Се сеќаваш ли?
Дали внимателно ги читаше броевите од Стражарска кула од оваа година? Види дали можеш да одговориш на следниве прашања:
Каков пример дава Јехова за тоа како треба да се постапува со жените?
Тој постапува со нив непристрасно, односно не постапува со мажите подобро отколку со жените. Бог ги слуша жените и важно му е како се чувствуваат и што ги загрижува. Исто така, Јехова покажува доверба во жените со тоа што им доверил задача да го извршуваат неговото дело (w24.01, стр. 15-16).
Како можеме да го примениме советот од Ефешаните 5:7, каде што пишува: „Немојте да имате ништо со нив“?
Апостол Павле нѐ предупредил да не се дружиме со луѓе кои ќе ни отежнуваат да ги почитуваме Божјите мерила. Во таквото лошо друштво не спаѓаат само оние со кои комуницираме лице в лице. Во него се вклучени и оние со кои комуницираме преку социјални мрежи (w24.03, стр. 22-23).
Од какви лажни информации треба да се чуваме?
Треба да се чуваме од непроверени информации кои доаѓаат од нашите браќа и сестри, од имејл пораки што ги испратиле луѓе кои не ги познаваме и од отпадници кои се преправаат дека се заинтересирани за вистината (w24.04, стр. 12).
Што знаеме, а што не знаеме за тоа како Јехова ќе им суди на цар Соломон, на оние што умреле во Содом и Гомор, а и на оние што умреле за време на Потопот?
Не знаеме со сигурност дали Јехова ги осудил сите тие луѓе на вечно уништување. Сепак, знаеме дека Јехова ги знае сите факти и дека покажува голема милост (w24.05, стр. 3-4).
Во што нѐ уверува тоа што Јехова е наречен „Карпа“? (5. Мој. 32:4).
Можеме да бараме прибежиште кај Јехова. Тој е достоен за доверба и секогаш ги одржува своите ветувања. Исто така, тој е стабилен — неговата личност и неговата намера никогаш не се менуваат (w24.06, стр. 26-28).
Што може да ти помогне да се приспособиш на ново собрание?
Потпирај се на Јехова, кој ќе ти помага исто како што им помагал на своите слуги во минатото. Немој да правиш споредби со твоето поранешно собрание. Вклучи се во активностите на новото собрание и труди се да стекнеш нови пријателства (w24.07, стр. 26-28).
Што учиме од трите споредби кои се запишани во Матеј поглавје 25?
Споредбата за овците и јарците покажува колку е важно да му бидеме верни на Јехова. Споредбата за разборитите и глупавите девици нагласува дека треба да бидеме подготвени и на штрек. А споредбата за талантите истакнува колку е важно да бидеме трудољубиви (w24.09, стр. 20-24).
Колку било високо предворјето во храмот на Соломон?
Во некои древни ракописи, во 2. Летописи 3:4 пишува дека предворјето било високо „120 лакти“, што би значело дека било високо околу 53 метри. Но, во други веродостојни ракописи пишува дека било високо „20 лакти“, односно околу девет метри. Ако се земе предвид дебелината на храмските ѕидови, се чини дека висината од девет метри е посоодветна (w24.10, стр. 31).
Што значи тоа дека еден слуга-помошник треба да „[има] само една жена“? (1. Тим. 3:12).
Тоа значи дека тој е во брак само со една жена и дека никогаш не треба да направи сексуален неморал. Освен тоа, не треба да покажува несоодветно внимание кон други жени (w24.11, стр. 19).
Зошто може да кажеме дека Јован 6:53 не укажува на тоа како треба да се одбележува Господаровата вечера?
Во Јован 6:53 пишува дека е потребно да се јаде телото на Исус и да се пие неговата крв. Исус ги кажал овие зборови во 32 год. од н.е., во Галилеја, пред Евреи кои требало да покажат вера во него. Сепак, Господаровата вечера била воспоставена една година подоцна во Ерусалим. Исус тогаш зборувал со оние кои ќе требало да владеат со него на небото (w24.12, стр. 10-11).