Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 9

ПЕСНА 75 „Еве ме мене, испрати ме!“

Дали си подготвен да му го заветуваш својот живот на Јехова?

Дали си подготвен да му го заветуваш својот живот на Јехова?

Со што да му возвратам на Јехова за сите добра што ми ги направи? (ПС. 116:12)

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Оваа статија може да ти помогне да развиеш блиско пријателство со Јехова и да имаш желба да му го заветуваш својот живот и да се крстиш.

1-2. Што мора да направи некој пред да се крсти?

 ВО ИЗМИНАТИВЕ пет години, повеќе од еден милион лица се крстија и станаа Јеховини сведоци. Многумина од нив, исто како Тимотеј, кој му служел на Јехова во првиот век, биле поучени за вистината уште од „рано детство“ (2. Тим. 3:14, 15). Други го запознале Јехова како возрасни, а некои во подлабока старост. На пример, една жена која ја проучувала Библијата со Јеховините сведоци се крстила кога имала 97 години!

2 Ако ја проучуваш Библијата со некој Јеховин сведок или ако родителите те поучуваат за вистината уште од мал, дали размислуваш да се крстиш? Тоа е многу добра цел! Но, пред да се крстиш, треба да му се заветуваш на Јехова. Во оваа статија ќе видиме што значи да му го заветуваш својот живот на Бог. Исто така, таа ќе ти помогне да сфатиш зошто не треба да се плашиш да му се заветуваш на Бог и да се крстиш кога ќе бидеш подготвен за тоа.

ШТО ЗНАЧИ ДА МУ СЕ ЗАВЕТУВАШ НА БОГ?

3. Наведи примери од Библијата за луѓе кои му биле заветувани на Јехова.

3 Во библиска смисла, да се заветуваш значи да бидеш одвоен за света цел. Израелците му биле заветувани на Јехова како народ во целина. Но, некои поединци од народот му биле заветувани на Јехова на посебен начин. На пример, Арон го носел „светиот знак на предаденоста“ — една златна плочка на предниот дел од неговиот турбан. Таа златна плочка покажувала дека тој бил избран да му служи на Јехова на еден посебен начин, како првосвештеник на израелскиот народ (3. Мој. 8:9). И назарејците му биле заветувани на Јехова на посебен начин. Зборот „назареец“, кој доаѓа од хебрејскиот збор „назир“, значи „издвоен, посветен, предаден“. Назарејците требало да ги почитуваат ограничувањата кои за нив биле пропишани со Мојсеевиот закон (4. Мој. 6:2-8).

4. а) Што се случува кога му го заветуваш твојот живот на Јехова? б) Што значи некој да „се одрече од себе“? (Види ја и сликата.)

4 Кога му го заветуваш својот живот на Јехова, ти избираш да станеш ученик на Исус Христос и одлучуваш најважно во животот да ти биде вршењето на Божјата волја. Што е вклучено во христијанскиот завет? Исус рекол: „Ако некој сака да оди по мене, нека се одрече од себе“ (Мат. 16:24). Грчката фраза преведена со „нека се одрече од себе“ може да се преведе и со „мора да си каже ’не‘ на себеси“. Како заветуван слуга на Јехова, ќе треба да кажеш „не“ на сето она што не е во склад со неговата волја (2. Кор. 5:14, 15). Во тоа е вклучено да им кажеш „не“ и на „делата на телото“, како што е сексуалниот неморал (Гал. 5:19-21; 1. Кор. 6:18). Дали послушноста кон таквите заповеди ќе ти го отежне животот? Не, ако го сакаш Јехова и ако си уверен дека неговите закони се за твое добро (Пс. 119:97; Иса. 48:17, 18). Еден брат по име Николас вели: „На Јеховините мерила можеш да гледаш како на решетки од затвор што те спречуваат да го правиш она што ти го сакаш или како на решетки од кафез со лавови што те штитат од опасноста“.

Дали на Јеховините мерила гледаш како на решетки од затвор што те спречуваат да го правиш она што ти го сакаш или како на решетки од кафез со лавови што те штитат од опасноста? (види во пасус 4)


5. а) Како можеш да му го заветуваш твојот живот на Јехова? б) Која е разликата помеѓу заветот и крштавањето? (Види ја и сликата.)

5 Како можеш да му го заветуваш својот живот на Јехова? Така што во молитва ќе му ветиш дека ќе му служиш само нему и дека најважно во животот ќе ти биде да ја вршиш неговата волја. Всушност, ти му ветуваш на Јехова дека и понатаму ќе го сакаш „со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум, и со сета своја сила“ (Мар. 12:30). Твојот завет го правиш насамо — тоа е нешто помеѓу тебе и Јехова. Од друга страна, крштавањето се одвива во јавност — присутните можат да видат дека си му се заветувал на Јехова. Твојот завет е сериозно ветување кое му го даваш на Бог. Затоа, твоја цел треба да биде да го одржиш тоа ветување, а и Јехова го очекува тоа од тебе (Проп. 5:4, 5).

