Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Кои се „избраните ангели“ спомнати во 1. Тимотеј 5:21?

Апостол Павле му напишал на Тимотеј, кој исто така бил старешина: „Те заколнувам пред Бог и пред Христос Исус и пред избраните ангели, да се држиш за ова и да не донесуваш суд однапред, и ништо да не правиш од пристрасност“ (1. Тим. 5:21).

Прво, да видиме кои не би можеле да спаѓаат во избраните ангели. Очигледно, тоа не се 144-те илјади. Кога Павле му го напишал ова на Тимотеј, уште не било почнато воскресението на помазаните христијани за живот на небото. Апостолите и другите помазаници сѐ уште не биле духовни суштества, и затоа не е можно изразот „избраните ангели“ да се однесува на нив (1. Кор. 15:50-54; 1. Сол. 4:13-17; 1. Јов. 3:2).

Исто така, не е можно со изразот „избраните ангели“ да се мисли на ангелите кои биле непослушни во времето на Потопот. Тие ангели застанале на страната на Сатана и станале демони, а со тоа и непријатели на Исус (1. Мој. 6:2; Лука 8:30, 31; 2. Пет. 2:4). Во иднина, тие ќе бидат фрлени во бездна за 1.000 години, а потоа ќе бидат уништени заедно со Ѓаволот (Јуда 6; Отк. 20:1-3, 10).

Значи, „избраните ангели“ кои Павле ги спомнал мора да се ангелите на небото кои верно соработуваат со Бог и со Христос Исус, спомнати во истиот стих.

Има безброј милијарди верни ангели (Евр. 12:22, 23). И по сѐ изгледа, немаат сите тие иста задача во исто време (Отк. 14:17, 18). На пример, во една ситуација еден единствен ангел добил задача да уништи 185.000 асирски војници (2. Цар. 19:35). Од друга страна, повеќе ангели можеби добиле задача да „ги соберат од [Исусовото] царство сите оние што ги наведуваат другите на грев и оние што вршат беззаконие“ (Мат. 13:39-41). Други можеби „ќе ги соберат неговите избрани“ за на небото (Мат. 24:31). А има и такви на кои им е заповедано да нѐ „чуваат на сите [наши] патишта“ (Пс. 91:11; Мат. 18:10; спореди со Матеј 4:11; Лука 22:43).

„Избраните ангели“, спомнати во 1. Тимотеј 5:21, веројатно се ангели кои имаат посебни задачи поврзани со Божјиот народ. Од контекстот гледаме дека Павле дал мудри совети за старешините, кои заслужуваат другите во собранието да ги почитуваат. А старешините, пак, треба да си ги извршуваат своите должности без да донесуваат суд однапред и без пристрасност, и не треба да носат непромислени одлуки. Една важна причина зошто треба да го следат советот на Павле е тоа што сѐ што прават, прават „пред Бог и пред Христос Исус и пред избраните ангели“. Од ова јасно се гледа дека некои ангели имаат задачи поврзани со собранието, на пример, да ги штитат Божјите слуги, да го надгледуваат проповедањето и да го известуваат Јехова за она што го гледаат (Мат. 18:10; Отк. 14:6).