СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 48
ПЕСНА 97 Божјата Реч за нас значи живот
Што учиме од чудото што Исус го направил со лебот
Јас сум лебот на животот. Оној што доаѓа кај мене, нема да огладни (ЈОВАН 6:35)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да извлечеме поуки од извештајот запишан во Јован поглавје 6 каде што се зборува за тоа како Исус нахранил големо мноштво луѓе само со пет леба и две риби.
1. Какво значење има лебот во Библијата?
ЛЕБОТ бил главна состојка во исхраната за многумина во библиски времиња (1. Мој. 14:18; Лука 4:4). Всушност, тој бил толку важен што во Библијата понекогаш се користи изразот „леб“ за да се укаже општо на храна (1. Мој. 41:54; Мат. 6:11). Исто така, лебот бил главно обележје во две чуда на Исус кои добро ни се познати (Мат. 16:9, 10). Едно од овие чуда е запишано во Јован поглавје 6. Додека го разгледуваме овој извештај, ќе извлечеме некои поуки кои важат за нас денес.
2. Во која ситуација им била потребна храна на илјадници луѓе?
2 Откако апостолите се вратиле од едно проповедничко патување, Исус ги одвел со чамец преку Галилејското Море до едно осамено место во близина на Витсаида за да се одморат (Мар. 6:7, 30-32; Лука 9:10). Но по кратко време, илјадници луѓе дошле и се насобрале околу нив. Исус им обрнал внимание и спремно одвоил време да ги поучува за Царството и да лекува болни. Како што одминувал денот, учениците се прашувале што ќе јаде сиот тој народ. Некои од луѓето можеби имале малку храна со нив, но повеќето ќе требало да одат во селата и да купат храна (Мат. 14:15; Јован 6:4, 5). Што направил Исус?
ЧУДОТО СО ЛЕБОВИТЕ
3. Што им кажал Исус на апостолите да направат за мноштвото? (Види ја и сликата.)
3 Исус им рекол на апостолите: „Не треба да одат, дајте им вие да јадат“ (Мат. 14:16). Но тоа изгледало невозможно затоа што имало околу 5.000 мажи. А заедно со жените и децата можеби биле 15.000 луѓе на кои им била потребна храна (Мат. 14:21). Тогаш Андреј рекол: „Овде има едно момче, кое има пет јачменови леба и две мали риби. Но што е тоа за толку многу народ?“ (Јован 6:9). Лебот од јачмен бил нешто што луѓето често го јаделе, а малите риби можеби биле солени и сушени. Но лебот и рибите што ги имало тоа момче не би биле доволни за да се нахранат толку многу луѓе.
4. Што може да научиме од Јован 6:11-13? (Види ги и сликите.)
4 Бидејќи сакал да му покаже гостољубивост на народот, Исус му рекол да испоседне на тревата во групи (Мар. 6:39, 40; прочитај Јован 6:11-13). Потоа, тој му се заблагодарил на својот Татко за лебот и за рибите. Тоа било сосема на место зашто, всушност, Бог бил оној кој им ја дал храната. Важно е и ние да го следиме примерот на Исус така што ќе се молиме пред оброците, без разлика дали сме сами или сме опкружени со луѓе. Потоа, Исус заповедал да се раздели храната, и мноштвото луѓе јаделе до ситост. Дури и останало храна, а Исус не сакал таа да се фрли. Затоа им кажал на учениците да ја соберат храната што останала за да може да се искористи подоцна. Исус ни оставил пример за тоа како да го користиме мудро она што го имаме. Ако си родител, заедно со твоите деца би можеле да го разгледате овој извештај и да разговарате кои поуки може да се извлечат за молитвата, гостољубивоста и дарежливоста.
5. Како реагирале луѓето на она што го направил Исус, и како постапил тој?
5 Луѓето биле воодушевени од начинот на кој Исус поучувал и од неговите чуда. Бидејќи знаеле дека Мојсеј ветил дека Бог ќе подигне еден посебен пророк, тие можеби се прашувале: „Дали Исус би можел да биде тој?“ (5. Мој. 18:15-18). Доколку било така, можеби изгледало дека тој ќе биде многу добар владетел и дека, како таков, дури и ќе може да обезбеди храна за секој во Израел. Затоа, луѓето сакале „да го фатат [Исус] и да го направат цар“ (Јован 6:14, 15). Доколку дозволел тоа да се случи, Исус би се вмешал во политиката на Евреите, кои биле под римска власт. Што направил? Во Библијата читаме дека Исус решително се повлекол во планината. Значи, тој не попуштил на притисокот од другите и не се вмешал во политика. Колку важна поука за нас!
6. Како може да покажеме дека сакаме да го следиме примерот на Исус? (Види ја и сликата.)