Да му го заветуваш животот на Јехова значи насамо да му ветиш дека ќе му служиш само нему и дека најважно ќе ти биде да ја вршиш неговата волја (види во пасус 5)


ШТО ТРЕБА ДА ТЕ ПОТТИКНЕ ДА МУ СЕ ЗАВЕТУВАШ НА ЈЕХОВА?

6. Што треба да те поттикне да му го заветуваш својот живот на Јехова?

6 Главната причина зошто треба да му го заветуваш твојот живот на Јехова е затоа што го сакаш. Твојата љубов не треба да се темели само на чувства. Ти си го засакал Јехова бидејќи добро си ги запознал него и неговата намера (Кол. 1:9). Тоа што си ја проучувал Библијата те уверило 1) дека Јехова навистина постои, 2) дека Библијата е вдахновена од Бог и 3) дека тој ја користи својата организација за да ја оствари својата намера.

7. Што треба да прави некој пред да му се заветува на Јехова?

7 Кога некој ќе реши да му го заветува својот живот на Јехова, тој треба да ги знае основните учења од Библијата и да живее според Божјите мерила. Во склад со своите околности тој го споделува со другите она што го научил (Мат. 28:19, 20). Неговата љубов кон Јехова пораснала и тој има искрена желба да му служи само нему. Дали ова е случај и со тебе? Ако го сакаш Јехова со сето срце, нема да му се заветуваш и да се крстиш само за да ги израдуваш твоите родители или оној со кого ја проучуваш Библијата, ниту пак затоа што тоа го прават твоите пријатели.

8. Како благодарноста ти помага да донесеш одлука да му се заветуваш на Јехова? (Псалм 116:12-14).

8 Кога размислуваш за сите работи што Јехова ги направил за тебе, ќе чувствуваш благодарност и ќе сакаш да му го заветуваш твојот живот. (Прочитај Псалм 116:12-14.) Библијата со право вели дека „секој добар дар и секој совршен подарок“ доаѓа од Јехова (Јак. 1:17). Најголемиот од сите тие дарови е откупната жртва на неговиот син Исус. Размисли колку прекрасен подарок е откупнината. Таа ти овозможува да бидеш близок со Јехова. Освен тоа, преку неа, Јехова ти дава можност да живееш засекогаш (1. Јов. 4:9, 10, 19). Тоа што ќе му се заветуваш на Јехова е еден начин на кој можеш да покажеш благодарност за најголемиот израз на љубов што некогаш бил покажан, како и за сите други благослови што Јехова ти ги дава (5. Мој. 16:17; 2. Кор. 5:15). Таквата благодарност е истакната во книгата Радувај му се на животот засекогаш, во лекција 46 точка 4, каде што го има и видеоклипот Што сѐ може да му дадеме на Јехова.

ДАЛИ СИ ПОДГОТВЕН ДА СЕ ЗАВЕТУВАШ И ДА СЕ КРСТИШ?

9. Зошто никој не треба да се чувствува под притисок да му го заветува својот живот на Јехова?

9 Можеби мислиш дека сѐ уште не си спремен да се заветуваш и да се крстиш. Можеби треба да направиш уште некои промени во твојот живот за да се држиш за сите Јеховини мерила или можеби ти е потребно уште време за да си ја зајакнеш верата (Кол. 2:6, 7). Не напредуваат сите интересенти со исто темпо, и не се спремни сите млади да се заветуваат и да се крстат на иста возраст. Кога размислуваш за твојот духовен напредок, обиди се да сфатиш кои промени треба да ги направиш ти, без да се споредуваш со некој друг (Гал. 6:4, 5).

10. Што можеш да правиш ако сфатиш дека сѐ уште не си подготвен да се заветуваш и да се крстиш? (Види ја и рамката „ За младите чии родители се Јеховини сведоци“.)

10 Дури и ако сфатиш дека сѐ уште не си спремен да му го заветуваш својот живот на Јехова, не се откажувај од таа цел. Моли го Јехова да ти помогне да ги направиш сите потребни промени (Фил. 2:13; 3:16). Биди сигурен дека тој ќе ги слушне твоите молитви и ќе одговори на нив (1. Јов. 5:14).

ЗОШТО НЕКОИ СЕ ДВОУМАТ

11. Како Јехова ќе ни помага да му останеме верни?

11 Некои се подготвени да му го заветуваат својот живот на Јехова и да се крстат, но сѐ уште се двоумат да го сторат тоа. Тие можеби се прашуваат: „Што ако по крштавањето направам сериозен грев и ме исклучат?“ Ако и ти се плашиш од истото, биди уверен дека Јехова ќе ти даде сѐ што ти е потребно за да водиш живот достоен на него и така потполно да му угодиш (Кол. 1:10). Тој исто така ќе ти дава сила да го правиш она што е исправно. Јехова веќе докажал дека може да го направи тоа така што им помогнал на многумина (1. Кор. 10:13). Ова е една причина зошто релативно мал број лица се исклучени од христијанското собрание. Јехова навистина им помага на своите слуги да му останат верни.

12. Што ќе ни помогне да не направиме сериозен грев?

