СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 49
ПЕСНА 147 Ветен ни е вечен живот
Што треба да правиш за да живееш вечно?
Секој што верува во Синот ќе има вечен живот (ЈОВАН 6:40)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да дознаеме како им користи жртвата на Исус Христос и на помазаниците и на другите овци.
1. Што можеби мислат некои за вечниот живот?
МНОГУ луѓе внимаваат на исхраната и се трудат редовно да вежбаат со цел да останат здрави. Сепак, тие не очекуваат да живеат вечно. Тоа не само што можеби им изгледа нереално туку можеби и не сакаат да живеат вечно поради проблемите што ги носи староста. Меѓутоа, Исус зборувал за вечниот живот во позитивна смисла, како што се гледа од Јован 3:16 и 5:24.
2. Што е запишано во Јован поглавје 6 за вечниот живот? (Јован 6:39, 40).
2 Во една прилика, Исус преку чудо нахранил илјадници луѓе со леб и риба. a Тоа било нешто неверојатно. Но, она што го кажал следниот ден било уште поневеројатно. Мноштвото го следело до Капернаум, во близина на брегот на Галилејското Море, каде што тој кажал дека луѓето може да бидат воскреснати и да имаат вечен живот. (Прочитај Јован 6:39, 40.) Размисли што значи ова за членовите на твоето семејство и за твоите пријатели кои починале. Зборовите на Исус покажуваат дека многумина кои починале може да бидат воскреснати и дека и ти и твоите блиски може да живеете вечно. Сепак, она што Исус го кажал следно во Јован поглавје 6 за многумина било и сѐ уште е тешко да се разбере. Да ги разгледаме овие зборови.
3. Според Јован 6:51, што открил Исус во врска со себе?
3 Мноштвото во Капернаум си ги поврзало лебовите од чудото кое претходно го направил Исус со маната која Јехова им ја давал на Израелците во пустината. Всушност, Библијата ја нарекува маната „леб од небото“ (Пс. 105:40; Јован 6:31). Исус ја употребил маната како темел за она што следно сакал да ги поучи. Иако таа била чудо од Бог, оние што јаделе од неа на крајот сепак умреле (Јован 6:49). Спротивно на ова, Исус се нарекол себеси „вистинскиот леб од небото“, „Божјиот леб“ и „лебот на животот“ (Јован 6:32, 33, 35). Тој укажал на една значајна разлика меѓу маната и него. Исус рекол: „Јас сум живиот леб што слезе од небото. Ако некој јаде од овој леб, ќе живее вечно“. (Прочитај Јован 6:51.) Тоа ги збунило овие Евреи. Како можел Исус да тврди дека дошол од небото како „леб“ кој е подобар од чудесната мана што Бог им ја давал на нивните прататковци? Потоа, Исус кажал нешто што можело да им помогне да го разберат ова: „А лебот што ќе го дадам јас е моето тело“. На што можеби мислел со ова? Важно е да го знаеме одговорот затоа што тој ќе ни покаже како може ние и нашите блиски да живееме вечно. Да видиме на што мислел Исус.
ЖИВИОТ ЛЕБ И НЕГОВОТО ТЕЛО
4. Зошто некои биле запрепастени од она што го кажал Исус?
4 Некои од оние што го слушале Исус биле запрепастени кога тој рекол дека ќе го даде своето тело „за животот на светот“. Дали тие можеби си помислиле дека тој ќе им го даде своето дословно тело за да го јадат, што би било канибализам? (Јован 6:52). Тогаш, Исус им кажал нешто што уште повеќе ги запрепастило: „Ако не го јадете телото на Синот човечки и не ја пиете неговата крв, немате живот во себе“ (Јован 6:53).
5. Зошто може да бидеме сигурни дека Исус не мислел дека луѓето ќе треба да ја пијат неговата дословна крв?
5 Во времето на Ное, Бог им забранил на луѓето да јадат крв (1. Мој. 9:3, 4). Јехова ја повторил оваа забрана во Законот што им го дал на Израелците. Секој што ќе јадел крв требало да биде погубен (3. Мој. 7:27). Исус ги поучувал Евреите да ги држат сите заповеди од Мојсеевиот закон (Мат. 5:17-19). Значи, незамисливо е дека Исус би поттикнал едно мноштво Евреи да го јадат неговото дословно тело или да ја пијат неговата дословна крв. Но, со својата впечатлива изјава, Исус, всушност, ги поучил луѓето како да добијат живот — „вечен живот“ (Јован 6:54).
6. Во која смисла Исус ги спомнал своето тело и својата крв?