6 Се разбира, денес другите нема да бараат од нас со чудо да обезбедиме храна или да лекуваме болни, ниту пак ќе се обидат да нѐ направат владетели. Но тие можеби ќе нѐ поттикнат да се вмешаме во политика така што ќе гласаме за некого или ќе покажеме дека поддржуваме некого за кого тие сметаат дека ќе направи промени. Но поуката од примерот на Исус е јасна. Тој одбил да се вмеша во политика, а подоцна дури и рекол: „Моето царство не е дел од овој свет“ (Јован 17:14; 18:36). Како христијани, ние треба да размислуваме и да постапуваме како Исус. Ние го поддржуваме, сведочиме и се молиме за тоа Царство (Мат. 6:10). Да видиме што друго може да научиме од извештајот за чудото преку кое Исус обезбедил леб.
ЗНАЧЕЊЕТО НА ЧУДОТО СО ЛЕБОВИТЕ
7. Што направил Исус, и како реагирале апостолите? (Јован 6:16-20).
7 Откако го нахранил мноштвото, Исус им рекол на своите апостоли да заминат од тоа место и да одат кон Капернаум со чамец, а тој се повлекол во планината и со тоа спречил луѓето да го направат цар. (Прочитај Јован 6:16-20.) Додека апостолите пловеле по морето, започнала голема бура со силен ветер и големи бранови. Тогаш, Исус дошол блиску до нив одејќи по водата и му рекол на апостол Петар и тој да оди по водата (Мат. 14:22-31). Кога Исус влегол во чамецот, ветрот стивнал. Учениците восхитено рекле: „Навистина, ти си Божји Син“ a (Мат. 14:33). Сепак, тие не ја сфатиле поврзаноста помеѓу ова чудо и она што претходно се случило со мноштвото. Марко го додал следниов детаљ: „[Апостолите] многу се зачудија, бидејќи не сфатија што значеше чудото со лебовите, туку нивните срца и понатаму не можеа да го разберат тоа“ (Мар. 6:50-52). Тие не сфатиле колку голема моќ Јехова му дал на Исус за да прави чуда. Кратко по тоа, Исус повторно го спомнал чудото со лебот и дал уште една поука.
8-9. Зошто народот го барал Исус? (Јован 6:26, 27).
8 На мноштвото луѓе кои ги нахранил Исус најважно им било да ги задоволат своите физички потреби и желби. Зошто го велиме ова? Следниот ден, тие забележале дека Исус и апостолите си заминале. Затоа се качиле на некои чамци кои пристигнале од Тиверијада и отишле во Капернаум за да го најдат Исус (Јован 6:22-24). Дали тоа го направиле главно за да слушнат нешто повеќе за Царството? Не. Тие првенствено отишле за Исус да им даде уште храна. Од каде го знаеме ова?
9 Забележи што се случило кога мноштвото го нашло Исус во близина на Капернаум. Исус отворено им кажал дека најважно им е да ги задоволат своите моментални физички потреби. Тој им рекол: „Јадевте од лебовите и се наситивте“ со „храна што пропаѓа“. Тој ги поттикнал да работат „за храна што останува за вечен живот“. (Прочитај Јован 6:26, 27.) Кога слушнале дека има храна која може да ги води до вечен живот, луѓето сигурно многу се изненадиле. Која храна би можела да го направи тоа, и како можеле да ја добијат?
10. Што требало да прават луѓето за да добијат вечен живот?
10 Очигледно, овие Евреи сфатиле дека ќе треба да направат нешто за да можат да ја добијат оваа храна. Тие можеби мислеле на „делата“ кои според Мојсеевиот закон се очекувало да ги прават. Сепак, Исус им рекол: „Делото кое Бог го бара е да верувате во оној кого тој го испрати“ (Јован 6:28, 29). За да се добие „вечен живот“, треба да се покажува вера во оној кого Бог го испратил. Всушност, Исус и претходно им го кажал ова (Јован 3:16-18, 36). И подоцна, тој кажал уште нешто за тоа како може да добиеме вечен живот (Јован 17:3).
11. Како покажале Евреите дека најважно им било да добијат дословен леб? (Псалм 78:24, 25).
11 Овие Евреи не го прифатиле учењето на Исус во врска со новото дело кое Бог го барал. Тие го прашале: „Каков чудесен знак им покажуваш на луѓето, за да го видиме и да ти поверуваме?“ (Јован 6:30). Спомнале дека нивните прататковци во времето на Мојсеј добивале мана која можела да се спореди со леб (Неем. 9:15; Јован 6:31; прочитај Псалм 78:24, 25.) Очигледно, најважно им било да добијат дословен леб. Дури и кога Исус им зборувал за „вистинскиот леб од небото“, кој за разлика од маната можел да им даде вечен живот, тие не се ни обиделе да побараат повеќе објаснување за тоа (Јован 6:32). Толку многу се концентрирале на своите физички потреби што не обрнале внимание на духовните вистини за кои Исус се обидувал да ги поучи. Што може да научиме од овој извештај?