12 Секој несовршен човек е на искушение да прави нешто погрешно (Јак. 1:14). Сепак, ти треба да одлучиш како ќе постапиш кога ќе се соочиш со некое искушение. Факт е дека на крајот на краиштата ти имаш контрола врз тоа како ќе живееш. Некои луѓе тврдат дека ние немаме контрола врз нашите чувства и постапки. Но, тоа не е точно. Ти можеш да научиш да ги држиш под контрола погрешните желби. Дури и кога тие ќе излезат на површина, ти можеш да одлучиш да не постапиш според нив. За да успееш во тоа, моли се секој ден. Имај навика редовно да ја проучуваш Божјата Реч. Присуствувај на собраниските состаноци. Зборувај со другите за твојата вера. Ако редовно ги правиш овие работи, ќе имаш сила да живееш во склад со твојот завет. И никогаш не заборавај дека Јехова ќе ти помага во тоа (Гал. 5:16).

13. Каков добар пример ни оставил Јосиф?

13 Ќе ти биде полесно да му останеш верен на Јехова ако однапред одлучиш што ќе правиш кога ќе се соочиш со искушение. Во Библијата се спомнати голем број луѓе кои очигледно го направиле тоа иако и тие биле несовршени. На пример, жената на Петефри постојано се обидувала да го заведе Јосиф. Но, тој однапред имал одлучено како ќе реагира во таква ситуација. Во Библијата пишува: „Тој одбиваше, велејќи ѝ на жената на својот господар: ’Како би можел да направам толку големо зло и да му згрешам на Бог?‘“ (1. Мој. 39:8-10). Очигледно, Јосиф знаел како ќе постапи уште пред таа да се обиде да го заведе. Тоа му помогнало да постапи исправно кога се нашол во искушение.

14. Како можеме да научиме да им се спротивставиме на искушенијата?

14 Како можеш по примерот на Јосиф да покажеш дека си решен да му останеш верен на Бог кога ќе се соочиш со некое искушение? Можеш уште сега да одлучиш како ќе постапиш во таква ситуација. Научи веднаш да ги отфрлаш работите што Јехова ги мрази, па дури немој ни да размислуваш за нив (Пс. 97:10; 119:165). Тоа ќе ти помогне да не направиш грев кога ќе се најдеш во искушение бидејќи веќе ќе знаеш како да постапиш.

15. Како некој може да покаже дека ревносно го бара Јехова? (Евреите 11:6).

15 Можеби знаеш дека си ја нашол вистината и сакаш да му служиш на Јехова со сето срце, но сепак сметаш дека сѐ уште не си спремен да му се заветуваш и да се крстиш. Можеш да го следиш примерот на цар Давид и да го молиш Јехова: „Проникни во мојата внатрешност, о Боже, и запознај го срцето мое! Испитај ме и запознај ги немирните мисли мои, и види има ли во мене нешто што ме наведува на лош пат, и води ме по патот вечен!“ (Пс. 139:23, 24). Јехова ги благословува „оние што ревносно го бараат“. Тоа што работиш на твојата цел да му го заветуваш животот на Јехова и да се крстиш, покажува дека го правиш токму тоа. (Прочитај Евреите 11:6.)

СТАНУВАЈ СЀ ПОБЛИЗОК СО ЈЕХОВА

16-17. Како Јехова ги привлекува оние кои пораснале во вистината? (Јован 6:44).

16 Исус за своите ученици рекол дека Јехова ги привлекол кон себе. (Прочитај Јован 6:44.) Размисли колку прекрасно нешто е тоа и што значи за тебе лично. Јехова гледа нешто добро во секој човек што го привлекува кон себеси. Тој гледа на секое такво лице како на негова „најмила сопственост“ (5. Мој. 7:6). Така гледа и на тебе.

17 Можеби ти си млада личност која пораснала во вистината. Можеби сметаш дека му служиш на Јехова само затоа што твоите родители се Јеховини сведоци, а не затоа што Јехова те привлекол кон себе. Сепак, Библијата вели: „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам!“ (Јак. 4:8; 1. Лет. 28:9). Кога ти преземаш иницијатива да му се приближиш на Јехова, и тој ти се приближува тебе. Јехова не гледа на тебе само како на дел од една група. Тој го привлекува секој поединец, вклучувајќи ги и оние што се пораснати во вистината. Кога едно такво лице ќе преземе чекори за да се зближи со Јехова, тој реагира онака како што е запишано во Јаков 4:8. (Спореди со 2. Солуњаните 2:13.)

18. Што ќе разгледаме во следната статија? (Псалм 40:8).

18 Со тоа што ќе му го заветуваш својот живот на Јехова и ќе се крстиш, ќе покажеш ист став како Исус. Тој спремно прифатил да направи сѐ што неговиот Татко ќе побара од него. (Прочитај Псалм 40:8; Евр. 10:7.) Во следната статија ќе видиме што ќе ти помогне да продолжиш верно да му служиш на Јехова и по крштавањето.

КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?

  • Што значи некој да му го заветува животот на Јехова?

  • Како благодарноста кон Јехова може да ти помогне да му го заветуваш својот живот?

  • Што ќе ти помогне да не направиш сериозен грев?

ПЕСНА 38 Тој ќе те зајакне