6 Што сакал Исус да каже? Очигледно, Исус зборувал во симболична смисла, исто како претходно кога разговарал со една Самарјанка: „Кој ќе пие од водата што ќе му ја дадам јас, нема никогаш да ожедни, туку водата што ќе му ја дадам јас ќе стане во него извор на вода, која донесува вечен живот“ (Јован 4:7, 14). b Исус не сакал да каже дека Самарјанката ќе добие вечен живот така што ќе пие од некоја дословна вода. Слично на ова, Исус не сакал да каже дека мноштвото на кое му зборувал во Капернаум ќе живее вечно ако јаде од неговото дословно тело и пие од неговата дословна крв.
ДРУГА ПРИЛИКА ВО КОЈА ИСУС КОРИСТЕЛ СЛИЧНИ ИЗРАЗИ
7. Што тврдат некои за изјавата на Исус која е запишана во Јован 6:53?
7 Некои религиозни лица тврдат дека зборовите на Исус од Јован 6:53 во врска со јадењето на неговото тело и пиењето на неговата крв укажуваат на тоа како треба да се одбележува Господаровата вечера. Зошто го тврдат ова? Затоа што подоцна, на Господаровата вечера, Исус кажал нешто слично (Мат. 26:26-28). Тие велат дека секој што присуствува на Господаровата вечера треба да земе од лебот и од виното кои се подаваат меѓу присутните. Но, дали се во право? Важно е да го знаеме одговорот, затоа што секоја година милиони лица низ целиот свет се собираат со нас на овој настан. Да видиме кои се разликите помеѓу зборовите на Исус запишани во Јован 6:53 и она што го кажал за време на Господаровата вечера.
8. Кои се некои работи по кои се разликуваат овие две прилики? (Види ги и сликите.)
8 Да разгледаме две работи по кои се разликуваат овие две прилики. Прво, кога и каде Исус ги кажал зборовите запишани во Јован 6:53-56? Му ги кажал на едно мноштво Евреи во Галилеја во 32 год. од н.е. Тоа било околу една година пред да ја воспостави Господаровата вечера во Ерусалим. Второ, кому му ги упатил овие зборови? На поголемиот дел од оние што ги слушале неговите зборови во Галилеја им било поважно да ги задоволат своите привремени физички потреби отколку своите духовни потреби (Јован 6:26). Всушност, кога Исус кажал нешто што им било тешко да го разберат, тие многу брзо престанале да веруваат во него. Дури и некои од неговите ученици престанале да го следат (Јован 6:14, 36, 42, 60, 64, 66). Да го споредиме овој настан со она што се случило околу една година подоцна, во 33 год. од н.е., кога Исус ја воспоставил Господаровата вечера. Во таа прилика, со Исус биле неговите 11 верни апостоли иако не го разбирале во потполност сето она за кое тој ги поучувал. Сепак, за разлика од повеќето кои што го слушале во Галилеја, неговите верни апостоли биле уверени дека тој е Божјиот Син кој дошол од небото (Мат. 16:16). Тој ги пофалил: „Вие останавте со мене во моите искушенија“ (Лука 22:28). Дури и само овие две разлики го оспоруваат тврдењето дека зборовите на Исус запишани во Јован 6:53 се однесуваат на тоа како треба да се одбележува Господаровата вечера. Но ова не се единствените работи по кои се разликуваат овие две прилики.
ШТО ЗНАЧАТ ЗБОРОВИТЕ НА ИСУС ЗА ТЕБЕ
9. На која група луѓе се однесуваат зборовите што Исус ги кажал на Господаровата вечера?
9 За време на Господаровата вечера, Исус им понудил бесквасен леб на своите апостоли и им кажал дека тој го претставува неговото тело. Потоа, им дал вино и им кажал дека тоа ја претставува неговата „крв на сојузот“ (Мар. 14:22-25; Лука 22:20; 1. Кор. 11:24). Она што го кажал е многу значајно. Во овој нов сојуз не се вклучени сите луѓе, туку само оние од „домот на [духовниот] Израел“, кои ќе владеат со Исус во Божјето Царство (Евр. 8:6, 10; 9:15). Апостолите тогаш не разбрале сѐ за сојузот, но по кратко време, биле помазани со свет дух и станале дел од новиот сојуз кој им овозможил да бидат со Исус на небото (Јован 14:2, 3).
10. Која е уште една разлика помеѓу она што Исус го кажал на Господаровата вечера и она што му го кажал на мноштвото во близина на Капернаум? (Види ја и сликата.)
10 Забележи дека она што Исус го кажал на Господаровата вечера се однесувало на „малото стадо“. Првите што станале дел од оваа мала група биле неговите верни апостоли кои биле заедно со него во просторијата (Лука 12:32). Ним Исус им дал да јадат од лебот и да пијат од виното таа вечер. Други кои подоцна ќе станеле дел од таа група, исто така ќе требало да земаат од лебот и од виното кога ќе ја одбележувале Господаровата вечера. Тоа се оние кои ќе бидат со Исус на небото. Значи, ова е уште една разлика помеѓу Господаровата вечера и она што претходно се случило во Галилеја. Она што тој им го кажал на своите апостоли на Господаровата вечера се однесувало на мала група луѓе, додека она што му го кажал на мноштвото во близина на Капернаум се однесувало на огромен број луѓе.
