка затоа што некој во кого си имал доверба те разочарал или изневерил? Можеби срцето ти е скршено затоа што твојата романтична врска ненадејно прекинала, брачниот другар те напуштил или некој што го сакаш престанал да му служи на Јехова. Еден брат чија жена направила прељуба и го напуштила, рекол: „Не ми се веруваше, бев во шок. Се чувствував бескорисно, тажно и гневно“. Ако и тебе некој те изневерил или разочарал, може да те утеши мислата дека Јехова никогаш нема да те напушти. Братот рекол: „Сфатив дека луѓето може да те изневерат, но Јехова е нашата карпа. Што и да се случи, тој е секогаш тука за нас. Тој нема да ги остави оние што му се лојални“ (Пс. 37:28). Имај на ум и дека Јеховината љубов е поголема од љубовта на кој и да било човек. Колку и да те боли нечие неверство, тоа во никој случај не влијае врз грижата на Јехова за тебе (Рим. 8:38, 39). Поентата е: Без оглед на тоа како некој постапил кон тебе, твојот небесен Татко те сака.

Книгата Псалми нѐ уверува дека Јехова е близу до оние со скршено срце (види во пасус 13)


14. Во што нѐ уверува Псалм 34:18?

14 Ако некој нѐ изневерил, утеха може да најдеме и во охрабрувачките зборови на Давид запишани во Псалм 34:18. (Прочитај.) Во еден библиски прирачник пишува дека изразот „оние со скршен дух“ може да се однесува на „оние кои немаат на што да се надеваат“. Што прави Јехова за да им помогне на оние кои се чувствуваат така поради некое горко разочарување? Јехова „е близу до“ нас. Тој е како родител што го држи во раце и го теши своето растревожено детенце. Ако страдаме затоа што некој нѐ изневерил или нѐ напуштил, Јехова ја чувствува нашата болка и веднаш ни помага. Тој сака да го утеши и залечи нашето скршено срце. А ни ветил и многу работи на кои може да се надеваме и кои ни помагаат да истраеме во сегашните неволји (Иса. 65:17).

СОЛЗИ ОД ОЧАЈ

15. Поради која ситуација Езекија горко плачел?

15 Кога имал 39 години, јудејскиот цар Езекија се разболел од тешка болест. Пророкот Исаија му пренел порака од Јехова дека ќе умре од таа болест (2. Цар. 20:1). Изгледало дека нема надеж за Езекија. Скршен од таа вест, тој горко заплакал и го преколнувал Јехова за помош (2. Цар. 20:2, 3).

16. Што направил Јехова за Езекија?

16 Кога ја слушнал молитвата на Езекија и ги видел неговите солзи, Јехова се сожалил на него и му рекол: „Ја чув твојата молитва и ги видов твоите солзи. Еве, ќе те излекувам“. Преку Исаија, Јехова милостиво му ветил дека ќе му го продолжи животот и дека ќе го избави Ерусалим од Асирците (2. Цар. 20:4-6).

17. Како ни помага Јехова кога се соочуваме со сериозни здравствени проблеми? (Псалм 41:3; види ја и сликата).

17 Поуки за нас. Дали се соочуваш со некоја болест за која се чини дека нема лек? Кажи му на Јехова како се чувствуваш. Тој ќе те слушне дури и ако се молиш со солзи. Библијата нѐ уверува дека „Таткото на милосрдноста и Богот на секоја утеха [ќе] нѐ теши во секоја наша неволја“ (2. Кор. 1:3, 4). Денес не можеме да очекуваме дека Јехова ќе ги отстрани сите наши проблеми, но можеме да се потпираме на него за помош. (Прочитај Псалм 41:3.) Преку својот свет дух, Јехова ни дава сила, мудрост и внатрешен мир за да се носиме со ситуацијата (Изр. 18:14; Фил. 4:13). Освен тоа, тој нѐ теши преку надежта од Библијата дека еден ден сите болести ќе бидат отстранети (Иса. 33:24).

Јехова ќе одговори на нашите молитви така што ќе ни даде сила, мудрост и внатрешен мир (види во пасус 17)


18. Кој стих ти дава утеха кога се соочуваш со особено тешки ситуации? (Види ја рамката „ Зборови што можат да нѐ утешат кога плачеме“.)

18 Зборовите на Јехова го утешиле Езекија. И ние можеме да најдеме утеха во Божјата Реч. Јехова се погрижил во неа да бидат запишани утешни зборови кои можат да нѐ разведрат кога се соочуваме со тешки ситуации (Рим. 15:4). Откако на една сестра од Западна Африка ѝ бил дијагностициран рак, таа честопати плачела. Таа вели: „Особено ме теши Исаија 26:3. Ние ретко имаме целосна контрола врз проблемите со кои се соочуваме, но тој стих ме уверува дека Јехова може да ни даде внатрешен мир кој ни помага да имаме контрола врз тоа како реагираме на неволјите“. Дали има некој стих што тебе ти дава утеха кога се соочуваш со ситуации што се особено тешки, па дури и безнадежни?

19. Каква иднина нѐ очекува?

19 Живееме длабоко во последните денови и свесни сме дека причините за солзи само ќе се зголемуваат. Но, како што видовме од примерите на Ана, Давид и цар Езекија, Јехова ги гледа нашите солзи и не му е сеедно кога плачеме. Нашите солзи се скапоцени за него. Затоа, кога минуваме низ тешки ситуации, важно е да му го излеваме срцето во молитва. Никогаш да не се изолираме од нашите грижливи браќа и сестри во собранието. И да продолжиме да наоѓаме утеха во охрабрувачките зборови од Библијата. Можеме да бидеме уверени дека ако верно истрајуваме, Јехова ќе нѐ награди. Една награда е прекрасното ветување дека еден ден тој ќе ја избрише секоја солза од нашите очи која била предизвикана од длабока тага, изневереност или очај (Отк. 21:4). Тогаш ќе има само солзи радосници.

ПЕСНА 4 „Јехова е мојот Пастир“