ШТО ТРЕБА ДА НИ БИДЕ НАЈВАЖНО
12. Како Исус истакнал што треба да ни биде најважно?
12 Еве една важна поука за нас од Јован поглавје 6. Најважни треба да ни бидат нашите духовни потреби. Сети се дека Исус ја истакнал таа поука кога се спротивставил на искушението од Сатана (Мат. 4:3, 4). И во Проповедта на гората, тој нагласил колку е важно да бидеме свесни за нашите духовни потреби (Мат. 5:3). Според тоа, може да се прашаме: „Дали со мојот начин на живот покажувам дека поважно ми е да ги задоволам моите духовни потреби отколку да ги задоволам моите физички потреби?“
13. а) Зошто не е погрешно да уживаме во храната? б) На кое предупредување треба да му обрнеме внимание? (1. Коринќаните 10:6, 7, 11).
13 Соодветно е да се молиме за нашите физички потреби и да уживаме кога ги задоволуваме овие потреби (Лука 11:3). Библијата вели дека за човекот е добро „да јаде и да пие и душата да му ужива во добрите работи од неговиот труд“ и дека „тоа доаѓа од раката на вистинскиот Бог“ (Проп. 2:24; 8:15; Јак. 1:17). Но, мора да внимаваме материјалните работи да не ни станат најважното нешто во животот. Апостол Павле го нагласил ова кога им пишал на христијаните кои живееле во времето пред Ерусалим да биде уништен. Тој спомнал настани кои им се случиле на Израелците во минатото, вклучувајќи го и она што се случило во близина на планината Синај. Павле ги предупредил христијаните да не копнеат по зло како што Израелците копнееле по зло. (Прочитај 1. Коринќаните 10:6, 7, 11.) Јехова со чудо обезбедил храна за тие Израелци. Но, бидејќи себично копнееле по храна, тоа станало зло за нив (4. Мој. 11:4-6, 31-34). А кога го обожавале златното теле, Израелците покажале дека поважно им е да јадат, да пијат и да се забавуваат отколку да му бидат послушни на Јехова (2. Мој. 32:4-6). Павле го навел нивниот пример како предупредување за христијаните кои живееле во периодот пред уништувањето на Ерусалим во 70 год. од н.е. Ние живееме во периодот пред да биде уништен овој свет. Затоа е важно да обрнеме внимание на советот од Павле.
14. Во врска со храната, што можеме да очекуваме во новиот свет?
14 Во молитвата со која нѐ поучил да се молиме за „лебот наш за овој ден“, Исус укажал и на времето кога Божјата волја ќе се врши „како на небото така и на земјата“ (Мат. 6:9-11). Како си го замислуваш тоа време? Библијата покажува дека Божја волја е, меѓу другото, на Земјата да има и убава храна. Според Исаија 25:6-8, под власта на Божјето Царство луѓето ќе уживаат во изобилство вкусна храна. Во Псалм 72:16 е проречено: „На земјата житото богато ќе роди, по планинските врвови ќе го има во изобилство“. Дали едвај чекаш со тоа жито да го подготвиш твојот омилен леб или да пробаш некои нови рецепти? Освен тоа, ќе можеш да уживаш и во родот од твоето лозје (Иса. 65:21, 22). И, сите на Земјата ќе уживаат во овие прекрасни работи.
15. За што ќе бидат поучени оние кои ќе бидат воскреснати? (Јован 6:35).
15 Прочитај Јован 6:35. Што ги очекува оние кои јаделе од лебот и од рибите кои Исус ги обезбедил? Во воскресението што претстои можеби ќе се запознаеш со некои од нив. Дури и ако во минатото не покажале вера во Исус, можеби ќе бидат воскреснати (Јован 5:28, 29). Тие ќе треба да го разберат значењето на зборовите од Исус: „Јас сум лебот на животот. Оној што доаѓа кај мене, нема да огладни“. Ќе треба да изградат вера во откупната жртва на Исус — вера дека тој го дал својот живот за нив. Во тоа време ќе се спроведува едно образовно дело за да бидат поучени оние кои ќе воскреснат и децата кои можеби ќе се родат. За нас ќе биде огромна радост да учествуваме во тоа дело. Тоа ќе ни носи поголемо задоволство од храната во која ќе уживаме. Духовните работи ќе бидат најубавото нешто.
16. Што ќе разгледаме во следната статија?
16 Разгледавме дел од извештајот запишан во Јован поглавје 6. Но Исус кажал уште многу други поуки во врска со вечниот живот. Важно било Евреите да обрнат внимание на овие поуки, а важно е да обрнеме внимание и ние денес. Во следната статија ќе продолжиме да го разгледуваме шестото поглавје од Јован.
ПЕСНА 20 Го даде својот Син за нас
a Нешто повеќе за овој возбудлив извештај можеш да прочиташ во Исус — патот, вистината и животот, стр. 131 и во Угледајте се на нивната вера, стр. 185.