11. Кои зборови што Исус ги кажал во Галилеја покажуваат дека не зборувал за ограничен број луѓе?
11 Кога бил во Галилеја во 32 год. од н.е., Исус главно им се обратил на Евреи кои сакале тој да им даде леб. Сепак, Исус им го свртил вниманието кон нешто многу покорисно од дословна храна. Тој им кажал што е тоа што може да им даде вечен живот. Исус дури рекол дека оние што умреле може да бидат воскреснати во последниот ден и да живеат засекогаш. Тој не зборувал само за малкумина, за еден ограничен број луѓе, како што било случај подоцна на Господаровата вечера. Наместо тоа, во Галилеја тој зборувал за еден благослов кој ќе имале можност да го добијат сите луѓе. Всушност, Исус рекол: „Ако некој јаде од овој леб, ќе живее вечно... Лебот што ќе го дадам јас е моето тело, кое ќе го дадам за животот на светот“ (Јован 6:51). c
12. Што е потребно за некој да добие вечен живот?
12 Исус не им рекол на Евреите во Галилеја дека овој благослов ќе го добиел секој човек што некогаш живеел на Земјата или што допрва ќе се родел. Само оние што „јадат од овој леб“, односно покажуваат вера, ќе извлечат корист. Многумина кои тврдат дека се христијани мислат дека ќе бидат спасени само ако веруваат во Исус и ако го сметаат за свој Спасител (Јован 6:29). Меѓутоа, некои од мноштвото во Галилеја кои претходно поверувале во Исус престанале да го следат. Зошто?
13. Што е потребно за некој да биде вистински ученик на Исус?
13 Повеќето од мноштвото кое Исус го нахранил го следеле затоа што тој им го дал она што го сакале. Ним им било важно тој да ги лекува, да им дава храна и да им го кажува она што сакаат да го слушнат. Сепак, Исус покажал дека оние што сакаат да бидат негови вистински ученици треба да прават нешто повеќе. Тој не дошол на Земјата само за да ги задоволи телесните потреби на луѓето. Тие требало да ја прифатат неговата покана да дојдат кај него така што ќе го слушале и ќе го држеле сето она за кое ги поучувал (Јован 5:40; 6:44).
14. Што значат зборовите на Исус запишани во Јован 6:53?
14 Исус му истакнал на мноштвото дека треба да покажува вера. Но во што? Во откупната вредност на неговото тело и на неговата крв, кои тој по некое време ќе ги дал како жртва. Таквата вера била неопходна за овие Евреи, а неопходна е и за нас денес (Јован 6:40). Според тоа, она што Исус го кажал во Јован 6:53 значи дека треба да покажуваме вера во откупнината за да добиеме вечен живот. Оваа можност ја имаат неограничен број луѓе (Еф. 1:7).
15-16. Кои важни работи ги научивме од Јован поглавје 6?
15 Библискиот извештај запишан во Јован поглавје 6 е од голема важност за нас и за нашите блиски. Од него дознаваме дека Исус многу ги сака луѓето. Кога бил во Галилеја, излечил болни, ги поучил луѓето за Царството и се погрижил да биде задоволена нивната основна потреба за храна (Лука 9:11; Јован 6:2, 11, 12). Што е уште поважно, Исус ги поучил дека тој е „лебот на животот“ (Јован 6:35, 48).
16 Оние што спаѓаат во групата која Исус ја нарекол „други овци“ не земаат и не треба да земаат од лебот и од виното на годишното одбележување на Господаровата вечера (Јован 10:16). Сепак, тие јадат од „лебот на животот“ така што покажуваат вера во откупната жртва на Исус Христос (Јован 6:53). Од друга страна, оние што го сочинуваат „малото стадо“ треба да земаат од лебот и од виното и со тоа покажуваат дека се дел од новиот сојуз и дека имаат надеж да владеат со Исус на небото. Без разлика дали сме дел од помазаниците или од другите овци, извештајот од Јован поглавје 6 има големо значење за нас. Тој истакнува колку е важно да покажуваме вера и така да добиеме вечен живот.
ПЕСНА 150 Да го бараме Бог, нашиот моќен Спасител
a Извештајот од Јован 6:5-35 е разгледан во претходната статија.
b Водата што ја спомнал Исус го претставува сето она што Јехова го направил и го прави за да може да имаме вечен живот.
c Во Јован поглавје 6 се користат зборови како „секој“, „оној“ и „кој“, и со тоа се укажува дека сите луѓе имаат можност да живеат вечно (Јован 6:35, 40, 47, 54, 56-58).